ОХРИДСКИ РАМКОВЕН ДОГОВОР – историја на една манипулација

2004 – Годишен извештај на Хелсиншкиот комитет

б) Ретроградни процеси во функционирањето на демократска држава

Општите демократски процеси во 2004 година се карактеризираат со натамошно поместување на моќта од легалните и легитимни структури на власта во врвовите на политичките партии. Продолжителното опстојување на политичкиот договор како извор на правото (во Република Македонија овој однос е етаблиран од 1998 година кога договарањето меѓу политичките партии најотворено ги замени собраниските и владини расправи) доведува до крајната консеквенца на партиско владеење и диктат кои ги негираат и демократијата и владеењето на правото. Моноетничкиот карактер на партиите во Република Македонија ја потенцира негативната импликација од ваквото договарање. Веќе длабоко навлеговме во ситуацијата кога промените направени со почитување единствено на партиската воља, а со непочитување на законите, правилата и процедурите, достигнуваат критично ниво кое доведува до директно кршење на човековите права и слободи. Дефункционилизирањето на целокупниот државен систем повредата ја проширува на целиот општествен живот и негира било кој облик на системска и соодветна заштита на граѓаните.

– Целокупниот демократски развој се уште е детерминиран од имплементацијата на Охридскиот рамковен договор. По 3 години од неговото потпишување голем дел од предвидените законски и практични  промени се направени, меѓутоа дел од овие промени не резултираа во глобално подигање на остварувањето на базичните права и слободи во државата, дел од зацртаните цели не се воопшто остварени, а во одредена мера тој станува и специфичен начин на негирање на легалните органи на државната власт.

Под закрилието на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и неговото издигнување на ниво на правно релевантен основ за донесување непосредни одлуки (наспроти Уставот и постоечката законска регулатива), политичките партии го негираа Собранието како место на преговарање и договарање и се појавија како супститути на целокупниот државен апарат и на легалните структури на власта.

Наспроти јасната определба на самиот договор според која, единствено развојот на демократијата и на граѓанското општество можат да обезбедат вистинска заштита на интересите на сите граѓани на Република Македонија и на посебните потреби и интереси на припадниците на малцинските етнички заедници, во практиката беа иницирани промени кои ги редуцираа дел од демократските категории, односно, го ограничија просторот за практикување на базичните права и слободи.

Во име на воспоставување меѓуетничка доверба:

  • не е извршено целосно разоружување на етничките вооружени албански групи и не е собрано оружјето од резервниот состав на полицијата (и граѓаните кои по било кој основ дојдоа во посед на оружје во периодот пред и за време на вооружениот конфликт од 2001 година). Ова резултираше во повеќекратно намалување на безбедноста на граѓаните и во енормно зголемен број случаи на употреба на огнено оружје (во вооружени напади, ограбувања и убиства, но и во инциденти и несреќни случаи). Неконтролираното поседување оружје, од една страна ги оневозможува истрагите на полицијата (со што се зголемува бројот на нерасветлени убиства, како што е последниот случај со убиената девојка во текот на прославата на Новата 2005 година), а од друга страна го етаблира насилството како рамноправен политички метод на решавање на проблемите (како во случајот со општината Кондово).
  • се негираа демократските процедури и партиципацијата на граѓаните во решавањето на работите од локален интерес дефинирани во Уставот и во Законот за локална самоуправа (институцијата референдум беше прогласена за непожелна и опасна, изнесените ставови и мислења на граѓаните на локално или на експертско ниво беа потполно игнорирани, беше конструирана ситуација на спротиставени ставови по етничка основа).
  • примената на принципот на правична застапеност во голем број случаи се изведе со негирање на принципите на компетентност и стручност во структуирањето на државните органи и јавната администрација, запоставување на помалубројните етнички заедници и легитимирање на припадноста на одредена политичка опција како единствен критериум во изборот на одредено работно место, во добивањето било кој вид бенефиции или во избегнувањето на санкциите.

