Уставниот суд - гробар на македонскиот унитаризам

Одлуката на Уставниот ни суд (У.бр.284/2009 и У.бр.70/2010 од 14.07.2010 г.) за укинување на т. 2 од Решението на Министерот за образование околу изучувањето на македонскиот јазик во основните училишта ни (објавена во Сл.в. 98/2010) не е грешка, не е катастрофа туку е - КАТАКЛИЗМА.

Уште пред да одам на одмор ме удри јанза. По еден предмет пред Уставниот ни суд што го поведов иако знам дека добиваат алергиски напади кога се работи за индивидуални случаи (господата се бават со високи прашања на генералните прописи), побарав толкување од нив на еден конкретен член од сопствениот им Деловник - акт што го носи самиот Уставниот и никој друг. Елем, ми дојде одговор дека тие такви работи не прават!??? Безмалку како да сум побарал нешто безобразно од нив.

Се понадевав дека се работи за некој вид несмасност - не знаеле што да одговорат па - „набрале зелена“, но и се уплашив - доколку се подготвени да одбијат да го толкуваат сопствениот Деловник, до каде се подготвени да одат. Не ни помислив дека би си дозволиле да чепнат во унитаризмот на Македонија, она формално и тесно конче на кое се крепи целокупниот ни политички систем. Се враќам од одмор и - токму тоа го направиле. Од незнаење или од осветољубивост или од вешта манипулација - не знам. Но она што е за мене повеќе од сигурно е дека ја загрозиле не само иднината на нашите деца туку и нашата иднина, одн. дека многу бргу ќе ги видиме последиците на оваа катаклизма.

Најневеројатното е дека корифеите на правното толкување имале дрскост да ја напишат својата ’одмазда’ најотворено - се работи за вкупно два члена од еден те ист закон. Нема ништо сложено и нема ништо нејасно или „небулозно“ како што ќе напише самиот Уставен суд во една од одлуките објавени во истиот Службен весник. Првата одредба е ставот 3 од членот 9 (за да три пасуси подолу откријат дека се работи ставот 3 од членот 4 - веројатно техничка грешка, но сепак недопустлива во овој контекст), а која одредба е императивна: сите ученици задолжително го изучуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. И точка. Крај. Нема што да се дискутира или да се измислуваат теории за млака вода. Тие се веќе измислени.

Другата одредба е оперативна: дури во чл. 42 законодавецот ни помага да не се збуниме и ги применува прифатените педагошки теории - помалку возрасното дете многу полесно ја прифаќа наставната материја од одделенскиот наставник отколку од наставник за посебен предмет. Но, не можеме (барем не во моментов) да бараме сите одделенски наставници да знаат англиски - па затоа тоа мора да се издвои (ептен паметниот законодавец ќе оставел и тука избор, но очигледно претежнале категориите директива, унификација или страв од имплементацијата). Но, веќе во четврто одделение сакаме да го издигнеме изучувањето на македонскиот јазик и одиме со наставници што се специјализирани за настава (само) по македонски јазик.

Оваа логика ја потврдува и членот 80 од истиот закон со кој што се регулира засновањето на работен однос. Имено, според овој член: “(1) За наставник, стручен соработник и воспитувач може да се вработи лице коешто го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо (2) Лицата од ставот (1) на овој член во училиштата и паралелките во кои наставата се изведува на јазик и писмо различни од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, освен наставниците за предметот македонски јазик, треба да го познаваат и јазикот и писмото на кој се изведува наставата.

Независно што и како била интенцијата на законодавецот - крајниот резултат е тоа: од прво до трето таа настава ја изведува одделенскиот наставник, а од четврто - специјализиран наставник. И не треба којзнае каква филозофија да се дојде до овој заклучок - само коректно да се применат методите на толкување што во (рудиментарна) форма се изучуваат и на Правниот факултет - Скопје од каде изникнуваат најголемиот дел од актуелните ни уставни судии. Толкување според карактерот на нормата: императивна против оперативна. Толкување според местоположбата: генерална (на почеток) наспроти разработка (во средина, па дури и кон крај, ама не завршна или преодна одредба). Граматичко толкување: категоричен јазик версус описна формулација. Сите овие толкувања одат во прилог на тоа дека без разлика на што и да е - сите дечиња мора да го изучуваат македонскиот јазик. Затоа, и заради ништо друго нивната одлука е - КАТАКЛИЗМА.

Корифеите на нашето правно толкување не успеале да се прашат себе си дури ни следново: ако е точно нивното „толкување“ дека наставата по македонски јази „започнува“ (термин што во посочените две одредби ама баш никаде не фигурира) за „тие дечиња“ во четврто одделение дали тоа значи дека за другиве дечиња ВООПШТО НЕ ЗАПОЧНУВА. Имено, во одредбата од чл. 42 никаде не се спомнува настава по македонски јазик за учениците што не се припадници на заедниците. Значи, тие, според Уставниот ни суд - воопшто не треба да учат македонски јазик!!!!!!

Истите тие корифеи не се запрашале што ќе правиме со природните науки и техничкото образование. Имено, ако е точно нивното толкување - тогаш ќе треба до четврто одделение да се исфрли се’ што е од природните и техничките науки. Според одредбата од чл. 42 наставата по овие предмети „ЗАПОЧНУВА“ од петто одделение. Се прашувам што останува, одн. што треба да учат основците ни до петто одделение? Ликовно и физичко, а бога ми и музичко…

Посебна приказна е Министерот за образование и наука. Тој, пак, нашол баш за ова прашање да не прати одговор по наводите на иницијативата за преиспитување на неговото Решение. Токму во овој случај нашол да тера инает со институцијата толку критикувана од актуелната ни власт? Зар не можел да најде некој друг случај или и покрај тоа што самиот го отвори ова прашање успеал да не сфати дека со ова се тестира македонската државност? Или, можеби дури и намерно го отворил сево ова, намерно не одговорил на барањето од Уставниот суд за да може Уставниот суд да ја направи оваа КАТАКЛИЗМА? И, сега, да не мора да му објаснува на својот колега од Владата, вицепремиерот Адеми, дека не зборувајќи македонски вицепремиерот го крши Уставот на Република Македонија. Барајќи, пак, македонските Македонци да зборуваат албански јазик, вицепремиерот отворено декларира ФЕДЕРАЛИЗАМ, а за што не само не е казнет или барем укорен туку продолжува дури и пред странските фактори да говори на албански јазик. Да, сега министерот Тодоров може да си молчи пред вицепремиерот Адеми јербо вториов има одлука на Уставниот ни суд зад себе.

Со тоа не се докажува ништо друго освен дека од кецароши и бубалици не биѓаваат експерти. Еден умен професор (еден од ретките на Правниот ни факултет) умееше да користи едно чудо римски поговорки и, нека му е лесна земјата, упорно да проповеда дека умереноста е највисок добродетел. И едните и другите се тнр. екстремни вредности. Но, во даденава ситуација, се последната линија на одбрана од напливот на удари по столбовите на правната држава. Е, тоа се вика Сцила и Харибда (оние првине би спомнале змија и магаре во ваква ситуација - Ти се молам). На пример, околу споменичиштава - откако прво не им тргна, после им притекна на ова корифеите ни и малку од малку ја забавија работата (иако требаше и мораа да ја запрат во корен). Што да се прави (освен…)?

