ВЕРОНАУКА (2)

Продолжението на моето верско образование доби многу интересна еротско-порнографска насока. Имено, наредните страни на Првата Мојсеева книга се исполнети со секс, проституција, инцест и подведување (покрај миењето нозе кое како ритуал го вовел Господ и кое има исклучително позитивни последици по хигиената на луѓето и ден денес).

Крајно нејасно ми остана зошто биле разурнати Содом и Гомор ако се има предвид сеопштиот неморал кој се одвивал под директна заштита на Господ и не знам кој тоа се жалел пред Господ и за што, меѓутоа е прилично јасно дека на Господ дефинитивно не му се допаднало кога  граѓаните на Содом сакале да имаат секс со двата ангели кои го посетиле Лот.

По уништувањето на Содом и Гомор, работите доаѓаат на свое место. Лот има секс со своите две ќерки кои забременуваат и раѓаат синови, Аврам продолжува со подведување на својата жена Сара која ја претставува како сестра (и за што добива стада и имот, а на Сара и се плаќа значителна сума од 1000 сребреници, не сум сигурна дали ова била стандардна цена и колку би било во евра). Подведувањето станува семеен бизнис во кој се вклучува и синот на Аврам Исак (кој исто така ја претставува својата жена како сестра и добро заработува на тоа), а сето тоа со благослов на Господ.

Понатаму следи период во кој Јаков (синот на Исак), прави растур со жените (легнува со која ќе стигне и и прави деца), а Господ е многу задоволен од множењето на луѓето и сите ги благословува да станат големи народи. Една од жените на Јаков го изнајмува својот маж Јаков да дава сексуални услуги за малку дрога (мандрагора) на која е очигледно навлечена. Вториот син на Исак е малку посмирен (има само три жени).

Братоубиствата, инцестот и сеопштото сексуално расуло продолжуваат, со целосна поддршка на Господ, кој е заинтересиран единствено за размножување на луѓето и кој се лути само ако некој го навреди, односно не ја исполни неговата желба. Ова се гледа и од податокот даден во Библијата, според кој, Господ ги погубил Ир и Онан (синови на Јуда) затоа што одбиле да спијат со вдовицата на својот починат брат, а Јуда успеал да го спаси најмалиот Шела, со тоа што ја испратил снаата назад кај татко и.

Моето религиозно образование ќе го продолжам и понатаму, и покрај тоа што малку ме загрижи сознанието дека децата во основните училишта ќе треба да ја читаат Библијата. Јас сепак мислам дека треба да имаат достап само до многу цензурирано издание.

Leave a Reply

Your email address will not be published.