ЗА УСТАВНИОТ СУД

Една од основните карактеистики на политичкото делување во Република Македонија претставува етикетирањето. Заедно со манипулацијата со информациите, тоа обезбедува многу едноставно мобилизирање на граѓаните за остварување на одредени политички намери.

Така ја сфаќам и последната ситуација околу мерката која што ја усвои Уставниот суд во врска со пензионирањето на вработени од МВР и етикетата: исполитизиран, која што му е залепена.

Прво, оваа етикета е сама по себе проблематична. Ако се има предвид дека секој државен орган води одредена политика, гради одредена политика и се залага за одредена политика, да бидеш исполитизиран во буквална смисла на зборот нема никаква негативна конотација.

Во реалноста на Репблика Македонија, политиката станува најнавредлив збор (се разбира покрај комуњар, соросоид и невладина организација). Во одомаќеното значење да се биде исполитизиран значи да се биде под влијание на другата политичка опција од онаа која што ја застапувам јас. Некој орган е исполитизиран кога носи одлуки кои се спротивни на интересите на мојата политичка опција или не носи одлуки кои се во интерес на истатата таа опција.

Лично мислам дека основниот проблем на нашиот Уставен суд не е влијанието што политиката го има врз судиите. Не спорам со фактот дека во него има луѓе кои гаат симпатии кон одредени политички опции и има луѓе кои добиваат привилегии секогаш кога ќе постапат соодветно на политичката опција на власт, меѓутоа, најмногу од се има луѓе кои немаат појма од правото. Составот на Уставниот суд го имаат на душа сите политички партии и тој е слика на напливот на непрофесионалност и нестручност кој станува карактеристичен за Македонија.

Судиите на судови од ваков вид во светот се вообичаено луѓе кои се на крајот од својата богата правничка кариера и ова им е последно стојалиште. Уставниот суд треба да биде пандан на собирот на мудреци во племињата. Тука треба да биде собрано огромно правно искуство, долгогодишна работа на правната материја која што овозможила контакт со различни решенија и органи и која што пружа ширина на погледите и опфат на севкупната правна област на државата.

Наспроти на ова, во Уставниот суд на Република Македонија постепено се градеше состав од судии кои шо не соодветствуваат апсолутно на ниту еден од критериумите. Во него има неколку залутани луѓе со проблематично ниво на интелегенција, неколку професори кои појма немаат од пракса, неколку апартчици и политички испроституирани лица и еден двајца помлади кадри кои бараат солидно созревање за да може да ја облечат тогат.

Во ваква ситуација погрешните решенија се најчесто резултат на незнаење и нестручност, а политичкото влијание дава само опаковка на ова незнаење и нестручност. Контрадикторни решенија, бесмислени објаснувања, одбивање на надлежност, се само некои од гревовите на Уставниот суд. (штом ќе најдам малку време ќе наведам и конкретни примери за секое од овие тврдења).

Меѓутоа, мерката која што е изречена во врска со предврементото пензионирање на вработените во МВР не може да се вброи меѓу овие решенија.

Имено, проблемот не е во суштината на институтот поинакво постапување заради објективни причини (или, в конкретниот случај бенефициран стаж), туку во конфузијата која што е направена во новиот закон за внатрешни работи (овде повторно станува збор за незнаење, ама на некои други структури). Имено, во законот не е јасно дефинирана категоријата на вработени кои потпаѓаат под називот “овластено службено лице“, односно, не е направено аргументирано разграничувае од категоријата “државен службеник“. Во новиот закон под службено лице се подразбира и униформираниот полицаец кој е секој ден на терен (и секако дека треба да има бенефициран стаж) и полицијата и службите во цивил (кои исто така се на терен, и секако дека треба да имаат бенефициран стаж), меѓутоа и луѓе кои работат во канцеларија, кои се раководни лица во администрацијата и кои по ништо не се разликуваат во својата работа, во изложеноста на ризик и во отежнатите услови за работа од другите државни службеници во вкупната државна администрација.  Токму во ова е проблемот. Тогаш кога нееднаквото постапување нема рационално објаснување тоа станува дискриминација, односно, оправданата бенефиција станува неоправдана привилегија.

Во ова светло, сите оние кои навистина оправдано ја имаат бенефицијата на скратен работен стаж, треба да се свртат околу себе и да ги погледнат во очи своите колеги кои сакаат да профитираат на нивниот грб, а и да и постават прашање на министерката зошто ги доведе во ваква ситуација кога проблемите од овој вид беа сигнализирани уште во процесот на донесување на законот, меѓутоа, таа одби воопшто и да разговара за нив, а камо ли да прифати било каква сугестија.

Лошите закони создаваат конфликти. Ова е лош закон кој што и во иднина ќе продуцира ваков вид недоразбирања и нужно ќе биде поставен на дневен ред на Уставниот суд во врска со повеќе проблематични членови (на пример, членот со кој се овозможува вработување на овластено службено лице без олас). Имајки го предвид составот на судот може да се очекуваат крајно невоедначени решенија, кои уште повеќе ќе ја зголемат конфузијата и ќе можат да бидат употребени во меѓуполитичките обвинувања.

Меѓутоа, ова никако не може и не смее да биде причина за поставување на прашањето за потребата од постоење на Уставниот суд, туку треба да го постави прашањето на селекцијата на луѓето кои што го сочинуваат, исто како што никој не би го поставил прашањето на потребата од постоење институција факултет само заради тоа што професорите се несоодветни и  нестручни.

И ова во секој случај треба да го постави прашањето на квалитетот на законите кои што се носат и улогата на стручната јаност во нивното обликување.

Leave a comment

Your email address will not be published.