КАКО ВЛАСТА ГО УБИ ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА

Во прилог е даден текстот на законот кој што го изработи работна група составена од претставници на различни министерства, на невладините организации и Народниот правобранител. Свој удел во изработката дадоа и експерти од областа на дискриминацијата и ЕУ парвото (домашни и меѓународни).

Со сино се обележени сите делови што се исфрлени од овој текст.

Со црвено се дадени објаснувања на Мирјана Најчевска

Во прилог е дадена веб страна на која може да се види лешот на Законот по неговото силување, малтретирање, изживување и по завршената обдукција направена најверојатно од познатиот и единствен Дума.

Тело за еднаквост во Република Македонија – компаративна анализа

Договорот од Амстердам

Во Април 2009 ЕУ парламент гласаше за проширување на антидискриминаторската легислатива на ЕУ

Еу директиви:

(расна дискриминација) анг мк

(дискриминација во вработување) анг мк

Препораки на ЕКРИ за специјализирани тела за борба со дискриминација

ПРЕДЛОГ – ЗАКОН ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Предмет на законот

Член 1

(1) Со овој закон се уредува општата забрана од дискриминација, облиците на дискриминација, исклучоците од дискриминација, постапката за спречување и заштита од дискриминација, инспекцискиот надзор, и судската надлежност и постапка.

(2) Со овој закон се воспоставува Комисија за еднаквост како самостојно правно лице кое е независно во остварувањето на своите надлежности утврдени со овој закон.

Во предлогот на Владата е испуштен зборот НЕЗАВИСНО. Независноста на телото за еднаквост е една од гаранциите за спроведување на законот, за заштита на жртвите на дискриминација и барање на ЕУ регулативата. Токму отсуството на независно тело за заштита е причина заради која и после 3 год. од донесувањето на Законот за еднакви можности на жените и мажите нема ниту една претставка за дискриминација врз основа на пол/род.

Цел на законот

Член 2

Целта на овој закон е промоција и унапредувањето на принципот на еднаквост и  обезбедување спречување и заштита од сите форми на дискриминација и какво и да е поттикнување на дискриминацијата во Република Македонија.

Целта на законот е потполно избришана. Токму во целта е содржана основната новина која што е комплементарна со најновите промени во ЕУ третманот – постигнување на еднаквоста.

Овој дел е потполно избришан – Значење на изразите употребени во овој закон

Член 3

(1) Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1. „Активност за заштита од дискриминација” е секое (поведување) водење административна или жалбена постапка, како и сведочење во процедура за заштита од дискриминација.

2. „Асимилација (присилна)” е процес на несакана апсорпција на различни етнички и/ или културни заедници во доминантна етничка и/ или културна заедница со што се постигнува хомогенизација на пошироката заедница на национално ниво.

3. „Афирмативни мерки” се активности на надлежните државни органи кои се насочени кон реверзна (повратна) дискриминација, односно, намалување или елиминирање на фактичка нееднаквост која што настанала како резултат од претходна дискриминација.

4. „Архитектонско опкружување” се сите објекти во јавна употреба кои се на располагање на луѓето за користење или кои се поврзани со задоволување на одредени потреби или со добивање одредени услуги.

5 „Брачен или семеен статус” во овој закон се подразбира во согласност со дефиницијата во законот што го уредува семејството.

6. „Дискриминација” е секое разликување, исклучување, ограничување или нееднакво постапување или непостапување, мотивирано од било кој основ на дискриминација (кои постојат во моментот, или порано постоеле а не постојат во моментот, или можат да постојат во иднина, или кои се припишуваат на одредено лице), а кое има за цел или резултира во оневозможување или отежнување на признавањето, уживањето или практикувањето од страна на сите лица врз еднаква основа на сите права и слободи, односно во понеповолен третман на едно лице во однос на друго во слична ситуација.

7. „Дискриминаторско однесување и постапување” е секое активно или пасивно однесување на секое лице од страна на јавните власти, како и од страна на правни и физички лица од приватниот и јавниот сектор во јавниот живот, кое создава основи за привилегирање или депривилегирање на некое лице на неоправдан начин, или кое го изложува на неправеден и деградирачки однос во споредба со други лица во слична ситуација, базирано на било која од дискриминаторските основи.

8. „Еднаквост” е начело според коешто сите луѓе се рамноправни, односно изедначени во обврските и правата. Еднаквоста ја подразбира различноста, односно подразбира постоење неистоветни лица кои треба да бидат еднакво третирани.

9. „Еднаквост на шансите” (можностите) во себе ги подразбира мерките коишто се преземаат од страна на државата со цел поставување на луѓето во истоветна ситуација за практикување на основните права и слободи.

10. „Ефективна заштита” е постоење систем од достапни и употребливи механизми за поведување постапка во случај на дискриминација; постоење независни и објективни структури кои постапуваат по поднесените жалби врз основа на однапред предвидени процедури; и, постоење на однапред предвидени санкции за конкретни повреди на правата.

11. „Идентитет” е свест за себе како припадник на одредена етничка, културна, религиозна или друга група којашто видливо се издвојува по некоја континуирано (или во подолг временски период) присутна карактеристика или определба која ги обединува нејзините припадници.

12. „Легитимна (објективно оправдана) цел” е цел која не е спротивна на Уставот и на одредбите на меѓународните договори, а којашто соодветствува со реалните потреби, однапред е прецизно дефинирана и е пропорционална на ефектите кои треба да се постигнат.

13. „Легитимен интерес” претставува оправдување за интересот и активното вклучување на одредено лице во преземањето конкретни активности, заради своја сопствена засегнатост од последиците на тие активности, заради поширок однапред пројавен интерес за одредени општествени случувања, односно заради предвидено овластување со закон за занимавање со определени активности.

