НВО – како гордо звучи тоа

Против дезинформациите и незнаењето кое се шири од страна на Бунка

Не знам од каде потекнува анимозитетот на одредени луѓе кон невладините организации (понатаму во текстот НВО), меѓутоа, ако повлечам паралела со стигматизацијата на лица кои се ХИВ+ и стравот од нив, може да се извлече заклучок дека најверојатно станува збор пред се за незнаење, митови и заблуди.

Незнаењето е многу страшна работа сама по себе, а ширењето и промовирањето на незнаење веќе е опасно за секоја заедница па и за блогерската.

Бидејќи сум била член на повеќе НВО-а (Хелсиншкиот комитет за човекови права во република Македонија, Центарот за мултикултурно разбирање и соработка во република Македонија, моментално – член на Центарот за човекови права и разрешување конфликти) и член на една фондација ( Институтот Отворено општество во Македонија), чувствувам обврска да ја отворам темата за тоа што се, а што не се НВО, што смеат, а што не смеат да прават и каква е ситуацијата во Република Македонија.

Цивилно општетсво по дефиниција е составено од групи и организации од формален и неформален вид кои дејствуваат независно од државата и од пазарот со цел да ги промовираат различните интереси и потреби на луѓето.  Тоа не е ниту позитивно ниту негативно (односно, може да биде и позитивно и негативно), меѓутоа е неопходно во една демократска држава токму заради демократијата и промоцијата на алтернативноста и различните интереси.

Во периодот на студената војна дел од НВО формирани во поранешните социјалистички држави имале дисидентски карактер и биле насочени кон промена на политичкиот систем.

Во Македонија постои Закон за здруженија на граѓани и фондации, не за НВО. Невладините организации во овој закон се спомнуваат само во главата за странски невладини организации, за да се потенцира разликата од владините меѓународни структури кои делуваат на територијата на РМ (претставништва на држави, ООН организации, ОБСЕ, Советот на Европа, ЕУ и сл.).

Според овој Закон:

<!–[if !supportLists]–>

1. Здружение на граѓани можат да основаат пет полнолетни граѓани на РМ заради остварување на економски, социјални, културни, научни, стручни, технички, хуманитарни, образовни, спортски и други права, интереси и уверувања. Во превод, тоа значи дека: јас, мојот сопруг, двете ќерки (кои се полнолетни) и барем еден од нивните дечковци може да основаме здружение за било што ќе ни падне на памет (на пример, за заштита на правата на розевите црви со плави попречни штрафти). Непотизмот е бесмислена флоскула во контекстот на граѓанското здружување затоа што самите здруженија можат слободно да бидат чисто фамилијарни или пријателски, а во секој случај се групи на луѓе кои ги поврзува ист интерес, уверување, потреба. Непотизмот е опасна работа во државните органи заради тоа што се тие органи кои работат со парите на граѓаните и постоењето на непотизам значи дека некој што треба да ги користи парите на граѓаните за заедничко добро, всушност  ги користи за задоволување на своите лични потреби и интереси. Непотизмот во државните органи може да се манифестира во: вработување на свои блиски, доделување средства на свои блиски, поповолен третман на свои блиски. Тоа значи дека ако некој функционер обезбеди средства за некоја НВО заради тоа што таа е НВО на негов близок тогаш може да зборуваме за непотизам.

2. Во Македонија има регистрирано над 6000 здруженија на граѓани од најразличен вид (во нив спаќаат и спротски и стручни и професионални и секакви други здруженија). Во Словенија има над 10000, во САД се губи рачуницата бидејки цело време се создаваат нови, а згаснуваат стари.

