ЗА ШТО СЕ БИРА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДРЖАВАТА

Во предизборно – изборните кампањи веќе почнаа да се спомнуваат разно-разни работи кои кандидатите за Претседател на државата ќе направат доколку бидат избрани на оваа функција (влез во Европа, прекин на изолационизмот, решение на спорот со името, обединување, давање глас на тие кои го немаат, па тадури и економска благосостојба во земјата).

Функцијата Претседател на државата е значајна, меѓутоа ни од далеку ја нема моќта која и се припишува во прмотивно-пропагндните активности на кандидатите, а најмалку од се Претседателот може да направи нешто што е спротивно или надвор од севкупните случувања во државата. На пример: како може Претседателот на државата да не внесе во ЕУ без исполнување на препораките во однос на:  полицијата, затворите, изборите, администрацијата, слободата на медиумите, децентрализацијата и сл. врз кои нема влијание (директно, а во некои случаи ниту индиректно).

Претседателот на државата е дел од поделената власт. Тој може да биде добар претседател (позитивен елемент кој со сопствената соодветна работа во рамките на функциите определени со Уставот и со својот пример во еден сегмент од власта ги промовира и практикува европските вредности) или лош претседател (кој ги користи ингеренциите со кои располага на начин кој значи непочитување на европските вредности и кој негативно влијае на вкупната политичка атмосфера во државата). Ни најдобриот претседател не може да не помрдне ни за инч поблиску до ЕУ доколку останатите делови од поделената власт делуваат во спротивна насока, и, и најлошиот претседател не може да го запре напредувањето кон ЕУ доколку сите други елементи работат во оваа насока.

Ова воопшто не значи дека Претседателот на државата нема значајна улога во процесите кои се одвиваат во Република Македонија. Само не треба да се мешаат желбите и стварноста, ниту пак, улогата која може да ја има еден диктатор во однос на улогата на претседателот како еден од факторите на власта во демократска држава.

Според Уставот, претседателот на државата има две основни функци и: да ја претставува државата и да раководи со вооружените сили.

Претставувањето на државата е поврзано со:

  • поставувањето и отповикувањето амбасадори и пратеници во странство (чл. 84)
  • приемот на акредитивите и отповикните писма на странски дипломати (чл. 84)
  • склучување меѓународни договори (чл. 119)
  • предлагање да се стапи во сојуз или заедница (или да се истапи од таков сојуз) со други држави (чл. 120)
  • предлог за стапување или истапување од меѓународни организации (чл. 121)

Раководењето со вооружените сили и делувањето во случај на воена состојба е поврзано со:

  • именувањето тројца членови на Советот за безбедност (чл. 84)
  • претседател е на Советот за безбедност (чл. 86)
  • предлог за прогласување воена состојба (чл. 124)
  • прогласување воена состојба доколку Собранието не може да се состане (чл. 124)
  • можност за именување и разрешување на Влада и на други функционери во време на воена состојба (чл. 127)

Претседателот е и еден од факторите на меѓусебна контрола во практикувањето на највисоката државна моќ. Контролата се остварува преку:

  • потпишувањето на указот за прогласување на законите (чл. 75 од Уставот)
  • доделувањето на мандатот за формирање Влада (чл. 84)
  • предлагањето двајца судии на Уставниот суд (чл. 84)
  • предлагање двајца членови на Судскиот совет (чл. 84)
  • давање помилувања во согласност со законот (чл. 84)
  • давање мислење на Собранието за одредени прашања (чл. 85)
  • предлагање промена на Уставот (чл. 130)

Во секој од сегментите на остварувањето на својата функција претседателот е упатен на соработка со другите делови од власта, зависен е од нив и комплементарен со нив.

Тоа значи дека е апсолутно непродуктивно да се има претседател кој ќе биде изолиран од сите други делови на власта или претседател кој ќе биде потчинет на било кој од другите елементи на власта.

Leave a Reply

Your email address will not be published.