Мое Скопје. Мој Град. Мој Живот.

ИЗБОРНА ПРОГРАМА

За Град каков што им е потребен на Скопјани

За Град каков што нашиот тим е подготвен да изгради

Град по мерка на своите граѓани. Град по мерка на детето, град којшто се грижи за постарите граѓани, за граѓаните со посебни потреби. Град  каде мажите и жените се чувствуваат еднакво убаво и сигурно.

Град каде го живееш својот живот. Секоја своја радост и болка.

Иднината на Скопје ја гледаме во неговиот одржлив развој. Темелите на одржливиот град ги претставуваат:

Економија – во којашто економските активности  не го нарушуваат заедничкото добро, коишто се самообновувачки и се базираат на  локалните капацитети.

Екологија – којашто гледа на луѓето како дел од природата, ги идентификува  границите на природата и ја дефинира одговорноста на заедницата за заштита и изградба на природни вредности

Еднаквост – како можност за потполна партиципација во сите активности, учество во сите бенефиции и влијание во процесите на одлучување на сите граѓани

Ваквиот пристап значи голема промена во перцепцијата на Градот, неговите приоритети и методологијата на нивното остварување. Потребна е промена во положбата на Градот, во неговото менаџирање, во односот со централната власт, но и промена во свеста на граѓаните и нивното секојдневно делување.

Изградбата на одржлив град бара  нов пристап кон сите случувања во Градот, нова насока во развојот, сосема нов начин на делување, во коишто заштитата на животната средина, економскиот и социјалниот развој се нераскинливо поврзани, а сите решенија се донесуваат во партнерство меѓу граѓаните, локалната  и централната власт.

Ова во никој случај не подразбира почнување од почеток, туку значи надградба на се’ добро што е досега направено и развивање на сите започнати позитивни процеси.

Изградбата на одржлив град подразбира:

-       Високо вреднување на квалитетот на животот

-       Почитување на природата

-       Оптимизација на клучните ресурси

-       Прилагодување на планирањето со капацитетите

-       Поддршка на животните циклуси

-       Проактивен приод и одговор на барањата на денешнината

-       Вреднување на различноста

-       Зачувување на културното наследство

Дефинирањето на изградба на одржлив град ги одредува генералните вредносни параметри (многу јасно станува што смее , а што не смее да се прави, како можат, а како не можат да се прават работите, што е лошо, а што е добро за граѓаните).

Само во услови на јасна цел и дефинирана методологија за постигнување на оваа цел, може да биде надминат моменталниот хаос којшто постои во одлучувањето,   во активностите што се превземаат и во одговорноста за она што се случува. Хаосот овозможува манипулација на граѓаните, политичко самоволие, неконтролирано искористување на ресурсите и уништување на сегашноста и иднината на Градот.

Нашата програма е насочена кон такви организациони промени на Градот кои што ќе ги постават темелите на неговиот одржлив развој и ќе обезбедат квалитетен живот на граѓаните денес без да биде загрозен животот на идните генерации.

Вака поставената програма подразбира системски приод и кумулативно делување во неколку области:

А) ПЛАНИРАМЕ

-       глобална стратегија и план за развој на градот во наредните 50 години – Градот Скопје како една административна и функционална целина

димензионирање на Скопје во рамките на генералниот урбанистички план и прогласување на мораториум на просторното и популационо ширење на Градот (мораториумот ќе се заснова на зголемување на мобилноста на луѓето на ниво на држава и воспоставување комуникациски канали со сите населени места, а со цел воспоставување нов баланс меѓу општините на територијата на Република Македонија и Градот Скопје)

-       промоција на децентрализацијата и дислокација на одредени структури коишто се концентрираат во Градот Скопје

(културни, образовни, религиозни, административни)

Б) ЌЕ ЈА КОРИСТИМЕ  И ЌЕ ЈА МЕНУВАМЕ РЕГУЛАТИВАТА

-       за развој на Скопје како компактна и хармонична урбана целина

(во којашто Градот има реална власт над сопствената територија и реални права на управување како сопственик на градежното земјиште на Градот)