14. „Лице” е секој човек, група или заедница, како и секое физичко и правно лице.

15. „Маргинализирана група” е група од поединци кои ги обединува специфична положба во општеството, кои се објект на предрасуди, кои имаат посебни карактеристики кои ги прават погодни за одредени видови на насилство, имаат помала можност за остварување и заштита на сопствените права или се изложени на  зголемена можност за натамошна виктимизација.

16.„Предрасуди” се ставови за луѓе, објекти и појави кои немаат логична заснованост, континуирано се одржуваат, проследени се со силни емоции и предизвикуваат одредено постапување/ однесување кое како последица има понеповолен третман на конкретна категорија луѓе во однос на друга.

17.„Разумно прилагодување” претставува обврска за преземањето соодветни мерки потребни во одреден случај, за да му се овозможи на лицето со интелектуална, физичка и сензорска попреченост да има пристап, да учествува и да напредува во работниот процес, освен ако овие мерки не наметнуваат диспропорционални оптоварувања за работодавачите.

18. „Сегрегација” претставува систем од репресивни мерки и постапки со кои се спречува или се отежнува мешање на луѓе кои се перципираат како припадници на различни групи.

19.„Сексуална ориентација” значи емоционална или сексуална привлечност спрема друго лице, која вообичаено се поврзува со полот на вклучените луѓе.

(2) Во овој закон изразувањето во еднина вклучува множина, а множината може да се однесува на еднина, освен кога со зборовите: „само” или „освен” не е исклучена множината или еднината

(3) Во овој закон употребените изрази имаат неутрално значење и се однесуваат и за жени и за мажи.

Објаснувањето на основните изрази е исклучително важно во услови на воведување една сосема нова терминологија во правото, с о цел соодветна примена на законот и помош на судиите во услови на негово прекршување.

Заштитени лица

Член 4

(1)           Овој закон ги штити од дискриминација сите лица кое се наоѓаат на територијата на Република Македонија.

(2)           Забраната на дискриминација се однесува на сите физички и правни лица во процесот на практикување и заштита на правата и слободите гарантирани со Уставот и со законите на Република Македонија.

Примена на законот

Член  5

(1) Овој закон се применува на постапувањето на сите правни и физички лица од приватниот и јавниот сектор, во областа на:

  1. Работата и работните односи, можноста за вршење на самостојна дејност, вклучувајќи ги и критериумите за избор и услови при вработување и напредување, пристап до сите видови на професионално насочување, стручно оспособување, усовршување или преквалификација;

Испуштено е прецизирањето на оваа  одредба со што повторно може да се влијае на соодветната примена на законот во сите спомнати области.

  1. Образование, наука и спорт;
  2. Социјална сигурност, вклучувајќи го и подрачјето на социјална заштита, пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување, и здравствена заштита;
  3. Правосудство и управа;
  4. Домување;
  5. Јавно информирање и медиуми;
  6. Пристап до добра и услуги;
  7. Членување и делување во синдикалнитетите, политичките партии, здруженија на граѓани и фондации или други организации засновани на членство;
  8. Култура; и
  9. Други области определени со закон.

(2) Во остварувањето на своите надлежности органите на државната управа, органите на единиците на локалната самоуправа, другите органи и организации кои вршат јавни овластувања, јавните установи, правните лица од јавниот и приватниот сектор се должни да превземаат мерки и активности за спречување и заштита од дискриминација.

Овој испуштен дел исто така претставува дел од најновиот развој на ЕУ правото во кој се промовира проактивен однос на државата наместо едноставна реакција на веќе направена дискриминација.

Основи за дискриминација

Член 6

Се забранува секој облик на дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на: пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или уверување, мислење, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, интелектуална, физичка и сензорска попреченост, возраст, сексуална ориентација, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или било која друга основа (во понатамошниот текст: било која дискриминаторска основа) која е предвидена со закон или со меѓународен договор.

Покрај сексуалната ориентација од можните осниви за дискриминација е отстрането и уверувањето (кое не е верско или религиозно уверување) што е спротивно на директивите на ЕУ. На овој начин нема да можат да бидат заштитени од дискриминација сите оние кои се атеисти, агностици, скептици или се дискриминирани заради некое свое идеолошко или филозофско уверување.

Испуштањето на сензорската попреченост го стеснува кругот на луѓе кои можат да бидат дискриминирани заради инвалидитет само на оние кои се препознаени од страна на државата, а не сите оние кои имаат некој фактички проблем.

II. ОБЛИЦИ НА ДИСКРИМИНАЦИЈА

Директна и индиректна дискриминација

Член 7

(1)           Директна дискриминација врз која било дискриминаторска основа е секое неповолно постапување, разликување, исклучување или ограничување кое како последица има или би можело да има одземање, нарушување или ограничување на еднаквото признавање или уживање на човековите права и основни слободи, споредено со третманот кој го има или би можело да го има друго лице во исти или слични услови.

(2)           Индиректна дискриминација врз која било дискриминаторска основа е секое ставање на некое лице во неповолна положба во споредба со други лица, со донесување на одредби или критериуми или со преземање определени практики кои по содржина се навидум неутрални, освен кога таквите одредби, критериуми или практики произлегуваат од оправдана цел, а средствата за постигнување на таа цел се соодветни и неопходни.

Од дефиницијата на индиректната дискриминација е испуштен делот кој што e директно пресликан од директивите на ЕУ и со кој се надминуваат одредбите i нивното делување и се влегува во сферата на подзаконската регулатива и на праксата.

