ВЕРОНАУКА (9)

Гледам, многу ја запоставив својата задача – читање на Библијата според Најче. Тоа не значи дека престанав да ја читам (не, секоја вечер пред спиење читам барем неколку страни, со што сигурна сум не можат да се пофалат дури ни голем број извикани верници), меѓутоа сметав дека е добро да направам пауза во пишувањето.

На ред дојдоа псалмите, пословиците и проповедникот.

Псалмите (150 на број) всушност претставуваат некој вид кратки обработки на различни теми кои би требало да ги поучат луѓето и да им дадат додатна претстава за тоа што е добро, а што лошо, што треба, а што не треба да прават. Голем дел од нив претставува некој вид на примитивни драмски обработки во кои е наведено и како да се изговараат и во придружба на кои инструменти.

Photobucket На пример, добриот верник не треба да го следи советот на нечесните, да оди по патот на грешниците и да не се однесува исто како потсмевачите. Добриот верник треба да се плаши од Господа и во исто време да му се радува – за мене оваа порака содржи голема доза на мазохизам..

Photobucket Дел од псалмите им објаснуваат на верниците колку Господ ги сака и што се убавини ќе им направи и во исто време колку не ги сака оние што не веруваат во него.Посебно често се повторува тврдењето дека нечесниот ќе настрада од сопствената нечесност и дека Бог секојдневно се гневи на безбожниците. Сведоци сме на ситуација во која ова тврдење не наидува на соодветна потврда во праксата (некако немам впечаток дека “излева жар и сулфур врз грешниците“ или пак дека огнен ветер е дел од нивната чаша,  меѓутоа, како што беше порано кажано, не можеме да ги спознаеме патиштата Господови.

Ми се допадна Псалмот 15 – кој е достоен да се јави пред Бога?

“Оној кој оди непорочно, кој твори правда и зборува вистина од своето срце; кој не клевети со својот јазик, кој не му прави зло на ближниот и кој не го срамоти својот сосед. Кој го презира лукавиот, а ги почитува оние кои се бојат од Господа; кој се заколнува на своја штета, па не се одречува; кој не го дава своето сребро за добивка и не прима поткуп против невиниот.“ (стр. 595). Мислам дека на овие барања не ќе можат да одговорат најголем број од нашите свештаници и паствата што ги следи.

Господ има обичај да дава ветувања кои очигледно не може да ги исполни. Така во 37-от Псалм се вели: “Смири се пред Господа и надевај се на Него, не дразни се заради оној кој напредува на својот пат, заради човекот кој кове подлост. Стивни го својот гнев и остави ја лутината, не се дразни за да не направиш зло. Зошто злосторниците ќе бидат сотрени, а кои се надеваат на Бога ќе ја наследат земјата. Уште малку и ќе го снема безбожникот, ќе го бараш неговото место, а него веќе ќе го нема. Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилие и мир“. До кога бре Господе? Ваква лага нели тешко се проголтува дури и обложена со многу вера?

Малку ме збуни тврдењето дека безбожноста е генетски предодредена. Имено, во Псалмот 58 се вели: “Безбожниците се на крив пат уште од раѓањето, лагачите се на крив пат од мајчината утроба. Во нив е отров како во змијата…“. PhotobucketОва е прилично апсурдно и во спротивност со актот на крштевање и со наводната чистота на децата (ама, патиштата на Господа …).

Псалмот продолжува прилично сурово барање Господ да им ги скрши забите во устата, да им ги здроби вилиците на лавчињата, да ги обезглави, да не видат сонце како пометнато новороденче. “Праведникот ќе се израдува кога ќе ја види одмаздата, нозете ќе ги измие во крвта на злосторникот“ (тоа во крвта на она лошто бебе од мајчината утроба).

После Псалмите доаѓаат пословиците.

Има тука се и сешто: предупредување против блудница, за безумна жена, поука за знаење и за мудрост, за праведна и грешна уста, за зборови на мудар и на глупав, ризници на грешен, скапоценост на добро име, лакоми јадења, … Ќе набројам само неколку бисери на мудроста:

“Стравот од Господа е почеток на мудроста“

“Казнувај го својот син додека има надеж и не се возбудувај од неговото викање“

“Камшик за коњот, узда за ослето, а прачка за плеќите на безумникот“.

