ЦРКВА, КОНФЛИКТ, ВЛАСТ

Насилство. Тепање. Навредување. Омраза. Која жестина и непомирливост. Дали си со “нас” или си со “нив”? Ако не си наш, тогаш си нивен. Ѓубре. Изрод. Колку е лесно да ги нахушкаш луѓето едни против други:  “збирштина од геј и атеисти ќе се обидат да шират гадости под закрила за грижа на архитектурата на градот, а против изградба на црква”.  Нема место за разговор, нема размена на мислења, нема различни видувања. Тука сме ние, а таму се некои гадинки.

По дефиниција конфликтот е несогласување меѓу различни субјекти во кое страните инволвирани во конфликтот перцепираат загрозување на нивните потреби, интереси или загрижи.

Ако ја погледнеме оваа дефиниција, несомнено е дека случувањата околу узградбата на црква на плоштадот претставуваат конфликт (можат да се издвојат две групи, постојат различни перцепции и вредности, јасно се манифестира чувство на загрозеност и несогласување).

Конфликтите прераснуваат во насилни конфликти вообичаено во ситуација на потполн прекин на комуникацијата меѓу двете групи, потполно отсуство на дијалог, расправа, размена на информации.

Како се случи граѓаните на Македонија да не можат да комуницираат меѓу себе?

Мислам дека насилството во врска со изградбата на црква на плоштадот во Скопје претставува само манифестација на еден многу подлабок конфликт којшто го разјадува општетсвото одвнатре и почнува да станува крајно деструктивен за граѓните.

За да дојде до една вкава ситуација мора да има многу исполнети фактори, многу изоден пат и многу несоодветно постапување и делување од оние кои можеле да го спречат или да го менаџираат конфликтот.

Едноставно кажано, многу елементи се наопаку поставени и не функционираат (или функционираат спротивно на својата суштина) за да се случи ова.

Каде може да се побара проблемот:

1. Отсуствува вистинска демократија и непочитување на законите

Демократските механизми олицетворени во прецизни процедури, правила и критериуми, претставуваат една од браните која современата човечка цивилизација ја смислила за да се намали бројот на насилни или разрушувачки конфликти.

Што значи тоа во случајот со изградбата на црква на плоштадот?

Во демократското општетсво се инсистира на децентрализација на власта за да може процесот на одлучување да се приближи до граѓаните. Тоа значи, можност граѓаните да учествуваат активно во одлуките коишто се од нивни голем интерес. Процесот на демократското одлучување опфаќа: информирање (голем број граѓани добиваат информации за објектот на одлучување), многу дискусија (во текот на која може да се слушнат различните мислења, интереси, загрижи и стравови) и барање решенија кои ќе бидат поволни за што е можно поголем број од граѓаните водејки сметка и за искажаните мислења и ставови на малцинството.

Според Законот за локална самоуправа ова треба да се добие со: референдум (кој сам по себе подразбира процес на дискусии), јавни расправи (кои треба да опфатат што е можно повеќе заинтересирани граѓани со различни видувања на проблемот), стручни расправи (кои треба да ги посочат стандардите, иускуствата, можните алтернативни решенија).

Во услови кога е очигледно дека има конфликт на искажаните интереси и потреби на поголеми групи граѓани, одлуката не смее да се донесе без да се најде алтернатива којашто ќе овозможи разрешување или барем менаџирање на конфликтот.

Наспроти ова, власта (локалната и централната) не ги применуваат ни минимумот демократски процедури коишто им стојат на располагање и стануваат поттикнувачи на конфликтот. Уште повеќе, направени се груби прекршувања на законите и направена е измама во процедурите (лажирано е јавното изложување на промената на деталниот урбанистички план, не се дадени соодветни информации на граѓаните, не е направена вистинска расправа).

Уште повеќе, во примената на законите власта си дозволи нивно прекршување и потполно извртување на значењето на поимот владеење на правото. Тука повторно се враќаме на одлуката на Уставниот суд, меѓутоа и на улогата којашто ја има полицијата. Најочигледно прекршување на законите претставува изјавата:

ПС Центар ќе ја испита и одговорноста на организаторот во однос на почитување на одредбите од Законот за Јавни собири. Согласно законот, тој е должен да организира редарска служба која би го обезбедувала редот за време на одржувањето на собирот. Исто така организаторот е должен да го прекине одржувањето на јавниот собир ако дојде до загрозување на безбедноста и личната сигурност на луѓето и имотот“. Ако оваа изјава ја ставиме  во контекстот на она што е пренесено во медиумите: Се најавуваат и пријави за организаторот на протестот односно студентите зашто немале редарска служба. За другите не, зашто спонтано се собрале.