Повикување и поттикнување на дискриминација

Член  8

Како дискриминација ќе се смета и секоја активност со која некое лице директно или индиректно повикува, охрабрува, дава упатства или поттикнува друго лице да изврши дискриминација.

Исфрлањето на овој член ја намалува можноста за активно спротиставување на структурната дискриминација како најраширен облик на дискриминација во современиот свет.

Потешки облици на дискриминација

Член  9

(1)           Како потежок облик на дискриминација во смисла на овој закон ќе се смета дискриминацијата направена кон одредено лице по повеќе дискриминаторски основи (повеќекратна дискриминација), дискриминација направена повеќе пати (повторена дискриминација), дискриминација која што е правена подолго време (продолжена дискриминација) или која што со своите последици особено тешко ја погодува жртвата на дискриминација.

(2)           Судот е должен да води сметка за околностите од став 1 на овој член при утврдувањето на висината на надоместокот на штета, како и при определувањето на казната согласно одредбите на овој закон.

Изоставањето на овој член е во директна спротивност со идејата секоја жртва на дискриминација да биде соодветно обештетена.

Вознемирување

Член 10

(1)           Вознемирувањето е секое однесување поврзано со која било дискриминаторска основа, независно од тоа дали се манифестира на физички, вербален или друг начин, кое има за цел или резултат повреда на достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.

(2)           Сексуално вознемирување е несакано  однесување од полов карактер, кое се изразува физички, вербално или на било кој друг начин, а има за цел или резултат да предизвика повреда на достоинството на лицето и/или да создаде непријателско, заканувачко и понижувачко опкружување, особено кога одбивањето да се прифати таквото однесување или притисокот да биде прифатено, може да доведе до донесување на одлуки кои  имаат влијание на тоа лице.

(3)           Како вознемирување се смета и заканата со дискриминација, гонење или сегрегација, како и градење и одржување на архитектонско опкружување кое го отежнува пристапот на лицата со интелектуална, физичка и сензорска попреченост до установи и објекти во јавна употреба (алт. јавен карактер) односно недостаток од соодветни адаптации за лицата со интелектуална, физичка и сензорска попреченост.

Со бришењето на овој дел се намалува можноста за превентивно делување кога станува збор за лицата со инвалидитет,

Непристапност

Член 11

(1)           Недостатокот на разумно прилагодување на инфраструктурата, просторот и опремата за лицата со интелектуална, физичка и сензорска попреченост, во објектите во јавна употреба, ќе се смета за дискриминација.

(2)           Како разумно прилагодување на инфраструктурата, просторот и опремата ќе се смета прилагодувањето кое не предизвикува несразмерно оптоварување за лицето кое треба да го изврши несразмерното оптоварување кое што ефективно може да биде или е компензирано со други постоечки мерки.

(3)           Како дискриминација во смисла на овој закон ќе се смета и пропуштањето да им се овозможи на лицата со интелектуална, физичка и сензорска попреченост, во согласност со нивните специфични потреби, користење на јавно достапни добра и услуги или учество во јавниот и општествениот живот или пристап до работа и соодветни услови за работа.

Бришењето на овој член е исто така спротивно на директивите кои што подразбираат многу широко сфаќање на достапноста. Имено отсуството на соодветен инфраструктурен, физички и социјален пристап за луѓето со инвалидитет е дискриминација. Со овој член се одредува и категоријата “несразмерно оптоварување” која што мора да биде воведена во одредувањето на границите на создавањето услови за еднаков пристап.

Виктимизација

Член  12

За дискриминација се смета и виктимизацијата, односно понеповолно постапување  кон лице кое презело или се претпоставува дека презело или дека ќе преземе било каква активност за заштита од дискриминација, независно од тоа дали дискриминацијата е насочена кон тоа или кон друго лице.

Заштитата од виктимизација е исто така едно од основните барања на директивите. Виктимизацијата е основен проблем во стимулирањето на луѓето да пријавуваат случаи на дискриминација. Имено, најголем број од жртвите припаѓаат на групи на луѓе кои вообичаено се дискриминираат, за кои постојат предрасуди и раширена стигма. За очекување е дека и оние кои што се задолжени за спроведување на законот (кои се обични луѓе) да патат од истите тие предрасуди и да ги стигматизираат луѓето кои доаѓаат да побараат помош.

Сегрегација

Член 13

За дискриминација се смета и сегрегацијата, односно секое присилно и/или систематско раздвојување, спречување и отежнување на мешање на лицата како и охрабрување на закана за употреба на сила, врз која било дискриминациска основа.

Сегрегацијата е веќе воочен облик на дискриминација во РМ (посебно кога станува збор за ромските населби, но и за раздвојувањето на населбите, присилното иселување од одделни области и поделбите на училиштата).

Присилна асимилација

Член 14

(1)           За дискриминација се смета и присилната  асимилација, односно секоја закана, ограничување, употреба на сила или било кој друг облик на асимилација, колонизација или присилно преселување на лица со цел менување на структура на регион или локалитет, по некоја од дискриминациските основи.

(2)           Како дискриминаторско се смета секое однесување кое присилува некое лице поради некоја од дискриминациските основи, без своја желба да го напушти својот традиционален начин на живеење или не му се дозволува пристап до него, да ги влоши услови за живеење на лицето, со цел да го напушти местото на живеење., .

(3)           Како дискриминација се смета присилата која се врши врз група лица кои припаѓаат на определено малцинство да го напуштат местото каде што живеат, или присилата која се врши врз група лица кои припаѓаат на мнозинското население со цел да се населат во области или региони населени со малцинство.

(4)          Како дискриминаторско се смета секое однесување со кое се присилува лице или група лица да се иселат од зграда или од населба поради било која дикриминациска основа.

