ЗАЕДНО МОЖЕМЕ ПОВЕЌЕ – УШТЕ ЕДНА ШАНСА ЗА ВМРО-ДПМНЕ?

Се повеќе почнува да ме плаши двосмисленоста на паролата на ВМРО-ДПМНЕ. Што значи тоа “заедно” и што значи тоа “повеќе”?

Книгата од 120 страни (испечатена на најскапа хартија во над 100000 примероци) Коце Трајановски ја започнува со зборовите: “Пред нас се уште едни избори. Избори од кои зависи дали ќе минувате секој ден покрај купишта ѓубре, дали ќе биде зелен тревникот пред вашата зграда, дали ќе имаат каде да спортуваат вашите деца, дали половина од вашиот ден ќе го губите барајќи паркинг или заобиколувајќи ги дупките на улиците, дали снегот повторно ќе ве изненади среде зима… Избори од кои зависи дали ќе се гордеете со местото каде живеете или ќе се срамите од него”.

Тоа навестува дека во изминатиот период на територијата на градот Скопје работите не оделе како што треба, дека граѓаните не ги добивале услугите кои требало да ги добијат и дека се потребни клучни промени. Сето тоа е многу убаво кажано, меѓутоа има еден мал проблем. На минатите локални избори во Скопје победи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Во  шест општини на градот Скопје во 2005 година на власт доаѓаат претставници на ВМРО-ДПМНЕ. Во една општина градоначалник е претставник на СДСМ, во една на ромска и во две на албански партии. Градоначалник на Скопје станува човекот кој го предложи и поддржа ВМРО ДПМНЕ.

Овие градоначалници на власт дошле со ветувања за промена. Со предлози за проекти, со програми и со конкретни замисли. Резултатот е неспорен и многу видлив:

во изминатиот период е зголемен хаосот во сообраќајот, зголемено е делувањето на урбаната мафија, градот станува се понечист, има се повеќе кучиња на улиците, се понесигурно е да се биде на улица, нема нови и интересни содржини кои би ги провлекле луѓето, Старата чаршија пропаѓа, Градскиот парк умира, реката Вардар е канал со фекалии, на Водно се гради се повисоко и се повеќе, Парк-шумата Гази Баба е претворена во стрниште, нема место за пешаци и велосипедисти, улиците стануваат се помрачни, помалку места за играње на децата, никој не се грижи за старите и немоќните, луѓето со посебни потреби не можат да се движат со јавниот сообраќај, водоводната мрежа станува извор на опасност, дишеме нешто што не би требало да го дишеме, …

Самиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ го вели ова и нуди проекти со кои ветува дека ќе го поправи. Самиот кандидат е згрозен над ситуацијата во општините и во Градот. Самиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ вели дека нешто морало одамна да биде направено, а не е направено.

Што значи ова:

-       Граѓаните и дале доверба на ВМРО-ДПМНЕ врз основа на понудена програма и понудени луѓе

-       Програмата не е остварена и луѓето не ја завршиле работата

-       После четири години власт на ВМРО-ДПМНЕ ситуацијата во Скопје е полоша отколку што била пред да дојдата на власт

-       Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека ситуацијата е лоша

Дали тие што ја влошиле состојбата во Скопје за четири години, може да ја поправат во наредните четири доколку повторно дојдат на власт? Велат дека чуда се случуваат. Јас лично не верувам во чуда. И токму заради тоа ме плаши паролата “Заедно можеме повеќе”.

Тоа заедно може да значи: заедно со урбаната мафија и заедно со сите корумпирани кадри на локално и на централно ниво и заедно со криминалците. А повеќе, може да значи: повеќе беззаконие, повеќе пари за некого и повеќе урбана мафија, повеќе корупција и повеќе ѓубре, повеќе катни гаражи кои преку ноќ станале деловни објекти и повеќе скапо продадени маркици, повеќе коњаници на плоштадот и повеќе филипи и александри во имињата на улиците. Зависи како човек чита и колку гледа во она што се случувало во блиското минато.

Изминатите години покажаа дека апсорпционата моќ за ветувања на граѓаните на Република Македонија е голема. Тие можат да го консумираат секое ветување и тоа во повеќе наврати. Добро спакувани ветувања во скапа хартија и со добра реклама, ги пленуваат срцата на граѓаните. Тоа е нивно право. Нивно право е да го изберат оној за кого мислат дека ќе ги оствари ветувањата дадени во изборниот период. И, нивно право е да се жалат и кукаат над направениот избор кога дадените ветувања нема да бидат исполнети, а ќе бидат направени споменици, плоштади и резиденции кои воопшто не биле ветени. Се до наредните избори, се до новите книги со ветувања и колоритните  огномети.

Меѓутоа, тоа воопшто не ги амнестира граѓаните од последиците на нивниот сопствен избор. Нив ги трпат и ќе ги трпат сите заедно.

Leave a comment

Your email address will not be published.