ЗА ПРОТЕСТОТ ОДБЛИСКУ

Чувство:

Убаво. Позитивно. Луѓето беа собрани околу нешто во што веруваат и за што мислат дека треба да се дигне гласот. Млади и стари, семејно, другарски.

Бројност:

Колку сме, толку сме, малку сме,  доста сме. Многумина не дојдоа затоа што се плашат. Рекоа: ако не видат ќе не отпуштат од работа (учители, државни службеници, вработени во претпријатија чии директори припаѓаат на позиционите партии). Стравот е страшна работа. И безизлезот. Во услови на безработица од над 38% не може да се игра со егзистенцијата. Таа е долната линија на спремноста за било какво делување. Излегуваат само најхрабрите, оние кои веќе немаат што да изгубат и тогаш кога ќе дојде нож до грло. Кога ќе им дојде на премногу луѓе нож до грло се рушат системите.

Кој:

Студенти, професори, уметници, архитекти, здруженија на граѓани, политичари, пензионери, …Некои велат имало луѓе од една политичка партија. Јас мислам дека ги имаше од повеќе. И тоа е добро. Така треба.

Зошто:

Затоа што демократијата едноставно не може да постои во услови на едноумие. За да опстојува треба да има индивидуаи кои мислат различно за различни нешта, кои можат да кажат што мислат и да пробаат да влијаат во насока на остварување на сопствените видувања. Во демократијата власта е цело време на штрек. Слуша, гледа, проифаќа, менува, остварува.

Затоа што мора да има канали низ кои луѓето ќе кажат што им се допаѓа, а што не.

Затоа што Градот е на сите, и плоштадот има посебно значење.

Затоа што иднината е продукт на заедничкото делување на многу луѓе кои ја исцртуваат заедничката трансферзала одејки  по сопствените индивидуални животни патеки.

Зошто јас:

Затоа што верувам во индивидуалноста и различноста и правото таа да биде изразена.

Затоа што мислам дека изградбата на религиозни објекти не ги обединува туку ги раздвојува луѓето.

Затоа што мислам дека листата на приоритети треба да започне со егзистенцијални објекти и продуктивни инвестиции, а не со споменици на нечие его.

Затоа што мислам дека вистинските верници го имаат Господ во срцето, а не го бараат во камењата на зданијата.

Затоа што сакам во Градот да живеат моите деца и внуци.

Затоа што го сакам Скопје.

Leave a comment

Your email address will not be published.