ВЕРОНАУКА (8)

Дојдов до книгата на мудроста (во која се наоѓаат: Јов, псалмите, пословици, проповедник и песната над песните).

Прво за Јов.

Тоа да ти биде едно чесно, мирно човече. Си  ја гледал работата, верувал во Бога и ги почитувал сите негови заповеди. Арно ама Сатаната му удрил пик и изразил пред Бога сомнеж дека целата љубов и верба во Бога, Јов ќе ги игуби доколку му се одземе се што има. И тука се разбира паднала опклада (меѓу Господ и неговиот омилен син Сатаната).  Со таа опклада му била запечатена судбината на кутриот Јов (стр. 561 “Му рече Господ на Сатаната – Прави што сакаш, со се што има, само не кревај ја својата рака врз него“, а на стр. 562 “Во твоја рака е: запази му го саамо животот“).

Резултатот бил: човеков го изгубил целиот имот, му изумреле децата и останал на просјачки стап целиот крастав и сакат. Во својата надменост и горделивост Јов се осмелил да го праша Господ што направил за да ја заслужи таа казна. Со тоа дефинитивно придонесол Господ да ја изгуби опкладата, меѓутоа (како што и порано видовме), Господ ептен не сака да губи и спремен е на измами од најразличен вид само да не признае пораз. Така и овој пат, дошол, му се изнаразвикал на Јов, го потсетил што се направил за него и колку е тој (Господ) голем а Јов мал и сето тоа завршило со освестување на Јов, каква глупост направил.

Photobucket

Во ова викањето најмногу ми се бендиса фалењето на Господ, што се тој знае, а Јов не знае. На пример: Има ли дождот свој родител? Кој е тој што ги раѓа капките на росата? Од чие крило излегува мразот? Како се размножуваат дивите кози и колку месеци носат? И, незаборавното: “Бог творец на нилскиот коњ, не може да биде победен од човек“. Денес се разбира Јов би можел да погледне во било кој учебник за запознавање на природата и да му одговори на Господ на поставените прашања, меѓутоа тогаш само се покајал: “Јас знам, Твојата моќ е безгранична: што и ќе наумиш можеш да го направиш тоа. Кој е тој кој со безумни зборови ја помрачува божествената промисла? Затоа, зборував, но не разбирав, за чудесата што мене ми се несфатливи“ (овде сигурно мисли на тоа како станува водата тврда и по кој пат се дели молњата).

Откако ја научил лекцијата која сакал Господ да му ја даде, како награда Господ издејствувал restitution ab integrum (или: поврат во поранешната состојба).

Што е поуката што треба да ја добиеме од приказната за Јов?

Прво: се што се случува во нашиот живот (и добро и лошо) е по воља на Господ. Сатаната самиот не може да му нанесе никакво зло на човекот доколку не добие дозвола од Господ. Господ има моќ над Сатаната и тој одредува што ќе прави, а што нема да прави. Од ова произлегува дека не треба да фрламе со дрвја и камења по Сатаната и да се плашиме од него, туку од Господа. Сето зло што ни се случува доаѓа од Бога лично.

Второ, човек ниту може да разбере ниту пак треба да се обидува да разбере зошто му се случуваат лошите работи во животот. Сето тоа е чиста божја работа. Страдањето може да е доведено во нашите животи за да не прочисти, за да не тестира, за да не научи како да го зајакнеме духот. Независно од страдањето (кое во принцип секогаш доаѓа од Господ) тој заслужува и ја бара нашата безрезервна љубов и верба.

Овде е изречена и онаа значајна поставка, дека голи сме се родиле и голи ќе си умреме (или Господ дава и Господ зема).

Трето, некогаш може да ни се чини дека Господ не го казнува нечесниот (па ни изгледа дека овој баш убаво си живее и супер си поминува низ животот), меѓутоа, тоа е само заради тоа што казната на Господ не е секогаш јавна или пак ние не можеме да ја сфатиме.

Четврто, Господ не дава никому отчет и никој не смее да го праша, зошто нешто направил и не смее да му укаже на евентуална грешка.

Во врска со ова ме мачат неколку прашања:

<!–[if !supportLists]–>1.

1. Ако навистина важи тоа дека Господ дава и Господ зема, тогаш  зошто нашата црква се врзува за некои многу небитни и минливи  прерогативи на човекот (како на пример нација, држава, име)? Се е од Бога па како дошло така ошло и нема зошто да се секираме.

2. Ако е Господ тој што решава што ни се случува, тогаш Божја воља е ова што ни се случува со името. Не можеме да ја сфатиме причината заради која тоа ни го прави, меѓутоа треба да го прифатиме и да се потчиниме. Секое спротиставување и поставување на прашањето, зошто, е чисто богохулење.

3. Ако е вистина дека “човекот се раѓа за страдањата, како што орловиот лет се стреми кон висината“, тогаш ние само ја исполнуваме својата однапред зацртана (и на Бога благоугодна) судбина.

Мислам дека нашите патриоти ќе мора да се решат, или се патриоти или веруваат во Бога. Не може и едното и другото.

За останатите делови од Книгата на мудроста следниот пат.

Leave a comment

Your email address will not be published.