(5)           Спомнатите определби нема да ги ограничуваат властите да изработуваат урбанистички планови и да бараат постапување согласно со овие планови, сé додека иселувањето е согласно со законот и не се базира на било која од дискриминациските основи.

Овој член е поврзан со нашата држава и потребата од зачувување на нејзиниот мултикултурен и мултиконфесионален карактер и различноста на целата територија, односно, превенирање на етничко или религиско чистење или гетоизирање.

Дискриминација во обезбедување на добра и услуги

Член 15

Како дискриминација ќе се смета и:

(1)           Одбивањето да се обезбедат добра и услуги, како и обезбедувањето на добра и услуги од понизок квалитет или под помалку привлечни услови врз која било дискриминациска основа.

Ова на пример се однесува на различните аршини кои се употребуваат во чистењето на сметот во различни делови од градот, или различното финансирање на инфраструктура на училишта во зависност кој учи во нив и сл.

(2)           Ограничувањето или одрекувањето на пристап или непружањето услуги или ограничувачкото пружање на услуги на некое лицеили лица врз било која дискриминциска основа, од страна на физички или правни лица во јавниот или во приватниот сектор во врска со:

  1. добивање услуги од полицијата и од јавните административни и правни услужни дејности на било кое ниво од остварувањето на власта и во било која област;
  2. добивање услуги од здравствени установи: избор на семеен лекар, медицинска помош, здравствено осигурување, прва помош и други здравствени услуги;
  3. купување или изнајмување објект или земјиште за потреби на домување;
  4. подигање банковен кредит или склучување друг вид договор;
  5. користење на услуги што ги даваат театри, киносали, библиотеки, музеи,  изложби или било кој друг објект или институција од јавен или приватен карактер наменета за културни активности;
  6. користење на услуги што ги даваат продавници, хотели, ресторани, барови, дискотеки, спортски клубови, базени или објект или институција од јавен или приватен карактер наменета за забава, рекреација, исхрана или освежување;
  7. користење на услуги што ги даваат компаниите за јавен превоз (со авион, брод, воз, подземна железница, автобус, трамвај, автомобил, тролејбус, такси или било кое друго превозно средство) во јавна или во приватна сопственост;
  8. користењето на услуги на фирми за обезбедување лица и објекти;
  9. услуги од областа на образованието, вклучително формално, неформално и стручно образование;
  10. услуги од областа на посредување при вработување; и
  11. комуникациски услуги.

Ова е директно поврзано со дискриминацијата на лицата со инвалидитет и можноста за етничко, расно или религиозно профилирање и ширењето на структурната дискриминација. Претставува нов тренд во ЕУ правото.

III. ИСКЛУЧОЦИ ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА

Во понудениот текст на законот се споени во едно и потполно измешани три сосема различни нешта:

1. Афирмативните мерки – кои се насочени кон намалување на фактичка нееднаквост која е резултат на постоење претходна долготрајна дискриминација (нема да бидат дискриминаторски воведувања на квоти, барања за соодветна застапеност и сл.)

2. Нееднакво постапување кое што не е дискриминација затоа што е оправдано во демократското општетсво и е правно втемелено (на пример нема да се смета за дискриминација одбивањето на МПЦ да вработи жена попка, или, нема да се смета за дискриминација барањето за соодветна физичка спремност при вработување за одредени должности во полицијата)

3.Заштитни мерки кон одредени групи (лица со инвалидитет, самохрани родители, деца без родители, бремени жени и сл.)

Мешањето на овие три категории создава потполна забуна во заштитните механизми и го прави законот неефективен и неефикасен.

Aфирмативни мерки

Член  16

Нема да се сметаат за дискриминација афирмативните мерки преземени од органи на државна управа, органи на единици на локална самоуправа, други органи и организации кои вршат јавни овластувања, јавни установи или од страна на физички или правни лица, констатирани како оправдани во минатото, сегашноста или во иднина, а кои можат да се преземаат сé додека не се постигне потполна фактичка еднаквост ):

1.       во корист на лице, група на лица или заедница, со цел да се елиминираат или да се фактичките нееднаквости и ако разликувањето е оправдано и пропорционално на целта и со цел да се обезбеди нивен природен развој и ефективно постигнување на нивното право на еднакви можности во споредба со други лица, групи на лица или заедници; и

2.       афирмативните мерки кои имаат за цел заштита на маргинализираните групи, со цел да се елиминираат или да се намалат фактичките нееднаквости, ако разликувањето е оправдано и пропорционално на целта и со цел да се обезбеди нивен природен развој и ефективно постигнување на нивното право на еднакви можности намалат  можности во споредба со други лица, групи на лица или заедници.

Нееднакво постапување

Член 17

(1)          Забраната на дискриминација содржана во овој закон нема да се однесува на случаите кога постои објективно оправдана цел, согласно со Уставот, закон и меѓународните договори.

(2)          Нема да се смета за дискриминација:

1.       различниот третман на лица кои не се државјани на Република Македонија во врска со слободите и правата дадени во Уставот, во законите и меѓународните договори кон кои пристапила Република Македонија, а кои непосредно произлегуваат од државјанството на Република Македонија;

2.      различниот третман на лицата врз основа на карактеристики кои се однесуваат на било која од дискриминациските основи, кога спомнатите карактеристики, поради природата на занимањето или активноста, или поради условите во кои се одвива тоа занимање, претставуваат суштинско и определувачко барање, целта е легитимна а условот не го пречекорува потребното ниво за негова реализација;

3.      различниот третман на лицата врз основа на религија, уверување или пол во врска со занимање кое се одвива во религиозни институции или организации кога, според карактерот на конкретното занимање или активност, или поради условите во кои се остварува, религијата, уверувањето или полот претставуваат суштинско и определувачко барање, од гледна точка на институцијата или организацијата, кога целта е легитимна а условот не го пречекорува потребното ниво за реализација;

4.      различниот третман на лицата врз основа на религија, уверување или полот во врска со образованието и обуката за целите на занимањето поврзано со конкретна религија;

5.      ако членовите и органите на цркви и верски заедници, граѓански организации, политички партии, синдикати и други организации запишани во регистар во согласност со Уставот и законите, постапуваат во согласност со својата доктрина, уверувања или верувања и/или целите утврдени во своите статути, програми и/или прописи.