Имам соломонско и великодушно решение: корифеите ни да го направат токму тоа што го нејќат - да седнат, да го истолкуваат својот сопствен Деловник и да најдат решение за она што оплескале, илити за КАТАКЛИЗМАТА. И тоа супер итно. Во спротивно - да си дадат колективнаја оставка. Двеве ’лубеници’ под една мишка не одат. Во спротивно, топло се надевам дека полека луѓево ќе почнат да се враќаат од одмор и да се збираат. Јербо ако сега некој одмолчи - нека го избрише зборот „патриот“ од својот речник. Впрочем, и без да го направи тоа, тој збор не како кафанска декларација или малициозна деградација, туку во својата вистинска смисла во неговиот вокабулар и не постои.

Претстои донесување на уште еден закон за македонскиот јазик. Почнуваат морници да ме лазат…

Маниту Велики

МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ТРЕБА ДА ДАДЕ ОСТАВКА ИЛИ ДА БИДЕ РАЗРЕШЕН

Функцијата министер подразбира права и обврски. Основна обврска на министерот (според член 13 од Законот за Влада) е “самостојно раководи со министерството за кое е избран, го следи и е одговорен за спроведувањето на законите и другите прописи.

Ова е прецизирано во одделните закони, меѓу кои е и Законот за основно образование. Во овој закон (а во врска со издавањето на учебници) се вели дека:

1. министерот ја утврдува програмата за издавање учебници и врз основа на ова министерството распушува конкурс (член 108) - ТОА ЗНАЧИ ДЕКА САМО МИНИСТЕРОТ ИМА ПРАВО ДА УСВОИ ПРОГРАМА И ДА ДАДЕ ЗЕЛЕНО СВТЛО ЗА ОБЈАВУВАЊЕ КОНКУРС. И ТОА ЗНАЧИ ДЕКА СЕКОЈА ГРЕШКА ВО ОВОЈ ПРОЦЕС Е ГРЕШКА ЗА КОЈА МЕЃУ ДРУГИТЕ (И НАЈМНОГУ) ОДГОВАРА МИНИСТЕРОТ.

2. Министерот формира рецензентска комисија за стручно вреднување на учебникот и утврдува методологија за оценка на учебникот која што треба да ја следат рецензентите (член 111) - ТОА ЗНАЧИ ДЕКА САМО МИНИСТЕРОТ ИМА ПРАВО ДА ИЗБЕРЕ КОЈ ЌЕ БИДЕ РЕЦЕНЗЕНТ И САМО МИНИСТЕРОТ ИМА ПРАВО ДА ОДРЕДИ ПО КОИ ПРИНЦИПИ ЌЕ РАБОТИ РЕЦЕНЗЕНТОТ. И ТОА ЗНАЧИ ДЕКА МИНИСТЕРОТ Е ДИРЕКТНО ОДГОВОРЕН ЗА ТОЈ ШТО ГО ИЗБРАЛ (ТОЈ СИ РЕШИЛ НИКОЈ НЕ МУ СТАВИЛ НОЖ ПОД ГРЛО) И ЗА НАЧИНОТ НА КОЈ ИЗБРАНИОТ ЈА ЗАВРШИЛ РАБОТАТА (ТОЈ ГИ ИЗРАБОТИЛ КРИТЕРИУМИТЕ).

3. Бирото за развој на образованието е првиот филтер низ кој поминува учебникот (член 112) - БИРОТО Е ПОД ДИРЕКТНА УПРАВА НА МИНИСТЕРОТ И ТОА ЗНАЧИ ДЕКА ОДГОВОРЕН ЗА РАБОТАТА НА БИРОТО Е МИНИСТЕРОТ.

4. Министерот добива извештај за учебникот, а министерот донесува решение за одобрување на учебникот (член 112) - ТОА ЗНАЧИ ДЕКА ЕДИНСТВЕН КОЈ ИМА ПРАВО ДА ДАДЕ ЗЕЛЕНО СВТЛО НА УЧЕБНИКОТ Е МИНИСТЕРОТ. ОВА НЕПРИКОСНОВЕНО ПРАВО ЗНАЧИ ДЕКА МОЖЕ ДА ЗАПРЕ ПЕЧАТЕЊЕ НА БИЛО КОЈ УЧЕБНИК ДОКОЛКУ МИСЛИ ДЕКА НЕ ГИ ИСПОЛНУВА СТАНДАРДИТЕ. И ТОА ЗНАЧИ ДЕКА ВО ЛАНЕЦОТ НА ОДГОВОРНОСТ ЗА СОДРЖИНАТА НА УЧЕБНИКОТ МИНИСТЕРОТ ГО ДРЖИ НАЈВИСОКОТ МЕСТО.

5. Против решението на министерот за објавување на учебникот може да се поднесе жалба до второстепената комисија на Владата (член 112)- ТОА ЗНАЧИ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА ПОДНЕСЕМЕ ЖАЛБА И ДА БАРАМЕ ОДГОВОРНОСТ ОД НИКОЈ ДРУГ ОСВЕН ОД МИНИСТЕРОТ. И ТОА ЗНАЧИ ДЕКА ТОЈ Е ТОЈ ШТО ТРЕБА ДА БИДЕ КАЗНЕТ ЗА НЕСООДВЕТНОТО ОБАВУВАЊЕ НА СВОЈАТА ДОЛЖНОСТ.

ЗАКЛУЧОК:

ДОКОЛКУ МИНИСТЕРОТ БИРА КОЈ ЌЕ ГО ПИШУВА УЧЕБНИКОТ, КОЈ ЌЕ ГО РЕЦЕНЗИРА, КАКО ЌЕ ГО РЕЦЕНЗИРА И КОЈ И КАКО ЌЕ ГО КОНТРОЛИРА, ТОГАШ, МИНИСТЕРОТ Е ТОЈ ЕДИНСТВЕНИОТ КОЈ ОДГОВАРА ЗА КВАЛИТЕТОТ НА УЧЕБНИКОТ.

И ТОА ЗНАЧИ ДЕКА ДОКОЛКУ МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НЕМА ЕЛЕМЕНТАРНО ЗНАЕЊЕ ЗА ПРАВОТО И ЕЛЕМЕНТАРНИ МОРАЛНИ ВРЕДНОСТИ ЗА ДА ДАДЕ НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА ВО СИТУАЦИЈА КАКВА ШТО Е СИТУАЦИЈАТА СО УЧЕБНИКОТ ЗА V ОДДЕЛЕНИЕ, ТОГАШ ПРЕМИЕРОТ МОРА ВО НАЈКРАТОК МОЖЕН РОК ДА ГО РАЗРЕШИ ОД ФУНКЦИЈАТА И ДА МУ ЈА ЗАПЕЧАТИ ПОЛИТИЧКАТА КАРИЕРА.

