ЗАГРОЗУВАЊЕ НА СЛОБОДАТА НА ИЗБОР

Во 1990 година во завршниот документ донесен на состанокот на КЕБС во Копенхаген, во точката 5.4 се истакнува: “…јасната поделба меѓу државата и политичките партии; посебно политичките партии да не се идентификуваат со државата“.

Европската комисија за демократија низ право (Венецијанска комисија) во 2002 година донесе документ насловен како: Кодекс на изборни добри практики. Во овој документ се содржани некои основни (минимални) стандарди коишто треба да бидат почитувани за да може едни избори да се оценат како слободни и фер.

Според овој кодекс може да стане збор за пет принципи на изборите коишто произлегуваат од европското наследство. Тие треба да бидат: универзални, еднакви, слободни, тајни и директни. Целиот текст на кодексот на англиски може да се види овде:

Јас сакам да свртам внимание само на неколку моменти и да ги поврзам со конкретната ситуација на прекршувања на слободите на изборот во Република Македонија во моментот.

1. Еднаквоста на гласачите -  еден гласач еден глас. За овој принцип веќе многу се пишува и се поврзува пред се со семејното гласање. Меѓутоа, има уште еден, многу пострашен начин на прекршување на еднаквото право (кој веќе е индициран на повеќе места). Имено, станува збор за можноста власта нееднакво да третира цели населби, населени места, па и градови. Финансиската централизација на ниво на држава подразбира дистрибуција на средствата со решение на Владата. Во отсуство на било каква прецизна регулатива тоа значи дека средствата  се доделуваат територијално зависно од

слободната воља на Премиерот. Ајде сега тоа да го поврзиме со изборите. Премиерот тврди дека постојат пари за изведување на одреден проект (градење на водоводна мрежа, училиште, спортска сала, ..) во конкретно место. Оди во тоа место заедно со кандидатот за градоначалник и удира темел за изградба на конкретен објект. Всушност не е ни темел, туку фрла лопата во некоја дупка. Со тоа Премиерот гарантира дека проектот навистина ќе биде изведен до крај доколку за градоначалник биде избран кандидатот на неговата партија. Во тој момент целата населба или сите луѓе кои треба да имаат корист од проектот стануваат заложници. Имено, ако гласаат за некој друг знаат дека проектот нема да биде изведен (затоа што парите ги дава оној што ја фрлил лопатата). Тука почнува притисокот врз сите граѓани или да гласаат за партијата на Премиерот и градоначалникот што тој го нуди, или да не гласаат воопшто, ама да овозможат да биде направено такво полнење на кутијата коешто ќе им овозможи остварување на проектот. Во овој момент се загрозува правото на слободно индивидуално гласање, затоа што најтесното опкружување има повисок интерес којшто мисли дека може да го оствари само на овој начин. Колку повеќе фрлени лопати во периодот на изборната кампања толку помалку можност за слободни избори.

2. Еднаквост на шансите – неутралност на власта кон изборната кампања, еднакво претставување во медиумите, јавно финансирање на партиите и кампањата. Во Република Македонија апсолутно се опрекршува секој од наведените принципи посебно и сите заедно.

Владата со своите министри најјавно учествува во кампањата во поддршка на конкретни кандидати.Сликата на Премиерот се појавува зад сликата на секој од кандидатите коишто ги поддржува со што јавно покажува преференција. Ова од една страна може да значи ветување на поддршка на сите коишто ќе гласаат за конкретниот кандидат или закана за санкционирање на сите кои ќе се определат за друг кандидат. Уште повеќе, во секое свое обраќање Премиерот истакнува поддршка на конкретен кандидат и поддршката се поврзува и со конкретни материјални бенефиции кои населението ќе ги добие доколку го изгласа конкретниот кандидат. Материјалните бенефиции кои се нудат не доаѓаат од партиска каса или од приватни фондови, туку се пари од буџетот, односно, пари на сите граѓани во Република Македонија. Во активностите учествуваат високи функционери во власта кои го користат службеното време за кое добиваат плата повтосно од сите граѓани на Република Македонија со што користат јавни фондови за партиски цели. Активностите се обезбедени од полицијата, која е исто така платена од парите на сите граѓани, а во случајов е дел од политичката кампања на една политичка партија. Во активностите се користат службени возила кои се платени од парите на сите граѓани, а се користат во полтичка кампања на една политичка партија.

