ПРЕцЕДАТЕЛИЈАДА (4)-Ѓорѓи Иванов

Многу ми беше тешко да седнам да напишам збор два за кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓи Иванов. Не дека не го сакам или го сакам. Едноставно впечатокот за него ми е толку безличен што морам прилично да се потрудам за да може да оформам некоја слика и мислење. Тој себе си се нарекува обичен. Можеби и има право. Јас би рекла, некој толку ординерен што ни на сон не може да биде наречен лидер.

Во таа смисла, сметам дека Ѓорѓи Иванов е апсолутно единствен можен избор за кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Не како индивидуа, туку како профил на човек. Тука сум апсолутно сигурна дека во државата има многу такви како него и прашање на моментална коњуктура е кој од нив ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорѓи Иванов во многу нешта наликува на претходниот успешен кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Борис Трајковски. Потполно непознат, неважна фигура на политичката, невладината и академската сцена, без изградени сопствени ставови, со многу флексибилен став кон принципите кои ги дефинира зависно од сопствените бенефиции или (многу почесто) можните закани и притисоци од надвор.

Исто како и претходникот, не се истакнува со посебна харизматичност, не е елоквентен, нема некои посебни знаења или некоја било каква препознатлива карактеристика. Најверојатно тоа го прави пожелен за партиските моќници кои стојат зад него.

Што ќе понуди Ѓорѓи Иванов како претседател на Република Македонија. Навистина не знам. Не можам ни да замислам што може да понуди. Тој самиот тврди дека ги застапува ставовите и вредностите на ВМРО-ДПМНЕ како партија којашто “обединува и сплотува“ и “зад чии идеи треба да се застане“. Според Иванов треба да се обединиме околу вредностите со кои ќе станеме “нормална европска држава со европски вредности и европски критериуми“. Ако ги поврзиме овие две работи, Ѓорѓи Иванов не повикува да се обединиме во поддршката на: десекуларизација на државата, внесување на традиционално-религиозните вредности во образованието, анатемисување на хомосексуалците, забрана на абортусот, реафирмација на улогата на жената како машина за раѓање деца, и се разбира, промоција на политичката припадност  единствен предуслов за вработување и напредување во кариерата,  како европски вредности.

Едно нешто ми падна во очи. Првиот ден после добиената поддршка, Ѓорѓи Иванов се затрчал и отишол во Чешката амбасада. На распит? Да им каже што ќе прави како претседател? Или да му кажат што да прави? Или да добие благослов? Што би барал еден кандидат за претседател во Амбасдата на друга држава? И во истиот ден на медиумите беше лиферуванат информацијата за сите негови “протоколарни“ посети. Човекот или не знае што треба, а што не треба да прави. Или нема кој да му каже. Или толку е среќен што го викнале на разговор во некоја амбасада, па се затрчал брзо брзо таму. Колку понижувачки.

Обама го запознавме преку неговите јавни настапи и дебати. Преку што ќе го запознаеме Ѓорѓи Иванов?

Минатиот претседател зад кој застана ВМРО-ДПМНЕ, не однесе во војна во која незаконски ја употреби војската против сопственото население и беше виновник за дел од цивилните жртви. Каде ќе не однесе овој?

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.