ВЕРОНАУКА (3)

Морам да признаам дека ова со веронауката станува се поинтересно и попоучно.

На 54 страна стигнав до Јосиф (синот на Јаков) и неговото претскажување. Сигурно многумина ја слушнале онаа приказната за сонот на Фараонот за седумте дебели седумте слаби крави и толкувањето на Јосиф за седумте плодни и седумте гладни години. Јосиф му предложил и решение на Фараонот за периодот кога ќе настапи глад меѓу населението (“да постави надгледувачи во земјата, што ќе собираат една петинка од сета жетва во Египетската земја во седумте години на изобилството“. “Собраниот вишок нека служи за исхрана во земјата во седумте години на глад“). Фараонот го сметал толкувањето на Јосиф за исклучително мудро и го назначил за врховен управител кој ќе му одговара само нему и на никого друг. Од високата позиција на која располагал скоро со апсолутна моќ Јосиф пристапил кон спроведување на сопствениот план (собирање на данокот на добивка со прилично висока стапка -20% од собраниот плод) и собрал од луѓето огромни количества храна кои се складирале во градовите. Се до сега е многу убаво и хумано и можам да го разберам директното инволвирање на Господ на страната на Јосиф во сите овие активности. Меѓутоа, што се случува понатаму. Според Библијата, во моментот кога настапила глад во египетската земја и кога луѓето дошле да побараат храна, на Јосиф на крај памет не му паднало да им ја подели храната собрана од нив самите. Не. Тој решил да заработи и тоа по сите принципи на лихварството (кое секогаш се базира на големите несреќи на луѓето). Имено, во моментот кога никаде немало храна и кога притиснала страшна глад “Јосиф ги собра сите сребреници што се наоѓаа во Египетската Земја и во Хаанската Земја за житото што беше продавано, и ги однесе сребрениците во фараонскиот дворец“. Кога снемало сребреници и луѓето почнале да молат за корка леб, Јосиф им рекол: “Дотерај те го својот добиток, па ќе ви дадам жито во замена за добитокот“. Кога им го собрал добитокот, од гладните луѓе побарал да му ја дадат сета земја и на крај да се продадат и себе си за парче леб. Кога останале без земја им дал семе да посеат и им наредил секогаш понатаму да издвојуваат по една петтина од приносот за Фараонот. Тука нема да се задржам на очигледниот непотизам кој Јосиф го пројавил кон своите браќа (на кои им дал жито без да им наплати, па та дури и ги наградил). Она што плени во сета приказна е дека Господ ги одобрува сите овие чекори и го благословува Јосиф кој всушност го довел  својот народ во многу незавидна (илити, ропска) положба. Проблем се појавил кога Јосиф умрел, а на власт дошол нов владетел кому не му се допаднало преголемото ширење на Израелевите синови.

Со ова започнува и Втората Мојсеева книга – Излез. Кои вредности и поуки ги извлеков од оваа книга?

Прво, Господ многу сака да го молиш, да плачеш, да се жалиш и цимолкаш. Сите што плачат му се мили на Господа.

Второ, Господ стимулира убивање, крадење, одмазда и измами. На страна 70 им дава на Израелците конкретен совет како со измама да ги ограбат Египетците, а на страна 81 и директно учествува во кражбата “Господ направи Египетците да му бидат благонаклонети на народот, па даваа. Така ги ограбија Египетците“.  Од страна 72-81 Господ смислува различни начини преку кои  најсадистички се изживува над недолжното Египетско население заради решението на Фараонот (кој воопшто и не ги прашувал граѓаните што да прави и како да постапува) да не го пушта Израелскиот народ. Тука Господ игра  многу подмолна игра. Имено тој ја користи својата моќ за да го отврдне срцето на Фараонот (стр. 72 “Господ го закорави срцето на Фараонот, така што тој не ги пушташе Израелците да заминат од неговата земја“) и тој да не му дозволува на Израелскиот народ да оди. Ова му овозможува на Господ да употреби цела лепеза од најразлични видови на малтретирање (им ја одзема водата за пиење, ги валка нивните домови, им носи разни болештилаци од кои умираат, им ги уништува посевите, им ја одзема светлината), се до нивото на убивање невини деца.

По крвавиот помор на децата што го направил, Господ пристапил кон градење на системот од вредности кои треба да бидат раководство на луѓето кои го почитуваат него единствениот. Во овој дел има многу практични совети од стварното и облигационото право, земјоделието, општетсвените и семејните односи. Мене посебно ми се бендиса забраната да се пцуе судијата и владететлот, забраната да се даваат лажни изјави и забраната за примање поткуп. Ова малку ме загрижи, бидејќи, очигледно борбата со митото и корупцијата не успеал да ја извојува ни самиот Господ, така што надежта дека нешто ќе направиме ние самите е прилично лифит.

Од Втората книга може да се заклучи дека:

<!–[if !supportLists]–>1.

1. За Господ способни луѓе се оние што се бојат од него и безпоговорно ја исполнуваат секоја негова желба

2. Правилата важат само додека му се по ќеиф на Господ. На пример заповедта “Не ќе убиваш“ е многу интересна. Имено, треба да се убие тој што ќе ги удри мајката и таткото или ќе ги проколне, меѓутоа не треба да се убие оној што удрил трудна жена па таа ќе пометне. Треба да се убие вражалка, тој што ќе легне со животно или кој верува во друг Бог освен него, и тој што ќе расплаче вдовица или сирак. Сепак, најстрашен грев е очигледно верувањето во друг Бог и тука дефинитивно можеш да убиваш колку што сакаш и да не гледаш дали станува збор за младо или за старо, за близок или за далечен. На стр. 105 Мојсеј ги повикал сите што се за господ и им рекол “Господ, Бог на Израел, зборува вака – нека секој го припаше мечот до бедрото и нека тргне низ логорот од врата до врата, па некој нека го убие брата си, некој својот пријател, некој својот сосед“. Толку за заповеддта “не ќе убиваш“. Тука некаде е и она: око за око, заб за заб, опекотина за опекотина и сл.

3. Посебно ме загрижи податокот дека Господ им проштева на тие што прават “опакост, грев и престап“ (стр.107), меѓутоа ќе ги казни невините (нивните деца, внучиња и правнучиња). Јас некако сум повеќе да се казни сторителот на делото отклоку некој негов потомок.

4. Многу му се важни ритуалите поврзани со него самиот (што зборува за енормна суета и самобендисаност). Од 95- 104 страна, многу прецизно и со многу детали се опишува што се треба да се прави за да му се оддаде чест на Господ. Овие упатства продолжуваат и на стр. 108-115. Какви даски ќе има, какви завеси, што облека ќе носи свештеникот, како ќе биде уреден дворот, тоа се исклучително значајни нешта за Господа Бога.

Во следното продолжение преоѓаме на Третата Мојсеева книга – левит.

Leave a comment

Your email address will not be published.