МОИ ВПЕЧАТОЦИ ЗА КАНДИДАТИТЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ – ЛИЧНО

Имав можност да ги среќавам, да ги гледам, да ги читам. За секого изградив мое сопствено мислење. Најлично. Така како што ги доживеав овие изминати денови. Само со еден би се дружела.

Шефкет Зеколи

Се кандидирал по наредба, зборува заради тоа што мора, на крај памет не му е да стане градоначалник на Скопје, а реагира единствено на надразби од етнички карактер. Најдобар бисер: “не е важно дали на оркестарот му треба флејтист, важно е во оркестарот да има правична застапеност на Албанците”. За музиката ќе се снајдеме. Доколку стане градоначалник на Скопје ќе ги шета внуците кај споменикот на Скендербег, но не и покрај оној на Александар Македонски. Коњот на Александар ги плаши децата, а коњот на Скендербег ги привлекува.

Коце Трајановски

Партијски војник за кој може да сонува секој диктатор. Уплашена душа, чии интелектуални капацитети може лесно да бидат проценети. Највисок дострел на неговата идеја за власт е да има резиденција и да може неказнето да и додели прва награда на тештата за најубаво уреден двор во маалото. Според Коце Трајановски: “Програмата е децидна со рокови… Нашата програма нуди детално решавање на комуналните и сообраќајните проблеми”. Проектите се навистина прецизни и образложени. Чекор по чекор во сите фази на остварувањето. На 120 страни скапа хартија во примерок за секој гласач во Скопје. За да знаат граѓаните што ќе се прави. На пример:

-       “Проект: проширување на гробишта во камник.Рок: 2013. Опис на проектот: Ќе се обезбедат нови површини за закоп”. Толку. Се е кажано. Ни збор повеќе.

-       “Проект: уредување на речните корита. Рок: континуирано. Опис на проектот: Активно ќе се работи на уредување на речните корита во Скопје”. И овде нема потреба од објаснување. Се е кристално јасно и прецизно објаснето.

Доколку стане градоначалник ќе го промени Генералниот урбанистички план којшто станува неудобен за урбанистичката мафија.

Јанко Бачев

Опсесивно обземен со крадците, хоштаплерите и измамниците на македонскиот народ. Се нарекува националист, а е социјалист со примеси на комунизам кој плука по сите странци кои му се мешаат на македонскиот народ во неговиот атар.

Доколку стане градоначалник на Скопје ќе ги штити сиромашните од богатите и ќе не раскара со сите до еден без пардон.

Тито Петковски

Олицетворение на поимот политичар од професија. Не знае ништо, нема да направи ништо, нема идеа за ништо, ама може да биде се. Најоригинално објаснување зошто сака да стане градоначалник: “Како парламентарец не можам да направам ништо и не можам да влијаам на законите што се донесуваат, затоа сакам да станам градоначалник и како градоначалник ќе лобирам да бидат донесени соодветните закони”.

Доколку стане градоначалник нема да се случи ништо. Се ќе си стои до наредните избори.

Страшо Ангеловски

Мангуп од маалото со недисциплинирано внимание. Лови топка во лет, знае да издрибла за мерак и по пат ќе заборави што е идејата на играта и ќе отиде со топката до најблиското кафанче на муабет со пријателите. Едно е сигурно, сака да изгради резиденцијален кварт во заштитената Парк-шума Гази Баба и да ископа тунел под Водно.

Доколку стане градоначалник на Скопје ќе седне во првата кафеана и нема да излезе од неа до крајот на мандатот. Таму ќе добие многу идеи кои никогаш не можат (и не смеат) да се остварат.

Лазар Еленовски

Дизниленд промотор кој не бил никогаш во Дизниленд. Збир од неколку научени фрази собрани по пат во кусата политичка кариера, не прифаќа морална одговорност за функцијата што ја обавува, вработува по партиски налог дури и луѓе со несоодветно образование, и не признава дека згрешил дури ни тогаш кога ќе го искара Народниот правобранител. Принципи на делување: знам малку, ама сакам многу, грешам ама не признавам.

Доколку стане градоначалник ќе добиеме кајчиња на реката Вардар, ако треба ќе го сруши и Камениот мост.

Душко Поповски

Човек без лидерска способност, меѓутоа со нејасна идеја што сака да направи: “она што најбрзо ќе се заложам да го направам би било воведување ефикасни решенија со веќе расположливата инфраструктура за овие проблеми да се ублажат до нивно конечно елиминирање”.  Нејасно и непрецизно. Трошењето на техничка вода во Скопје му е приоритет над приоритетите.

Доколку стане градоначалник на Скопје ќе смисли што да прави.

Трпе Груевски

Стручњак за една област залутан на место кое бара универзалец. Дефинитивно е современик на Број.1.

Доколку стане градоначалник на Скопје ќе стави сончеви колектори на секоја куќа, па макар после тоа тие и да паднат  под тежината на колекторот.

Драги Колчаковски

Разочаран човек кој многу љубоморно ги крие своите идеи, меѓутоа точно ги знае противниците.

Навистина не знам што би направил доколку стане градоначалник на Скопје.

Аргтим Нагавци

Стар скопјанец со аристократско потекло кој има задача споменикот на Скендербег да го стави на скопското Кале и да ја открие врската на Скендербег со Скопје.

Доколку стане градоначалник на Скопје ќе донесе многу туристи.100.000 на ден.

Leave a comment

Your email address will not be published.