Која е пораката која што со ова се испраќа од страна на МВР до граѓаните: немој да организирате протести и да ги пријавувате во согласност со законот. Организирајте се спонтано во неконтролирана маса и не пријавувајте никако собир. Ако делувате според законот ќе најдеме начин како да го употребиме против вас. Ако сте маса, законот не важи за вас.

2. Проблем на финансиите

Вториот елемент кој е наопаку поставен се финансиите.

Објектите коишто се финансираат од буџетот на државата (независно од тоа дали станува збор за локална или за централна власт) мораат да бидат објекти кои се од интерес на граѓаните како плаќачи на даноци. Имено, станува збор за трошење на парите на данчните обврзници и тоа трошење мора да значи задоволување на некој нивни интерес.

Во услови на криза која што Македонија не може да ја надмине веќе 18 години и којашто се манифестира во: највосока невработеност во Европа, најнизок брутопроизвод, најнизок стандард, најнизок квалитет на услуги (здравствени, социјални, образовни), прашањето на инвестиции од поголеми размери претставува многу сензибилно прашање. Проблемот се мултиплицира во услови на глобална криза, кога сите држави усвојуваат рестриктивни мерки во однос на несуштински трошења од буџетот и се обидуваат да ги заштита граѓаните од најсуровите последици на економската криза којашто е во подем.

Тоа значи дека во моментот, насочувањето на трошењето на парите мора да биде во насока пред се на задоволување на егзистенцијалните потреби на граѓаните. Секое трошење на парите кое излегува надвор од претходното задоволување на минималните потреби на граѓаните мора сериозно да се преиспита и да има многу добро образложение.

Во оваа смисла, може да се очекува верските заедници да насочат дел од своите приходи во насока на помош на најзагрозеното население (еднократна помош на семејства, отворени кујни, отворање градинки, помош на самохрани родители и сл.), а не да поддржуваат трошење на буџетските пари за изградба на храмови и верски објекти.

3. Проблемот на верата

И верата е многу наопаку поставена во целиот случај.

Сам по себе ова е многу специфичен проблем. Верата, заедно со етничката припадност претставуваат суштински елементи на градењето на идентитетот на граѓаните. Се базираат на некои базични вредносни принципи на секој човек, во себе содржат многу висок набој на емоции, лесно можат да се канализираат протв препознатлива група од друга етничка заедница или друга вера или уверување.

Во случајот со изградбата на Цркавата направени се неколку потези со кои всушност се злоупотребува верата на начин којшто е спротивен на законите, меѓутоа спротивен и на суштината на верата.

Издвоеноста на државата од црквата (или од конкретна веросиповед) е потполно негирана. Власта се идентификува со една вера (не само во однос на вредносниот систем којшто го промовира) туку и во вршењето на државните функции. Проблемот е многу специфичен. Имено, станува збор за луѓе (во власта, но и меѓу граѓаните), кои тврдат дека припаѓаат на одредена вероисповед без навистина да ги знаат, а камо ли да ги почитуваат вредностите на таа вера.

Незнаењето на базичните принципи на конкретната вера овозможува нејзина најгрда злоупотреба која се сведува на оправдување на криминални активности под превезот на одбрана на верата. Меѓутоа, базичните принципи на верата подразбираат постоење на идеал кој не може да се постигне без соодветна методологија. Методологијата е дел од секојдневното постапување. Секоја постапка на таканаречените верници спротивна на принципите на верата, всушност претставува негирање на верата.

Во конкретниот случај на насилството во име на Бога би издвоила неколку цитати од  Новиот завет:

Покажи бргу добра волја кон твојот противник, додека си уште со него на пат, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата на служителот, па да те фрлат во темница.

А Јас пак ви велам: не противете му се на злото; туку, ако некој те плесне по твојот десен образ, сврти му го и другиот.

Ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, остави му ја и наметката.

Ако некој те принуди да одиш со него една милја, ти оди две со него.

Дај му на оној што бара од тебе, и не свртувај се од оној што ти сака на заем.”

“Сте чуле дека било речено: ‘Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател’.

А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние, кои ве гонат;

Зашто ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква награда имате? Зар и цариниците не го прават тоа исто?

И ако ги поздравувате само своите браќа; што правите особено?Зар не го прават истото и цариниците?

А ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот Татко, Кој е во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.”

“А кога се молите, не употребувајте напразни повторувања како народите; зашто мислат дека ќе бидат послушани, заради многуте зборови.

“Зашто, ако вие им ги простите на луѓето нивните престапи, вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вам.

Ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ни вашиот Татко нема да ви ги прости вашите.”

