ЗА ПУШЕЊЕТО

Јас сум непушач. Закоравен, природен, непомирлив. Мислам дека пушењето го нарушува здравјето и на тие што пушат и на тие што се околу нив. Исто така мислам дека големите тутунски босови го стимулираат создавањето нови пушачки армии кои ќе ја возобновуваат одново и одново нивната неприкосновена моќ.

Меѓутоа, и покрај се ова, имам проблем со забраната на пушење во сите затворени јавни места.Од неколку причини.

1. Имам проблем со забраната како забрана. Историјата покажува дека забраните никогаш (или многу ретко) ги решаваат проблемите. Примерот на прохибицијата е еден од драстичните примери за неефикасноста на забраната. Или, криминализацијата на комерцијалната сексуална работа. Забраните од ваков широк размер или сеопфатните забрани се најпроблематични. Тие вообичаено водат кон создавање моќно подземје и нанесуваат уште поголема штета.

2. Имам проблем со дискриминацијата. Во случајов цела една група луѓе е изложена на поинакво постапување заради една карактеристика. Одеднаш сите затворени јавни простори стануваат недостапни за одредена категорија луѓе. Се до тоалети. Потполна ексклузија во ерата на промоција на инклузијата? Цела низа права се проблематизираат со една ваква забрана (движење, здружување, работа, …)

3. Имам проблем со недоследноста. Ако се смета за болест тогаш така треба и да се третира. Многу мал број заразни болести подлежат на карантин и тоа само заради нивната заразност (преносливост). Ако зборуваме за штетното влијание на пушењето врз останатите, тогаш би требало тоа да се стави во корелација со другите штетни влијанија кои луѓето ги трпат како данок на сопствениот избор. На пример во однос на издувните гасови од автомобилите, или фабриките, брзата храна, пепстицидите, …

4. Имам проблем со слободата на избор. Изборот значи информираност за последиците, услови во кои се избира со полно знаење за материјата за која станува збор, свест за влијанијата кои се вршат.

5. Имам проблем со нелогичноста. Имено, доколку идејата е заштита на непушачите (посебно децата) одлуката за забрана на пушење во јавните затворени простории е потполно нелогична. Во таков случај пушачите ќе се ориентираат на пушење во приватни услови што директно ќе влијае на средината во која растат и се развиваат децата.

5. Имам проблем со погрешноста на пристапот. Ако сакам намалување на пушењето го намалувам прозиводството. Тоа значи ограничување на просторот за садење тутун, повисоки такси за тутунопроизведувачите, посебни заштитни мерки кои треба да се превземат за заштита на здравјето на работниците кои работат во оваа индустрија, забрана на семјно одгледување тутун, како можен извор на штетни влијанија врз сите (и пушачи и непушачи).

Заради сето ова, мислам дека едноставната сеопфатна забрана на пушењето во затворени јавни простории не е решение на проблемот. Решението мора да се побара во друга насока. На пример:

1. Наместо постоење на сеопфатна забрана, селективна забрана. Селективна забрана за одреден простор (на пример, секаде каде што има деца) или забрана за пушење во јавност за одреден вид професии (доктори, наставници, политичари, естрадни уметници) кои можат да имаат влијание врз конкретни групи и кон одредена насока на развој на јавното мнение.

2. Наместо рекламирање да се пристапи кон контра реклами во кои ќе бидат дадени информации за штетните последици од пушењето.

3. Да се вложат напори запродуцирање што е можно поголем број средства за одвикнување од пушење и овие средства да станат достапни или дури и бесплатни.

4. Да се вложат напори за развој на помалку штетни продукти кои ќе го намалат влијанието врз околината.

5. Да се создадат слободни пушачки зони (ресторани, четврти од градот, трговски центри, авионски линии и сл.).

Сигурна сум дека постојат алтернативи на простата забрана со сомнителен ефект.

Comments (7)

GoodBytesDecember 8th, 2008 at 5:34 pm

2. Дискриминација

Не знам колку држи ова тврдење за дискриминација… особено не тврдењето „сите затворени јавни простори стануваат недостапни за одредена категорија луѓе“. Јавните простори НЕ се забранети за никого, туку пушењето во нив е забрането, исто како што е фрлањето ѓубре, плукањето или, прости на изразот, уринирањето.

Инаку во Калифорнија имало иста ваква забрана за пушење на сите јавни простори, но сепак мислам дека има (многу, многу ретки) места за пушење. Јас такво видов само еднаш, во Sea World во Сан Диего, имаше една (празна) клупа со две корпи за пепел и знак за дозволено пушење, но од друга страна пак, во цел аеродром нема ниедно место каде што смее да се пуши, за разлика од, на пример, аеродромот во Вашингтон, или Виена, каде има специјални пушачки соби. Но друго ми беше зборот: еден мој пријател ми кажа дека неодамна слушнал од медиумите дека бројот на продадени цигари се намалил за повеќе од 3 пати откако се вовела оваа забрана.

Инаку немам некој дециден став за законов, туку само си нафрлам мисли. Додуше, повеќе тежнеам ЗА отколку против (исто имајќи ги во предвид ограничувањата, кои либералното во мене не ги сака). :-)

kittycatDecember 8th, 2008 at 6:34 pm

Во Англија воведоа релативно скоро забрана за пушење во јавни затворени простории. Мене ваквата идеја ми е милина. Не гледам зошто било кој има право мене да ме труе! Надвор може да се рече дека има голема дилуција на чадот, меѓутоа во затворени простории присуството на пушачи е проблем за мене. Вака и рестораните се поубави и кафеата и работните услови.