-       за прецизирање на надлежностите и дефинирање на односите со централната власт

(недвосмислено посочување на службите и надлежностите коишто им стојат на располагање на граѓаните за задоволување на нивните потреби и интереси, точно лоцирање на одговорноста, создавање услови за контрола и мониторинг од страна на граѓаните)

-       за подобро финансирањето на градот

(промени во дефинирањето на даноците и процентот којшто се издвојува за потребите на Градот: воведување диференцирани издвојувања за Градот од даноците на имот и на промет, промена на законските одредби со коишто Градот обезбедува значаен приход од изградбата на до тогаш неизградени површини со што се стимулира освојување на зелените површини и нивно покривање со објекти )

-       за дефинирање на минимум стандарди на услугите што им се пружаат на граѓаните

(со цел воедначување на положбата на граѓаните на целата територија на Градот)

-       за формирање урбана (градска) полиција што ќе го подигне нивото на сигурност на живеењето во Градот и ќе соработува со јавните претпријатија во остварувањето на нивните надлежности.

(Формирање градска полиција со надлежности во одржувањето на јавниот ред и мир во Градот, формирање градска сообраќајна полиција за регулирање на сообраќајот на територијата на Градот, враќање на маалските позорникари)

В) ЌЕ ГО УНАПРЕДИМЕ  АДМИНИСТРАТИВНО РАБОТЕЊЕ

-       со развој на менаџментот на Градот врз основа на стручност, знаење и компетентност

o   (развивање системи од процедури, правила и критериуми за секоја област од делувањето на Градот, кои ќе бидат однапред познати на сите учесници и кои практично нема да оставаат простор за политичко самоволие)

-        со изработка, ажурирање и употреба на бази на податоци

  • развој на популациона база на податоци

(популационите промени во градот, главни миграциски насоки и извори, клучни моменти на промена)

  • изработка на подземен катастар во сите фази: од анализа до проекција

(централизација на податоците за сите подземни инсталации и изработка лесно достапни информациони бази на податоци за овие инсталации)

  • создавање централизирана база на податоци поврзана со подземните води и расположивите водни ресурси на Градот

(како еден од најголемите предизвици на светот во наредните 100 години)

  • надградба на електронскиот систем на комуникација

(електронски бази на податоци,  добивање потребни информации и решавање на барањата по електронски пат)

-       со развиен систем на информирање на граѓаните

(достапни, разбирливи и редовни информации за сите прашања од интерес на граѓаните; претставување и можност за увид во сите урбанистички планови на пристапно место и на разбирлив начин за граѓаните)

-       со организационо зајакнување и максимално активирање на градскиот инспекторат

-       поддршка и застапување на граѓаните во нивните барања кога се врши незаконска интеревенција од централната власт

-       со посебен однос кон финансиите и со поевтини услуги кои ги исполнуваат стандардите

  • најниска цена на комуналните услуги, најниски даночни стапки
  • прераспределба на сите даночни приходи помеѓу Градот и Владата
  • наместо досегашните 3 % , најмалку 50% од персоналниот данок што го плаќа секоја Скопјанка и Скопјанец да се слеваат во градската каса, а не во владината
  • создавање поволен деловен амбиент во Градот
  • издавање на сите дозволи и согласности поврзани со деловните активности за период од најмногу 3 дена
  • изготвување стратегија за отварање нови работни места на територијата на Градот
  • намалување на цената на паркинг услугите за 40%
  • намалување на цената за комунална хигиена за 15%
  • намалување на цената на тнр. комуналии за 10%
  • намалување на данокот на имот за 10%