КАТЕРИНОПЛАСТИКА

Што да се прави кога се’ е наопаку па дури и размислувањето. Не се размислува прво за тезата – туку ПРВО за тоа кој ја изнел. Така и нашето Катеринче во Форумот на Дневник од 14 август 2010 година се „размавнала“ по хименопластичарското лицемерие. Притоа, успеала да направи антологиски пример за тоа колку она НАОПАКУ е еднакво со парадокс – ја докажала токму тезата што ја негира.

Најпрво не’ просветлува со одличен пример од египетската фрустрација – ’голем срам’ за оној што ќе дозволи 30-доларска невиност или шамар за ’секој машки лицемер во арапската култура’ со очигледна симпатија кон оваа, вторава, ’ногу по женствена линија. Но, кога е во прашање Македонија – е тогаш е на страната на оние првите, машките промискуитети илити „патриотите“.

Тамам им тргна на кутриве да смислат нешто добро – Катеринчето во корен ја исече идејата за привремена експертска влада со задача да прифати компромисно решение за името. Притоа, разбира се, почнува, без трунка „зајадливост“, не од објективното туку од потенцијалното субјективно - од сенилноста на потенцијалниот кандидат (кутриот бил две-три години пред пензија) и од неговата „групна“ припадност – член на онаа институција (елем МАНУ) чија ’најтесна специјалност’ да ти биде „размена на територии“. Веќе тука Катеринчето се подслизнува и на најеклатантен начин ни докажува дека не знае ниту елементарно од меѓународно право каде институтот „размена на територии и/или население“ е не само најнормален туку и сосема регулиран механизам. Веројатно мислела на онаа несреќна епизода кога беше предложена поделба на македонската територија под погрешен наслов? Сепак, тоа, според мене, не е доволно оправдување да се дезинформира јавноста за некаква си неисправност на овој меѓународноправен институт регулиран со ратификувана меѓународна конвенција – значи македонски закон.

По една добра проција епитети, од политички презерватив до лав од хартија, најпосле упорниот читател стига до првиот и единствениот аргумент – штит. Во дадена ситуација тоа да ти биде ’кадровски штит’. Веднаш узнаваме дека штит е нешто ептен лошо и дека само една итерпејовска Македонија би си дозволила таква глупост и, претпоставувам, никој друг. Интересно! Кутри Римјани, среќа што ова не го знаеле, инаку никогаш немало да направат формација базирана на штитови со која победувале и лево и десно. Камо среќа Жозе Мурињо да узнаеше за Итер Пејо и Катеринчето! Белким немаше да ја втемели својата стратегија на победи токму на штит по принципот што парафразиран би можел да гласи дека ’патот до победата е поплочен со добри штитови’. (А баш бев сигурен дека Катеринчето, како и огромниот број женски припаднички, паѓа на шармот на Жозе!) Илити, најдобриот аргумент во полза на техничка влада.

Влијанието на Катеринчето – не го негирам. Носителите на идејата веќе почнаа да се грчат, а „ТВ експертите“ побрзаа да ни укажат дека тоа и не е некој предлог (иако не разбрав зошто?). И токму тоа ме плаши. Дури и британската политичка сцена се соочи со феноменот кој гласи – влада во оставка. Оној момент кога таа политичка опција ќе изгуби - прави дар-мар посебно на кадровски план. Тоа се такви штети што наредната влада во принцип или не успева да ги поправи или ги користи под таа закрила да ја удвои штетата. Токму затоа, жално е ad personem негирањето на Катеринчето. Привремена или техничка или некој вид преодна, НЕПАРТИСКА влада е веќе еден вид неопходност. И тоа од моментот кога политичките партии не знаат што и како ќе се случи на изборите, па оттука, во услови на минимална разумност, ќе внимаваат да не разрушат нешто што ’утре ќе им треба’.

Елем, едно големо ДА за времена влада со задача да склучи што подобар договор за името. Сигурен сум дека персоналните стравови на Катеринчето се на место – по своја прилика ќе биде направен најпогрешниот избор. Но, апсолутно независно од тоа – институтот привремена влада како штит (супер-аргументот) е повеќе од добра идеја, а одбраната е неопходната половина од успехот. Имено, извесно е дека не се работи за апсолутна одбрана, но посебно во даденава ситуација аргументите се на таа страна. Доколку, на пример, се назначи техничка влада едновремено со распишување парламентарни избори, актуелната власт во принцип нема да прави такви кадровски потези кои се во функција на разрушување на административната структура, а се’ со цел да им „подменат“ на оние „другите“.

Понатаму е изборниот период. Нешто не ми се верува дека техничката влада би дозволила било која од партиите да ги користат државните автомобили и другите државни ресурси во својата изборна кампања. Јербо ако погрешат и оние другите дојдат на власт – црно им се пишува. Тоа исто толку важи и за обезбедување фер-избори и посебно неупотреба на полицијата во изборни заврзлами. Ништо од ова не е „непремостливо“, но извесно го намалува маневарскиот простор за злоупотреби.

Овие аргументи важат и за ад хок техничка влада чии членови ќе биде многу паметно да си го обезбедат „грбот“ со чесни постапки; во спротивно оние другите … Притоа, можеби она што кутрото ни Катеричне го намирисала (но не можела да го артикулира) е дека има нешто многу важно, а погрешно во актуелниот предлог: ако само едната преговарачка страна ја „осудите“ на императивно склучување конкретен вид спогодба – таа во старт е „мртва“. Оттука, мандатот на таквата влада треба и мора да биде многу поширок или барем да го омеѓи просторот на обете страни. Значи – да склучат спогодба или да констатираат дека тоа не е оправдано односно можно и да ги прекинат актуелните облици на преговарање. Ако тоа им стои како можност, а другата страна тоа го знае, тогаш и само тогаш почетните позиции од внатрешно-правен аспект како на преговарачки делегации – се изедначени.

Маниту Велики

ЗА ХАШКИТЕ СЛУЧАИ

Постојат многу политички објаснувања за случаите кои биле предадени на Хашкиот трибунал а сега се отстапени од негова страна на Република Македонија, меѓутоа, лично мислам дека за нив може да се разговара и да се анализираат, а не да се користат како правен основ за непостапување во врска со овие случаи.
Од правен аспект треба да се примени член 8 од  ЗАКОН ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И МЕЃУНАРОДНИОТ КРИВИЧЕН СУД ЗА ГОНЕЊЕ ЛИЦА ОДГОВОРНИ ЗА СЕРИОЗНИ ПОВРЕДИ НА МЕЃУНАРОДНОТО ХУМАНИТАРНО ПРАВО ИЗВРШЕНИ НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА ( Сл.Весник на Р.Македонија бр.73 од 13.06.2007 година):

Член 8

(1) Постапката пред Хашкиот трибунал против лице за кривично дело определено со Статутот на Хашкиот трибунал, секогаш има предност пред постапката против истото лице и за истото дело поведена пред надлежниот јавен обвинител или надлежниот суд на Република Македонија.
(2) Ако Хашкиот трибунал побара од надлежниот јавен обвинител или надлежниот суд предметот да биде предаден во негова надлежност, барањето веднаш се одобрува.
(3) Ако Хашкиот трибунал не донесе конечна одлука или не ја запре постапката покрената пред него и одлучи предметот да го отстапи на решавање на надлежниот јавен обвинител или надлежниот суд на Република Македонија, истите се должни да го прифатат и веднаш да ја продолжат постапката.