„Не судете, за да не бидете судени!

Зашто со каков суд судите, со таков ќе ви се суди; и со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери.”

” Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а не ја забележуваш гредата во твоето око?

Или, како ќе му речеш на брата си: ‘Дозволи ми, да ти ја извадам раската од твоето око; а, пак, ете, во твоето око има греда?’

Лицемере, извади ја првин гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш јасно, како да ја извадиш раската од окото на брата си.”

Мислам дека треба да се поведе расправа дури и за тоа колку е изградбата на црква навистина во согласност со учењето на христијанството “Или како се сложува Божјиот храм со идолите? Зашто, ние сме храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „Ќе живеам во нив и ќе одам сред нив, и ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.”

Употребата на насилство во име на верата, создава отпор кон верата и кон верниците,  оневозможува прифаќање на хуманата димензија на верата и најмалку од се овозможува дијалог во кој ќе можат да бидат прифатени потребите и интересите на верниците.

4. Проблем на човековите права

Ова е четвртиот елемент кој е наопаку од она што би требало да биде.

Концептот на човековите права е многу сериозен во нивната заштита токму заради тоа што ограничувањето на основните права претставува една од причините за настанување на конфликти меѓу луѓето. Во моментот кога власта нема да ги примени законите во насока на заштита на основните права и слободи, таа овозможува и поттикнува конфликт кој може да добие сериозни размери.

Концептот на човековите права подразбира постоење и на верување и на уверување. Тие подеднакво се вреднуваат и се прифаќа дека за луѓето имаат еднакво значење од аспект на градењето на идентитетот. Луѓето имаат право да бидат различни, имаат право да кажат дека се различни и имаат право да се однесуваат како различни без за тоа да бидат навредувани, омаловажувани или повредувани.

Во нашите закони постојат заштитни механизми кои не биле употребени.

Според Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група:

Правото на слобода на уверување, мисла и совест, ја вклучува слободата на

манифестирање на својата вера или убедување, што сам или заедно со другите,

јавно или приватно го има секој човек (чл. 3)

Токму заради можноста лесно да бидат разбранувани емоциите на луѓето кога станува збор за прашања на верата и уверувањето, во Кривичниот законик постои посебна одредба со која се казнува поттикнувањето на верско нетрпение Според чл 319:  

Тој што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките или верските симболи, со оштетување туѓи предмети, со сквернавење споменици, гробови, или на друг начин ќе предизвика или ќе разгори национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Според членот 137 од КЗ: Тој што врз основа на разлика на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба, јазикот или друго лично својство или околност, ќе му одземе или ограничи права на човекот и граѓанинот, утврдени со Уставот, закон или со ратификуван меѓународен договор или кој врз основа на овие разлики им дава на граѓаните повластици спротивни на Уставот, закон или ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

Според членот 155: Тој што со сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или ќе смеќава свикување или одржување мирен јавен собир, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Врз основа на сето ова може да се извлече заклучок дека, законите и процедурите не биле почитувани, можат да се бараат виновници меѓу граѓаните (може да се поднесе кривична пријава на пример против Јанко Илковски, против насилниците од плоштад, против црковни лица на МПЦ, против полицијата).

Прашање е дали тоа ќе го реши многу посеризниот проблем.

Според мене вистинскиот проблем е во тоа што власта ги хушка сопствените граѓани едни против други, дека овозможува, предизвикува и поддржува конфликти и дека ги негира и блокира сите демократски механизми кои постојат токму со цел да се намали бројот и интензитетот на конфликтите меѓу луѓето.  Работите се поставени толку наопаку што едноставно се води кон разгорување на насилен конфликт наместо кон обезбедување на услови за негово разрешување.

Comments (12)

Киро ВелковскиMarch 29th, 2009 at 2:08 pm

Дали јас можам да поднесам кривична пријава против лицето? Неговиот говор на омраза е директен повод (ако не и причина) за еден час порано „спонтаното“ доаѓање на ордата што сакаше да ги линчува протестантите. Кривична против МВР што не ги заштити и казни „спонтаните“? Или мора полицијата сама да го стори тоа? Или учесниците што се диреткно засегнати?
Мислам дека во последните 20 години ова е најкатастрофален пример на ограничувањето на слободата на говорот (сум бил на 30-тина главно антивладини протести главно против СДСМ но и против анти-СДСМ). Лично јас немам ништо против градење (ниту на црква ако е спроведена законската процедура), но било какво ограничување на правото на говор е нешто што ме вади од кожа. Ова се случи на Плоштадот Македонија под 25 метарскиот јарбол и пред камерите на 5 телевизии. Мала Речица и Бит Пазар беа малку подалеку од очите на јавноста… Дури ни во 2001-ва власта не дозволи граѓаните да се степаат… Неверојатно.