3. Принципот на еднаквост на шансите во одредени случаи води кон лимитирање на  трошењето на одредена политичка партија, посебно на рекламирање. Во моментот една политичка партија (ВМРО-ДПМНЕ) е непропорционално повеќе застапена со платена политичка програма и пишано рекламирање од сите други политички партии заедно. Во услови кога таа политичка партија е во исто време и на власт, контролата на фондовите кои ги користи и изворите на средства кои ги троши треба да бидат десетоструко посилни, затоа што постои голема можност за искористивање на државните пари во партиски цели. Меѓутоа, дури и во ситуација да нема никаква злоупотрена на државните пари, оваа определба од Кодексот укажува на потреба од воедначување на кампањата.

4. Слобода на гласачите да формираат мислење. Ова подразбира должност на државните власти да ја задржат неутралноста во однос на: медиумите, билбордите, правото на демонстрации и финансирањето на партиите и кандидатите.  Слободното формирање на мислењето подразбира атмосфера на сигурност, еднаквост и заштитеност на секоја индивидуа посебно и одделни групи со различни политички ставови.

Секој облик на нарушување на неутралноста на власта во однос на изведувањето на изборите содржи активна опасност од заплашување или поткупување на граѓаните од позицијата која моментално ја има одделна политичка партија. Во услови кога најголем дел од администрацијата зависи од политичката воља на партијата којашто е навласт и во ситуација кога е можно селективно применување на законите во однос на бизнис заедницата, отсуството на партиска неуѕтралност и активното вклучување на Премиерот и министрите во изборните процеси, претставува директно кршење на одредбитена овој кодекс.

Како се прекршува домашното законодавство?

Дефиниција на корупцијата според Законот за спречување на корупцијата: (Член 2) – Под корупција, во смисла на овој закон, се подразбира искористување на функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за остварување на каква и да било корист за себе или за друг.

Во случајот на промовирање проекти кои ќе бидат остварени во периодот после изборите постои искористување на функцијата од страна на Премиерот (функција која гарантира доделување средства и овозможување на изведување на прокетите). Функцијата се користи со цел прибавување гласови за кандидат на сопствената политичка партија со тоа што на секоја од промоциите се присутни кандидати за градоначалници или кандидати за советници од конкретна политичка партија.

Во кампањата се користат буџетски средства спротивно на забраната за користење буџетски средства дадена во Член 10 од Законот за спречување на корупцијата. Буџетските средства кои се користат во кампањата се во вид на:

1. Започнување или довршување на проекти кои се изведуваат со средства од буџетот, а кои директно се прикажуваат во функција на изборната кампања со присуство на кандидати за градоначалници кои ниту биле, ниту се дел од проектите кои се промовираат, меѓутоа се посочуваат како луѓе кои ќче ги довршат или продолжат проектите.

2. Директно трошење на: службено време на Премиерот и сите службеници кои кандидати се појавуваат во кампањата, употреба на службени возила, присуство на полицијата и ангажирање на полициски возила за обезбедување на настаните кои ги предводи Премиерот.

Во кампањата директно се повредува Член 11од Законот за спречување на корупцијата според кој: (1) За изборна кампања не можат да се користат буџетски средства на Република Македонија, средства од буџетите на единиците на локалната самоуправа,од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица што располагаат со државен капитал, освен ако тоа поинаку не е утврдено со закон со кој се уредува финансирањето на изборните кампањи на политичките партии. (2) Во текот на изборната кампања за избор на претседател на Републиката, за избор на пратеници, градоначалник или членови на совет на единица на локалната самоуправа, не може да започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови, или со средства најавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација и други објекти, или на објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година. (3)Во текот на изборната кампања од ставот (2) на овој член не може да се врши никаква вонредна исплата на плати, пензии, социјална помош или други исплати од буџетски средства или средства од јавните фондови, ниту да се отуѓува државен капитал.

Концентрацијата на започнати проекти во еден момент (споредено со бројот на проекти кои започнале или завршиле во целата претходна година), укажува на свесна манипулација од страна на власта и изигрување на одредбите на Законот против корупција. Присуството на кандидати за претстојните избори на секој од наведените настави претставува директно и недвосмислено кршење на Законот во однос на искористувањето на службената положба и буџетските средства во полза на политичката кампања на една партија. Настапот на претствници на власта во двојно својство и како кандидати за одделни функции во локалната власт, претставува директно кршење на одредбите на Кодексот на Венецијанската комисија.