6.      определувањето барање за минимална старост, професионално искуство или стаж во процесите на избор или во давањето на определени привилегии поврзани со работењето, кога е ова објективно оправдано за постигнување на легитимна цел, а содржината на ова разликување не го надминува неопходното ниво потребно за остварување на целта; и

7.      определување услов за максимум старост во процесот на вработување што е поврзано со потребата од обука или заради потребите од рационални временски ограничувања поврзани со  пензионирање предвидени во закон, кога е тоа објективно оправдано за постигнување на легитимна цел, а содржината на ова разликување не го надминува неопходното ниво потребно за постигнување на целта.

Заштитни механизми за одредени категории на лица

Член 18

Нема да се смета за дискриминација:

1.       посебната заштита на бремената жена и мајка, предвидена со закон, освен кога бремената жена или мајка не сака да ја користи оваа заштита и за ова го известила работодавачот во пишана форма;

2.       мерките кои се предвидуваат со закон за поттикнување на вработувањето;

3.      различниот третман на лицата со интелектуална, физичка и сензорска попреченост во остварувањето на обука и добивањето образование со цел за задоволување на посебните образовни потреби заради изедначување на шансите;

4.      предвидување на минимум и максимум години за пристап до определени нивоа на обука и образование, кога тоа е објективно оправдано за постигнување на легитимна цел, а содржината на ова разликување не го надминува она што е неопходно, со оглед на природата на обуката или образованието, или условите во кои тие се одвиваат и содржината на ова разликување не го надминува неопходното ниво потребно за постигнување на целта;

5.      мерките на полето на образованието и обуката насочени кон обезбедување  баланс во учеството на мажите и жените, сé додека овие мерки се потребни;

6.      посебните мерки од кои имаат корист лицата или групите кои се во понеповолна положба настаната врз која било дискриминациска основа, со цел изедначување на нивните можности, сé додека тие мерки се потребни;

7.      посебна заштита, предвидена со закон, на деца без родители, малолетници, самохрани родители, лица со интелектуална, физичка и сензорска попреченост

8.      мерки за заштита на посебноста и идентитетот на лицата кои припаѓаат на етнички, религиозни или јазични малцинства, и нивното право да го негуваат и развиваат сопствениот идентитет индивидуално или во заедница со другите членови на нивната група, и поттикнуваат услови за унапредување на тој идентитет; и

9.      мерките во областа на образованието и обуката кои треба да обезбедат учество на лицата од етничките малцинства додека тие мерки се неопходни.

IV. КОМИСИЈА ЗА ЕДНАКВОСТ

Со бришењето на одделни членовии делови од членови  поврзани со Комисијата всушност е негирана суштината на идејата за постоење на ова тело.

Комисијата треба да биде тело за еднаквост и како такво мора да исполнува многу прецизни услови:

1. Да биде структурно независна (ова е негирано со начинот на избор и со одредбите со кои Министерството за труд станува стручна служба на комисијата)

2. Фнкционално независна (ова е негирано со бришењето на барањето членовите на комисијата да имаат знаења од областа на човековите права, со измена на одредбите за должината на нивниот избор и неможноста да бидат реизбрани)

3.Финансиски независна (ова е направено со бришење на одредбите за независно финансирање и поставување на комисијата под капата на Министерството за труд)

Комисија за еднаквост

Член 19

(1) Комисијата за еднаквост (во понатамошниот текст: Комисија) се основа со овој закон.
(2) Комисијата е независно и специјализирано тело за  спречување и заштита од дискриминација и унапредување и промоција на принципот на еднаквост.

(3) Комисијата има својство на правно лице со седиште во Скопје.

(4) Средствата за работа на Комисијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, односно од издвоен процент од игрите на среќа, кој изнесува не помалку од 5%, а го определува Собранието на Република Македонија.

Состав на Комисијата

Член 20

(1)           Комисијата е составена од  5 до 9 члена.

(2)           Бројот на членови на Комисијата го определува Собранието на Република Македонија.

(3)           Членовите на Комисијата се избираат од редот на истакнати лица со искуство во областа на човековите права.

(4)           Членовите на Комисијата функцијата ја вршат професионално и имаат  имунитет како и Народниот правобранител на Република Македонија.

Избор на членови на Комисијата

Член 21

(1)           Членовите на Комисијата се избираат со мандат од 7 години со право на повторен избор.

(2)           Изборот на членовите на Комисијата го врши Собранието на Република Македонија на предлог од Номинациски комитет.

(3)           Номинацискиот комитет го формира Владата на Република Македонија.

(4)           По еден претставник во Номинацикиот комитет предлага:

  1. Министерството за правда;
  2. Министерството за труд и социјална политика;
  3. Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор;
  4. Постојаната Анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот при Собранието на Република Македонија; и
  5. Народниот правобранител.

(5)   По двајца претставници во Номинацискиот комитет се предлагаат  од:

1.    универзитетите; и

2.     здруженијата на граѓани и фондации, и други организации на граѓанското општество.

