ВЕРОНАУКА (5)

Четврта и петта мојсеева книга – броеви и второзаконие

По читањето на четвртата и петтата мојсеева книга, морам да повлечам дел од заклучоците до коишто стигнав во анализата на претходните три дела. Не е точно дека Библијата е непрактична и неупотреблива. Напротив. Во овие два дела таа повеќе личи на прирачник отколку на духовна книга (иако некои од нас секако можат да најдат духовност и во упатсво за употреба на миксер). Во овие два дела се содржани објаснувања за административните процедури кои треба да ги почитува населението во односите со својот творец (т.е. Бог), дадени се некои правни решенија со кои се регулираат односите меѓу луѓето и разработени се правила на војување (убивање, грабеж и палење). Сето тоа е прилично хаотично и со огромно почитување на принципот repetitio est mater studiorum па во книгата се повторуваат одново и одново исти работи (на различен начин кажани). 

Прво, како во секоја цивилизирана држава, Господ наредил да се направи попис на населението (стр. 154 “Извршете попис на целата израелска заедница по родиви и по семејства, наведувајќи ги имињата на сите машки, глава по глава“.). Во Библијата е даден прецизен статистички извештај во кој се наоѓаат вкрстени податоци за популацијата по: родови, по припаѓање на одредено семејно стебло и по возраст. Целта на пописот е многу прагматична (што е јасно видливо од натамошниот текст на Библијата). Прво, да се избројат сите што се способни за борба “имињата на сите машки од дваесет години нагоре, на сите способни за борба“ (значи Господ да знае со каква вооружена сила располага во своите освојувачки походи што има намера да ги преземе). Второ, да ги издвои свештениците од тие кои ќе се борат и да ги постави на заштитени позиции (многу внимателно од негова страна). Трето, да воспостави хиерасхиска и командна  одговорност неопходна при водење на војна. Четврто, да ги види потенцијалите од аспект на наталитет и да пресмета колку ќе треба за издржување на населението. Петто, да се пресмета вкупниот данок што ќе го собира од населението за да може да се направи проекција на буџетот. Попатно, пописот е искористен и за “Отстранување на се што е нечисто“ (стр.161 “Господ му рече на Мојсеја: Нареди им на Израелевите синови да ги отсранат од логорот: секој лепрозен, секој што има излив, секој што ќе се онечисти со мртво тело.“).

Понатаму е даден точен попис на давачките кои населението (по племиња) ги носело на Господ. Тука малку ме загрижи обземеноста на Господ со материјални добра (пари, златни и сребрени садови, храна, добиток). Не ми беше баш јасно зошто му се на едно многу духовно битие како Господ сите овие богатства (меѓутоа сигурна сум дека има некое многу добро објаснување кое јас не можам да го доловам заради својата невера и затоа што не ја разбирам Библијата). Во секој случај, мене ова многу ми заличи на мафијашки рекет. Или ќе донесеш се што ќе побара Господ или ќе ја изгубиш неговата милост и ќе завршиш протеран во пустиња, каменуван, и проколнат се до 3-4 до седум колена.

Очигледно, народот не бил многу задоволен од воспоставената апсолутна власт на Мојсее (се разбира се во име на Господ) и во неколку наврати се побунил. Господ по обичај ептен се налутил што станале толку лакоми и што цело време нешто мрморат и го оспоруваат и им соопштил дека ќе им даде толку месо за јадење што на крај ќе им се згади. Тој тоа и го сторил, ама бидејќи бил многу изнервиран пуштил и еден помор и две-три клетви до 7 колено, онака колку да се знае кој е газда.

Можам да ја сфатам фрустрацијата на Господ. Едноставно луѓето не го слушале и постојано барале докази за неговата моќ, и многу лесно се откажувале од правилата кои тој ги поставил. Среќа што не бил лишен од суета, па лесно се повел по зборовите на Мојсее (кој очигледно бил многу лукаво човече): “ако го истребиш овој народ како еден човек, народите што чуја глас за Тебе што ќе речат: Господ беше немоќен да го доведе овој народ во земјата што му ја вети, под заклетва, и затоа го погуби во пустината“ (стр.174). Господ се нашол во ептен незгодна ситуација. Не можел секако да го повлече зборот, па ја смалил казната на 40 години лутање низ пустињата.

Меѓутоа, настрана од се, Господ сфатил дека мора да го  разреши проблемот со се почестите побуни против Мојсее. Со таа цел Господ разработил нов систем во којшто дел од надлежностите кои ги имал Мојсее ги пренел на 70 старешни (а со тоа секако и одговорноста за она што се случува во нивните племиња).

Маките на Господ со народот воопшто не завршиле на ова. Ова не ги заплашило сите, и понатаму имало луѓе кои се обидувале да се спротистават, секогаш се наоѓал некој што поставува прашања, се буни и ги буцка луѓето дека многу убаво си живееле порано (во Египет) и што им требала целата оваа авнтура со преселбата. Редот бил воспоставуван едностовно со по некој помор (не повеќе од 20-30000 луѓе на помор) , наезда од змии отровници (по што редовно се правел попис на населението),  едно-две каменувања и  распукнување на земја кое проголтува цели семејства.

Покрај  значајните организациони промени, покрај сеприсутниот господов гнев и незадоволство, и, постојаниот воен поход, во четвртата и петтата книга се содржани и неколку многу практични упатства. Тука е: Законот за љубомора (многу ефикасен начи за откривање на жена која шарнала на страна од бракот), определување на давачките што ги имаат луѓето спрема свештениците, законот за дел на ќерка (кога некој нема син), определување на секојдневни жртви што треба да му се принесуваат на Господ, Законот за љубов кон Бога (луѓето мора да го сакаат Господ по наредба), забтрана на идолопоклонство, забрана на гордост, последици од послушност и непослушност, Закон за робови и бедни, за празнување на Пасха, за избор на цар, казна за лош син, должнички односи, хигиено – здравствени прописи, за развод.

Посебно се дадени неколку кривичноправни одредби (за убиец, за сведоци) и поставен е основниот принцип на крвната одмазда, односно на репресивната правда (стр. 227 “живот за живот, око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога“) и е дадена и целта на Законот: “да се боиш во текот на целиот свој живот од Господа“.

Во петтата книга најголем дел завзема материјата од военото право. Тука се дадени воените закони (кој е ослободен од служење војска), методологија на опсадување градови, и упатства за вршење грабежи и уживање во воениот плен што го дава Господ. Единствено барање на Господ е во овие градови да не се остави ништо живо. Во сите воени походи наредба на Господ е да се краде, пали, убива. Никој (ни мало ни старо, ни машко ни женско), не смее да биде поштеден. Под благослов на Господ се уништени иљадници човечки животи, прекрасни градови, уметнички дела и човечки творби. Освоената земја е дадена на делење меѓу освојувачите, а неколку града на свештениците.  Најверојатно во сето ова крвопролевање има некоја возвишена духовност, меѓутоа јас никако не можам да ја сфатам. Навистина треба да си верник (што значи да не мислиш туку да веруваш) за да го прифатиш како продуховен овој дел од Библијата.

30 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.