Промоцијата на проекти во периодот на изборна кампања од страна на Премиерот претставува крешење и на Член 14 од Законот: Поткупување на избирачите. Според овој член: (1) Давањето или ветувањето подарок, или друга корист за себе или за друг, на избирач при избори и гласање на референдум, за да гласа или не гласа, и да гласа за определен кандидат или определена одлука, се
смета за поткуп при избори и гласање.  Секој од промовираните започнати проекти претставува видлив и директен поткуп на гласачите.

Според Член 353 од Кривичниот законик, службено лице што со искористување на својата службена положба или  овластување …ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, може да се казни со казна закон до 10 години. Доколку во ова се искористени буџетски средства тогаш најмалата казна е 4 години затвор.

Никој друг освен тие коишто во моментот се на власт не можат да понудат започнување или завршување на проекти. Не станува збор за погрешна процедура во доделувањето на средствата и во дефинирањето на проектите, туку за искористување на проектите во пропагирање на можностите на одделни луѓе. Со тоа проектите кои се финансирани од буџетот, се претставуваат од страна на претставници на власта во службено својство на начин кој става одредени кандидати во изборниот процес во привелегирана положба, односно им прибавува корист.

Сметам дека и Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавниот обвинител треба да се зафатат со работа и да ги преиспитаат активностите на Премиерот, министрите, именувани функционери во власта и службениците вработени во одделни министерства, од аспект на посочените членови во Законот за спречување на корупцијата и Кривичниот законик на Република Македонија.

Во исто време сметам дека Државната изборна комисија треба да ги разгледа овие активности во контекстот на Кодексот на Венецијанската комисија.

Comments (7)

Dame1612March 11th, 2009 at 6:21 pm

Најголемиот освојувач е оној кој знае да победи без борба – Sun Cu

….. Бори се со идеи , а не со обвинување дека се игра нефер . Уште пред да почне кампањата знаевте дека влегувате во нефер борба ….

…. Да се сетиме како играше Пенов ……. Инаку сите ке се согласат дека Пенов беше најдобриот градоначалник досега ……..

Mirjana NajcevskaMarch 11th, 2009 at 6:35 pm

Правата може да се пректикуваат само во услови на владеење на правото и функционирање на институциите на демократијата. Не може да пласираш идеи во ситуација доидека некој те тепа со стап по глава, нели?

Законите треба да се почитуваат. Прекршувањето на законите треба да се казни. Не гледам тука фер или нефер игра. Јас глкедам само луѓе кои ги почитуваат законите и луѓе кои ги прекршуваат. Дали ти мислиш дека треба да им простиме на овие вториве?

Dame1612March 12th, 2009 at 5:42 pm

Таков спорт е политиката . Ако играш фер тогаш сигурно губиш . Нема фер плеј , неважат правила важи само едно правило ЦЕЛТА ГИ ОПРАВДУВА СРЕДСТВАТА .

Законите не се еднакви за сите во либерална демократија . Така е на хартија , но тој што има пари и моќ за него неважат законите .

Во ова општество единствен закон е капиталот и парите .

НЕМА ПРАВО КРИВО , ИМА САМО НА ГАЗДИТЕ КАКО ИМ ЧИНИ !

НЕМОЖАТ САМИ ДА СЕ КАЗНАТ ЗА ПРЕКРШУВАЊЕ НА ЗАКОНИТЕ , А АКО СЕ КАЗНАТ ТОГАШ НЕ СЕ СПОСОБНИ ДА БИДАТ ВЛАСТ .

Закони има само на хартија , во пракса има повекеслојно право .
За една општествена класа едни закони , за друга други , за трета трети . Тоа е продукт на реалнните општествени односи , тоа се таканаречените непишани закони .

Во реалноста самото општество си има свое право кое не е во книги запишано но реално функционира .

Во ниеден закон не пишува дека треба да работат работниците по 12 часа на ден , но тоа е честа пракса . Закон е она што ке се договориш со газдата а не џзаконит кој го гласаат во собрание .

Исто е и со изборите , неважат изборните правила него правилата кои меѓусебно ке ги договорат учесниците .

