ОПАСНА БАГРА

Прво почнаа со вработување на луѓе на мала врата. Потоа продолжија со донесување на партиски кадри на сите позиции на голема врата. Сега сме во фаза кога апсолутно не е важно кој си, што си, што знаеш или не знаеш, туку е важно само дали си или не во комуникација со партискиот врв на владеачка политичка партија.

Резултатот е: концентрација на незнење, неспособност и глупост.

За граѓаните тоа значи дека државата веќе не функционира како сервис за обезбедување на нивните потреби и интереси туку како приватно чекмеже за влечење пари.

Најновиот пример треба многу да не загрижи сите, меѓутоа ние сме многу храбар народ и ништо не не плаши.

Во тв сторијата на Канал 5 можевме да ја видиме оваа сторија: “За малата Санија и денеска нема спас. Институциите не можат да и помогнат, бидејќи родителите одбиваат да ја вратат на лекување во Скопје. Надлежните тврдат немоќни сме покрај родителското право ние да одлучуваме за животот на Санија. Вчера од центарот за социјални грижи во Битола изјавија дека државата нема механизми со кои ќе можат тригодишното девојче да го одземат од родителите.

– Јас цврсто сум уверен дека Министерството за здравство ќе преземе нешто за да се врати девојчето во болница. Доколку не е сторено ништо, јас ќе настојувам кај министерот за здравство да преземат нешто малата Санија да ја вратат во болница, изјави Џељаљ Бајрами, министер за труд и социјална политика.

И додека надлежните си ја префрлаат одговорноста кој може да му помогне на детето доколку родителите одлучат да не го вратат на болничко лекување, животот на малата Санија од ден на ден виси на конец. Денеска министерот за труд и социјала вети помош на семејството во висина од околу 500-тини евра. ”

Во Законот за семејство се вели:

Член 4

Републиката обезбедува посебна заштита на семејството,

мајчинството, децата, малолетните лица, децата без родители и децата без

родителска грижа. Републиката обезбедува заштита од семејно насилство.

Член 8

На родителот може да му биде одземено или ограничено вршењето на

родителското право под услови предвидени со овој закон.

Член 84

Центарот за социјална работа е должен да презема потребни мерки заради

заштита на личноста, правата и интересите на детето.

Секој граѓанин, орган и правно лице должен е да го извести Центарот за

социјална работа веднаш штом дознае дека родителот не го врши родителското

право или дека од други причини е потребна заштита на личноста, правата и

интересите на детето.

Член 87

Центарот за социјална работа со решение може да го одземе детето од

едниот и да го довери на чување и воспитание на другиот родител, на некое

друго лице или на соодветна установа, кога родителите, односно родителот кај

кого детето живее го запостави детето во поглед на чувањето и воспитанието или кога постои сериозна опасност за неговиот правилен развој и одгледување.

Член 90

На родителот кој го злоупотребува вршењето на родителското право или

грубо го занемарува вршењето на родителските должности по прибавено мислење

од центарот за социјална работа, му се одзема вршењето на родителското право

со решение на судот, во вонпроцесна постапка.

Член 91

Постапка заради одземање на родителското право може да поведе другиот

родител, Центарот за социјална работа или јавниот обвинител.

Значи механизми има. Нема знаење.

Зошто треба да не загрижи овој пример?

  1. Затоа што имаме неписмени државни службеници кои не ги знаат законите и не може да очекуваме дека ќе постапуваат на начин согласен со законите, а во функција на задоволување на потребите и интересите на граѓаните
  2. Затоа што имаме неписмен министер кој не нашол за потребно да го прочита текстот на Законот за семејство (за другите закони и да не зборуваме) и не се знае што воопшто прави на местото на кое е поставен
  3. Затоа што имаме неспособни и неписмени новинари на кои им е тешко да прочепкаат малку и да побараат по законите и праксата и се сведуваат на обични папагали кои ги повторуваат речениците на “многу важни” соговорници
  4. Затоа што ова се случува и во образованието и во здравството и во полицијата и во одбраната и во финансиите и во дипломатијата и во… и едноставно државата се распорува по сите можни шавови (со и без Ацика големиот бисексуалец таткоубиец), со и без комшиите и со и без Европјаните и Американците и Русите и Кинезите и Тајванците и…

И пред 8 години…

Leave a comment

Your email address will not be published.