ВЕРОНАУКА

Веќе подолго време се зборува за внесување на веронауката во формалното државно образование, а од неодамна, во рамките на кампањата на Владата за стимулирање повисоко ниво на образование кај населението, се појави спот во којшто 10 божји заповеди се идентификуваат како непроменлив фундус на знаењето на човекот.  Јас верувам во доживотното учење и сфатив дека нешто сум пропуштила во сопственото образование (од многу објективни   причини, меѓутоа, тоа не ме оправдува денес). Затоа решив малку да се посветам на стекнување религиозни знаења. Јас ги имам читано Библијата, Куранот и Талмудот и претходно (а имам некои знаења од Будизмот, Хинду-учењата и Конфучие), меѓутоа не сум посветила посебно внимание во насока на подигање на сопственото знаење за Бога.

Почнав да ја читам Библијата (страните и цитатите се дадени од Библија (стариот и новио завет), превод на Душан Х.Константинов, Euroliber, Netherlands, 2004. Еве што дознав до сега од Првата Мојсиева книга – битие:

1.      Се започнува со создавање на небото и на земјата. Бог го создал светот за 6 дена (и бил многу задоволен од тоа што го направил). Редоследот бил: небото и земјата сосе светлината на првиот ден, ги одделил небото од земјата на вториот ден, го создал копното сосе сиот растителен свет на третиот ден, сонцето, месечината и ѕвездите на четвртиот,  водените животни и птиците на петтиот ден, и сите копнени животни на шестиот ден. При крај на шестиот ден “Бог го создаде човекот во Својот лик. Тој го создаде во Божјиот лик: ги создаде машко и женско.“ Кога ги создал машкото и женското им ја поклонил Земјата и се што е на неа, и бил многу задоволен со тоа што го направил.

2.     После ова доаѓа создавањето на Адам и Ева. Ова малку ме збуни. Имено пред малку прочитав дека човекот (како маж и жена) е создаден на шестиот ден, а во овој дел ме информираа дека Адам бил создаден уште пред првиот ден (па тука некаде биле создадени и некои  растенија  и реки). Ова внесе кај мене мала забуна во однос на многу јасниот редослед даден во првиот дел.

3. Потоа разбрав за дрвото за познавање на доброто и на злото. Тука се спомнува и тоа дека жената била создадена после Адам за да му помага и да го дружи. Не знам што се случи во меѓувреме со оној човекот како машко и женско од 6-тиот ден (посебно збунува фактот што истиот податок се спомнува  и на стр. 6 од Библијата, во Родословието на Адам каде што се вели: “Господ го создаде човекот. Го направи според Божјото подобие: создаде машко и женско. А кога ги создаде ги благослови и ги нарече човек). Исто така тука повторно се спомнува создавањето на животните, па не сум сигурна дали се тоа истите оние од петтиот и шестиот ден или некои други. Во секој случај и Адам и Ева биле деловно неспособни (затоа што не разликувале добро од лошо). За да ја стекнат својата зрелост морале да каснат од забранетото овошје (јаболко во случајов) кое ги приближило до Бог (кој до тогаш единствен ја имал привилегијата да ги знае доброто и лошото). На Бог дефинитивно не му се допаднала идејата некој да му се приближи и сурово ги казнил и Змијата и жената и нешто помалку мажот (воопшто Бог има малку попустлив однос кон мажот, или барем кон некои мажи). Многу е интересна реченицата: “Еве човекот стана како еден од Нас, знаејќи го доброто и злото“.  Ова е потврда на заклучокот дека сета галама Бог ја дигнал затоа што човекот му се приближил по знаењата, а отвора и едно интересно прашање: зошто Бог се спомнува во множина. Дали ги имало повеќе, а само еден се занимавал со луѓето? Или сите биле присутни. Многу интересно и поучно.

4. Како и да е овој Бог кој ни бил доделен нам нема баш многу високи морални стандарди, а и сфаќањето на правичноста и праведноста му се многу дискутабилни. Прво ја зезнал работата со Каин и Авел. Очигледно Бог бил посебно наклонет на Авел и го протежирал, на сметка на Каин кој бил поттурнат на маргините. Кога му принесле жртви (секој од областа во којашто работел) “Господ погледна милостиво на Авела и на неговата жртва, а ни поглед не свртинкон Каина и неговата жртва“. Очигледно станува збор за исклучително силна емоционална врска меѓу Господ и Каин (барем од страна на Каин), кој заслепен од љубомора го убил сопствениот брат. Господ изреагирал многу вообичаено за себе, го проколнал и него и семето негово и се понатаму до недоглед, меѓутоа не го убил и не дозволил други да го убијат.