-       Со одредување на положбата на јавните претпријатија

  • системско дефинирање и воедначување на положбата на сите јавни претпријатија
  • зајакнување на техничката база на јавните претпријатија (обнова на механизацијата и опремата, зајакнување на капацитетите)
  • намалување и воедначување на процентот на ДДВ што го плаќаат јавните претпријатија
  • дефинирање на давачките кон Градот во процентуален износ
  • прецизирање на изворите на финансирање и дефинирање на начинот на наплата на сите услуги што се прават во однос на државата (ценовник за редовни и вонредни услуги)
  • дефинирање механизми за меѓусебна соработка и поддршка на јавните претпријатија (меѓусебно дефинирани бенефиции, помош, специфични услуги)

Д) ДЕФИНИРАВМЕ ПРИОРИТЕТИ

Во животната средина

-       обезбедување услови за трајно и квалитетно снабдување со вода за пиење

водата за пиење – прашање на иднината на секој голем град (трајна и целосна заштита на загрозениот извор Рашче, преземање активности за постепена промена на старата водоводна мрежа како постојан потенцијален извор на бактериско загадување на водата, санирање на клучните жаришта на можни зарази, преиспитување и ставање во употреба на резервниот систем од бунари изграден во Градот)

-       унапредување на системите за  еколошка и поевтина енергија

енергија за Градот (проекти на гасификација и прифаќање на целите на ЕУ до 2020 година да се обезбеди 20% од продукцијата на енергија да доаѓа од обновливи извори: соларна, геотермални и други алтернативни начини на добивање енергија, како и посебни стандарди за изолација на градбите)

-       стратегија за долгорочно справување со отпадот

(изградба и ставање во функција на инценерат со цел наместо негово отстранување или намалување, отпадот да се користи како извор на топлинска и електрична енергија)

-       прочистување на Вардар и враќање на животот во него

(активирање на постоечките и изградба на нови пречистителни станици за отпадните води што се влеваат во Вардар и изработка на план за постепена обнова на биосферата)

-       заштита на планината Водно

(прецизирање на урбаната граница кон Водно, интеревенција во сите незаконски урбани решенија на овој простор и воспоставување посебен режим на дозволи за било кој вид градежна интервенција)

-       заштита на слободните површини во Градот

(воспоставување нов приод кон третманот на јавните, слободни површини)

-       озеленување на Скопје

обнова на зеленилото во градотот и активна борба за зачувување и создавање нови зелени површини (создавање зелени појаси, нови паркови и зелени површини, ботаничка градина на Градот Скопје покрај Вардар на површина од неколку илјади квадратни метри, изградба на тнр. „џепни” паркови низ целиот Град)

-       редуцирање на загадување со погрешен урбанизам

превенирањето на трајно блокирање на можни сообраќајници, на поставувањето времени објекти,  на естетскиот хаос во надградбите и новоградбите, на изградбата објекти повисоки од пет ката

-       справување со слободните кучиња и мачки низ Градот

формирање градски шелтер за улични кучиња и мачки во кои ќе се врши вакцинирање и  трајна стерилизација со цел да бидат посвоени, а ќе се врши еутаназија на старите и болни животни и животните коишто не можат да бидат згрижени на друг начин.

Во сообраќајот

-       враќање на пешачките патеки на пешаците

диференцирање на површините наменети за пешаци и површините наменети за велосипеди од површините за паркирање, зголемување на пешачките зони во центарот на градот; нови пешачки патеки по целата должина на левиот брег на Вардар

-       создавање услови за масовно користење велосипеди

расчистување и обновување на постоечките велосипедски патеки и изградба на нови

-        ефикасно решавање на проблемот на паркирање во Градот по урнекот на повеќе успешни примери

изградба на катни гаражи во зоната на Мал и Голем ринг и соодветно дефинирање на цените во централното подрачје

-        зајакнување на јавниот превоз и надградба на планот за трамвајски превоз

повеќе, подобри и автобуси достапни за луѓето со посебни потреби, родителите со мали деца и повозрасните граѓани; изградба на трамвајска линија и изградба на железнички ринг со којшто Градот во првата фаза ќе се поврзе со  Аеродромот и со општините што гравитираат кон него, а во втората ќе ги опфати и трите надворешни правци кон Куманово, Тетово и Велес

