ГРАДЕЊЕ

Во последно време во повеќе наврати ја слушнав фразата: овие барем градат за разлика од оние другите коишто само крадеа и рушеа. Тоа “овие“ се однесува на актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ, а “оние“ се сите други. Вака на прв поглед убаво звучи. Главно е нешто да се гради, да се создава. Нешто што се гледа и што ќе остане. Ама, тоа само на прв поглед. Многу симплификувано и поедноставено. На втор поглед работата воопшто не е така едноставна. Ниту убава.

Прво, мислам дека воопшто не е сеедно што се гради. Може да се градат градинки и споменици, може да се градат амбуланти во селата, а може и киосци за интернет, може да се градат катни гаражи, а може да се градат и деловни згради под името катни гаражи, може да се градат паркови, зелени површини, пешачки зони, а може да се градат и бетонски чудовишта кои ја спречуваат циркулацијата на воздухот и влијаат на зголемување на респираторните болести кај граѓаните. Градењето може да претставува рушење на основните права и слободи на граѓаните.

Второ, многу е важно како се гради. Може да се гради со почитување на стандардите и на правилата, а може да се гради и така како што некому му сецнало во моментот, затоа што му се сака и му се може и затоа што нема кој да го исконтролира и да го спречи. Може да се градат стамбени згради со обезбедени паркинг места, на соодветна оддалеченост од комшиите со доволно зелени површини околу себе. А може да се градат и мравјарници кои не ќе можат да бидат спасени доколку дојде до пожар бидејки ќе нема место за пожарните коли и ќе нема начин луѓето да побегнат. Ова градење претставува рушење на владеењето на правото.

Трето, важно е како изгледа тоа што се гради. Може да се почитува околината, да се гради со зачувување на постоечкиот архитектонски пеисаж и со внесување на промени кои ќе ја зголемат комплементарноста со заштитата на животната средина. А може да се градат метално-стаклени струпла, оловно-камени формации и бесмислени збирови од објекти кои создаваат негативна енергија, нервоза, чувство на заробеност и кои ја нагрдуваат секоја перспектива на гледање. Ова градење претставува рушење на естетките норми.

Четврдто, важно е кој решил што ќе се гради. Решението зависи од приоритетите, од финансиите од потребите, интересите и желбите на граѓаните. Доколку градењето се претвори во манифестација на апсолутната моќ на еден или на тесен круг луѓе тогаш тоа градење претставува рушење на демократијата и  на еден од основните принципи на демократското управување – партиципација на граѓаните.

Некои градења претставуваат многу повеќе рушење отколку некои рушења.

90 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.