(6)           Номинацискиот комитет врши избор  на кандидати за членови на Комисијата по објавен јавен конкурс во најмалку два печатени медиуми.

(7)  При изборот  мора да се постигне соодветна родова и етничка балансираност на составот на Комисијата (најмалку 30% од помалку застапената група), а треба да се води сметка за застапеноста  и по други основи.

(8)  Номинацискиот комитет предлага до Собранието на Република Македонија најмалку двајца кандидати повеќе од бројот на членови што се избираат.

Разрешување на член на Комисијата

Член 22

Член на Комисијата се разрешува од страна на Собранието на Република Македонија пред истекот на периодот за кој е избран ако:

1.     сам го побара тоа;

2.     биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од

најмалку шест месеци или  по било кој основ е казнет за дискриминација;

3.     трајно ја загуби психофизичката способност за вршење на функцијата  ; и

4.      нестручно, пристрасно и несовесно ја врши  функцијата.

Надлежности на Комисијата

Член 23

Комисијата ги има  следните надлежности :

1.      Се грижи за спроведување на овој закон;

2.      Покренува постапка за заштита од дискриминација по своја иницијатива или по претставка од трети лица;

3.      Дава мислења по предлози на закони од значење за заштита од дискриминација;

4.      Превзема активности за промоција на еднаквоста;

5.      Спроведува студии и истражувања во врска со дискриминацијата во Република Македонија;

6.      Ја следи усогласеноста на постоечките законски одредби со одредбите на овој закон;

7.      Поднесува предлог до Уставниот суд на Република Македонија за оценување на уставноста и законитоста на актите;

8.      Дава мислења, препораки, предлози и извештаи во врска со прашањата за заштита од дискриминација и истите по потреба ги објавува;

9.      Извршува работи на меѓународна соработка поврзани со извршување на меѓународните обврски на Република Македонија, учествува во спроведувањето на проекти на меѓународните организации и соработува со органите на другите земји и институции од областа на заштита од дискриминација;

10.   Учествува во подготвувањето на националните извештаи на Република Македонија до меѓународните организации;

11.   Соработува со други институции значајни за заштита и промоција на принципот на еднаквост;

12.   Формира и ажурира база на податоци за случаи на дискриминација по различни основи во Република Македонија;

13.   Донесува деловник за својата работа;

14.   Подготвува годишен извештај за својата работа и го доставува до Собранието на Република Македонија;

15.   Донесува Статут, како и други акти со кои го уредува начинот на работа и организација на Комисијата и нејзините служби;

16.   Врши и други работи утврдени со овој и друг закон.

Од надлежноста на комисијата се избришани сите компоненти на прибирање податоци. Ова е спротивно на ЕУ правото во кое статистичките податоци стануваат максимално важен фактор во борбата со дискриминацијата, елемент кој може да се употреби пред суд и начин за борба со структурната дискриминација. Од надлежноста се избришани: учеството во изработката на законите, меѓународната соработка, подготовката на националните извештаи, соработката со сите други институции освен локалната власт, формирањето бази на податоци и донесувањето на сопствени акти за работа.

На овој начин комисијата се претвора во одделение на Министерството за труд со многу слична надлежност како и институтот Застапник во истотот ова министерство кој се грижи за Законот за еднакви можности. По три години од постоењето на ово “Застапник” нема ниту еден случај на дискриминација поднесен до него врз основа на Законот за еднакви можности.

Правна помош

Член 24

(1) Комисијата постапува по индивидуални и колективни претставки поднесени од физички и правни лица и пружа правна помош на индивидуи и правни лица.

(2) Правната помош се состои од: правен совет и мислење; правно застапување; превземање дејствија за истражување и констатирање факти на дискриминаторски дејствија; и посредување.

(3) Процедурата за давањето правна помош се регулира со посебен Правилник кој што го донесува Комисијата.

(4) Правната помош е бесплатна.

Други активности

Член 25

Комисијата покрај своите надлежности ги спроведува и следните активности:

1.    создава документациски центар;

2.     објавува статистички податоци и други информации за заштита од  дискриминација;

3.     подготвува програми за обука за заштита од дискриминација на целни групи;

4.    спроведува кампањи за заштита од дискриминација;

5.     публикува едукативен материјал; и

6.     ја следи општата состојба со дискриминацијата во Република Македонија како и во одделни области и по одделни основи на дискриминација.

Споре ЕУ насоките и насоките на Советот на Европа, овие тела треба да имаат многу широка едукативна функција и функција на промотори на недискриминацијата и еднаквоста. Се ова е избришано со бришењето на претходниот член.

Организација и структура на Комисијата

Член 26

(1)           Комисијата има Стручна служба.

(2)           Со службата раководи Директор кој го избираат членовите на Комисијата на јавен конкурс со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Комисијата.

(3)           Комисијата со посебен акт ја определува организациската структура и  бројот на вработени во Стручната служба, заради остварување на мандатот на Комисијата.

(4)           Вработените во Стручната служба  имаат статус на државни службеници .

(5)       Комисијата донесува Деловник за работа со кој попрецизно се регулира структурата и дејноста на Комисијата и критериумите за избор на вработени во Стручната служба.

Понуденото решение како стручна служба да се појават службите на Министерството за трдуд е директен атак врз елементарната независност на ова тело.

Соработка  со судовите

Член 27

(1)          Комисијата може да овласти преставник како застапник во судски процес.

(2) При решавање на случаи на дискриминација поднесени со посебна тужба за дискриминација директно до судот, судот по службена должност бара мислење од Комисијата за конкретни случаи.

(3) Во одлучување по случаи на дискриминација судот не е обврзан со мислењето на Комисијата, меѓутоа, мора да го земе предвид во секоја од фазите на одлучување.

