УСТАВЕН СУД – да го има или да го нема?

Кој е крив?

Ако е членовите во законот се  спротивни на Уставот и бидат оспорени пред Уставниот суд, кој е крив за укинувањето на овие членови: тој што ги напишал или тој што ги укинал?

Ако во расправите во врска со конкретен закон се укаже на неуставноста на одредени членови, а Собранието сепак го изгласа, кој е крив за евентуалното укинување на овие членови во постапка пред Уставниот суд: тој што ги изработил и усвоил или тој што ги укинал?

Не е невозможно да се прават грешки. Токму затоа и постојат контролните механизми во една држава – да реагираат кога ќе биде направена грешка и да пробаат да ја поправат, а граѓаните да не ги трпат последиците или да им биде надоместена штетата којашто ја претрпеле заради направената грешка.

Проблемот настанува во моментот кога:

1.     Се создава ситуација во којашто може да се направат многу грешки (донесување на закони по итна или скратена постапка)

2.     Се оневозможува расправа во којашто ќе се превенираат грешките (непостоење на јавни расправи за законските текстови и неприфаќање на забелешките)

3.     Се негира потребата од постоење на контролниот механизам којшто ги открива и санкционира грешките

Јас лично не сум воодушевена од работата на Уставниот суд. Мислам дека не ги укинува сите одредби од законите коишто би требало да се укинат и во многу случаи на загрозување на правата и слободите на граѓаните не покажа доволно знаење за оваа област.

Не сум воодушевена ниту од составот на судиите. Не можам никако да кажам дека станува збор за “истакнати правници” како што се бара во Уставот на РМ. Најголем дел од нив не се правници од таков калибар којшто укажува на потребно знаење, искуство и независност.

Меѓутоа и ваков каков што е, со овие луѓе кои се внатре, подобро е да постои отколку да не постои, подобро е да делува отколку да не делува и подобро е да се развива, а не да се уништува. Заради нас граѓаните и заради создавањето услови во кои нема да има недопирливи властодршци и несоборливи решенија.

Leave a comment

Your email address will not be published.