5. Сега доаѓа еден малку проблематичен дел за расипаноста на луѓето и Божјиот суд. Во Библијата стои: “Кога луѓето почнаа да се множат по земјата им се народија ќерки. Божјите синови гледаа дека човечките ќерки се убави, па си ги земаа за жени кои ќе си ги избереа“. Тука се поставува прашањето кои се овие божји синови? Дали имало повеќе богови, или повеќе исусовци пред Исус Христос? Во секој случај биле прилично неморални и насилни во однос на ќерките на човекот и изнародиле сопствено потомство – Нефили. Изгледа ова го загрижило Господ, па решил да му го скрати животниот век на човекот и го свел на 120 години (и покрај тоа што подоцна во Библијата се спомнуваат повеќе потомци на Адам и Ева кои си живееле 800-900 години).  Не е многу јасно во што се состоела расипаноста на човекот на земјата, меѓутоа Господ се предомислил околу своето создавање и решил се да избрише.

6. Тука на сцена стапува Ное (како единствен предок на сите луѓе, бидејки сите други биле уништени во текот на потопот). Ова го остава отворено прашањето за првобитниот грев на Адам и Ева, и нивното потомство, бидејќи нали останал само ное и неговото семејство а тој му бил мил на Господ). Во секој случај, разбрав дека Господ многу се покајал што си го уништил сопственото дело и се заколнал дека тоа веќе нема да го направи (што е многу утешно и ни покажува дека не може да има втор потоп на Земјата): “Го поставувам Својот Завет со вас, така што никогаш повеѓе потпните води нема да ги уништат живите суштества, ниту пак некогаш потпот ќе ја опуст земјата“. Ова е многу релаксирачко сознание.

7.     Во родословието на Ноевите синови има уште еден индикатор на сомнителниот морал на Господ. Имено, според Библијата, во тие времиња “Целата земја имаше еден јазик и исти зборови“. Така, луѓето ништо не ги спречувало меѓу себе слободно да комуницираат и решиле да изградат кула, Вавилонската кула. Господ се заинтересирал што градат луѓето и кога видел си рекол “Ете, еден народ се, со еден јазик за сите. Но, ова е само почеток на нивните настојувања. Сега ништо нема да им биде неостварливо, што и да намислат да направат. Да слземе и да им го измешаме јазикот, за да не се разбираат еден со друг што зборуваат.“ Ова е навистина многу вознемирувачко сознание за мене. Имено излегува дека господ ги простува и најлошите гревови (убиство, таткоубиство, чедоморство, братоубиство), но не простува ништо што би му овозможило на човекот да стане како него и да ги добие неговите знаења (дрвото на спознавањето, Вавилон и сл.).

Photobucket

8.     И, моето поеледно сознание од досегашното читање е во врска со Аврам. Како и спрема Авел, господ очигледно развил специјални емоции кон Аврам и бил спремен се да му прости. Неговата необјективност најочигледно се гледа во случајот со жената на Аврам, Сара. Имено, според Библијата (стр.13), кога заради глад се симнал Аврам да живее во Египе тој и рекол на жена си Сара “Знам дека си убава жена. Кога Египтците ќе те видат, ќе речат: Тоа е неговата жена, и мене ќе ме убијат, а тебе ќе те остават жива. Кажи дека си ми сестра, за да ми биде и мене добро заради тебе и да го запазат мојот живот заради твојот збор“. Овде гледаме како бил создаден еден од најстарите бизниси на светот, трговија со луѓе заради сексуални услуги (а Аврам се појавува како макро). Фараонот ја зел Сара кај себе (во уверување дека му е сестра на Аврам) и за тоа богато го наградил Аврама. Сега на сцена стапува Господ. Тој фрлил проклетство врз кутриот фараон (кој апсолутно бил невин во случајот, бидејќи постапувал во најдобра вера дека има работа со немажена жена).  Од друга страна, на Господ на крај памет не му паднало да го казни Аврам, туку овој си заминал со целото богатство и жената. Со ова, според мое мислење, Господ го поддржал тргувањето со луѓе и застанал на страна на макроата.Продолжението на моето верско образование следи во наредните денови.

92 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.