Право и закони кои никаде не се напишани , но кои функционираат во реалноста .

kittycatMarch 13th, 2009 at 9:23 am

Тоа те прави виновен соучесник. Ако ја прифаќаш таквата ситуација ти си дел од проблемот. Знам, знам, тешко е да се застане зад она што е правилно, те става во лоша положба, ризикуваш и она малку што го имаш да го загубиш. Знам. Се нема доволно сила. Се замижува, се вели „Таков е светот.„ и се дозволува така да продолжат работите.

Зошто во некои земји работниците не паботат 12 часа на ден? Зошто во некои земји никој не мора да се буни за нефер избори? Зошто ве некои земји најголемиот број прекршувачи на законот се казнуваат, а не наградуваат? И во тие земји има газди, пари, моќ и игри зад кулисите. И во тие земји има неправедности, само не на секој чекор! Што сме ние покусо? Дали е проблемот што ние сме потрпеливи? Помрзливи? Поспремни да ги прифатиме неправедностите?

Dame1612March 13th, 2009 at 6:03 pm

Убаво ми текнува кога го биравме Борис Трајковски . Еден мртов и незнам колку претепани .

Ама сега Борис ни е пример за претседател , лидер и незнам уште што не .

Тогаш лидерот на демократските вредности САД , ни објасни дека изборите минале фер и регуларно , а овие од пред година не им чинеле .

Двојни стандарди има , значи кога се бираше Борис Трајковски сме биле демократски освестени , а сега соучесници во убиството на демократијата .

Едно ке ви кажам .

Овие избори нема да минат фер , бидејки има платена кампања од Европејците и компанија да бидат фер .

Тие ова го користат како предкамапања на една голема фарса која се вика промена на името .

Сега сме на тест дали ке минат изборите демократски …..

НЕМА ДА МИНАТ ДЕМОКРАТСКИ !!!!!1

Бидејки нема да минат демократски , нема да се покажеме како демократска држава , единствен начин да се демократизираме и европеизираме ке биде ДА ПОПУШТИМЕ ЗА ИМЕТО !!!

СЕ ОВА Е ОДНАПРЕД РЕЖИРАНА ФАРСА ЗА ДА НЕ НАТЕРААТ ДА ГО СМЕНИМЕ ИМЕТО .

ЗАТОА ФРЧКО СПОМНУВА ИЗОЛАЦИЈА , ЗАТОА НИ ОБЕЌААТ СИМНУВАЊЕ ВИЗИ АКО ПОМИНАТ ДЕМОКРАТСКИ . ПОСЛЕ ТОА КЕ ГИ ИСКОРИСТАТ ОВИЕ НЕРЕГУЛАРНИ ИЗБОРИ КАКО ИЗГОВОР ДА НЕ ИЗОЛИРААТ И ПРИТИСКААТ .

НЕМА ДА ПОМИНАТ РЕГУЛАРНО , НЕМА ДА ДОБИЕМЕ НИШТО .

Бог да го прости Борис Трајковски , преку него научивме како функционираат стапот и морковот .

kittycatMarch 14th, 2009 at 1:42 am

Тоа ли е изговорот… овој пат? Прв чекор во превземањето контрола е превземањето одговорност за сопствените постапки. Европски заговор можеби постои, а можеби и не. На тоа не можеме да влијаеме. Но можеме да влијаеме врз тоа дали ќе гласаме, за кого ќе гласаме, дали ќе се тепаме или ќе пукаме, дали ќе премолчиме ако видиме изборни неправилности… Било каква причина која би ја дале зошто не го правиме ова (со исклучок на закани по животот) е само изговор.

YarekJuly 26th, 2011 at 4:48 pm

Firma ” ESKAM ” powstała w 1992 roku. Zajmujemy się produkcją koców, pledów wełnianych oraz narzut. Jako firma z długoletnim stażem, stawiamy nacisk na wysoką jakość naszych towarów, różnorodne wzornictwo, kolorystykę oraz atrakcyjne ceny. Mamy możliwość dowozu towarów własnym transportem lub za pośrednictwem firmy kurierskiej. Realizujemy indywidualne zamówienia w większych ilościach. W naszej ofercie znajdą Państwo: KOCE: “Koc relaks” “Koc rodeo” “Koc biwakowy” PLEDY: Pled wełniany NARZUTY

Leave a comment

Your comment