-       оформување што повеќе тнр. кружни текови и осовременување на постојните крстосници

Пробив на Јужен булевар и реконструкција на бул. Св. Климент Охридски, довршување на сите приклучници кон заобиколницата, нов мост на Вардар и нова сообраќајница на западниот крај на Илинденска, воведување еднонасочен сообраќај секаде каде што тоа е можно

Во квалитетот на градското живеење

-       преиспитување на  деталните урбанистички планови и судско оспорување на сите планови донесени со суштинско прекршување на законите

(враќање во поранешна состојба секаде каде што е можно и намалување на негативните последици таму каде што реституцијата е исклучително тешка)

-       создавање Град кој облагородува

Изградба на плоштадот Карпошово востание на левиот брег на Вардар, изградба на нов кеј на левата страна на Вардар – од МНТ до МТВ, обнова на Кејот 13 ноември од Холидеј Ин до булеварот Кочо Рацин, изградба нова, репрезентативна сала за венчавки

-       брендирање на Старата скопска чаршија како простор “Стар град” – метропола на културата

Проект за претворање на Старата чаршија во мултикултурен центар на Градот (простор каде ќе се концентрираат уметнички и културни настани и ќе се стимулира туристичката понуда на Градот, каде ќе се вратат студентите преку посебни бенефиции, попусти и привелегиранио цеин, место каде ќе добијат поволни услови за работа невладини организации и културни здруженија, и каде ќе се поттикнува отворањето атељеа на уметници, студија за музичари и сл.)

-       развој на креативни индустрии со вклучување во националната стратегија на развој на креативни индустрии

-       поттикнување на различните етнички заедници да работат и да се постојат во исти простори – осмислено и заедно

изградба на простори за социјализација и организирано и осмислено дружење на припадници на различни етнички заедници

-       поттикнување на различностите

создавање препознатливи простори во коишто ќе се промовира и ќе се негува различноста на стиловите на живеење

-       создавање архитектонски достапни згради, објекти и улици и ширење на звучната сигнализација низ Градот

создавање услови за максимална мобилност на сите граѓани

-       поддршка на спортот (масовност – родова еднаквост – шампиони)
(создавање поволни услови за рекреативно спортирање на сите категории граѓани – стимулација на работата со младата женска популација – поддршка на најуспешните и успешните спортисти и спортски колективи)

-       изградба графитски простор и место за промоција на урбаната и алтернативна  уметност

-       поттикнување на флексибилна и мобилна урбаната опрема на Градот насочена не кон фосилизирање на јавниот простор туку во негово претворање во простор за уметничка комуникација и презентација

(стратегија за запирање на нагрдувањето на градот со ад хок градење објекти, планска изградба на поголеми објекти на државното земјиште и планско поставување споменици и скулптури)

Г) ПОСЕБНИ ОБЛАСТИ НА ДЕЛУВАЊЕ

  1. Промоција на Градот како град по мерка на детето:

-       Формирање Комисија за правата на децата

-       Овозможување активна партиципација на децата во одлучувањето за прашањата од нивни интерес (детски референдум)

-       Поддршка на центрите за ран детски развој

-       Обезбедување бесплатен престој во градинка за 1000 деца од социјално загрозени семејства

-       Изградба на голем детски забавен центар (враќање во Сарај)

-        Обезбедување бесплатна чаша млеко и едно парче овошје секој ден, за секое дете, во сите основните училишта во Градот

  1. Родовата перспектива во развојот на градот -нова филозофија во планирањето на градот со која ќе се промовира еманципирано општетсво ослободено од традиционалните стереотипи што го спречуваат развојот ориентиран кон жената во планирањето на градот, услугите, домувањето, сигурноста и мобилноста.

