ПОДИГАЊЕ НА ОПТИМИЗМОТ

Навистина за бадијала Владата ги троши парите за кампањи за подигање на оптимизмот. Јас мислам дека е доволно секој ден од сабајле да ни пуштат известувања од активностите на Владата и веднаш животот станува весел и човек не може да не биде оптимистички настроен. Имено, ако оваа држава може да опстане со ваква Влада и ако овој народ може да преживее во вакви услови, тогаш ние сме навистина бесмртни.

Првиот бисер ми беше со стечајците. Луѓето дошле на закажан состанок во Владата и доле на пријавница им рекле дека нема никого во Владата. Може се исселиле, или некоја епидемија, или…??!!!

Вториот бисер, писмото на Премиерот до Уставниот суд. Човекот бил загрижен и затоа му пишал писмо на Уставниот суд во кое објаснува зошто не треба да го укине екстерното оценување. И вели, тоа не е влијание на извршната власт врз судот, туку, тој како граѓанин сака само да им посочи каде грешат. Многу ме интересира како си го сфаќа  влијанието врз судската власт Премиерот? Што подразбира тој под притисок? И како тоа си замислува дека упатува писмо како обичен граѓанин? Никој не му кажал дека со привилегиите и телохранителите и секретарките и власта, доаѓаат и обврски и одговорности и ограничувања? Да биде ситуацијата уште посмешна, се нашол судија кој го прочитал писмото пред одржувањето на расправата пред сите судии. Можат да доаѓаат стотици експерти и во наредните стотици години, ние нема да научиме што е поделба на власта и што е независност на судството.

И последниот бисер беше најдобар. Премиерот великодушно им дозволи на претставниците на својот коалиционен партнер во власта да станат дел од преговарачкиот тим. Премиерот ни соопшти дека слободно можат да доаѓаат таму (кој сака) и да слушаат што се разговара, па можеби и нешто паметно ќе предложат. Ако Премиерот не разбира што значи партиципација и учество и влијание на највисоко ниво на остварувањето на власта (во сопствените редови на Владата), тогаш како може да има благе везе со тоа што значи партиципација, учесто и влијание на граѓаните?

Тие ги избрале и сега има да си молчат и да се воодешевуваат од она што им се прави. И, секако, да не заборавам, да читаат повеќе и да не пушат и да не абортираат.

Животот е навистина весел. Солзите што ги гледате се од смеење. Верувајте.

Leave a comment

Your email address will not be published.