Има секако и многу корисни како Соломоновите изреки:

“Кога ќе најдеш мед, јади умерено, за да не се прејадеш и да го изблуеш изеденото“

“Подобро е да се живее под работ на покривот, отколку во заедничка куќа со препирлива жена“

“Неистражливи се: небото во височината, земјата во длабочината и царевото срце.

“Ретко влегувај во куќата на твојот ближен, да не се засити од тебе и да те замрази“.

Photobucket После пословиците доаѓа Проповедникот. Сметам дека во овој дел е содржана најдлабоката општочовечка порака на поколенија од луѓе кои ја создавале Библијата. Има неверојатна уметничка жичка и содржи длабоко филозофски размисли за смислата на животот, за развојот, за суштината на човекот. Спомнувањето на Бога е занемарливо во прекрасната размисла која ни ја пружа “Проповедникот, Давидовиот цар во Ерусалим“ или, Соломон. Во одредени моменти текстот е застрашувачки во својот дефетизам (на пример, во прологот: Суета над суетите, се утврдува мудрецот утврдува дека: “Што било пак ќе биде, и што се правело пак ќе се прави, и нема ништо ново под сонцето“).

Photobucket

Неверојатно моќна е воздишката на мудрецот “Многу мудрост – многу јад; што повеќе знаење тоа повеќе болки“. Во натамошната анализа на мудроста и глупоста, неминовно доаѓа до заклучокот дека: “Мудроста е подобра од лудоста, како што е светлината подобра од темнината. На мудрецот очите му се во главата, а безумниот скита во темнина“. Меѓутоа, повторно заклучокот е прилично црн: ““Но знам исто така дека двајцата ги стигнува иста коб. Затоа си реков: каква е судбината на лудиот таква ќе ми е и мене. Зошто тогаш да сум помудар од другите. И реков во срцето, и тоа е суета. Зошто ни мудриот ни безумниот немаат траен спомен: по некое време заборавот ќе ги покрие двајцата. И мудрецот умира како и безумникот. Го замразив животот, зошто ми се стори тешко се што се збиднува под сонцето: зошто се е суета и тежина на духот“. Мислам дека заклучоците кои ги изведува Проповедникот, не се секогаш во духот на Божјото слово, меѓутоа најверојатно баш затоа и толку ми се допадна целиот овој дел.

Photobucket Многу ми се допадна делот под наслов “Пропаст од глупост и помош од мудрост“. Меѓу другот вели: “Има зло што го видов под сонцето како претстап што доаѓа од владететлот: безумните се издигнуваат на највисоки места, а богатите заземаат ниски положаи. Видов слуги на коњи, а кнезови кои одеа пеш како слуги“. Мислам дека би требало малку да размислат за симболиката на оваа порака оние кои моментално се наоѓаат на власт.

Прекрасното дело содржано во Проповедникот во кое е концентрирана голема мудрост и висперност и познавање на животот, се разбира завршува со изрека која е апсолутно спротивна на се што е претходно кажано и која што го грди целиот текст со својата бесмисленост.

Photobucket

Да го чуеме завршниот збор за се: Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зошто во тоа е се за човекот. Зошто сите скриени дела, било добри или зли, Бог ќе ги изведе на суд“. Јас ја чувствувам оваа порака како вештачки накалемена и мислам дека едноставно не треба да и се обрнува внимание.

За Песната над песните нема да зборувам. Таа треба да се прочита. Едноставно е прекрасна. Во неа го нема Господ, меѓутоа има многу љубов и секс и телесни задоволства и човечки емоции.

Photobucket

“Додека царот се одмара на своите постели, мојот нард мириса. Мојот возљубен е како страк смирна, што почива меѓу моите гради. Мојот возљубен е како кипров грозд од енгадските лозја“. “Мојот возљубен ја провна раката низ отворот и сета моја внатрешност се возбуди од него. Станав, за да му отворам на мојот возљубен, а од мојата рака капеше смирна и потече низ прстите на рачката на клучалката“.

Неверојатен спев кој во себе ја сублимира бесмртноста на човечката љубов во ода на младоста, радоста и телесните страсти. Едноставно нема врска со Библијата, ама е многу добро што се нашла тука.

Leave a comment

Your email address will not be published.