Како јас лично да поднесам кривични пријави бидејќи верувам дека вчерашните случувања директно влијаат врз моите слободи и права? Или да барам јавна информација од МВР (според законот за јавност на информациите)? Мора нешто да се направи…

Дигресија - „геј и атеисти“… Па после сакаш да гласаат :-) Изложени се на целосно и отворено малтретирање. И да не заборавам, Господ навистина не постои … Затоа со векови е можно убивањето во негово име бил со крст или со полумесечина или Давидова ѕвезда… Да постои, не би дозволил.

EgeecMarch 29th, 2009 at 2:31 pm

Kire batka daj oladi malku,jes da imas potpolno pravo ali ova veke ima dlaboka politicka zadnina,taka dasekogas ke vazi ona…..pu,pu ,ova ne vazi…i tako dalje…..

Киро ВелковскиMarch 29th, 2009 at 2:55 pm

Како беше она за евреинот за време на Хитлер? Ги земаат комшиите, ама тоа не е моја работа…. На крај ме земаа и мене ама никој не се побуни.

Dame1612March 29th, 2009 at 2:58 pm

Освен НВО во нашето општество постојат и други видови на невладино организирање . МПЦ е всушност најмоќната НВО во Македонија со најголем буџет и најголема организација .

Економско моралното деградирање на одредена општествена група доведе до тоа тие самоиницијативно да се групирааат околу неформалните НВО а како црква , патриотски движења , навивачки групи , самоорганизирање и сл ……

Веќе се гледаат првите контури на распадот на Либералната демократија како општествено уредување . Не дека владата потикнува насилство , но се чуствува меѓу народот потреба за темелно општествено преуредување .

Па добро еве по 15 години делување НВО ата го изгубија моралниот кредибилитет . Секогаш на страната на спонзорите без јасни морални вредности . И секогаш исти ликови само во ралични маици . Од кај ви стигаат парите никој незнае , на што ги трошите уште помалку , додека некој нема леб да јаде вие му ја разубавувате реалноста со ЕУ перспективи , слободна иницијатива и предпријемништво , екологија и незнам што уште не …… Глупости во боја , или сме глупи или ништо не разбираме .

Не сте само вие тепани , тепани се и Ратковци , тепани се и други .

Неможете мене од Македонец да ме направите граѓанин на Р.Македонија

Неможете мене да не ми давате право јас да си ги откривам корените затоа што на некој му сметало

Неможете да ми го кратите правото мојата земја да ја викам како што јас сакам

….. Не е Груевски тој што потикнува тепање , тоа е свеста на народот на кој му збуктисало ……..

Имаше еден тип на СИТЕЛ кој беше интервјуиран . Тој кажа ” Јас незнаев за што се работи , случајно поминував . Ми кажаа дека е за црква а чим е за црква јас непрашувам што е . ” .

Исто и јас за црква , држава и народ не прашувам што е . Одам и тепам . Тука кој шепне има да се изгори .

Киро ВелковскиMarch 29th, 2009 at 5:16 pm

Г. Даме1612, целосно се согласуваме. И јас исто така барам поголемо внимание при трошењето на „невладините“ пари, и јас сум целосно да се самогрупираат индивидуалците, и јас сум против тепањето (и оние од Радко, и студентите), и јас сум за преуредување на општеството по мирен пат (доста ми е од револуции). И јас се нарекувам Македонец (за тоа има траги и на Интернет од 1994 наваму), и јас сметам дека генетски сме најблиски до античките Македонци, и јас си ја нарекувам мојата мила земја Република Македонија (за да не се заборави дека има уште 2-3 дела).

Само што не верувам во случајности. Истото оправдание за самоорганизирање е употребено пред 70-тина години кога го запалиле Рајхстагот па Хитлер ја презема целосната власт во Германија а после и во Европа.

Употребата на сила е кривично дело. И така треба да се казнува под итно за да го докажеме нашето право да припаѓаме на Европа а не на Балканот.

Бранко ГероскиMarch 29th, 2009 at 9:59 pm

Протест и акција, сега! Кој мисли дека ќе куртули, дека нема да му дојде редот за тепање и понижување, горко се лаже. Кој мисли дека треба да се бунтуваме после, а не сега (после избори?), е наивен - а зошто не почекаа да тепаат после избори, туку мораа сега?!
Свестете се, луѓе, работата е многу, многу сериозна!Ова нема да запре. Затоа, сега не е време за мудрување, туку за јавна демонстрација на нашата непомирливост со ова насилство кое се заканува од оваа земја да направи фашистичка зандана.

