ВЕРОНАУКА (7)

Втора книга цареви, Прва книга летописи, Втора книга летописи, Езра, Неемија, Естира

Лошата историска читанка продолжува и понатаму. Се повторуваат дел од веќе спомнати ликови и настани, се редат имиња на сите оние кои се забележени во книгата (тефтерот на Господ). Главни карактеристики кои можат да се издвојат во овие писанија се:

1. Втора книга цареви

  • Континуирано раскинување на облеката и тратување од земја како израз на најголемо можно покајание и акт на барање прошка од Бога кога некој верник ќе ги прекрши законите господови или кога Господ нешто без голема причина се лути.
  • Огромен број потомци на поранешните верници кои не сакаат да веруваат во еден Бог и заради своето многубоштво се сурово казнети (погубени со целите свои семејства, сите свои слуги, свештеници и следбеници до ниво на потполно истребување). Најголемото зло што некој може да го направи во очите на Господ е да не верува во него, туку да верува во друг/други богови.
  • Неверојатна суровост во однесувањето на сите поклоници на Бога (на пример на стр. 417 во Втората книга цареви, е опишано постапувањето на Елисеј кон децата што му се потсмевале: “од градот излегоа деца и му се потсмеваа, говорејки: Дојди бескосник! Дојди бескосник! Тој се обзирна, ги погледна и ги проколна во Господово име. И веднаш излегоа две мечки од шумата и раслинаа четириесет и две деца. “). Истиот овој Елисеј постојано го користи Господ како оружје против непријателите, а и останатите слуги господови на секој чекор ја покажуваат својата  бестијалност  (на пример, во истата книга, на стр. 418 “Израелците се стрчаа за да ги дотолчат Моавците. Им ги разорија градовите, секој фрлаше по камен на најдобрите ниви за да ги наполнат, ги засипаа изворите и ги исекоа сите плодни дрва“).
  • Има неклку “чудеса“ кои ги правеле божјите луѓе (оживување со примена на метода на  вештачко дишење, детоксикација на храна, изработка на хранливи концентрати, исцелителски работи, вадење секира потоната во вода
  • <!–[if !supportLists]–>Во втората книга цареви се појавува еден интересен анахронизам во однос на другите постапки (стр. 432). Тука се спомнува книжен свиток на мојсеевиот закон каде Господ заповеда “Татковците нека не бидат погубувани заради синовите ни синовите за татковците, туку секој нека гине за својот грев“. Оваа многу прогресивна порака не се почитува баш многу понатаму и не се спомнува во наредните летописи.

2. Во Првата и Втората книга летописи се повторуваат голем дел од претходно опишаните настани и се следи судбината на одделни семејства. Господ не е многу директно присутен (меѓутоа може да се насети неговата воља зад секоја постапка на неговите почитувачи).

  • Посебно внимание е посветено на приказот на  распределбата на должности на тие кои ќе се грижат за храмот господов (свештеници, свирачи, вратари) и дадена е уредба за богослужба во идниот храм
  • Скицирана е управата во државата (судии, воени началници, должносни лица)
  • Опишани се градежните работи поврзани со Храмот господов и внатрешното уредување
  • Дадено е Божјото предупредување за непослушност (ако случајно пак им текне да им служат на други богови)
  • Прикажано е царувањето на Соломон и неговите наследници (меѓу кои има многу неверници кои заради тоа си ги трпат и последиците). Во сета оваа плејада ми остави впечаток делчето за владеењето на Јоахин (стр. 519 “На Јоахина му беа осум години кога се зацари, а царуваше три месеци и десет дена во Ерусалим, правеше што е зло во Господовите очи“ – многу ме интересира што зло можело да прави дете од 8 години).
  • Се стекнува впечаток дека работите му излегуваат од контрола на Господ и тој не е баш многу почитуван

3.   Во делот – Езра – Господ се обидува работата повторно да ја врати во свои раце. Се обновуваат богослужби и се градат храмови, а  Езра (книжевник и вешт во мојсиевиот законик),  се обидува повторно да ги актуелизира господовите закони. Покрај останатото, Езра има и посебна мисија и мандат да се справи со мешаните бракови (меѓу израелците и домородците). Тоа го издвојува како главен проблем во почитувањето на Господа (стр. 531 “Ние го изневеривме нашиот Бог женејќи се со туѓинки од народите на земјата“). Решението го гледа во отпуштање на сите жени туѓинки и на нивните деца.

4.   Неемија – продолжува со активностите за зацврстување на еднобоштвото. Тој работи на обнова на заветот и повторно воспоставување на божјите закони и ја продолжува работата против мешаните бракови.

5.      Делот – Естира ми беше посебно интересен бидејки задира во  родовата (не)еднаквост и корените на феминистичкото движење. Имено тука за прв пат многу децидно е кажано каде е местото на жената и што смее, а што не смее. Многу е интересна сторијата за царицата Астина (Vashti). Царот Ахасвер се поднапил во текот на седумдневна теревенка и се фалел колку убава жена има и пратил дворјани да ја повикаат за да им ја покаже на гостите (гола да игра пред сите). Арно ама царицата (Астина) одбила да дојде.

Photobucket

Во писанието не е наведено зошто го направила тоа (дали ја болело глава или стомак, дали имала менс, дали била едноставно нерасположена или сметала дека е крајно понижувачки гола да игра пред едно чудо непознати само затоа што така му текнало на мажот), не е важно, главно не дошла. Царот ептен се налутил и побарал совет што да прави. Советот бил дека мора да ја отстрани, затоа што може да стане лош модел за сите други жени (“за царичиното држење ќе научат сите жени па ќе ги презираат своите мажи…па ќе има противење и презирање во изобилство“). Царот се согласил со ова и испратил посебен допис до сите со кој прогласува дека мажот е господар во својата куќа. А царицата била заменета со помлада и поубава која била спремна да биде послушна како што доликува на секоја жена. Е, оваа Естира е приказна за себе.

Photobucket

Прикажана е како жена со сите класични преогативи (послушна, покорна, убава, разубавена само за својот маж). Меѓутоа, таа е и многу лукаво женче и успева да го изманипулира царот така токму, да ги уништи своите непријатели и повторно да ги врати Евреите на власт (обезбедувајки им можност за одмазда, пљачка и уништување на  сите нивни непријатели).  Во сето ова не се спомнува многу многу Господ, ама сигурно е тука некаде и  помага во крвопролевањето и уништувањето.

Во секој случај пораката е јасна:

1. Жената не смее да се побуни отворено и да го срамоти мажот пред сите

2. Жената може да биде роспа и да го користи креветот за остварување на повисоки цели (и водење на политика)

Leave a comment

Your email address will not be published.