ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ

Пред извесно време ме заинтригира употреба на кратенката БРМ на блогот на левицата (левичарски блог), и поставив прашање што сака писателот да каже со тоа. Објаснувањето беше дека кратенката се однесува на банана република, односно, банана држава. Морам да признаам дека се повеќе се согласувам со ваквото именување.

Имено, вообичаено, под банана држава се подразбираат привидно самостојни држави, со многу ограничен суверенитет во која демократијата претставува фарса зад која се затскрива делувањето на неколку мафијашки  кланови кои се поддржани од “надвор“ со цел создавање манипулативен простор за политичко делување поврзано со интересите на големиот капитал од светски размери.

Главните карактеристики се тука:

1.     Огромни социјални разлики

2.    Невработеност над 30%

3.    Ниско образовно ниво

4.    Растечки криминал

5.    Високо ниво на корупција

6.    Непостоење на независно судство

7.    Религиски фундирани вредности (кои го стимулираат патријахалниот однос карактеристичен за мафијашките структури)

Во ова светло гледам и на последните расправи околу тоа дали треба или не треба да има вонредни избори. Оваа расправа само покажува дека се она што ни се сервира како демократија и систем, всушност претставува само лошо изведена претстава која што треба да го задржи вниманието на гледачите (граѓаните), со цел зад кулисите слободно да се изведуваат вистинските работи (кражби од огромни размери, убиства, застрашување, трговија со луѓе, оружје и дрога). На тие кои што ја започнаа расправата, воопшто не им е важно дали ќе има или нема да има вонредни избори. Важно е да почне расправа. Расправата го свртува вниманието на граѓаните од клучните проблеми, создава ситуација на исчекување, ја подига тензијата меѓу луѓето, не воведува во цилкус на бескрајни препукувања и навреди. Со еден збор, фарса. Класичниот модел на римската империја базиран на флоскулата “леб и игри за народот“ апсолутно е применет со фрлањето трошки во вид на подигнување на пензиите, намалување на цените на лековите и ситни бенефиции за земјоделците. Со вакви мачканици се сака да се заташка сликата во која:

1.     Стапката на невработеност континуирано стои над 36% со што Македонија е на 183 место од 198 држави (за да помислиме на влез во Европската Унија треба да паднеме под 10%)

2.    Просечната нето плата е 15000 (од кои за храна и пијалок се издвојуваат 11000, со 4000 треба да се платата комуналии, облека, школарина, поправки, намештај,…)

3.    Индексот на длабочината на сиромаштијата се зголемува (2004 -9.4, 2005-9.7, 2006-9.9, 2007-10.1)

4.    Во земјата има 10% интернет корисници (на пример во Латвиа овој процент е 50)

5.    Очекуваниот животен век е 74 години (со што сме зад Хрватска, Турција, Србија, Словенија, Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Бугарија)

6.    Имаме растечки тренд на корупција

7.    Политичката и генералната безбедност е во надолна линија

8.    …

Со иницирањето на темата за предвремени избори од страна на политичките партии:

1.     Се заокружува бесмисолот на квази-демократијата во која опстојуваме веѓе 17 години. Од средство за доаѓање на власт со цел остварување на одредена програма, идеја, промена, станува средство за доаѓање на власт без никаква друга цел освен да се биде на власт

2.    Се оневозможува заживување на друга политичка опција која би го нарушила воспоставениот баланс на неколкуте мафијашки структури кои започнуваат меѓусебна борба единствено кога ќе дојде до навлегување во туѓа териоторија (област на делување)

3.    Се овозможува перманентно перење на пари на државно ниво

Излез постои, прашање е дали го сакаме и дали сме спремни да се избориме за него.

14 total views, 2 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.