ЗА ЕКСТЕРНОТО ОЦЕНУВАЊЕ

Не се согласувам со причината која беше дадена од страна на Уставниот суд, како причина заради којашто  екстерното оценување може да се смета за противуставно.  Не мислам дека учеството на Министерството за образование претставува упад во образовниот процес (посебно ако се има предвид поставеноста на ова министерство во нашиот систем, надлежностите коишто ги има и улогата којашто ја остварува во однос на образованието, било непосредно било преку Бирото за развој на образованието).

Јас мислам дека треба да постои екстерно оценување и дека досегашните искуства од други држави покажале дека тоа влијае позитивно во подигањето на квалитетот на наставата, објективноста на оценките и намалувањето на случаите на корупција.

Меѓутоа, како и многу други нешта во Македонија и многу други механизми и институции, и оваа, власта успева да ја деформира до такви размери кои ја претвораат во нејзина сопствена спротивност или во најдобар случај, потполно ја лишуваат од смисла.

Што е проблемот со екстерното оценување вака како што се нуди кај нас?

1. Се оценува оценувањето на наставници кои ниту во својата факултетска обука, ниту во текот на работата не поминуваат соодветни и доволни обуки за оценување. Нашите наставници воопшто не учат никаде да оценуваат. Што е тоа што ќе се мери, ако претходно некого не сме го обучиле за одредена активност. Секое оценување во Македонија е од око, екстерното оценување сака да види колкава била прецизноста во грамови.

2. Екстерното оценување не смее да содржи елемент на индивидуализација. Имено, потребно е да се види големата слика, генералниот успех или неуспех. Тоа е потребно за да се определат трендовите, да се добијат ориентири за тоа дали се напредува или назадува во процесите на образование и да може да се превземат мерки за подобрување на ситуацијата.

3. Тестот не смее да влијае на оценката на учениците. Имено, оценката на секој ученик се гради врз основа на низа објективни и субјективни параметри. Секоја оценка во себе го содржи елементот на индивидуално напредување, достигнување на максималните капацитети, збир од индикатори на целогодишна работа, ангажман, однос кон материјата. Не може сето ова да се избрише со еден тест кој може да биде апсолутно неиндикативен поради низа субјективни и моментални елементи.

4. Бесмислено е да се прави тестирање секоја година и на сите предмети. Нашиот систем на деветолетка содава услови за следење на излезните години од одредени интервали (преминот од трето во четврто одделение, преминот од шесто во седмо и преминот од девето одделение во средно образование). Тоа му дава смисла на екстерното оценување заради тоа што наставниците ќе знаат со каква група ученици имаат работа, што е она на што треба да се посвети посебно внимание, а што е она што веќе е совладано.

Екстерното тестирање треба да служи за глобални проценки, иницијативи за посебни обуки, реформски зафати, проценки за потреба од внесување нови методологии и технологии.

Проценката на индивидуалниот резултат на учениците не е предмет на интерес на екстерното оценување.

Проблемот е што екстерното оценување е внесено набрзина, без соодветна стручна расправа, без создавање претходни неопходни предуслови, без соодветно информирање на јавноста. Недемократски, насилно, нестручно. Како и се друго.

Comments (15)

НиксаMay 22nd, 2009 at 1:09 pm

Бидејки бев инволвиран во самиот проект, од тоа што се дискутираше на неколкуте средби што ги имавме, беше решено оценките од тестирањето да не бидат познати се додека не бидат заклучени крајните оценки. На тој начин учениците се заштитени.
А во однос на организацијата, информирањето и целосното спроведување несакам да зборам. Ќе кажам само дека тотално се согласувам со последниот пасус на професорката.
поздрав

БојанMay 22nd, 2009 at 2:22 pm

Еве еден обичен пример за глупоста на нашиот систем за екстерно оценување:
Наставникот смета дека ученикот знае за 5. Ама за да се заштити себеси од казна и да го прошири опфатот на оценки кои се сметаат за реални тој на ученикот му пишува 4. Така без оглед дали ученикот ќе добие 3, 4 или 5 на екстерниот тест, наставникот нема да подлежи на санкција. Ученикот на тестот добива 5. Со оглед дека нема отстапување поголемо од една оценка, валидна е оценката 4 на наставникот иако истата не ја дал како одраз на сопственото мислење за знаењето на ученикот туку за да си се заштити себесе од идна санкција за нереално оценување. И на крај што добиваме - ученикот ќе си носи 4, а во МОН задоволни дека истиот „реално“ е оценет!