Постапката е дадена во член 25, 26, 27 и 28:

Член 25
(1) Кога Обвинителот на Хашкиот трибунал или Хашкиот трибунал ќе одлучи да го врати предметот на натамошно постапување на надлежните државни органи на Република Македонија, согласно со членот 16 од овој закон истиот се враќа:
1) на оној државен орган од кој бил преземен, ако Хашкиот трибунал понатаму не презел никакви дејствија во врска со тој предмет или 2) на органот надлежен за постапување во онаа фаза на постапката, во која е прекината или запрена постапката пред Хашкиот трибунал.
(2) Ако пред Хашкиот трибунал е завршена истрагата, предметот се доставува до Јавниот обвинител на Република Македонија кој во рок не подолг од 30 дена, може да одлучи да подигне обвинение или да бара од надлежниот суд преземање на дополнителни истражни дејствија.
(3) Ако пред Хашкиот трибунал е подигнато обвинение, но не е закажан главен претрес, предметот се доставува до Јавниот обвинител на Република Македонија, кој во рок од 30 дена од денот на приемот на
предметот може да одлучи да го дополни или измени обвинението, или да го прифати и поднесе истото обвинение пред надлежниот суд.
(4) Предметот за кој пред Хашкиот трибунал бил отворен главен претрес се доставува до надлежниот суд, пред кој претседателот на судскиот совет закажува главен претрес во рок не подолг од 60 дена од денот на приемот во судот.
(5) Во случајот од ставот (4) на овој член Јавниот обвинител на Република Македонија не може да го менува обвинителниот акт.
Член 26
(1) Во случаите од членот 25 ставови (2) и (3) на овој закон, за постапување по предметите отстапени од Хашкиот трибунал надлежно е Одделението за гонење на сторители на кривични дела од областа на
организираниот криминал и корупцијата во рамките на Јавното обвинителство на Република Македонија.
(2) За постапување по предметите за меѓународни злосторства предвидени со Статутот на Хашкиот трибунал надлежен е Основниот суд Скопје I - Скопје.
(3) За постапување по предметите, судот од ставот (2) на овој член, обезбедува посебна просторија за непречено водење на постапките (со опрема за видеоконференција, видеонадзор и систем за противпожарна заштита).
(4) Претставниците на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, можат да го надгледуваат водењето на сите постапки поврзани со предметите отстапени од Хашкиот трибунал.
(5) Надлежните органи кои ќе постапуваат по предметите отстапени од Хашкиот трибунал треба да соработуваат со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Оваа соработка вклучува доставување на одговори на барањата за информации, обезбедување непречен пристап до сите лица притворени во текот на постапката, пристап до истражните списи и списите на предметите, обезбедување присуство во текот на преземањето на предистражните и истражните дејствија и претреси, како и обезбедување присуство на сите судски претреси.
Член 27
(1) Со одлуката за отстапување на предметот, Обвинителот на Хашкиот трибунал или Хашкиот трибунал ги доставува и сите докази, записници за изведени процесни дејствија и други списи важни за натамошното водење на постапката.
(2) Доказите прибавени од страна на Хашкиот трибунал се користат во постапката пред надлежниот суд во Република Македонија, освен ако тоа не е во спротивност со одредбите на Законот за кривичната постапка.
(3) Исказите на сведоците и вештаците дадени во постапката пред Хашкиот трибунал се користат како доказ во постапката пред надлежните судови во Република Македонија, ако нивното непосредно сослушување не е можно или би водело кон одолжување на кривичната постапка.
(4) На сведоците кои ќе се појават пред Хашкиот трибунал им се обезбедува ефикасна заштита согласно со Законот за кривичната постапка и Законот за заштита на сведоци.
(5) Документациј ата и вештачењата прибавени, односно извршени од Хашкиот трибунал имаат значење на докази прибавени од страна на надлежните државни органи на Република Македонија или установи за вештачење или поединци вештаци.
(6) Судот може да ги користи како доказ и фактите утврдени со правосилна одлука донесена во друга постапка пред Хашкиот трибунал.
Член 28
(1) Правосилната одлука по предметот отстапен од Хашкиот трибунал судот што ја донел ја доставува до Хашкиот трибунал најдоцна во рок од еден месец од денот на нејзиното донесување.
(2) Врховниот суд на Република Македонија до Хашкиот трибунал ја доставува секоја одлука со која правосилната одлука се менува во корист на осудениот.
(3) Министерот за правда е должен најдоцна во рок од 30 дена од денот на нивното донесување да го извести Хашкиот трибунал за секој акт на амнестија или помилување на осудениот.
Секое непостапување во согласност со оваа регулатива е противзаконско и покажува дека политиката во Република Македонија е над законите (што не е никаква новост ама е добро да се одбележи во секој поединечен случај).

РЕГИСТРАЦИЈА

Доручек во омилениот ресторан, изнајмено кино за приватна проекција на Ѕвездена прашина и една од најстарите куќи во Винчестер како опкружување за свечениот чин. Така го организираше своето изненадување за мене и семејството постарата ќерка.

Неверојатно пријатна атмосфера, свечено без претенциозност и со супер храна и вино. Сега си имам зетко и тазбина (и официјално). А смејството пушти еден крак и во овој дел на светот. Ацика големиот уште малку вода ќе може да ни носи по освоената територија: од Нов Зеланд до Москва, од Винчестер до Софија, од Чачак до Прилеп (и наназад), а Велес и да не го спомнуваме. Грчките корени во ситуацијава нема да ги спомнувам од политички причини.

Со среќа нека им е.

ОДМОР СО СЕМЕЈСТВОТО

ЈАНКУЛОВСКА-НЕПРЕГОРЕН БОРЕЦ СО ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ

01.10.2008
Обраќање на министерката Јанкулоска пред студентите на Факултетот за безбедност


Ми претставува особена чест и задоволство во име на Министерството за внатрешни работи и во мое лично име да Ве поздравам денес на овој значаен ден за Вас, првиот час-првото предавање во официјалното отпочнување на новата Академска година 2008/2009 година овде на Факултетот за Безбедност во Скопје.

Уверена сум дека почнувајќи од денес одговорноста, посветеноста кон науката и новите научни достигнувања, храброста, чесноста и бескомпромисноста како и стекнатите вештини и знаења ќе бидат ваши секојдневни сопатници во совладување на предизвиците и искушенијата во периодот што е пред вас како академски граѓани на нашава земја.

Дозволете ми да Ви посакам многу среќа како и успешна реализација и брзо совладување на наставните активности во рамки на Вашето школување.

Денешниов прв час би се осврнала на темата

,, Борбата против Организираниот криминал и корупцијата како услов за приближување кон ЕУ,,.

Република Македонија како впрочем и секоја држава во светот се соочува со организирани форми на криминал во кои организирани групи остварувајки профит на нелегален начин и нанесуваат силен финансиски удар на државата, го оневозможуваат нејзиниот развој и директно или индиректно го разоруваат државниот систем.

