ВЕРОНАУКА (6)

Историјата на израелскиот народ – Книга на Исус Навин, Книга за израелеви судии, Рута, Прва книга Самоил, Втора книга Самоил, Прва книга цареви

Во овј дел, Библијата нема врска со света книга. Јас ја доживеав како прилично лош летопис во кој што се мешаат просторот и времето, а Господ се појавува прилично ретко. Улогата на Бог се исцрпува со изразување на неговото незадоволство од недоволната почит која што му се дава или во наградување на милениците (кои ги возвишува со тоа што им овозможува освојување, убивање и пљачкање од огромни размери. Се додека дел од ограбените добра доаѓаат до Господ тој ги поддржува во пљачкашките походи (стр. 255 “Го изгореа градот и се што беше во него: зедоа само сребро, злато, бронзени и железни садови, и ги ставија во ризницата на Господовиот дом“). Станува збор за Ерихон, еден од најстарите градови на Земјата кој бил изграден  повеќе од 8000 години пред Христа.

Photobucket

Господ е многу задоволен кога некој прекрасен град ќе биде срамнет со земја (стр. 255 “Тогаш Исус ја изрече оваа клетва: Проклет да биде пред Господовото лице човекот кој ќе се обиде да го изгради наново Ерихон: да ги гради неговите основи врз својот првенец, да ги крева неговите врати врз својот љубимец!. Господ беше со Исуса, па се пронесе глас за него по целата земја). Во овој период Гспод најмногу го лути ако некој сака да здржи предмети кои имаат уметничка вредност. Во својата лутина тој тогаш се свети на д се живо и диво и не се смирува додека виновникот (тој што сакал да зачува некое уметничко дело) не биде каменуван (заедно со целото свое семејство) и не биде закопан заедно со тоа што го зел и со се што му припаѓало. Ваква бестиалност и уништувачки порив навистина ретко може да се прочита во некое друго пишано дело на човекот. За ова би  препорачала да се прочита делот “Убивање на жители“ (стр. 257).

Воздигнувањето на Војната како економска гранка очигледно претставува Божја работа (бидејки тој го стимулира освојувањето земји и нивна поделба меѓу освојувачите, се разбира откако ќе заколат се што ќе им се најде на патот). Под насловот “Делба на ветената земја“ е даден катастарски опис на делбата која е направена меѓу припадниците на различните семејства кои учествувале во воените походи (во ова не се заборавени свештениците кои си добиваат свој дел во вид на голем број градови  во кои ќе живеат и чии пасишта ќе можат да ги користат).

Навистина не би сакала да навлегувам во описите на колежи, убивања, измачувања и подмолности кои се воспеани во овој дел на Библијата, а кои се прават во името и под дирекна заштита на Господ. Да ви кажам право ни познатиот спев за Самсон и Далила воопшто не ми го поправи впечатокот за насилството што се промовира како начин на решавање и градење на односите меѓу луѓето. Во сето ова, оправдано е секое насилство кое е во име на Бога, а сурово е казнет и најмалиот обид на спротиставување или порекнување на семоќта на Бог.

Давид и наклонетоста на Господ кон него е посебна приказна. Човекот направил многу грешки, лажел, крадел, убивал, па и застранувал од вербата, ама знаел да се покае и да му плаче на Господ и овој секогаш на крај му простувал. (Во најдобар мафијашки манир, Давид расчистува со сите кои би можеле да зборуваат против него. стр. 342 “Давид не оставаше во живот ни маж ни жена за да ги доведе во Гат, зашто мислеше: Би можеле да не обвинат и да речат: Давид правеше така“). Господ му го простил и прељубништвото на Давид. Тој спиел со мажена жена, ја забременил и на крај наредил нејзиниот маж да биде убиен за да може Давид да си ја земе за жена.  Господ секако му го простил грево, ама за неговото недело е казнето детето (не се знае по која основа е тоа кутрото криво), кое морало да умре. Оваа правдина на Господ навистина ме воодушевува. Најверојатно претставува голема инспирација за многу наши денешни водачи така здушно посветени на словото Божје. Во благодарната Давидова песна се спомуваат дури и неговите чисти раце заради кои Господ толку го возљубил и Давид директно му се заблагодарува на Господ за сета помош што му ја дал во убивањето, уништувањето и поробувањето.

Истиот тој Давид, кога Господ го прашал: “Сакаш ли да дојдат три гладни години во твојата земја, или да бегаш три месеци пред своите непријатели кои ќе те гонат, или да има три дни помор во твојата земја“, најнесебично избрал три дни помор за својот народ (од кој умреле 70000 луѓе, стр.377). Давид се разбира признал дека направил грешка и си го измил гревот со тоа што направил еден жртвеник за Господа. Во ова светло почнувам да се прашувам, кои гревови нашите политичари треба да си ги измијат со градење на сите овие цркви?

Во овој дел посебно внимание им е посветено на јунаците на Давид (или, неговите пајташи кои му помагале во убивањето). (стр. 376 “Синот Јодаев, јунак од Кавсеила, богат со јуначки дела, му ги уби двата сина на Ариел од Моав; тој во еден снежен ден слезе и уби лав во јамата. Уби и некој Египетец, крупен човек“ (ова со крупниот човек  ептен ми се допаѓа, сигурно има некоја јака симболика што не ја разбирам).

Во Првата книга цареви, се среќаваме со познатиот Соломон. Тој ја продолжува традицијата на убивање и уништување на сите свои противници и со тоа го зацврстува владеењето. Позитивниот момент поврзан со Соломон е неговото барање до Господ да му даде проницивост во пресудувањето на правдата. Како резултат на тоа Соломон “Изрече три илјади мудри изреки, а неговите песни беа илјада и пет“ (стр.385). Според напишаното во Библијата, освен што бил многу мудар, Соломон бил и човек кој знаел да ужива во животот (стр. 385 “Секој ден му требаше на Соломона за храна триесет кори чисто брашно и шеесет кори обично брашно, десет згоени волови, дваесет волови од пасиште, стотина овци, освен елени, срни, диви кози и згоена живина“). Си изградил велелепен дворец (се разбира после градењето на Храм посветен на Господа) и се опкружил со блесок и раскош. Проблемот со Господ искрснал кога малку ја претерал со жените. 700-те жени и 300- те заложници (и тоа се од забранетите народи) малку му го свртиле умот и срцето, па почнал да почитува други богови.

Photobucket

Се разбира, се се, ама Господ не трпи конкуренција, и во тој момент се свртел против Соломон. Ова е причината заради која по неговата смрт царството било поделено на десет дела (од кој ниту еден, освен можеби Јосафат до некаде, не се покажал баш на место и по ќеиф на Господ).  Господ продолжува со традицијата да не ги казнува виновниците (кои цепаат облека, плачат и се тратуваат од земја пред него – стр. 412 Ахавово каење) туку нивното потомство кое нема врска со неделата на своите татковци.

Да ви кажам право, се помалку ми се бендисува учењето на Господ и моралот кој што ми се нуди од страниците на Библијата.

Leave a comment

Your email address will not be published.