ШТО ПОДРАЗБИРА ПОД ПОЛИЦИЈА ИВАН КОТЕВСКИ?
Господинот Иво Котевски ни соопшти дека доколку не можат да си обезбедат заштита организаторите на некој протест тие можат да побараат заштита од МВР за што ќе платат.
Според Законот за полиција:
Член 3
Основна функција на Полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, како и одржување на јавниот ред и мир во општеството.
Ова е причината зошто полицијата постои и зошто се плаќа од парите на граѓаните. Полицијата не е приватана фирма којашто некој може да ја изнајми за лична заштита. Таа има задача и таа задача треба да ја изврши.
Кога станува збор за заштитата на основните права и слободи, на пример - слободата на говорот или слободата на јавен собир, не е важно дали полицијата како институција или некој полицаец посебно се согласува или не се согласува со содржината на пораката која треба да се испрати од страна на собирот. Се додека таа содржина не претставува кривично дело.
Што значи тоа во однос на последните настани од плоштадот Македонија:
1.Бил најавен протест од страна на група луѓе и било одредено место каде што тие луѓе треба да го изведат протестот. Полицијата била должна да обезбеди оваа група луѓе непречено да си дојде на закажаното место без да биде попречувана од други групи или поединци
2. Била испратена порака за претходно собирање на друга група граѓани (со спротивни ставови од првите) на истотот место. Полицијата била должна да ги отстрани овие граѓани од местото кадешто требало да дојде првата група и да се постави меѓи двете групи на начин кој ќе обезбеди нивно раздалечување и ќе оневозможи физички контакт.
3. Во одреден момент станало јасно дека едната група ја напаѓа другата група. Полицијата била должна да повика засилување и да интервенира со цел да ги растури припадниците на втората група кои го оневозможуваат остварувањето на прават на првата група.
4. Полицијата била на лице место и деректен сведок на она што се случува. Полицијата била должна да интервенира во насока на заштита на граѓаните (да ги приведе од лице место сите оние кои поттикнувале на напад, кои учествувале во нападот и кои на било каков друг начин ги спречувале припадниците на едната група да си го одржат мирниот собир).
Во тактичко-оперативна смисла, уште со моментот на најава на протестот да:
1. Испита дали ќе има потреба од поголема интервенција (имајки предвид дека станува збор за сензибилно прашање за кое веќе подолго време се водат расправи во јавноста и имајки предвид дека е период на избори кога постои зголемување на емоциите и можноста за насилство)
2. Провери дали има други групирања, масовни доаѓања од други градови, делење на пропаганден материјал и сл.
3. Да има во приправност одредена структура којашто ќе може да интервенира со цел овозможување на одржување на мирниот протест
Сметам дека господинот Иво Котевски со своите изјави ја страмоти полицијата и предизвикува огромна штета во однос на перцепцијата којашто граѓаните ја имаат за полицијата и нејзината улога и заради тоа треба веднаш да биде сменет од функцијата на којашто се наоѓа.Посебно треба да биде повикан на одговорнос за изјавата дека полицијата може да се изнајмува за пари и дека само така изнајмената полиција ќе пружи соодветна заштита.
Сметам дека треба да се повикаат на одговорност полицајците кои не ја извршиле соодветно својата должност за обезбедување и заштита на граѓаните во остварување на нивните основни слободи и права.
Сметам дека треба да се повика на одговорност командирот на полициската станица Центар кој требало да обезбеди соодветно функционирање на полицијата.



Најче, мислам дека широката јавност а не само стручната, е длабоко свесна за улогата и функцијата на Полицијата. Сепак, одлична анализа. Јас би дополнила дека во интерес на остварување на чувството на сигурност кај граѓаните (што произлегува од законски дефинираната функција на Полицијата), МВР мора да ја извести јавноста за преземените мерки во врска со инцидентот на Градскиот плоштад. Тука подразбирам, идентификување на прекршителите на законот, нивно изведување пред лицето на правдата, од една страна, и идентификување на сопствените грешки, прекршување на работната дисциплина или евентуално кршење на законите од страна на полициските службеници и тоа кои службеници. Топката не смее да се префрли само на оние полициски службеници кои непосредно беа на терен. Компетентна полициска организација прави реконструкција на настани од овој тип и пред се ги идентификува своите слабости. Целта е да не се повторат такви инциденти во некоја идна прилика. Доколку овој аспект изостане многу веројатно е да се соочиме со нов образец на однесување на т.н „антипротестанти„. Честопати нечинењето, односно непреземањето на службени дејствија од страна на Полицијата има многу посериозни последици отколку чинењето. Во оваа смисла е и залагањето во работната верзија на новиот Закон за кривична постапка да се воведе институт „Правосудна полиција“ во рамките на Обвинителството и ќе истражува постоење на основи на сомневање под директно раководство на Обвинителот. Можеби тука лежи зајакот, да се воспостави контратежа на ексклузивитетот на МВР во истражувањето на постоење на основи на сомнение. Или се лажам. Немаше коментар од Скопското Обвинителство за инцидентот на Градскиот плоштад! Можеби не сметаат дека имаат надлежност да иницираат расчистување на случаи за кои имаат основи на сомневање. Или можеби воопшто не се сомневаат дека е прекршен законот? Во спротивно, ќе ни стане секојдневие прашањето „Кој ќе не чува од чуварите„
dobro a moze li nie gragjanite da i staime edna tuzba na policijata?MVR? bidejki deluvala kako souchesnik?
Всушност, протестантите се должни да си обезбедат сопствена редарска служба за оние што протестираат… Не за нападите од страна, за тоа е должна полицијата… А полицијата ја изнајмуваме цело време, нели? Со плаќање на сопствените давачки кон државата… Или тоа важи само за спонтаните собирачи?
Ќе повторам - мислам дека е загрозена и мојата слобода иако не учествував таму. Затоа би сакал да покренам тужба/жалба/пријава вотевер против МВР бидејќи кога јас утре ќе протестирам, не сакам да дојдам во таква ситуација. Или да си земам пиштол со време?
Ова не е прв пат да слушам дека полицијата се изнајмува за пари. Во документарната емисија „Код“ на Снежана Лупевска, која се емитуваше неодамна, беше кажано дека Македонски Пошти ја најмуваат полициската придружба на парите. Дури беше кажана и тарифата, истата која тимот од „Код“ ја платил за придружбата: ако се сеќавам добро, некои 9 евра по полицаес на час, и 20 евра за џип на час. Не сум сигурен за бројкиве, но тие не се толку ни важни.
Инаку, не ги знам законите, но исто сметам дека е должност на полицијата да ги спречи инцидентите, независно дали организаторот имал или немал редарска служба.