НА ПРИМЕР, ТАТКО И ДВАЈЦА СИНОВИ КОИ ОДГЛЕДУВААТ КРАВИ И КОМПИРИ КАКО МАСКА ЗА ОДГЛЕДУВАЊЕ МАРИХУАНА. СО НИВНОТО СУБВЕРЗИВНО ДЕЛУВАЊЕ ТИЕ ОСТВАРУВААТ ГОЛЕМ ПРОФИТ И НАНЕСУВААТ ГОЛЕМ ФИНАНСИСКИ УДАР НА ДРЖАВАТА И ГО РАЗОРУВААТ ДРЖАВНИОТ СИСТЕМ. СУБВЕРЗИВНОТО ДЕЛУВАЊЕ ПОСЕБНО Е ВИДЛИВО ВО ПОСТОЈАНОТО БАРАЊЕ ДА ИМ СЕ ИСПЛАТАТ ПАРИ ЗА ПРОДАДЕНОТО МЛЕКО И ВО НАВОДНУВАЊЕТО НА КОМПИРИТЕ СО ЗА ТОА СПЕЦИЈАЛНО НАБАВЕНА И ПОСТАВЕНА ПРСКАЛКА.

Би сакала да потенцирам дека не е можен економски развој без решителна борба против организираниот криминал и корупцијата. -Секој потенцијален инвеститор во Република Македонија најпрвин се интересира за активностите што оваа Влада ги презема на планот против организираниот криминал и корупцијата, со цел да биде сигурен дека неговиот капитал нема залудно да биде потрошен, односно нема да биде принуден со поткуп да остварува одредени права.

Токму затоа Европската унија преку нејзините тела постојано инсистира на бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупцијата, токму затоа и оваа Влада препознавајќи ја својата шанса да ја внесе Република Македонија во ЕУ решително отпочна со реформи и решително зачекори во борба против овој вид криминал.

ЗАТОА ОВАА ВЛАДА РЕШИТЕЛНО СЕ СПРОТИСТАВУВА НА ДЕЛУВАЊЕТО НА ОРГАНИЗИРАНАТА БАНДА НА НАВОДНИ ПРОИЗВЕДУВАЧИ И ДИСТРИБУТЕРИ НА МЛЕКО И КОМПИРИ КОИ СВОЈАТА ВИСТИНСКА АКТИВНОСТ ЈА ЗАТСКРИВААТ ЗАД БОЖЕМНО ШТРАЈКУВАЊЕ И НАВРЕДУВАЊЕ НА ПРЕМИЕРОТ.

ЗА ДА ГИ ЗАТСКРИЈАТ СВОИТЕ СУБВЕРЗИВНИ АКТИВНОСТИ КАКО ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА МАРИХУАНА НАВОДНИТЕМЛЕКАРИ СОЗДАВААТ ПРИВИД ДЕКА ПРОИЗВЕДУВААТ МЛЕКО, ДЕКА ИМААТ КРАВИ И ДЕКА БИТОЛСКАТА МЛЕКАРА НЕ ИМ ГО ОТКУПУВА МЛЕКОТО. ПОВЕЌЕ ЗА СОЗДАДЕНИОТ ПАРАВАН НА ПРОИЗВЕДУВАЧИТЕ НА ДРОГА.

На почетокот би дала мал осврт на терминот организиран криминал.

Според ОН од 1975 година

-Тоа се широки размери на комплексни криминални дејства извршени од страна на поголем број лица, организирани во поцврста или полабава организација, со цел да се придобие лично стекнување на материјални добра за учесниците во истото, а за сметка на осиромашување на средствата на заедницата и нејзините членови-граѓаните.

НА ПРИМЕР, ПОГОРЕ СПОМНАТИОТ ТАТКО И ДВАЈЦАТА СИНОВИ ВО СОРАБОТКА СО ДВЕТЕ ЖЕНИ И ДЕЦАТА ОДГЛЕДУВАЛЕ КРАВИ И САДЕЛЕ  КОМПИРИ КАКО МАСКА ЗА РАЗВИВАЊЕ НА КОМПЛЕКСНИ КРИМИНАЛНИ ДЕЈСТВИЈА НА САДЕЊЕ 200 САДНИЦИ КАНАБИС ОД КОИ ЌЕ ПРОИЗВЕДАТ ВИСОКОКВАЛИТЕТНА МАРИХУАНА КОЈА ЌЕ ЈА ДИСТРИБУИРААТ НИЗ  ЦЕЛА ЕВРОПА И ПОШИРОКО.

2. Според Конвенцијата за борба против транснационалниот организиран криминал од 2000-та година.

-Организирана криминална група - подразбира структуирана група на три или повеќе лица, која егзистира подолг период и делува во зависност од целта на извршување на едно или повеќе тешки кривични дела утврдени согласно Конвенцијата, со единствена цел да се присвои директна или индиректна финансиска или друга материјална придобивка.

ПОГОРЕ СПОМНАТИТЕ ТАТКО И ДВАЈЦАТА СИНОВИ СЕ ВИСОКО СТРУКТУИРАНА СЕМЕЈНА ГРУПА КОЈА ЕГЗИСТИРА И ДЕЛУВА НА НАШИТЕ ПРОСТОРИ НАД 30 ГОДИНИ (ОД РАЃАЊЕТО НА СИНОВИТЕ ПА НАВАМУ) И Е ОБУЧЕНА ЗА ИЗВРШУВАЊЕ РАЗЛИЧНИ ТЕШКИ КРИВИЧНИ ДЕЛА (ЧИСТЕЊЕ ШТАЛИ, МОЛЗЕЊЕ МЛЕКО И СЕ РАЗБИРА НЕОВЛАСТЕНО НАВОДНУВАЊЕ НА КОМПИРИ.

Дефиниција на организиран криминал според Советот на Европа (2002) година.

-Организираниот криминал претставува: недозволени активности извршени од страна на структуирани групи- три или повеќе лица кои функционираат на подолг период и имаат за цел извршување на тешки кривични дела преку заеднички акции со употреба на заплашување, насилство, корупција или други методи со цел присвојување на директна или индиректна лична финансиска или друга материјална придобивка.

СВЕДОЦИ НА ЗАПЛАШУВАЊЕТО И НАСИЛСТВОТО КОЕ ГО ВРШИ СПОМНАТАТА СЕМЕЈНО ОРГАНИЗИРАНА ГРУПА СЕ СИТЕ СОГРАЃАНИ, КОИ ПРЕМРЕНИ ОД СТРАВ СОБИРААТ ПОТПИСИ ЗА НИВНО ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ПРИТВОР.

Во македонското законодавство, организираниот криминал според Член 122 став 20 од Кривичниот законик ја дава дефиницијата за организирана група –имено “Под група, банда или друго злосторничко здружение или организација се подразбираат најмалку три лица што се здружиле за вршење кривични дела, во кој број влегува и организаторот на здружението“.

