ЗОШТО МИСЛАМ ДЕКА ОДЛУКАТА НА ВЛАДАТА ЗА БЕСПЛАТЕН ПРЕСТОЈ ВО БАЊА ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ПРЕТСТАВУВА ИЗИГРУВАЊЕ НА ПРАВОТО?

Според А1: 29.11.2009 15:52

Никола Груевски

Гратис бања за пензионерите од Премиерот, 7-дневен аранжман ќе плаќа Владата на Груевски, за над 10 илјади пензионери.

Одлуката на Премиерот ја гарантираше со присуството и министерот за финансии. Иако Ставрески вети дека в година ќе штеди, сепак го одврза ќесето и честеше 1,5 милион евра.

Слични наслови се појавија и во другите медиуми (Нова Македонија, Утрински весник, Дневник, …).

Ова е една од оние работи кои го дигаат рејтингот на Премиерот, а се ставаат во графата “Оваа Влада е хумана и барем нешто прави, за разлика од другата …“.

Јас лично имам голем проблем со ваквиот вид на хуманост и со ваквиот начин на трошење на парите од даночните обврзници (меѓу кои се и пензионерите самите).

Што е она што ме прави многу скептична во однос на донесената одлука?

1. Врз основа на што е донесена одлуката за издвојување на средства за оваа намена? Дали е претходно направена анализа на состојбата со пензионерите, утврдени се клучните проблеми и врз основа на собрани релевантни податоци се дефинирани приоритети на делување (меѓу кои бесплатниот престој од една недела за дел од пензионерите се профилирал како најважен)?

2. Дали некој направил анкета меѓу пензионерите кои се работите кои најмногу им недостасуваат и кои се проблемите кои според нив бараат приоритетно решавање?

3. Дали во донесувањето на одлуката учествувале претставници од пензионерите кои ги застапувале интересите на различни категории пензионери?

Доколку ништо од ова не е направено тогаш се поставува прашањето зошто баш овој приоритет, а не некој друг?

Еден од можните одговори (кој се наметнува и низ некои од медиумите) е дека основен мотив за една вкава одлука е печалбата или можноста да се исплати некој долг. Имено, сумата е навистина голема и може многу добро да му дојде на некој активист на владеачката партија кој решил да инвестира во бањски туризам. Или многу лесно може да се оствари % од заработувачката. Или, може да се прикажат поголеми трошоци, а вишокот да биде соодветно распределен меѓу партиските и лични џепови. Или,…

Не мора да биде ништо од ова. Може да е идејата баш онака хумана и на место. Меѓутоа, отсуството на процедура, аргументи, транспарентност и партиципција на граѓаните дефинитивно оставаат голема доза на сомнеж во: намерите на тој што одлучувал, во корисноста на идејата, во соодветноста на трошењето на парите, во …

Токму затоа служи правната држава: да обезбеди таква формална постапка која што ќе овозможи најдобро можно трошење на парите на граѓаните и најдобра можна контрола над оние кои можат да ја употребат власта за остварување лична корист.

Се додека нема ваква процедура јас сметам дека наизглед хуманите идеи на Владата се всушност само параван за бизнис зделки од сомнителен карактер, или народски речено, за крадење и мамење.

Comments (2)

граѓанинDecember 6th, 2009 at 1:07 am

Башка медиумите трубат „Груевски чести“ како од свој џеп да дава, а не од НАШИ ПАРИ!!!

kittycatDecember 7th, 2009 at 5:14 pm

Politiki zasnovani na istrazhuvanja i relevantni podatoci i analizi ne se chesti nikade na svetot, ama osobeno ne kaj nas! Zohsto bash edna nedela vo banja? Dali site penzioneri sakaat da odat vo banja? Dali neshto drugo im e popotrebno? Se’ interesni prashanja…

Leave a comment

Your comment