3. Здружението не смее да прави некои работи. На примерот на моето семејно здружение за заштита на правата на розевите црвци со попречни плави штрафти, ние не смееме да: а) да го користиме здружението во текот на изборите за собирање пари за некоја политичка партија и водење кампања за таа политичка партија б) не смееме да повикуваме на насилно уривање на уставниот поредок на РМ, в) не смееме да поттикнуваме или повикуваме на воена агресија и г) не смееме да разгоруваме национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

4. Здружението може да застапува исти идеи како некоја политичка опција и да ги промовира. Во светот ова е многу честа појава ( на пример: фондацијата Fridrih Herbert ги промовира идеите на социјал демократите, Conrad Adenauer на конзервативците во Германија)

5. Средствата што ќе ги добиеме или добивката што ќе ја оствариме мора да ја користиме за потребите на нашата НВО (во тие потреби спаѓаат: комуналии, материјални трошоци, плати за вработени, хонорари за обавени дејствија…), а во функција на остварување на целите на постоење на организацијата.


НВО – средства може да добива од најразлични извори (најчесто надвор од државниот буџет). Средствата може да бидат чисти донации (поклони) или да бида врзани за проект (тоа зависи апсолутно од тој што решил да даде пари). Важно е активноста на НВО да биде во рамките на законот. Во превод: мојата ќерка може да основа НВО (со некои свои пријатели) и јас може да и ја финансирам активноста (и никого нема што да му е гајле што правам јас со моите пари, се додека не станува збор за перење на пари и се додека се трошат во НВО-то за активностите за кои е основано и во согласност со законот). Секое НВО е подложно ревизија (редовна или по потреба на некој од донаторите ако сакаат да проверат како се трошат нивните пари).

Тогаш кога пари дава државата (а и тоа е можно), се врши контрола како ги дава, кому и зошто. Давањето мора да биде за конкретен проект и по прецизна процедура.

И на национално и на меѓународно поле НВО се важни затоа што стануваат своевиден контролен механизам на власта, поставуваат прашања кои власта некогаш сака да ги забошоти и потегнуваат теми и приоритети кои се надвор од интересот на оние кои се на власт. Заради ова НВО претставуваат посебен интерес за ООН и формирани се посебни тела за заштита на активистите на НВО (посебно оние кои можат да трпат последици заради своето спротиставување на власта).

Има НВО (на национално и меѓународно ниво) кои со својата работа стекнале кредибилитет и кои покажале дека се објективни извори на информации и доследни застапници на одредени права и интереси на луѓето. НВО од ваков калибар имаат можност директно да се вклучат во донесувањето на одлуките на меѓународно ниво и имаат големо влијание во заштитата на човековите права (од најразличен вид). Меѓутоа, влијанието на НВО е многу ограничено. Тие не донесуваат одлуки, не пресудуваат и не извршуваат. Можат да постават прашања, да се бунат, да викаат, да укажуваат, да поттикнуваат, не можат самите нешто да променат. За да се изврши промена мора да постои државна структура која ќе го направи тоа.

Ќе пробам да одговорам на дезинформациите кои во неколку наврати беа лиферувани на блогот на спомнатиот Бунка:

<!–[if !supportLists]–>

1. Дали или нема да настапува претседателот на здружението (директор на НВО) пред јавноста зависи од тоа како е тоа регулирано со статутот на здружението

2. Финансиски отчет мора да се поднесе во секоја НВО на крај од годината во вид на завршна сметка

3. Има многу НВО-а каде што претседатели се многу млади луѓе (ова може лесно да се провери во адресарот на НВО издаден од МЦМС)

4. Целите и мисиите на одделни невладини е најдобро да се проверат во нивните програми (кои вообичаено се дадени на web). На пример на Хелсиншкиот комитет тоа е: www.mhc.org.mk)

5. Членувањето во здружение не е ограничено заради членување во политичка партија  (замислете да не можете да бидете член на Здружение на жени со рак на дојка заради тоа што сте член на ВМРО?). Членувањето во политичка партија (или манифестирањето на политичката припадност) е забрането за: државната администрација, за Народниот правобранител, за членовите на антикорупциската, судии, … (значи за државни структури и институции кои би требало да делуваат независно и за сите граѓани). Во таа смисла воопшто не е важно дали некој од челните луѓе во одредени НВО-а припаѓале на некоја политичка партија (освен ако тоа  не е прецизно дадено во Статутот на НВО-то)

