ПРОТИВ БЕНЕФИЦИИ ЗА ПРИПАДНИЦИТЕ НА ОНА, ЗА БЕНЕФИЦИИ ЗА СИТЕ ЖРТВИ НА КОНФЛИКТОТ ОД 2001

Како и многу други работи и оваа во Македонија е свртена наопаку. Некој разбрал-недоразбрал, прочитал-недочитал, па треснал зелена и сега се обидува сите да не убеди дека е зрела-презрела, бордо-црвена.

Припадниците на ОНА да добијат привилегии (пензија, вработување, социјална помош, бенефиции…). Што е апсурдно во ова барање

1. Од 8.03.2002 година во Република Македонија на сила е Закон за амнестија. Со овој закон: “се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор (во натамошниот текст: амнестија), граѓани на Република Македонија, лица со законски престој, како и лица кои имаат имот или семејство во Република Македонија (во натамошниот текст: лица), за кои постои основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година“.

Зборот амнестија вообичаено значи: простување кое му се дава на сторител на некое кривично дело (во случај кога имало постапка пред надлежен суд во која е докажана вина), или, на лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело (во случај кога постапката е започната, меѓутоа се уште нема правосилна пресуда, односно кога постапката не е започната, меѓутоа има доволно докази ваква постапка да започне).

Потребата од донесување на Закон за амнестија сама по себе индицира дека постоело прекршување на законот, меѓутоа има одредени причини (во случајот на вооружениот конфликт од 2001 година тоа се политички причини) заради кои не треба да се казнат сторителите на кривичните дела. Доколку се тргне од Законот за амнестија, иницирањето на донесување закон со кој би се дале одредени бенефиции на сторители на кривични дела, значи да се награди прекршувањето на законот и да се легализира насилството како рамноправна демократска алатка во политичкиот живот.

2. Вообичаено е, после вооружени конфликти од ваков вид да се донесат одредени закони (мерки) со кои се обештетуваат жртвите од конфликтот. Жртви на конфликтот се сите оние кои не биле дел од било какви вооружени формации (надвор од легалните и легитимни безбедносни сили на државата), а претрпеле физички, материјални или психички штети. Мора да се направи дистинкција на жртвите, при што, жените, децата, старите и немоќни, и раселените – мора да имаат предност во одредувањето на било кој вид на компензација. Во жртви на конфликтот се вбројуваат и сите оние кои биле дел од нелега лни вооружени формации, меѓутоа биле изложени на акти на тортура од страна на претставници на власта (легалните вооружени сили или некој друг претставник на власта).  Тоа значи дека ниту еден припадник на нелегална воена (вооружена формација) како што беше ОНА, не може да бара никаква компензација, оштета или бенефиција (било да станува збор за смрт на близок роднина на ова лице или за самиот него/нејзе во случај на трајни повреди), освен ако не станува збор за жртва на нечовечко постапување.

3. Припадниците на легалните безбедносни сили имаат право на бенефиции и компензации. Во рамките на извршувањето на својата должност тие го бранеле уставниот поредок, сигурноста и стабилноста на државата. Посебно внимание мора да се посвети и на сите оние кои формално не биле дел од безбедносните сили меѓутоа биле изложени на опасностите од конфликтот во вршењето на своите должности (лекари, болничари, превозници, пожарникари, …). Меѓутоа, тоа не значи дека бенефиции треба да добијат оние за кои ќе се докаже дека ја злоупотребиле службената должност и биле извршители на кривични дела. Имајќи предвид дека припадниците на нелегалните воени формации не се казнуваат заради Законот за амнестија, истата логика важи и за припадниците на регуларните безбедносни сили, меѓутоа, тие во никој случај не смеат да бидат заштитени од водење граѓански постапки против нив и доколку се докаже нивната вина, тие не смет да бидат корисници на било какви бенефиции.

4. Поради чувствителноста и комплескноста на проблематиката за остварување на вакви барања се формираат посебни тела, кои низ широка јавна расправа доаѓаат до решенија кои во најголема мера ќе водат кон смирување на тензиите меѓу страните кои биле во кнфликтот и ќе овозможат ресторирање на мирот на трајна основа. Простото договарање на две политички партти, намертнувањето на решенија однадвор и изгласувањето на закон, можат само да придонесат за разгорување на нови жаришта на недоверба, нетрпение и конфликти.

Донесувањето на Закон со кој што едноставно им се даваат некакви бенефиции на припадниците на поранешната ОНА, заради тоа што така се договориле неколку политички субјекти може да биде само показател на незрелост или извор на нов конфликт.

15 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.