– Девалвацијата на Собранието ја заокружи Уставниот суд со последната одлука, со која е дозволен трансферот на пратениците од една во друга политичка партија. Доколку се има предвид дека во Република Македонија на парламентарните избори беше применет пропорционалниот модел, значи граѓаните не гласаа за личности туку за политички партии (односно програми кои ги нудат овие политички партии) ваквото решение всушност претставува директна повреда на изборното право на граѓаните (кои избрале конкретна политичка опција, и тоа со мандат од четири години). Слободата на пратеничкото мислење многу лесно може да се постигне  преку изнесувањето сопствени ставови и преку гласање кое може да биде различно од партиското, па дури и гласање кое со ништо легално не го врзува да биде еднакво со партиската инструкција или партиското мнозинство.

– Проширувањето на политичкиот договор и во сферата на државната и јавната администрација (наместо примената на правилата, процедурите и критериумите дадени во законите) ја разруши организационата структура во сите државни органи (а со тоа и системот на одговорност и санкционирање), овозможи создавање на некомпетентна, нестручна и неефикасна администрација, и со тоа директно го загрози практикувањето и заштитата на човековите права и слободи.

Процесите се манифестираат низ:

  • разрешување именувани лица без образложложение и правна поука; назначување нови кадри без оглед на тоа дали тие ги исполнуваат со закон предвидените услови; практика министерствата да не ги почитуваат одлуките и на сопствените органи надлежни за вршење контрола и инспекција (како во случајот со именување директори на училишта спротивно на Законот за средно образование и наспроти констатираните повреди од страна на Државниот просветен инспекторат).
  • одземање на ингеренциите на Агенцијата за државни служвеници (АДС). Законот за државни службеници донесен во 2000 година и воспоставувањето на АДС (која меѓу другото доби задача да се грижи за “единствената примена на законите и прописите” и, за таа цел дури го издигна директорот на АДС на ниво на собраниски функционер) имаше за цел: државните службеници да ги вршат своите задачи “професионално, политички неутрално и непристрасно” и во функција на почитување и обезбедување на практикувањето на човековите права и слободи. Постепено на Агенцијата и беа одземени сите ингеренции поврзани со распишувањето на конкурси, изборот, распоредот, кариерното напредување и санкционирањето на административните работници и дeнешната состојба е: директор(ка) како личност од партиска доверба, назначен(а) на местото на неправно променетиот првобитен директор; партиско примање и отпуштање администрација, а АДС наместо за доследна примена на законите се грижи за доследна примена на партиските одлуки (со застанување зад отворена дискриминација на казнување на службеникот а неповикување на одговорност на одговорниот министер, односно, државен секретар; со тоа што не се спротистави во случаите на незаконско постапување во однос на државните службеници, не се спротистави на необразложените разрешувања и распоредување на несоодветни работни места по потполно слободно убедување на соодветниот министер; застана зад отворените прекршувања на законот направени под паролата на „структурни реформи”). Краен губитник од ваквата ситуација е граѓанинот кој е лишен од можноста државата да му пружи професионална, политички неутрална и непристрасна, услуга, односно, можност да ги оствари своите потреби и интереси во постапка во која се почитуваат неговите базични права и слободи.
  • Проширувањето на политичко-партискиот модел на делување и во областа на јавната администрација (што ги опфаќа сите оние кои платата ја остваруваат од буџетот на Република Македонија) доведе до ситуација: на такво нарушување на системот на здравството кој не е во состојба да го заштити или тешко ги загрозува животот и здравјето на луѓето (неодговорноста на лекарите зема такви размери кои значат директно загрозување на животот на граѓаните без вистинско санкционирање на виновниците); такво нарушување на работата на инспекциските служби кое значи нивна потполна неефикасност (било во откривањето на прекршителите, било во грижата за спроведување на донесените одлуки, за што зборуваат примерите со инспекторатот за животна средина, трудовиот инспекторат, образовниот инспекторат); такво нарушување во структурата на носителите на воспитно-образовната функција кое резултираше во корупција од огромни размери, видлив пад на квалитетот на образованието и непосредни повреди на правата на децата во процесот на образование.