6. Делувањето на НВО е различно и зависи од мисијата и од мандатот на таа НВО. И да, тоа е обид да се изврши влијание заради постигнување на одредена цел (која е целта зависи од програмата на конкретната НВО). Ако јас со мојата семејна НВО се борам за правата на розевите црвци со попречни плави штрафти ќе пробам да извршам влијание врз сите релевантни фактори на секој начин овие црвци да не бидат искористувани како храна или за ловење риби, да им бидат создадени услови за живот и размножување и да не бидат изложени на акти на сурово постапување (сечење на половина)

7. Цели на НВО саемот се: да се видат меѓу себе различни НВО и да видат дали работат на исти или слични нешта (да не се повторуваат или да соработуваат), да ја промовираат својата идеја и да, чисто комерцијално, да најдат донатори за својата идеја.

8. Зошто некои луѓе, структури, организации, влади и меѓународни тела даваат пари, навистина зависи од идејата која се поддржува. Значи, како што реков, проблем е само ако има сомневање за перење пари (а за тоа постои закон) и ако НВО работи спротивно на законот и Уставот. За друго ич да не му е гајле зошто некој си дава од своите пари.

9. Во врска со тоа што е постигнато, мМожам да кажам на пример збор два за целите на Хелсиншкиот комитет. Во периодот од 1994 година до денес: зголемен е интересот на граѓаните за нивните права и зголемен е бројот на луѓето кои знаат кога им се прекршени и каде да побараат помош; започнати се реформи во полицијата, судството и јавната администрација во насока на почитување и заштита на човековите права; извршени се промени во закони и подзаконски акти заради поголема заштита на човековите права; добиени се конкретни случаи пред редовните судови, пред Уставниот суд и судот во Стразбург, иницирани се институционални промени во државата.

10. Тоа со чистите јавни досие е многу смешна работа. Значи секаде има луѓе со вакви и онакви досие, добри и лоши, оние кои го почитуваат и оние кои не го почитуваат законот. Поврзувањето на чисто јавно досие со припаѓање на НВО е акт на стигматизација и резултат на јавно манифестирана предрасуда.

11. Со закон е забрането клеветање и навреди (и оние кои се шират по електронски пат). Тоа не е цензура туку заштита на базично човеково право – достоинство на човекот. Мене не ме изненади начиност на кој се комуницира на блогерајот бидејки е сосема нормално некултурата да не може да заобиколи еден ваков облик на комуникација. Тоа не ме спречува да се спротиставам на тоа и да ги искористам демократските средства кои ми стојат на располагање. Не не ги тужев весниците (исто како што не тужев и никого на блогерјаот), само укажав на можноста која ми стои на располагање и законските консеквенци кои би ги презела ако ептен сакам и ако мислам дека тоа ќе биде конструктивно.

12. Меѓународната Хелсиншка Федерација е во стечај заради проневера на пари. Националните хелсиншки комитети постојат независно од не (42 се на број) и со тоа изгубија координативно тело кое беше исклучително важно во меѓународниот (но не и во националниот) настап. Виновнците ќе бидат изведени пред суд, а акцијата за формирање нова Федерација веќе е започната. Ниту една човечка структура не е имуна на злоупотреби, меѓутоа тоа не значи дека не треба да ги формираме и да пробаме да ги искористиме за тоа за што се наменети. Не постојат идеални општетсва. Во случајов е добро што крадецот е откриен и ќе биде осуден. Дали ги имаме откриено сите оние кои ги крадат парите на граѓаните и си ги користат како што сакаат, а кои се заштитени со механизмите и структурите на државата?  Не би рекла. Од друга страна , во НВО-ата има многу малку пари на граѓаните на Република Македонија, за разлика од буџетот со кој располагаат партиите на власт, а кој е составен токму од нашите пари.

99 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.