Ги разбирам аргументите кои се наведени тука, меѓутоа правото на еден човек завршува таму каде што правото на друг човек почнува, така? Ако некој сака да пие алкохол тоа не е мој проблем се до моментот додека тој човек не седна зад волан на кола и го загрози мојот живот. Затоа нека пијат колку сакаат, ама не смеат да возат пијани. Ако некој сака да плати за секс тоа па воопшто не ме засега или загрозува мене. Но ако некој пуши во затворена просторија со мене тоа веднаш ме засега и загрозува. Ако некој сака да го ризикува своето здравје тоа ми е во ред, но не ми е во ред да го ризикува моето здравје.

Андреј2008December 8th, 2008 at 7:06 pm

Јас пушам цигари или по нашки пури (големи и мали), и тие не ствараат зависност и можам да ги пушам кога сакам. Бидејки за една ми треба отприлике 45 минути обично и си ги пушам дома (сега во дворот ради Андреј). Но и покрај тоа ми смета овој закон. Пред се затоа што се работи за забрана на зависност (пушењето е зависност како и многу други ) која со забрана не може да се излечи. Се нарушуваат човековите права на избор.

Што се однесува до загаденоста, ништо не е помала онаа од издувните гасови ама против тоа нема никој пртив затоа што автомобилот го користат сите , па никој не сака да се откаже од тој комотитет.

Лично сметам дека треба да се врати во сила член три од законот кој во последните промени е избришан со кој ке се определат во фирмите простории за пушење. Уште и би додал, истите да бидат опремени со филтри (пред некој ден добив на маил фирма која се бави со професионални филтри за пушачки простории и за секаков вид простории, значи светот тоа го решил).

Што се однесува до загрозување на животот и средината, тогаш треба веднаш да се тужат САД пореди бомбардирањето на Србија со осиромашен ураниум и истурањето на неексплодираните бомби на наша територија со што ни е загаден воздухот и водата за наредни стотињак години. Пушењето према ова е мачји кашаљ. А бог зна колку радиоактивен отпад имаме низ Македонија за кој не знаеме.

БранкаDecember 8th, 2008 at 11:18 pm

Бев пушач цели 17 години, во континуитет, без ниеден ден пауза, со по 2 кутии цигари на ден!!! Престанав да пушам пред 7 месеци, кога забременив. И морам да признаам дека од тогаш за прв пат се почувствував како непушач: за првпат можев да почувствувам дека облеката и косата ми мирисаат на чад откако ќе се вратам од “град” :)

Но, и додека бев пушач, секогаш пазев на останатите околу мене, и ги почитував правилата за места за (не)пушење. Дури и пред (предходниот) закон (тогаш само поединци забрануваа пушење: одредени такси возила, одредени јавни простории-канцеларии, “на гости” дома кај непушачи…). И стварно не ми беше тоа воопшто тешко. Дури и за пушач каков што бев, со по 2 кутии на ден.

Сметам дека овој закон е преригорозен, и дека треба да си останат специјалните места за пушачите. Во посебна просторија за пушење, чадот никому нема да пречи. Не ми пречи ни сега, како непушач.

БранкаDecember 8th, 2008 at 11:21 pm

Заборавив да го споменам мојот омилен пример во врска со ваков еден закон. Во Холандија пред некој месец (летото некаде) започна да се применува забраната за пушење на сите јавни места. Тоа ги опфаќа дури и кофи-шоповите, каде марихуаната е легална, но употребата на тутунот е строго казнива! Е тоа е навистина парадокс! :) Smoking kills, joint lives! :)

tunicDecember 8th, 2008 at 11:47 pm

Јас сум непушач и стварно ми смета кога јадам а околу мене чадови. Од тој аспект мене ми е ок оваа забрана. Меѓутоа очигледно е дека владата има погрешен пристап во справувањето со зависностите. Таа удира само по зависниците, т.е конзументите , но никако и по производителите. Значи се труди конзументите да ги прикаже како непогодни, или како милуваат да кажат „ социопатолошки појави„ а никако да ја прифатат сопствената одговорност и да понудат други мерки. Забрана за рекламирање, повисоки цени на цигарите, слободни зони за пушење се само некои од мерките кои би требало да се применуваат. вака како што е сега мене ми личи само како уште една акција против „непогодните„, болните итн.. Некој убаво кажал, најстрашно е кога тој што незнае мисли дека се знае. Јас би додал, уште пострашно е ако тој управува со државата.

GoodBytesDecember 10th, 2008 at 4:45 pm

Време: Пушачите ќе здивнат до 2010 година

„… Одложувањето на Законот важи само за пушењето во места каде што се служи храна. Останува спроведувањето на делот од Законот според кој е забрането пушење во сите затворени простории каде што има протек на луѓе, односно во канцеларии, ходници, државни здравствени и социјални институции, болници и судови. Исто така, забрането е какво било рекламирање цигари…“

Изгледа дека сепак е најдобро да се одредуваат места за пушење и да се подигнат акцизите.

Leave a comment

Your comment