-       Партиципација на жените во процесите на одлучување за сите прашања кои влијаат на секојдневниот живот (посебно учество во дефинирањето на животниот урбан простор)

-       Стимулирање на спортот кај жените

-       Прилагодување на услугите на дневниот живот и потреби на жените

-       Достап до јавниот превоз на жените и лесна подвижност низ целиот град

-       Борба со родовите стереотипи што се промовираат во рекламирањето и билбордите

-       Зголемување на сигурноста на улиците и во јавниот простор (воспоставување на грижата за сигурноста на жените како специфична обврска на Градот)

  1. Грижа за постарите граѓани

-       Патронажна служба за старите и изнемоштени лица

-       Изградба на нов и современ дом за стари лица

-       Создавање услови за активно учество на постарите граѓани во процесите на одлучување и во активностите на Градот

  1. Грижа за останати ранливи групи

-       Дневни прифатилишта за бездомници за преспивање во градот (сега има еден во Катланово – бездомните одбиваат да одат таму затоа што се чувствуваат како да ги носат во концентрационен логор, далеку од очите на „домните” граѓани;

-       Народни кујни во секоја општина (по моженост поврзување на дневните прифатилишта/преноќишта со народните кујни);

-       Основање Градски социјален фонд за интервентна помош на социјално ранливите категории граѓани

-       Отворање нови дневни центри за повеќе различни категории социјално ранливи граѓани

-       Поддршка на волонтерството

За да може сето ова да се направи, граѓаните треба да добијат моќ да влијаат, да управуваат, да контролираат. Не може да има одржлив град без да се слушнат различни гласови за проблемите со кои се соочуваат луѓето. Нема модерен град без вистинска партиципација на граѓаните.

Затоа заговараме: јавни дебати за сите поважни одлуки, сите облици на  непосредна демократија  (иницијативи, предлози и референдуми), редовна соработка и партнерство со цивилното општество; јавно и интегрално пренесување на седниците на Градскиот Совет преку електронските медиуми;  присуство на граѓаните и на здруженијата на граѓани и можност за обраќање на седниците на Советот; редовно и достапно информирање на граѓаните за специофичните, периодичните и годишниот извештај за работата на градската администрација и нивно „доставување” до секое скопско семејство, со што граѓаните како даночни обврзници ќе знаат каде, како, колку и за што се трошат нивните пари .

Визијата може да се претвори во стварност само заедно.

(Скопје, март 2009 година)

д-р Мирјана НАЈЧЕВСКА

Кандидатка за Градоначалничка

Comments (9)

АлександраMarch 2nd, 2009 at 5:21 pm

Нема коментари?… епа – нема!!!
:)

АлександраMarch 2nd, 2009 at 5:22 pm

Супер изгледа програмата (иако малку тешко за реализација). Размислено е за огромен број аспекти на животот на Скопје.
Посакувам успех

SatanielMarch 2nd, 2009 at 6:02 pm

Добар ден мирјана. Честитки за кандидатурата. Јас вака како обичен неупатен гласач една работа не ми е јасна околу програмите. Зошто сите изгледаат помалку или повеќе како новогодишна листа на желби за Дедо Мраз, а по големина колку просечен блог пост кај мене? Како основна економска варијабила со која се прават планови нели треба прво да се расположливите ресурси (т.е. буџетот на градот), барем така ме учеле мене на школија. Некаква груба проекција? што било да е со бројки изразено? некаков траг од аналитички и реален пристап, има ли надеж да видиме?
Hајозбилно прашањево. Можеби стварно постои некаква издржана причина поради која ниeден кандидат не прави такви пресметки, а ние гласачите не ја знаеме.

Бранко ГероскиMarch 2nd, 2009 at 9:44 pm

Здраво Најче. Ја прочитав твојата програма и ОК е. Посебно ми се допадна идејата за волтерството. Те молам да ја развиеш.
И уште нешто: како ти се допаѓа идејата Матка да се прогласи за национален парк? Мислам дека заслужува и само тоа може да ја спаси од натамошно уништување.
Поздрав и многу успех во кампањата!

