ЗА ЦРКАВАТА, СПОМЕНИЦИТЕ, ПЛОШТАДОТ И СВЕТСКИТЕ МЕТРОПОЛИ
Црква на плоштад. Не убедуваат дека секоја метропола има. Така бил редот. И слики дури, од разни метрополи. И црквите на средина. Моќни.
И споменици на војсководци.
Некој од архитектите го употреби терминот ТУРБОФОЛК, во описот на она што се случува со архитектурата во Република Македонија во последните години. Мислам дека споредбата е многу соодветна.
Постојат народни песни, настанати во одредено време, во конкретни услови и со многу одредено значење кое извира од контекстот на настанувањето. Во нив е отсликан духот на едно време, тие се концентрат на силни емоции кои нашле во моментот најсоодветен начин да бидат презентирани. Ремек дела на народната креативност. И, постојат турбофолк мелодии. Симплификувани имитации кои го навредуваат увото, го дразнат духот и оставаат трага на лош вкус во секоја дамара. Погрешни звуци, погрешни инструменти, во погрешно време, на погрешен начин со погрешна порака.
Постојат катедрали. И кипови излеани во бронза. Коњаници. Војсководци. Моќни споменици на историскиот развој на човештвото, мрачни сведоци на вековите кога човекот бил ситно, небитно, заменливо суштетсво, потчинето на силите кои не ги разбира, зависно од самоволието на владетелите кои се повикувале на Бога во остварувањето на својата апсолутна власт. Тоа се чудни мешавини на човечката креативност и поимање на убавото, и сфаќањето на човечката ништожност пред нешто поголемо кое не смее да биде оспорено.
Улогата на катедралите била да застраши, да го направи човекот свесен за сопствената безначајност, да го фрли на колена, да го застраши и вчудоневиди. Човекот морал безрезервно да се покори на највисокиот владетел Бог и неговите репрезенти на земјата.
Затоа толку големи. Затоа во центарот.
Кои пораки ги испраќа власта со градењето на црква на централниот плоштад на главниот град на државата и со поставувањето на огромен споменик на Александар Македонски?
1. Власта е заедно со Бога, од бога дадена и од бога прифатена. Таквата власт не трпи приговори, оспорување, негирање, контрола. Таквата власт нема потреба да го слушне мислењето на граѓаните затоа што веќе го има мислењето на Бог. Таквата власт едноставно се прифаќа. И почитува. Беспоговорно.
2. Македонците не ја сакаат и не ја почитуваат својата традиција, сопствениот посебен историски развој, своето минато и се она што претставува дел од нивната култура. Во минатотот на Македонците нема монументални цркви кои застрашуваат. Има мали манастири и цркви блиски до народот, цркви заштитнички, цркви скровишта. Турбофолкот не е задоволен со тоа. Турбофолкот сака светкави дрангулии, монументи со кичасти облици и бесмислени форми.
3. Не сме способни да ја градиме својата иднина затоа што сме врзани за сопственото минато. Не можеме да формулираме вредности на сегашноста и затоа се задоволуваме со моралот на минатотот. Не збунува комплексноста на современоста и затоа ја бараме заштитата на симплификуваната историја.
Постојат вакви и храмови во светските метрополи. Тие се споменици на минатотот и се обидуваат да се вклопат во сегашноста. Пред катедралата во центарот на Амстердам се продава марихуана, се нудат секс-играчки и се бакнуваат геј луѓе. Што ќе прават нашите луѓе пред црквата на плоштадот? И пред споменикот на Александар Големиот?
Затоа пак нешто друго може да се види во европските метрополи. Може
да се видат многу паркови,
и многу зеленило, и министер на велосипед
и луѓе што читаат во парковите и во трамваите и на аеродромите и во кафаните.
Чудно, кај нас не можеш да видиш човек да чита на улица. Сигурно е тоа заради тоа што немаме веронаука. Ќе да има право оној попот кој во Дневник ни порача: “не не’ спасува знаењето, туку верата“.







Постојат и различни луге од тебе, кои различно од тебе размислуваат, различно од тебе се однесуваат итн. Зошто не ги гледаш тие луге? Или тоа не се луге? Тоа се некои карикатури? Барем по наобразбата со што се гордееш, и по професијата која ја сметаш за света, треба да ги почитуваш тие кои различно размислуваат од тебе и кои различно живеат од тебе. Твојот страв, оној кој не мисли како мене, смрт за него, на бесилка, можеби е во описот на твоето работно место?
Ја почитувам различноста и ја признавам. Сакам многу различности, но не сите. Не ги сакам глупите луѓе, и неинформираните. Не ги сакам тие што ги трошат туѓите пари за сопствен ќеиф. Не ги сакам луѓето кои кога ќе дојдат на власт миалст дека можат се да прават, не ги сакам ни диктаторите, ниту пак убијците, ни крадците, ни оние што ги лажат и залажуваат луѓето.
Не се сеќавам дека сум повикала било каде некој да биде убиен, обесен, удрен, измачуван или да му се ограничи правото на различно размислување.
Овде станува збор за глупост од огромни размери, за злоупотреба на државни (наши) пари, за манипулација и за неконтролирана власт. И тоа треба и сигурна сум дека ќе биде казнето согласно позитивната законска регулатива и одредбите на Кривичниот законик и процедурите на Законот за кривична постапка, или, во осудата на генерациите што доаѓаат. А таа е страшна. И никогаш не се брише.
Мене еден археолог ми кажа дека многу населби растеле околу црквата, и затоа црквата често се наоѓа на средина на населбата (или стариот дел на населбата).
Ни мене не ми се допаѓа градењето „историски„ објекти во модерно време. Јас сум да градиме она што мислиме дека е добро и убаво, но од наше време, со нашите вредности. Архитектите во светот секогаш се трудат да напрват нешто ново, да ја истражат својата уметност до нови крајности. Понекогаш резултатот не е добар (пр. монолитниот бел монструм наречен театар во Скопје), но барем чекориме напред, кон иднината.
Не ми се допаѓа ни селктивноста во пристапот. Некои делови од историјата не само што не ги чуваме туку и активно ги бришеме од нашата свест. Зошто Ленин е непосакувано име за училиште? Зар не е тој значајно име во нашата историја? Зар не верувале во него илјадници Македонци, и се бореле во име на неговите идеали? Зошто го криеме и запоставуваме нашето Отоманско наследство? Зар ниеден султан/визир/службеник одговорен за областа на која и припаѓала МК во турско доба никогаш не направил ништо добро? Еве, да речеш Словените немале значајна материјална култура, но што е со нивните верувања, богови и обичаи?
Селективното славење на некои делови од историјата, кои не се ни повеќе ни помалјку наша лична заслуга од сите други делови од нашата историја, мене ми мириса на перење мозоци. А отсуството на зеленило во Скопје е повеќе од шокантно и само чекам кога ќе почнат луѓе да се гушат на среде улица од валканиот воздух.