ЈАС – ЦРНА ОВЦА

Ова со црнава овца испадна многу интересно. Мислам правецот во кој се разви дискусијата и различните реакции. Едни мислат дека е тоа израз на елитизам, други на двоење, трети дека тие што се нарекуваат црни овци, всушност и не се баш црни овци, а четврти дека не може некој сам да си се нарече црна овца.
Морам да кажам дека името црна овца воопшто не беше посебно сериозно разгледувано од филозофска, психолошка, социолошка или чисто биолошка страна. Едноставно беше предложено и им се допадна на сите. Мислам дека секој од луѓето на платформата црна овца има некое свое видување за тоа што претставува самиот поим и си дава поинакво значење.

Што значи за мене поимот црна овца и зошто се согласив платформата да го има тоа име?http://mellyrnleaf.deviantart.com/art/black-sheep-13384625
Прво, црна овца по својата најкласична дефиниција претставува некој облик на исклучување (ексклузија), отфрлање, неприфаќање, маргинализација. Вообичаено се однесува на член на одредена група кој има проблематична репутација според вредносните стандарди на мнзинството. Бидејќи од најмали нозе сум застанувала на страната на послабите и маргинализираните, сметав дека името црна овца сосема добро одговара на мојата намера на блогот да продолжам да ги застапувам интересите на овие групи луѓе.
Второ, како што можеше да се види во изминатата година (а и во преписката во врска со отворањето на новата платформа), значаен број блогери прилично негативно ме перцепираат мене самата, мојата работа, моите ставови, анализи и пораки. Друг дел само мислат дека сум чудна. Многу помал можат да го сварат со леснотија она што го кажувам. Само по себе ова ме сместува во дефиницијата на црна овца.
Трето, коешто директно се надоврзува на корените на самиот поим, е неменливоста и неприлагодливоста на црната боја. Имено, волната со црна боја не може да се меша во предивото заедно со другата волна, нема доволно црна волна за да може засебно да биде употребена и не може да се фарба во други бои. Само спорадична карактеристика поврзана со ова е верувањето дека црната волна е знак и белег на ѓаволот (или, овие овци се обележени од страна на ѓаволот).
Четвртото е поврзано со едно од значењата кои ги добива терминот, а тоа е дека црната овца во групата е оној кој се осмелува да ја каже вистината на глас и тогаш кога другите не се спремни да ја слушнат, не сакаат да ја слушнат, мислат дека е несоодветно времето или местотот или едноставно поудобно им е да се залажуваат.

Лично мислам дека името црна овца е добро избрано и од една многу практична причина. Имено, не е баш секој спремен да биде перцепиран како поинаков, како непожелен или како исклучок од правилото. Луѓето кои се сперемни во името на своите убедувања да застанат наспроти општоприфатеното и да го истрпат социјалниот притисок, вообичаено немаат ништо против називот црна овца.

Поимот црна овца се развил како претежно негативен и омаловажувачки. Со време, со промената на ставот кон луѓето кои поинаку мислат и со развојот на концептот на толеранција и почитување на разликите, поимот добива и позитивен прозвук. Во оваа смисла, многу тешко може поимот црна овца да се поврзува со било каков елитизам, меѓутоа во секој случај значи помала група луѓе, поинаква и прилично лесно препознатлива.

А можеби и не мораше да се наречеме црни овци? Можеше на пример да бидеме црни филџани.

Leave a comment

Your email address will not be published.