Mirjana NajcevskaMarch 3rd, 2009 at 8:37 am

Благодарам за убавите желби. Геро, многу ми се допаѓа идејата за Матка и јас чувствувам неверојатна тегобност кога ќе видам што се случува таму. Жал ми е што Скопјани воопшто како да ги изгубија излетничките места (Катланово, Сарај, Скопска Црна).
Сатаниел, многу ти е на место забелешката, меѓутоа и ти самиот спомнуваш две нешта: програма и план. Програмите се нешто како нацрт на проект, идеја за тоа што се сака да се постигне, во која насока треба да се оди и која методологија ќе се користи. Врз основа на тоа што сакаш да го постигнеш почнуваш да бараш и соодветни средства. Идејата го определува буџетот. Има долгорочни и краткорочни цели. Различен е простапот на нивно дефинирање и различен е начинот на барање и димензионирање на средствата што се потребни.
Потоа се пристапува кон дефинирање на конкретните активности, кои се мерливи и за кои се потребни и конкретни буџетски линии.
Јас сметав дека ни е потребно дефинирање на цел којашто ќе ги детерминира и методите. Ако целта е одржлив град, тогаш автоматски не доаѓа во предвид било која изградба и било кое дејствие коешто не водат кон таа цел. Или, треба да се прави се за да се дојде до целта.
Во некои свои аспекти одржливиот град е поефтин од обичниот. На пример: изградбата на џепни паркови расфрлани низ градот е прилично ефтина инвестиција (посебно доколку се поврзи со самото население и неговиот ангажман за нивно одржување, со пензионерите, волонтери, млади и сл.). Има некои зафати кои што се поскапи. На пример, сметам дека најдобро решение за Илинденска е да се ископа подземна улица во целиот тој потез, а горе да се направи пешачка патека којашто ќе води до паркот, а ќе обезбеди и зачувување на веќе ретките за Скопје стари згради. За ова ќе требаат пари и не може да се направи брзо.

SatanielMarch 3rd, 2009 at 4:49 pm

Од една страна стои изградба на не знам какви се центри, а од друга намалување на приходите од паркинг, комуналии и даноци, и врв на сето тоа е да зборуваш за некаква одржливост. Финансиска(?) сигурно не. Идејата го определува буџетот – точно, да беше мирјана некој инвеститор и да имаше јаки бизнис идеи. Ама како градоначалник, јасно дека буџетот ти ги определува димензиите на идејата. Тоа е толку очигледно, дури срам ми е да објаснувам. Паца и Стојан имаат семеен буџет од 6000 денари месечно, ама имаат идеја да одат на одмор на Малдивите. Која економска алхемија ќе им ја реализира идејата на Паца и Стојан, под претпоставка дека не е предизборие?

Е сега, читкам така селективно низ програмава и ми падна во очи од каде ти тебе куражот за одржливост. Од персоналниот данок на Скопјани (оној што Грујо го срози на 12%) наместо 3% повеќе од 50% да се издвојувале за градот. Најче душо, позната ти е песната од Мерилин Менсон (или од твое време Еуроритмикс ќе да ја пееја) Sweet dreams are made of this? Тоа грујо тебе ти го шепна дека таков закон планира да донесе, или ти се надеваш дека во најскоро време ќе ти шепне? Или толку ќе ви клиза кохабитацијата што нема шанси да не се договорите? Настрана фактот што таквата прераспределба ќе го намали државниот буџет за најмалку 5% (персоналниот данок на доход учествува со некаде над 10% ако не се лажам).
-И уште едно прашање: може ли една груба информација за структурата на приходите и расходите на град Скопје во минатата година или минатите години да видиме во скоро време на блогов, ако веќе не финанскиска проекција за твоите проекти?

А што се однесува до Матка, пред и на тебе и на Геро така фино да ви се допадне идејата за национален парк и да се истапшате еден со друг, не би било лошо прво да погледнете кој ги има ингеренциите за прогласување *национален* парк. Помош: Не е градоначалникот на Скопје.