SatanielMay 22nd, 2009 at 5:00 pm

Бојан, ако наставникот мисли дека знаењето на некој ученик „кој заслужува 5-ка„ е возможно да падне на 2 на екстерното оценување и му става 4 за да се заштити, тогаш можеби навистина тој ученик не ја заслужува таа петка.
Не можеш да ме убедиш дека апсолутно сите ученици кои заслужуваат 5 ќе бидат осигурани со 4-ки ли 3-ки (потполна заштита) заради самозаштита на професорите.
На тој начин ќе се издвојат значи јаките 5-ки од подарените 5-ки, и едните ќе си имаат 4ки, а другите 5ки.

Мирјана,
3. Не беше предвидено тестот на ниту еден начин да влијае на оценката на ученикот.
4. Ниту пак беше предвидено да се прави тестирање по сите предмети.

Mirjana NajcevskaMay 22nd, 2009 at 11:31 pm

Според чл. 71 од Законот за основно образование:
4) Резултатите од проверување на напредокот и постигањето на успехот на
ученикот од ставот (3) на овој член не влијаат врз општиот успех на ученикот,
односно на неговите оценки, освен доколку разликата меѓу добиената оценка од екстерното проверување на постигањето на успехот на учениците и добиената оценка од наставникот се разликува повеќе од една оценка.
(5) На ученикот му се издава свидетелство за завршено одделение по
спроведеното екстерно проверување од ставот (3) на овој член.

Ова значи дека екстерното оценување може да вцлијае на оценката на ученикот и дека не се издава свидетелство без оценката да биде проверена/корегирана согласно ова.
Никаде во законот не пишува за кои предмети се спроведува тестирањето, што значи дека може да се спроведува за сите.

SvyatoslavaMay 23rd, 2009 at 4:19 pm

Сколько можно уже одну и туже тему мусолить. Блогосфера одно сплошное унылое гавно

PETAR_PANMay 23rd, 2009 at 4:25 pm

Никако не се согласувам со ваквото калабалак тестирање.
Ај да земеме за пример еден совесен наставник кој предавањето и оценувањето ќе го спроведува најпрофесионално. Постојат мал милион фактори кои влијаат на оценувањето. Редовноста, заинтересираноста, нивото на совладување на материјалот се главните според мене, но постојат и други.
Ќе дојде денот за тестирање. Тестирањето подразбира идеални услови во кои ученикот е спремен на материјалот од цела учебна година, сталожен, смирен и секако присутен. Таквиот ученик може да даде солидни резултати на ваквото „екстремно“ тестирање.
Може да се случи следново:
1. солиден ученик да биде психолошки блокиран од самиот момент на тестирањето, неговата временска ограниченост и ред други фактори, па да не го постигне капацитетот на дадената оценка.
2. послаб ученик да препише од ваму-таму и да добие посолидна оценка на тестирањето.
Дали овие два фактори го прават наставникот неспособен во очите на едикојси кој дошол од „птичја перспектива“ да спроведува тестирање, а наставникот не го ни познава? Секако дека ДА. А да не зборувам за можностите од манипулирање со резултатите, па унапредување на благонадежните и подобни наставници, а уназадување до истерување од работа на останатите.
Мојата практика како наставник беше следна: ќе спроведам тестирање 2 недели пред ставањето оценки и после ќе ми останат тие 2 недели да ги нивелирам оценките со усно испрашување. Никако, ама никако, во училишната практика не може само тестот да биде меродавен за формирање на оценката. Како и да е, никој не се интересираше како јас оценувам. Годинава (2008/09) бев истеран од работа и сменет од едно подобно и неписмено вмровче. Разговаравме со Мирјана за ваквите „патриотски“ потези на актуелната власт. Институциите и судот затаија и, каде и да се обратам, нема резултат.
Само за крај да резимирам, ќе да беа подобри ревизиите во мое време (кога јас бев ученик) оти даваа далеку подобри резултати.