СЕМЕЈНАТА БАНДА СОСТАВЕНА ОД ТАТКО И ДВАЈЦА СИНОВИ ВЕЌЕ ПОДОЛГО ВРЕМЕ Е СЛЕДЕНА ОД СТРАНА НА МВР ВО ИЗВРШУВАЊЕ НА НИВНИТЕ КРИВИЧНИ ДЕЛА СО КОИ ГО РАЗОРУВААТ ФИНАНСИСКОТО ТКИВО НА МАКЕДОНИЈА И КОНЕЧНО Е ФАТЕНА ВО ВРШЕЊЕ НА КРИВИЧНО ДЕЛО ОД НАЈТЕЖОК ВИД: ПРСКАЊЕ НА НИВА СО КОМПИРИ СО ПРСКАЛКА (КОЈА СПОРЕД СИТЕЛ ВООПШТО НЕ Е ПРИЈАВЕНА И НЕ МОЖЕ ДА СЕ УТВРДИ НЕЈЗИНОТО МРАЧНО ПОТЕКЛО).

Од наведеново можеме да изведеме слободен заклучок дека секоја организирана група всушност е строга хиерархија во која има лидер, извршители и помагачи, така што секој од нив си го знае своето место во оваа пирамида и во зависност од тоа добива дел од нелегално заработените пари. Покрај високите финансиски штети што можат се нанесуваат, овие криминални групи честопати својата цел ја остваруваат и преку насилство, што укажува на сериозноста на ваквиот вид криминал.

ГРУПАТА ИЛИЕВСКИ Е СТРОГО ХИЕРАРХИСКИ ПОСТАВЕНА (ИМА ТАТКО И ДВАЈЦА СИНОВИ). ТАТКОТО Е ТАТКО, А СИНОВИТЕ СЕ СИНОВИ (ШТО ЗНАЧИ ДЕКА СЕКОЈ СИ ГО ЗНАЕ МЕСТОТО ВО СЕМЕЈСТВОТО). ВИСОКАТА ФИНАНСИСКА ШТЕТА ОД НИВНОТО ДЕЛУВАЊЕ Е ОЧИГЛЕДНА И НЕСПОРНА (ЗАРАДИ НИВ ПРОПАДНА МЛЕКАРАТА, НА НИВИТЕ НЕ ВИРЕЕ ДОБРО КОМПИРОТ, КРАВИТЕ ДАВААТ ПОМАЛКУ МЛЕКО, А ТРГОВЦИТЕ  СО ДРОГА СЕ СЕРИОЗНО ЗАГРОЗЕНИ ОД НЕЛОЈАЛНАТА КОНКУРЕНЦИЈА НА РАЗГРАНАТИОТ СЕМЕЕН БИЗНИС). ЗА НАСИЛНИЧКОТО ОДНЕСУВАЊЕ НА ТРОЈЦАТА КРИМИНАЛЦИ ИМА ДЕБЕЛИ ДОСИЕА ВО МВР КОИ СЕ ПУШТЕНИ ВО ПРОМЕТ НИЗ МЕДИУМСКИТЕ КУЌИ - БОРЦИ ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ (КАКО ШТО Е НА ПРИМЕР ТВ СИТЕЛ). ПОРАДИ КРАТКИОТ ПЕРИОД, ЗА ЕДНИОТ ОД НИВ СЕ УШТЕ НЕМА ДОСИЕ, МЕЃУТОА НАБРГУ ЌЕ БИДЕ ОСМИСЛЕНО.

Со оглед на брзата експанзија и се поагресивниот продор на организираниот криминал во глобални рамки, а со тоа и во Република Македонија, имајќи ги во предвид неговите транснационални димензии односно неговите прекугранични појавни форми кои претставуваат сериозна закана за фундаменталните вредности, внатрешната безбедност и стабилноста, Министерството за внатрешни работи голем дел од своите оперативни дејствија ги води според најсовремените научно-истражувачки достигнувања како и од најновите светски искуства на полето на борбата против организираниот криминал.

СО АПСЕЊЕТО НА МЛЕКАРОТ ОД БИТОЛА Е ЗАДАДЕН СЕРИОЗЕН УДАР НА ГЛОБАЛНОТО И ТРАНСНАЦИОНАЛНО ПОВРЗУВАЊЕ НА ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ ОЛИЦЕТВОРЕН ВО ФАРМЕРИ И НАВОДНУВАЧИ НА КОМПИРИ СО ШТО МАКЕДОНИЈА УШТЕ ЕДНАШ ПОТВРДУВА ДЕКА МЕСТОТОТ И Е ВО ЕУ.

Република Македонија како релативно мала држава според бројот на жители, а со тоа и даночни обврзници и мал буџет и тоа како е чувствителна на појавата на овие форми на организираниот криминал. Токму затоа како Влада покрај реформите на полицијата повлековме низа потези за усогласување на легислативата по европски терк, но исклучиво заради поуспешна борба против овие форми на организиран криминал. -Донесен е законот за полиција, каде што на Одделот на организиран криминал му дадовме посебно значење, Законот за примена на специјални истражни мерки и Законот за заштита на сведоци, направивме измени во одредени клучни закони од оваа сфера, како што се Кривичниот законик и Закон за кривична постапка.

СО ПРИМЕНА НА СПЕЦИЈАЛНИТЕ ИСТРАЖНИ МЕРКИ ПОЛИЦИЈАТА УСПЕА ДА ЈА ОТКРИЕ ПРСКАЛКАТА ВЕШТО ЗАТСКРИЕНА И КАМУФЛИРАНА НА НИВАТА. ДОКОЛКУ СЛИЧНИ ПРСКАЛКИ СЕ ПОЈАВАТ И НА ОКОЛНИТЕ НИВИ, ПОЛИЦИЈАТА ЌЕ ЈА ПРОШИРИ ИСТРАГАТА И ЌЕ ГИ УАПСИ СИТЕ ИНВОЛВИРАНИ ВО НЕЛЕГАЛНО ПОСТАВЕНИТЕ ПРСКАЛКИ И ПРСКАЊЕТО НА РАЗЛИЧНИ ЗЕМЈОДЕЛСКИ КУЛТУРИ.

Борбата против организираниот криминал има широк спектар на дејствување. Во организациската поставеност на МВР егзистираат:

-Единица за борба против перење пари и организиран економски криминал

-Единица за борба против корупцијата

-Единица за борба против компјутерски криминал

-Единица за борба против недозволена трговија со дрога и оружје

-Единица за борба против насилен криминал

-Единица за борба против трговија со луѓе и криумчарење мигранти

-Сектор за криминалистичко-разузнавачка анализа

-Сектор за специјални истражни техники

-Одделение за информатичка технологија.

Со оглед на тоа што организираниот криминал честопати е меѓународен, а познато е дека криминалците не познаваат никакви бариери, честопати се неверојатно снаодливи и вешти, дури и користат современи технички средства, сите наши вработени и се надеваме голем дел од вас кои би се придружиле на полицијата, имаат сериозна задача при справувањето со тешки форми на организиран криминал.