Mirjana NajcevskaMarch 3rd, 2009 at 7:03 pm

Да, се работи за различни работи.
1. Визија – идеја за тоа што сакаме да направиме, цел кон која се стремиме. Ако е визијата одржлив град тогаш мора примат да има заштитата на енергијата, животната средина и се да се базира на принципот на еднаквост. Во превод тоа значи дека, ако некој дојде со барање за изградба на огромна зграда на место на кое што е предвидено постоење на парк, ќе се изгради парк, а не зграда.
2. Програма со приоритети – претставува основна структура на посебни цели. Таа не подразбира остварување на сите наброени цели одеднаш, туку само ја разработува генералната цел.
3. План за акција – досржи конкретни активности со кои ќе се остварат поставените посебни цели. За овие активности се предвидува буџет и се гледа колку се има, од каде може да се добие и на кој начин да се спроведат.
Одржливиот град треба да го замислиме, да го исцртаме, да го дефинираме и да пристапиме кон негова изградба чекор по чекор. Тоа не треба да не спречува да превземаме и активности кои се поврзани со секојдневните потреби на граѓаните. Меѓутоа, имајќи ја предвид генералната цел, автоматски и во задоволувањето на овие потреби не може да се примени методологија спротивна на онаа за изградба на одржлив град.
Тоа значи дека
1. буџетот ги определува активностите, но не и идејата.
2. Мислам дека има работи кои можат да се направат поинаку за истите веќе постоечки пари кои за нив се даваат
3. Има несоодветно насочени пари
4. Има неискористени извори на пари
5. Треба да се промени законската регулатива (и сигурно ќе се промени како дел од хармонизацијата со европското законодавство). Ова последново можам со сигурност да го тврдам бидејки бев член на експертски тим за евалуација на втората фаза од фискалната децентрализација на локалната власт и препораките се токму во таа насока.
Структурата на буџетот на Градот може да ја видиш на сајтот на Градот (http://www.skopje.gov.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=326)
Муабетот за Матка е нешто сосема друго и задира во Законот за просторно уредување. Има тука можност за посредна реакција на Градот. Сепак, сфати го тоа како наша носталгија, а не како дел од програмата.

SolzaMarch 5th, 2009 at 9:36 pm

Морам да признаам дека имате најнапредна идеи, кои се надевам кој и да биде избран за градоначалник ќе ги оствари. Би рекол дека особено сум заинтересиран околу хигиената и транспортот во градот, двете слаби точки на Скопје. Класифицирањето на отпадот по дома, воведувањето на специјални контејнери за специјален отпад е нешто што Скопје го нема. Воведувањето на нови системи како ЈСП се исто така интересни проекти. На пример посебен систем за изнајмување на велосипеди, трамвајски систем за градските населби и железница за приградските средини. Имам чувство дека Скопје се гуши, а дека вакви проекти ќе го растеретат градот.

KyrilMarch 6th, 2009 at 7:17 pm

Честитки за кандидатурата. Ми се допаѓа програмата…но, (секогаш нели има едно но :D ) зошто се изоставени потребите и условите за живот на студентите? (акцент на тие дојдени од страна) Нов студентски дом, намалување на сметки или некакви попусти? Чисто да се олесни притисокот. За еден студент надвор од Скопје, грубо пресметано, одат околу 13.000 денари на месец, со се’ давачки и храна и факултет, а многу фамилии тоа не можат да си го дозволат, па и самите студенти се принудени да барат работа како келнери (на пример) каде често пати не се осиугрени само за да земат поголем денар и да скрпат крај со крај. А тоа си влече и сопствени последици, нели. Закаснување со обврски на факултет, паднати колоквиуми, не навреме завршување факултет, плус стресови.

Се надевам дека и оваа агенда ќе биде вметната во програмата и навистина ми е жал што никој од политичариве не прави апсолутно ништо за ова, а е еден од најбитните аспекти на градот, сметајќи дека не’ има илијадници во број.

Leave a comment

Your comment