РMay 23rd, 2009 at 5:04 pm

“Јас мислам дека треба да постои екстерно оценување и дека досегашните искуства од други држави покажале дека тоа влијае позитивно во подигањето на квалитетот на наставата, објективноста на оценките и намалувањето на случаите на корупција.”

Кога избацуеш нешто вакво ред е да приложиш пример кој го докажува истото. Ете, јас до сега не сум видел пример од друга држава која покажува дека екстерното тестирање го подига квалитетот на наставата - се` што постои е дека не е баш сигурно, има милион примери кои велат/ и искуства кои велат дека тоа не е случај. Па покажи ни што и каде сме пропуштиле, откако ќе фрлиш ваков заклучок.

niksaMay 23rd, 2009 at 10:16 pm

Ja samo ke dodadam deka za ovoj proekt, za da se sprovede ko so treba navistina se potrebni nekolku godini podgotovka i nekolku rabotni grupi koisto ke gi razgledaat site aspekti i ubavo NEDVOSMISLENO ke gi definiraat rabotite. Tiha jeza me faka od toa kako se se odvivase…

gogspattMay 25th, 2009 at 2:02 am

Ааааа, в рот мне ноги!!

Кај Едгар ШлингMay 25th, 2009 at 3:19 pm

…не дека со вас се согласувам или не, едноставно само да ве потсетам, пријатели седите пред компјутер, слободно во пребарувачот, ќе да се вика банер или кој знае како важно само треба ЕТС, ЕТА или ЕТСТ, и сите одговори ќе ви се родат-појават, та запад не се ненормални што постојат и активни владини агенции и приватни агенции кои оценуваат колку од учениците го совладуваат градивото, а колку протекционизмот зел замав во школството, едноставно е се навикнавме со врски нашите деца во 90% да се потполно одлични, е сега дали е тоа нормално, незнам, прашајте го тој кој ве тера на самоуништување и тивко одумирање, да слободно советувајте се со нашите препаметни Јајчевци или соровски тие ќе ви речат та оваа влада сака да ве направи неписмени ќе ви речат, а уставниот ви единствен можен избор на спас, старите велат ќе си ја чешате главата само нејсе поживејте и порадувајте се…Америте и Европа демек се неписмени што кај нив традицијата на ЕТСТ, демек екстерно оценување им е застапена повеќе од 50 и кусур години…само напред со протекционизмот, кој нема пари нека учи, а кој има нека плаќа за оцени, не секогаш е црното бело и обратно, Уставниот со оваа одлука дефинитивно се надмина и се покажа дека не ни мисли добро туку мора да му удоволи на тој кој го за тоа намести.

кузеMay 25th, 2009 at 4:53 pm

еве гуглав, и научив дека ЕТС, ЕТА, ЕТСТ (првото и последното едно те исто) се невладини организации, чии тестови се наполно различни од оние кои кај нас се имаат на ум (а такви имаме, се викаат тестови за приемен испит во разно разни институции, не само образовни) и не се за сите, туку за оние кои ќе се одлучат да ги ползуваат како доказ на својот квалитет. Споредбата е несоодветна и е само сервилна да се оправда мислење.

ТониMay 26th, 2009 at 2:27 am

Ќе спомнам некои работи кои (барем јас не прочитав или невидов) не беа спомнати по медиумите. Постојат одредени правила при креирање на тестови, пред се треба да се стандардизирани (ниту тежок, ниту лесен и изедначен за целата територија на МК). За такво нешто да се постигне тој тест треба да биде „тестиран“ низ цела МК неколку пати, и соодветно да биде менуван, за да се стандардизира. Не може тук така да се направи тестот. Бирото за образование ова стандаризирање мора да го прави за сите предвидени предмети, процес кој би траел повеќе години, и е доста напорна работа со оглед на обемот. Матурата има стандардизирани тестови, на пример, и таа не беше воведена од прва.

