ЦРТИЧКИ ОД ПОЛИТИЧКАТА СЦЕНА (1)

Во јануари 2008 година премиерот Груевски изјави дека нема намера да иницира предвремени избори.

Потоа најголемата владеачка партија ВМРО ДПМНЕ се определи за вонредни избори, оценувајќи дека опозицијата намерно ја блокира работата на Собранието, а премиерот  му се обрати на Собранието со зборовите:

“Поводот е фактот што огромен број од законите кои ги донесовме како влада заглавуваа во Собранието, дека нашите напори, нашата посветеност заглавуваше и исчезнуваше кога ќе дојдеше до Парламентот. Опозицијата, од неразбирливи причини го кочеше секое донесување на законите во Собранието.
За 1 закон се дискутираше повеќе од 20 денови. За 1 закон!

Сиот наш напор паѓаше во вода, кога тоа што сме го сработеле ќе требаше да помине во Собранието. Таму бескомпромисно се кочеа реформите, се блокираше се она што сакавме да го реализираме.
Aко некој прашува зошто предвремени избори одоговорот е заради тоа. Заради кочењето на парламентот, свесното кочење на реформите, заради партиските интереси на опозиционите партии.
Почитувани, на Република Македонија и е потребен нов парламент. Нам ни треба нов мандат за да можеме побрзо да ги носиме реформите и побрзо да ги носиме законите, кои ќе треба да донесат подобар живот за граѓаните, кои ќе помогнат побрзо достигнување на стандардите на членките на ЕУ.
Со силно мнозинство, со подобри услови за работа, парламент кој ќе дебатира, кој ќе биде вистински носител на волјата на граѓаните и носител и столб на демократијата.“

Останатите членови на ВМРО само ја повторija истата песма со ист глас. Моќно.

Изборите беа и поминаа. Парите и времето се потрошија. Сега може да се види резултатот:

1. Донесување закони по итна или скратена постапка. Наместо 20 дена за донесување на еден закон добивме 20 секунди. Експресно беше девалвирано Собранието, демократијата и владеењето на правото. Се за доброто на народот. Од страна гледано и не било толку добро. Затоа добивме извинување од самиот спикер на Собранието Велјановски кога го искараа странците. Тој се посипа со пепел и призна:„Грешка беше носењето толку голем број закони по итна постапка… нема да се повтори таков начин на носење закони, со таков обем“

2. Сега се случува нешто друго – неефикасност на парламентот кој не може да обезбеди кворум. За ова не сме добиле уште извинување, меѓутоа добивме објаснување: голем дел од пратениците од владеачките партии се на пат, а пратениците од опозиционите партии го користат тоа и ја саботираат работата на Собранието. Зар не спроведовме вонредни избори со образложение дека опозицијата го кочи одлучувањето во Парламентот? Зар не требаше токму вонредните избори да обезбедат такво мнозинство кое што ќе спречи блокирање и неефикасност на Собранието? За што станува збор сега? Некоја нова подметачина? или, за ново оправдување? или, …?

Почнувам да се прашувам:

дали сме навистина толку глупави за да може да го проголтаме и ова?

Leave a comment

Your email address will not be published.