ааMarch 29th, 2009 at 11:58 pm

Најќе одлична анализа ми бендиса. Немам коментар се е кажано

поздав

Andrej081

МилутинMarch 30th, 2009 at 1:40 am

Професорке, ова како тргнало нема да ме зачуди ако почнат и од дома да не вадат и да не тепаат. Не знам само до кога овој народ ќе верува во нивната пропаганда. Се ми мириса дека еден ден како народ ќе се каеме што поддржувафме фашистичка власт како германците што се каат денеска што го поддржувале Хитлер. Како тргнало, неќе да е на арно.

Dame1612March 30th, 2009 at 5:33 pm

Г.Бранко Героски .

Некогаш ти е стварно мило да гледаш како добро платени невладини активисти јадат ќотек од исто толку добро платени партиски активисти .

Г.Груевски многу добро го користи фактот што протестантите се политички избламирани и солидно платени НВО службеници (какви студенти освен ако Милчин и вие сте студенти на Архитектура ) .

Можеби во Грција сте маченици и херои но не и овде . Грчката дијаспора како што изјави во една изјава Бакојани , троши околу 20 милиони долари во лобирање за нивната кауза .

Можеби дел од овие пари завршуваат кај дел од нашите архитекти …… Или можеби се трошат за да не станеме фашистичка зандана ……
Сеедно архитектите возат скапи и добри автомобили . Имаат занат кој е ценет ……

Бранко ГероскиMarch 30th, 2009 at 6:38 pm

Е Даме, Даме… 1612. Сам си пишал во која година ти е умот. Среден век, батка, среден век. А за тепањето, знаеш како е - старите велат дека стапот има два краја!

Dame1612March 31st, 2009 at 6:50 pm

Г.Бранко Героски

Има стапот два краја . Но како викаат Европејците или морков или стап .

Кој од Европа го јаде морковот , од сопствениот народ ке го јаде стапот .

А дали е среден век ….. Бетер е ….

Еднаш го прашале кралот на Саудиска Арабија зошто земјата му е толку назадна и нелиберална…..

Тој им одговорил - Иран беше најлиберален затоа му се случи сега да е најнерибеларен . Имаа секакви слободи , но народот одбра фундаментализам ….. зошто …. Затоа што им слободата им ја носеше некој друг ( читај НАТО и ЕУ ) …..

Изеди до трошка
што небото дало
пополни ги сите
резерви на сало
пат во Европа
провинциска слава
со см’кнати гаќи
и опинок на глава

Дремеж и досада
посилен од дрога, baby
купен молк и тишина
пострашни од војна, maybe

чекам истрел кој ќе пресуди
Sieg Heil
Uber Makedonische
Heil Ubermakedoner

АлександраApril 2nd, 2009 at 8:27 pm

Вчера гледав еден филм снимен според историски настан во времето на нацистичка Германија. Филмот се вика „Валкери“ и раскажува како организиран отпор кон хитлеровиот режим во војската се спротивставува користејќи ја акцијата наречена „Валкери“ која претставува ангажман на резервната војска за време на криза. Филмот е добар, но мене ми остави впечаток тоа што врз Хитлер имало 15, а може и повеќе обиди за атентат и отпорот кон него бил присутен и помеѓу неговите најблиски, но тие не можеле ништо да направат. Хитлер, како што знаеме, на крај самиот се уби поради тоа што Германија буквално се распадна одвнатре и ја рушеа однадвор.
Интересно е како се градат таквите диктаторски режими и како голем дел од поддржувачите на диктаторот се едноставно слепи. Исто така секогаш постои дел од тој систем, кој не се согласува со системот, но едноставно е вграден во него и не е може баш многу да направи. Останатиот дел кој пружа очигледен отпор се отстранува тековно. И тоа трае… Се додека еден ден таквиот диктаторски режим да се сруши и да помине долго време додека луѓето да сфатат дека режимот бил разорувачки за нив во секоја смисла. После има каење, но штетите секогаш се огромни. Единствено добро што излегува од таквите режими е тоа што менталитетот, политичката култура и свест и граѓанското и општествено однесување се менуваат - се воспоставуваат нови шеми, кои, поучени од претходното искуство, бегаат како од оган од дури и ситни наговестувања на тоталитаризам.
Почнувам да мислам дека ова што и се случува на Македонија во овој момент, можеби дури е и добро и како последица ќе има конечно освестување на луѓето. Но, изгледа ние ќе мора да се жртвуваме.

Leave a comment

Your comment