Додатно, сите наставници на крајот се редат во еден ист кош. На крај се прави ранг листа од средните отстапувања на екстерниот тест од дадената оценка на наставниците. Првите 20% ќе имаат поголема плата, 20% последните помала. Со други зборови сите ќе бидат на купче. Незнам чија била идејава ама е „генијална“. Правиме споредба на наставници од различни предмети (на пример, математика и македонски) и постои голем проблем со стандардизацијата (сега се проширува на различни предмети). Реално (а знам дека ќе се случи) тестот на одреден предмет ќе биде полесен и сите наставници од тој предмет ќе се кренат погоре на ранг листата. А некој тест ќе биде потежок, и тие ќе земаат помала плата. И, правно гледано, некој наставник, по грешка (голема веројатност има) нема да биде тестиран, тогаш ранг листата е невалидна.

Образованието ни е партизирано, многу лош хибрид помеѓу централизирано и децентрилизирано, демотивирачко за наставниците (чест на исклучоци), учениците и родителите добро го знаат тоа. Ако директорот или наставникот бил вработен партиски, тогаш како некој очекува од нив да имаат авторитет и правилно оценување? Да не испадне после во опозициските општини наставниците да се најдолу во ранг листата…

Mirjana NajcevskaMay 26th, 2009 at 1:36 pm

Да, еден од облиците на манифестирање на незнаењето е токму непознавањето на процедурите. Процедурите низ кои се испробува, кои овозможуваат разговор, промени, различни видувања, и секако кои овозможуваат да се проверат работите кои можат да изгледаат супер на хартија, а воопшто да не функционираат во пракса.
Во многу држави оди перманентна реформа на образованието, постојани промени, меѓутоа тие не се прават одеднаш и на секаде, туку прво се прават проби, па се разговара за добиените резултати, па се прават мали промени во целокупниот систем, па се гледа како тоа изгледа во поголеми размери, па дури после тоа се прави законска промена.
Ние сме жртви на огромно незнаење и на властодршци кои рачунаат на општата неукост, а грешките не ги признават или едноставно ги припишуваат на друг.
Значи да бидеме јасни:
Екстерна евалуација - ДА.
Екстерна евелуација без претходна подготовка на наставниот кадар, без претходни пилот проекти, без расправа на научната и стручна јавност, без јасно информирање на сите засегнати за што станува збор - НЕ.

DjangoMay 27th, 2009 at 9:17 am

ај моето искуство како родител:

на последната родителска средба (1-ва година средно) се отвори дискусија за екстерното тестирање…класната исплашена, не знае ништо (ова е пред 1 месец) и се јавува една родителка која се претстави дека работи во министерството…и со еден надмен тон „ни објасни„ дека они напорно работеле на „проектот„ и дека нема шанса сега некој да се „буни„???!!??

по игра на случајност „родителката„ ми беше колешка на факултет(ја затекнав и ја напуштив, кога она заврши, незнам)

џанго, фрапиран од самобендисаноста на некој кој сега игра важна улога во образование, а џанго ја познава „кад је пиштољ била„, поставуе питање, уз присеќање на студентски денови:

„добро колешке….дали имаше ти двосеместрален испит на цел факултет?…дали и тој едносеместрален ти беше поделен на два колоквиуми?….дали знаеше да зуцнеш нешто во јуни од испитот кој го положи во јануари?„

женава стварно у небрано се најде…ама не може на 15 годишни деца да им даваш да полагаат ЦЕЛ предмет….а се има разбирање за возрасни студенти

на крај,

екстерно оценување ДА…навистина и јас сум с судрил со нереални оценки на наставници НО…ако веќе се амбицираме СЕ да биде коректно…ете им секое тромесечје, нек испотат г’зот од министерство….после секоја оценка за тромесечје -тест…пореално-здравје…

а башка, статистиката на повеќе примероци, се уточнува

Mirjana NajcevskaMay 27th, 2009 at 9:19 pm

Она што ме плаши е дека како и многу други идеи и екстерното оценување ќе биде едноставно отфрлено, не заради тоа што не е потребно или заради тоа што не може да се спроведе туку заради тоа што не се спроведува на соодветен начин и со соодветна подготовка. Знаеш, тоа е исто како да купиш супер автомобил, ама не знаеш дека за да вози му е потребен бензин. И го заџиткаш во ѓубре и тврдиш дека не чини заради тоа што едноставно не знаеш како работи.

Ова може да го префрлиме и на социјализмот (посебно оној интересен ЈУ изум - самоуправување), ама тоа е сосема друга тема.;)

Leave a comment

Your comment