(4) При решавање на случаи поднесени со тужби по однос на други дела, кои не произлегуваат од овој закон, доколку смета дека постојат елементи на дискриминација, може да побара мислење од Комисијата.

(5) Тужителот може да поведе постапка пред суд врз основа на посебна тужба за дискриминација независно од тоа дали мислењето на Комисијата е позитивно или негативно.

Соработка  со  државни органи

Член 28

(1)  Министерствата и другите органи на државната управа  како и органите на единиците на локалната самоуправа се должни на барање на Комисијата да и дадат информации  во врска со општата состојба за заштита од дискриминација како и во конкретни случаи на дискриминација .

(2) Министерот за правда треба да достави годишна судска статистика до Комисијата во врска со примената на Законот за спречување и заштита од дискриминација и други закони во кои што постојат антидискриминаторски одредби.

(3)  Постапувањето со класифицирана  информација се регулира  согласно  законот  (4) Комисијата е консултирана во врска со сите закони во кои што се третира проблематика поврзана со еднаквоста на граѓаните.

(5) Комисијата редовно е вклучена во работата на собраниски и владини комисии кога станува збор за прашања поврзани со дискриминација.

(6)  Комисијата има право на увид во документација на државен орган, институција од јавен интерес во врска со истрага за случаи  на дискриминација.

Потполнбо се избришани членовите со кои се регулира соработката со различни органи со што е намалено значењето на комисијата како промотор на идејата за еднаквост , намалено е нејзиното влијание врз процесите на одлучување и намалена е можноста за достап до соодветни информации.

Вршење увид во документација

Член 29

Во вршењето на работите од својата надлежност, определени со овој закон, Комисијата може да побара да се изврши непосреден увид во документацијата на органите и правните лица кои располагаат со информации за случаи на дискриминација

Соработка со Народниот правобранител

Член 30

Комисијата и Народниот правобранител соработуваат и разменуваат информациите за конкретни случаи на дискриминација како и за севкупните  состојби.

Соработка  со други организации и институции

Член 31

Комисијата соработува, разменува информации како и спроведува заеднички проекти со претставници на здруженијата и фондациите, со другите организации од граѓанското општество и  високообразовните установи.

Соработка со меѓународната заедница

Член 32

Комисијата може да побара акредитација и да стане член на меѓународни мрежи на тела за еднаквост и национални институции за човекови права.

Со бришењето на овој член оневозможено е комисијата да се акредитира според Париските принципи и да стане Национално тело за човекови права и не може да стане дел од Equinet (мрежа на тела за еднаквост во Европа)

V. ПОСТАПКА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ПРЕД КОМИСИЈАТА

Поведување постапка

Член 33

(1) Постапката се поведува со поднесување на писмена преставка или усна претставка дадена на записник до Комисијата.

(2) Комисијата може да поведе постапка и по сопствена иницијатива.

(3) Ако Комисијата покрене постапка по сопствена иницијатива, потребна е согласност од лицето жртва на дискириминација.

(4) Подносителот на постапката е ослободен од плаќање такса за постапката пред Комисијата.

Бришењето на можноста комисијата да настапува и самостојно ја намалува можноста за заштита на најзагрозените групи на маргинализирани лица изложени на стигматизација и потполна ексклузија од општетсвото.

Право на поднесување преставка

Член  34

Право да поднесе преставка до Комисијата имаат физички и правни лица за донесен поединечен акт или преземено дејствие од страна на лица во јавниот и приватниот сектор со кое се постапува спротивно на овој закон.

Со бришењето на овој член се намалува јасноста на законот дека се однесува и на приватниот сектор и дека предмет на интерес се како акти така и дејствија.

Рок за поднесување преставка

Член 35

(1)       Преставка за спречување и заштита на дискриминација може да се поднесе најдоцна во рок од три месеци од денот кога била сторена повредата или најдоцна една година од дознавањето за актот на дискриминација.

(2)       Комисијата може да поведе постапка и по истекот на рокот од ставот 1 на овој член, доколку се оцени дека се работи за случај од таква важност за кој би било неопходно и целисходно да се води постапка.

Тек на постапката

Член 36

(1) Комисијата по приемот на претставката е должна да одлучува по истата совесно, непристрасно, ефикасно и одговорно.

(2) Доколку претставката е нејасна и неразбирлива за Комисијата, може да побара од подносителот  истата да ја дополни во рок од 15 дена.

(3) Комисијата може да побара од лицето против кое е поднесена претставката за дискирминација, да достави објаснување во писмена форма, во рок од 15 дена од денот на  приемот на барањето за објаснување.

(4) Доколку лицето од ставот 3 на овој член не го достави бараното објаснување, Комисијата своето мислење ќе го даде врз основа на информациите со кои располага.

Со бришењето на овие ставови се намалува ориентираноста на комисијата кон барателот на услуга и се формализира нејзиното постапување.

Обврска за соработка со Комисијата

Член 37

Лицата до кои ќе се обрати Комисијата се должни да ги достават бараните документи и информации, како и да ги дадат неопходните објаснувања.

Времетраење на постапката

Член 38

(1)       Постапката треба да биде спроведена во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на претставката.

(2)       Рокот од ставот 1 на овој член може да биде продолжен за уште 30 дена, доколку тоа го бара сложеноста на случајот.

Посредување

Член 39

Комисијата одлучувајќи по претставката може да ги повика и сослуша двете страни во постапката и доколку постои можност за отстранување на штетите направени со актот на дискриминација без поведување на судска постапка, страните да постигнат заемна спогодба за решавање на спорот.

