ВЕРОНАУКА (4)

Дојдов до Третата Мојсеева книга – Левит.

Првиот дел од третата Мојсеева книга претставува практичен прирачник за принесување животински жртви. Во најдобар христијански манир тука многу прецизно се објаснува како се коле, дере и черечи животинчето што треба да се жртвува, а потоа се се прска со крв.   Важен момент е живинчето што ќе се коли да биде од машки пол (ова најверојатно од практични причини да не се убиваат приплодните говеда и овци) и обавезно да биде без недостаток. Колењето, дерењето и сечењето на жртвата се прави на лице место под директен надзор на Господ, а потоа се треба да се запали “тоа е паленица, жртва палена на Господа за пријатен мирис“. Има тука нешто, да ви кажам право и јас не можам да одолеам на мирис на добра скара.

Photobucket

Високото чувство за естетика Господ го пројавува во барањето: “Ако сака да Му принесе на Господа птици како паленица, тогаш нека принесе грлица или гулапче“. Нема ваљда на Господ да му се принесува како жртва некоја кокошка, шатка или не дај боже мисирка.

Ова со жртвите навистина е добро разработено. Има жртви за се и сешто: помирителна жртва, жртва за грев, за грев на целото Израелево општетсво, за грев на кнез, грев на поединец, за престап, за народ, за свештеници…

Во ова со жртвите Господ не ги заборава ни свештениците. Под насловот “Свештенички дел“ убаво е објаснето дека свештениците ги добиваат плешките (само не знам дали пред или по палењето). 

Во вториот дел наидов на малку збунувачка содржина. Многу ме испроблематизира Законот за чисти и нечисти животни. Морам да признаам дека во семејството развивме бурна дискусија за оправданоста на пристапот и за тоа кој ќе биде најоштетен доколку се решиме да го почитуваме словото Божје. Расправата е се уште во тек. Без двоумење прифативме дека нема да јадеме камили, орли, јастреби, тетреби, соколи и гаврани (кои се прогласени од господа за нечисти и одвратни птици). Меѓутоа, проблемите настапија околу: зајакот (и дивиот и питомиот, посебно заради препораките на докторите дека тоа е многу добро и нискокалорично месо); потоа свињата (не е ниту добра ниту нискокалорична, ама многу е бре вкусна пустата); и сите морски плодови (школки, лигњи, полипи, ракови). Помладата ќерка утврди дека може да се откаже со леснотија од нив, меѓутоа за мене и сопругот ова би претставувало веќе преголема жртва. Малку се замисливме за нојот (посебно во светлото на ноевите фарми кои се градат низ Македонија и пораката на нашиот премиер да консумираме македонски производи). И да ви кажам право, на крај памет не ми паѓа (и покрај сета почит кон Бога и неговите поделби на чисти и нечисти животни), да јадам: скакулци, салем и арголата (што и да се тие) само затоа што Господ ги определува како чисти.

Поделбата на чисто и нечисто, Господ понатаму ја проширува и на луѓето. Разбрав дека нечист маж е оној што излева семе надвор од своето тело “Кога  човек има семеизлив, нека го искапе во вода целото свое тело и нека остане нечист до вечерта“. Ова најверојатно се однесува на забрана на мастурбација, меѓутоа и на свршување надвор од телото на жената (за зијан да не оди спермата). “Ако некоја жена легне со својот маж и тој исфрли семе, нека се искапат и нека бидат нечисти до вечерта“ (стр. 135). Имајчи предвид дека Господ континуирано ги поттикнува луѓето да се множат, многу логично е дека не би сакал добар материјал да се губи залудно. Меѓутоа, ова ме подзамисли малку: зошто Господ настојува толку многу на множење на луѓето? Да не има отворено некој натпревар меѓу боговите за тоа кој повеќе ќе произведе (се разбира со одреден квалитет), или е поврзано со некоја трговија? Не би сакала да шпекулирам, меѓутоа, вреди да се размисли. Во секој случај, работата не е многу сериозна, бидејќи може да се заташка ако се принесат на Господ две грлици или гулапчиња.

Малку е посериозна нечистотијата на жената. Секоја жена што има менструација се смета за крајно нечиста и се што ќе допре се смета за нечисто и така секој месец. Не знам дали нешто се менува со употребата на влошки (посебно оние со крилца). Ако не, не сум сигурна како ќе го разрешиме овој проблем со работодавачите. Дали ќе се согласат секоја жена во време на менструација да отсуствува од работа? Мене лично ме бендиса. Ништо не морам да правам дома седум дена, супер.

Последниот дел во Третата мојсеева книга е “Одржување и општење со светиот бог“. Ова е еден прилично суров дел во кој главна казна е смрт или истребување. Истребување и погубивање се наредува за: јадење крв (нека се подзамислат сите оние кои сакаат крвав бифтек), ако се принесе жртва на друг бог, има секс со маж или со животно, ако се проколнат мајка или татко, за прељуба, секс со жена додека има менструација, за повикување на духови и вражање, ако си ќерка на свештаник па имаш секс со повеќе мажи надвор од брак, ако зборуваш против господ.

Освен ова во овој дел од Библијата Бог наредува:

1. Да не се шеташ гол/гола пред роднини и блиски

2. Да не се стапува во брак со блиски роднини (најверојатно Господ видел дека немешањето на генетскиот материјал од претходниот период доведува до деформитети па го вовел ова правило)

3. Да не се стапува во брак истовремено со две сестри

4. Да се плашиш од мајката и од таткото

5. Да не јадеш месо третиот ден од приготвувањето на истото

6. Да не се собираат до крај плодовите во нивите и лозјата за да остане за  сиромашните (ова навистина ме бендиса)

7. Да не се краде, лаже, мами, искористува ближниот свој,

8. Да не им се вика на глувите и да не се спрепнуваат слепи,

9. Да не се убива, да не се мрази братот, да не се одмаздува на сопствениот народ (на другите може)

10. Да не се облекува во облека од два вида ткаенина, да не се спарува добитокот со друг вид (тука мулињата нема да поминат убаво) и да не се засева нивата со два вида семиња.

Во оваа прилично широка лепеза на забрани и ограничувања ми падна во очи една. Господ не ги сака лицата со хендикеп. Имено, на стр. 143 јасно изјавува дека ниту едно лице со хендикеп не смее да стане свештеник и да принесува жртва “Никој од твоите потомци кои ќе имаат некаков телесен недостаток не смее да се доближи да го принесува лебот на својот Бог“. “Ни слеп, ни хром, ни со обезличен нос ни со излишен член, ни таков кој има скршена рака или нога, ни подгрбавен ни со сув член, ни со болни очи, ни лишав, ни јадежлив, ни килав“ “бидејќи има недостаток нека не се доближува да Му принесува леб на својот Бог“.

На крај доаѓа финалето во кое Господ предупредува дека непочитувањето на тоа што го наредил ќе биде казнето со ужаси од огромни размери, кои ќе ги следат луѓето со поколенија натаму и кои ќе се зголемуваат се додека луѓето не се покорат.

Целиот дел завршува со еден потполн антиклимакс во кој Господ ги регулира прашањата поврзани со материјалните добра кои луѓето ќе му ги поклонат (се разбира преку свештениците). Поклоните можат да бидат во пари, недвижност или животни (тука Господ е прилично широкоград).

Следното продолжение се однесува на Четвртата Мојсеева книга – Броеви

Leave a Reply

Your email address will not be published.