ПОЛИЦИЈАТА СТРАВУВА ДЕКА СЕМЕЈСТВОТО ИЛИЕВСКИ ВЕЌЕ ГИ ПРЕМИНАЛО ГРАНИЦИТЕ НА СОПСТВЕНАТА НИВА И ЗАПОЧНАЛО ПРСКАЊЕ И НА СОСЕДНИТЕ НИВИ. СО НАЈСОВРЕМЕНИ ТЕХНИЧКИ СРЕДСТВА ЌЕ СЕ УТВРДИ ДАЛИ Е ОВА ВИСТИНА И ДАЛИ ИСТРАГАТА ЌЕ СЕ ПРОШИРИ НА СИТЕ ПРСКАЛКИ И КОМПИРИ ВО ОКОЛИНАТА. СО ПОСЕБНИ ТЕХНИКИ ЌЕ БИДАТ ИСПИТАНИ И КРАВИТЕ КОИ ЌЕ СЕ ЗАТЕКНАТ ВО ПРОСТРИИТЕ КОИ ГИ КОНТРОЛИРА СЕМЕЈСТВОТО ИЛИЕВСКИ.

За што поуспешна работа според модерните стандарди и барања активно учествуваме на обуки, тренизни и едукација во западноевропските земји и САД со што покрај останатото се врши и размена на искуства и се одржуваат контакти.

ЕКСПЕРТИТЕ ЗА ПРСКАЛКИ И КОМПИРИ ОД САД И ЕУ НАСКОРО ЌЕ ГО КАЖАТ СВОЕТО МИСЛЕЊЕ ЗА ЦЕЛИОТ СЛУЧАЈ.

Впрочем тоа е и барањето и целта на Европската Унија – Секоја идна членка на Унијата да биде партнер во успешното справување против криминалот со што граѓаните на ЕУ ќе бидат безбедни, полициите ефикасни, а криминалците на секој дел од унијата и во секоја држава ќе бидат постојано на удар.

На крајот би сакала да заклучам дека со самото тоа што борбата против организираниот криминал и корупцијата, за Република Македонија претставува еден одредниците , популарно наречени benchmarks доволно говори каква одговорна задача стои пред Министерството за внатрешни работи, меѓутоа како идни мои колеги би сакала да истакнам дека оваа борба против организираниот криминал је водиме и ќе ја водиме не само како услов за влез во унијата, туку пред се заради граѓаните на Република Македонија, затоа што нивно право е да живеат во некорумпирана држава која слободно економски ке се развива.

АМЕН ИЛИ ФАЈРОНТ КАКО ВИ Е ПО ЌЕИФ

МВР НИЗ СИТЕЛ

Во врска со веста дадена на тв Сител, Новинарот Иван Кузмановски треба веднаш да биде повикан од страна на Секторот за внатрешна контрола со цел давање информации за тоа каде ги добил податоците во врска со полициските досиеа на членовите на семејството Илиевски.

Согласно Законот за полиција (чл. 10, 71, 72, 73, 75, 77) и Законот за внатрешни работи (чл. 24, 115) веднаш треба да се спроведе истрага во рамките на МВР со цел идентификување на лицата кои спротивно на одредбите на спомнатите закони ставаат на располагање на јавноста лични податоци за кои добиле сознанија во рамките на вршењето на службата.

Доколку податоците изнесени од страна на новинарот Иван Кузмановски се измислени тогаш тој треба да одговара за клевета.

СУДСТВОТО - ДИРЕКТЕН УЧЕСНИК ВО ПРЕКРШУВАЊЕТО НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

Случајот на “млекарот“ од Битола недвосмислено покажа дека целото наше судство со сите судии станало соучесник на власта во кршењето на основните човекови права и слободи.

Во ситуација кога еден судија не го применува законот, кога ниту еден друг судија не регаира на тоа, кога Републичкиот судски совет молчи, не може да стане збор за ништо друго освен за целосно ставање на судството во функција на власта која што ги крши човековите права и слободи.

Во овој пост, нема да ја анализирам постапката на полицијата поврзана со обезбедувањето на докази, нема да зборувам за селективниот пристап, ниту за процедуралните грешки во изведувањето на полициската акција кои може да предизвикаат многу и различни сомневања во врска со наводните докази.

Нема да зборувам ниту за тоа кои тоа факти, показатели, докази го навеле судијата воопшто да се посомнева дека станува збор за постоење на кривично дело производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

Во случајов ќе се задржам само на одредбите од Законот за кривична постапка:

Член 185

(1) Мерките што можат да се преземат спрема обвинетиот за обезбедување за негово присуство и за успешно водење на кривичната постапка се покана, приведување, ветување на обвинетиот дека нема да го напушти престојувалиштето односно живеалиштето и други превентивни мерки со кои се обезбедува присуство на обвинетиот, гаранција, куќен притвор и притвор.

(2) При одлучувањето која од наведените мерки ќе ја примени, надлежниот орган ќе се придржува кон условите определени за примена на одделни мерки, водејќи сметка да не се применува потешка мерка ако може истата цел да се постигне со поблага мерка. Судот може спрема обвинетиот истовремено да определи повеќе мерки од ставот (1) на овој член, освен кога ќе ја определи мерката притвор.

(3) Овие мерки ќе се укинат и по службена должност кога ќе престанат причините што ги предизвикале односно ќе се заменат со друга поблага мерка кога ќе настапат услови за тоа.

ПРАШАЊЕ: ВРЗ ОСНОВА НА ШТО СУДИЈАТА РЕШИЛ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОСТИГНЕ ЦЕЛТА СО ПРИМЕНА НА ДРУГА МЕРКА ОСВЕН НА НАЈДРАСТИЧНАТА - ПРИТВОР?

Член 187

(1) Наредба да се приведе обвинетиот може да издаде судот ако постојат причини за притвор од членот 199 на овој закон, ако е веќе донесено решение за притвор или ако уредно повикан обвинетиот не дојде, а својот изостанок не го оправда или ако не можело да се изврши уредно доставување на поканата, а од околностите очигледно произлегува дека обвинетиот го одбегнува приемот на поканата.

(2) Наредбата за приведување ја извршува Министерството за внатрешни работи.

(3) Наредбата за приведување се издава писмено. Наредбата треба да содржи: име и презиме на обвинетиот што треба да се доведе, назив на кривичното дело што му се става на товар со наведување на одредбата од Кривичниот законик, причина поради која се наредува приведувањето, службен печат и потпис од судијата што го наредува приведувањето.

(4) Лицето на кое му е доверено извршувањето на наредбата му ја предава наредбата на обвинетиот и го повикува да појде со него. Ако обвинетиот го одбие тоа, ќе го приведе присилно.

ПРАШАЊЕ: КОЈА ПРИЧИНА ЗА ПРИТВОР ЈА УТВРДИЛ СУДИЈАТА? ДАЛИ ПОСТОЕЛА НАРЕДБА ЗА ПРИВЕДУВАЊЕ СО СИТЕ ЕЛЕМЕНТИ И ДАЛИ ТАА МУ БИЛА ВРАЧЕНА НА ИЛИЕВСКИ? ДАЛИ ПОЛИЦИЈАТА ГО ПОВИКАЛА ИЛИЕВСКИ ДА ПОЈДЕ СО НИВ, ПА МУ СТАВИЛА ЛИСИЦИ И ПРИСИЛНО ГО ПРИВЕЛА ЗАТОА ШТО ТОЈ СЕ СПРОТИСТАВИЛ?