2005- Годишен извештај на Хелсиншкиот комитет

3. Девалвирање на принципот на владеење на правото

Посебен облик на девалвирање на правната држава претставува имплементацијата на Рамковниот договор. По четири години од потпишувањето на Рамковниот договор (со кој, меѓу другото, требаше да се промовира и владеењето на правото, како гарант за заштитата на правата на припадниците на малцинските етнички заедници),  кај власта во Македонија тој создава правни дилеми и внесува правна конфузија. На web-страницата на Владата (http://www.vlada.mk/) и на Министерството за одбрана (http://www.morm.gov.mk), Рамковниот договор е сместен како поглавје X од Уставот на Република Македонија; на web-страницата на Претседателот на Република Македонија (www.president.gov.mk), Рамковниот договор (на македонски јазик) ќе го најдете во одделот „документи – Устав на Република Македонија”;  на web-страницата на МВР, Рамковниот договор може да се најде и на албански јазик, но во пододделот насловен како „закони” – „граѓански права” (http://www.mvr.gov.mk/); Секторот за европска интеграција (http://www.sei.gov.mk/) го идентификува како „стратешки документ”.  Во времето на потпишувањето на Рамковниот договор, еден од советниците на тогашниот претседател (професор на Правниот факултет) во јавноста  ги изнесе тезите (кои неодамна ги повтори), дека Охридскиот договор е политичко-правен документ” кој „дава одредени правни решенија”, односно дека „тоа е внатрешен правен акт”. Сметаме дека несоодветниот третман на Охридскиот договор како правен акт претставува атак врз владеењето на правото и на правната држава. Ова е правно недопустливо, бидејќи  единствено Собранието има овластување за донесување и за изменување на Уставот, како и за донесување закони. Рамковниот договор не е донесен од страна на Собранието. Независно дали и колку Рамковниот беше “инспиратор” на уставните амандмани од 2001 година, само така изменетите уставни одредби се извор на правото. Рамковниот договор не е ниту закон, ниту пропис. Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и со законите.  Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Рамковниот договор не е објавен во „Службен весник на Република Македонија”. А тоа се должи на фактот дека Собранието го нема усвоено Рамковниот договор во, на пример, законска процедура. Рамковниот договор, воопшто, не е правен акт. Доколку Рамковниот договор навистина беше „внатрешен правен акт”, и имаше правно дејство, тогаш граѓаните на Република Македонија ќе мораа да имаат можност да добијат правна заштита, било од редовните судови, било од Уставниот суд. Меѓутоа, според Уставниот суд, Рамковниот договор „…не е правен акт што може да биде предмет на уставно судска оцена…, па оттука секое негово третирање како законски акт значи и скратување на базичното уставно правило и елементарно човеково право – да го оспори (право на жалба, право на фер и независна судска постапка). Оттука, Хелсиншкиот комитет и овојпат нагласува дека е неопходно да се врши разликување меѓу она што значи теоретско-политичка или партиска расправа дали одредени решенија се или не се во согласност со Рамковниот договор и, од друга страна – она што значи критичка и аргументирана правна расправа за тоа дали одредени решенија се или не се во согласност со Уставот и со законите. Во таа смисла од надлежните државни органи бараме да дејствуваат во рамките на своите уставни и законски овластувања, за разлика од партиските органи кои во своите кампањи можат да се повикуваат на политички договори, но без да ги доведуваат граѓаните во заблуда дека се работи за нешта што се составен дел од правниот поредок, или уште подрастично – дека имаат некакваси правна сила.

Leave a comment

Your email address will not be published.