Член 198

(1) Притвор може да се определи само под условите предвидени во овој закон.

(2) Траењето на притворот мора да биде сведено на најкратко нужно време. Должност е на сите органи што учествуваат во кривичната постапка и на органите што им укажуваат правна помош да постапуваат со особена итност ако обвинетиот се наоѓа во притвор.

ПРАШАЊЕ: КАКО ТОА СЕ СЛУЧУВА И ВО ОВОЈ КАКО И ВО СИТЕ ОСТАНАТИ СЛУЧАИ НА ПРИТВОР НАЈКРАТКИОТ МОЖЕН РОК НА ПРИТВОР ДА ИЗНЕСУВА 30 ДЕНА?

Член 199

(1) Ако постои основано сомневање дека определено лице сторило кривично дело, притвор против тоа лице може да се определи ако:

1) се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство; 2) постои основан страв дека ќе ги уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците, соучесниците или прикривачите и 3) особени околности го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, или ќе го доврши обиденото кривично дело или дека ќе стори кривично дело со кое се заканува.

(2) Притвор задолжително се определува кога постои основано сомнение дека лицето сторило кривично дело за кое може да се изрече казна доживотен затвор.

ПРАШАЊЕ: КОЈА ОД ГОРНИТЕ ПРИЧИНИ ЈА ИМАЛ СУДИЈАТА ДА УТВРДИ ПРИТВОР- ИЛИЕВСКИ СЕ КРИЕЛ, МОЖЕ ДА ГО ПОВТОРИ ДЕЛОТО (ПОВТОРНО ДА НАСАДИ НА ПРИМЕР КАНАБИС) ИЛИ МОЖЕ ДА ВЛИЈАЕ НА СВЕДОЦИТЕ? ИЛИ МОЖЕБИ СУДИЈАТА МИСЛИ ДЕКА СТАНУВА ЗБОР ЗА КРИВИЧНО ДЕЛО ЗА КОЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ИЗРЕЧЕНА КАЗНА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР?

По овие прашања веќе не станува збор за знаење на судијата, за интелегенција на снаоѓање во нова ситуација, за слободно уверување или некоја посебна вештина. Станува збор за едноставна (не)примена на јасните законски норми.

И во целото наше судство не се најде ниту еден судија да реагира на ваквата постапка? И не се најде ниту еден судија да постави прашање за примена на законот? И не се нејде ниту еден судија макар да отвори теориска расправа во врска со праксата која станува секојдневие?

Ако не се нашол ниту еден судија да има поинакво мислење, тогаш со право може да се генерализира дека целокупното судство не само што не е во состојба да ги заштити човековите права туку и самото станало соучесник во кршењето на човековите права.

ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ

Според најновите научни ставови, луѓето со лесна интелектуална попреченост можат активно да учествуваат во секојдневниот живот, да формираат семејства и да работат, со помал или поголем надзор и контрола од страна.

Контролата е потребна поради тоа што интелектуалните граници на овие луѓе им оневозможуваат да сфатат некои посложени релации, не успеваат да ги разберат посуптилните меѓучовечки и социјални односи, често немаат способност за согледување на целосната слика, се концентрираат само на делови и не се во состојба да ги претпостават последиците од посложени дејствија.

Овие луѓе може да располагаат со помали суми на пари (потребни за лични потреби), меѓутоа никако не смее да им се довери било каква функција која што подразбира располагање со поголеми средства, посложени организациони решенија или одлуки кои се однесуваат на други луѓе.

На пример, човек со лесна интелектуална попреченост никако не смее да биде избран за градоначалник (независно од големината на населеното место).

На ваквиот човек не може да му се презентираат анализи, не може да се бара ниту индуктивно ниту дедуктивно заклучување за работи кои содржат повеќе од две премиси и претставува изложување на овој човек на сериозен емоционален страс секое барање да ја согледа целата слика на живиот организам со минато, сегашност и иднина на конкретно населеното место.

Единствено што може ваквиот човек да разбере во рамките на своите интелектуални капацитети се одделни делови како сепарирани монади без нивните врски и вон од контекстот на севкупното живеење.

Имено, ваквиот човек се концентрира на некоја област (колку повесела, поатрактивна и поразиграна толку е поверојатно дека таа ќе му го привлече полесно неговото внимание) и едноставно ја издигнува на ниво на приоритет.

На пример, оди во посета на некоја друга држава и некој нивни град. Сигурно домаќините подготвиле презентација на структурата, организацијата и процесите што се одвиваат во тој град,се потрудиле да му стават на увид шеми на хиерархиска поставеност и на начин на донесување на одлуките, да се пофалат со високата стручност во процесот на одлучување и со механизмите кои им стојат на располагање на граѓаните да влијаат врз одлуките што се донесуваат.

Сето ова претставува исклучително трауматско доживување за нашиот градоначалник со интелектуална попреченост. Целокупната презентација за него претставува еден голем облак на застрашувачки неразбирливи поими , магла на за него неразбирливата комплексност и заморен атак на сите негови перцептори кои не можат да се справат со презентираната сложеност.

За среќа, после ова страшно доживување, доаѓа релаксирачки момент. Може да се прошета низ градот. Ова веќе го разбира. Може да се концентрира на одредени елементи, да ги разбере и да ги доживее во нивната издвоеност и едноставност. Колку се повесели, пошарени и попрости овие елементи, толку се поразбирливи за нашиот градоначалник. На пример гледа плажа. Градска плажа. Тоа е едноставно и разбирливо. Насмеани луѓе, задоволно се сончаат покрај вода. Сите се среќни. И нашиот градоначалник со интелектуална попреченост блажено се насмевнува лижејки го својот сладолед. И решението е веќе донесено. И тој ќе направи иста ваква плажа, и на неговата плажа ќе има исти вакви луѓе кои се смеат и се задоволни и сите ќе зборуваат колку убаво нешто им направил тој.

За нашиот кутар градоначалник со интелектуална попреченост не е важно ништо друго. Тој не ги гледа улиците, ниту инфраструктурата, ниту организацијата на сложеното битие на градот, ниту потребите и интересите на граѓаните, ниту околината. За него постои само светливата играчка која сака да јс сподели со своите сограѓани.

И плажата е тука. Иста како што ја видел. Со бел песок и лежалки и весела музика и вода тече некаде подоле. Има и сладолед.

А граѓаните не се задоволни? Не му заблагодаруваат и не раскажуваат колку е добар. Нешто се бунат. И поставуваат тешки и неразбирливи прашања.

Кутрот градоначалник со интелектуална попреченост. Тој никако не може да разбере зошто го напаѓаат за толку убава работа која што им ја прави на своите граѓани. Зошто се бесни и каде тоа згрешил.

А кутрите граѓани се чудат што ги снашло и упорно се обидуваат да допрат до својот градоначалник со интелектуална попреченост.

Мислам дека еден сладолед многу би им ја олеснил работата. Со две топки и чоколаден прелив.

←Older