Медијаторската улога на комисијата е една од главните улоги според ЕУ и правото на Советот на Европа. Токму оваа улога треба да го олесни поднесувањето на претставки за дискриминација, да го олесни решавањето на случаите на дискриминација, да ја промовира еднаквоста и да ги заштити судовите од преголема навала на случаи.

Писмено мислење

Член 40

(1) По разгледувањето на доказите и утврдувањето на фактичката состојба, Комисијата дава писмено мислење дали во конкретниот случај се повредени одредбите на овој закон. .

(2) Комисијата го доставува писменото мислење до лицата вклучени во случајот.

(3) Во писменото мислење од ставот 1 на овој член Комисијата  ги наведува повредите направени во конкретниот случај и  дава препораки како  тие да бидат отстранети. Комисијата може да побара од лицето кое ја направило дискриминацијата, во одреден временски рок да преземе мерки за отстранување на штетите направени со актот на дискриминација и за тоа  да ја извести Комисијата .

Бришењето на овој дел оневозможува надоместок на штета освен по судски пат, што ја усложнува целата процедура.

Запирање на постапката

Член 41

При постапувањето по претставката Комисијата може да одлучи да ја запре постапката ако:

1. Подносителот на постапката со писмено барање ја повлече претставката;

2. Подносителот не е заинтересиран за натамошно водење на постапката;

3. Не постојат доволно докази, информации и документи кои можат да укажат на постоење на повреда на одредбите на овој закон; и

4.Во текот на постапката подносителот на претставката починал, освен ако наследниците не бараат продолжување на започнатата постапка.

VI.  ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР

Потполното отфрлање на соработката на комисијата со органите задолжени за инспекциски надзор, ја ограничува можноста на комисијата за искористување на информациите со кои располагаат овие органи и нивниот мандат во различни области (трудова инспекција, градежна, образование, здравство, комунална хигиена и сл.).

Проследување на случаи

Член 42

(1) Комисијата го доставува писменото мислење од членот хх на овој закон до надлежниот инспекциски орган, народниот правобранител или друг надлежен орган кој врши надзор над спроведувањето на одредбите од законот со кој се уредуваат еднаквите можности, во случаите кога лицето против кое била поведена постапка за утврдување на дискриминација не ги отстранил утврдените неправилности во согласност со писменото мислење на Комисијата или доколку Комисијата не биде известена од лицето против кое била поведена постапка за утврдување на дискриминација во утврдениот рок за преземените мерки кога случајот, според мислењето на Комисијата, ги содржи сите карактеристики на дискриминација согласно со овој закон.

(2) За надлежен инспекциски орган од ставот 1 на овој член се смета инспекцискиот орган надлежен согласно со закон за вршење надзор над примената на законите и подзаконските акти, колективните договори, како и општите акти во случаи кога настапиле одредени дејствија кои претставуваат дискриминација согласно со одредбите на овој закон.

Надлежности на инспекциските органи

Член 43

(1) Доколку надлежниот инспекциски орган утврди дека во случајот за кој Застапникот дал писмено мислење не се применува овој закон и други закони кои ги уредуваат еднаквите можности донесува решение со кое се наредува постапување по препораките на Комисијата во одреден рок кој го определува надлежниот инспекциски орган, а кој рок  не може да биде подолг од 30 дена од денот на донесувањето на решението.

(2) Решението од ставот 1 на овој член надлежниот инспекциски орган го доставува до лицето до кој е доставено мислењето од Комисијата во конкретниот случај во кој е извршен инспекциски надзор и до Комисијата во рок од 15 дена од денот на донесувањето на решението.

Жалба

Член 44

(1) Против решението на надлежниот инспекциски орган може да се поднесе жалба до надлежната Комисија на Владата во рок од осум дена од приемот на решението.

(2) Жалбата од ставот 1 на овој член не го одлага извршувањето на решението.

(3) Решение по жалбата се донесува во рок од 15 дена од денот на добивањето на жалбата.

Поведување прекршона постапка и пријава за кривично дело

Член 45

(1) Ако надлежниот инспекциски орган утврди дека со повреда на овој закон или другите закони кои ги уредуваат еднаквите можности е сторен прекршок или кривично дело, е должен без одлагање да поднесе барање за поведување прекршочна постапка, односно пријава за кривично дело.

(2) Органот на кого му е поднесено барањето или пријавата од ставот 1 на овој член е должен својата одлука да ја достави до надлежниот инспекциски орган кој ја повел прекршочната постапка односно пријавата за кривично дело.

VII. СУДСКА НАДЛЕЖНОСТ И ПОСТАПКА

Право на поведување постапка пред суд

Член 46

Лицето кое смета дека поради дискриминација му е повредено некое право, може да бара заштита на тоа право во постапка пред надлежен суд.

Итност на постапката

Член 47

Во споровите поведени според овој закон во постапка пред суд, кога судот одлучува за заштита од дискриминација, постапката е итна.

Месна надлежност

Член 48

(1) Во постапката за заштита од дискриминација месно е надлежен судот според општата месна надлежност, односно судот на чие подрачје тужениот има живеалиште односно престојувалиште.

(2) За судење во спорови против правни лица, општо месно надлежен е судот на чие подрачје се наоѓа нивното седиште.

(3) По исклучок, месно надлежен е судот на чие подрачје е извршен актот на дискриминација.

Тужби за заштита од дискриминација

Избришан е насловот со кој што се спецификуваат тужбите за дискриминација како посебен вид тужби. На овој начин се отежнува работата на судовите  во однос на определувањето на итноста на постапката, товарот на докажување и улогата која што може да ја имаат други вмешувачи во постапката (комисијата, невладини организации).

Член 49

(1)           Лицето кое  е жртва на дискриминација според одредбите на овој закон може да поднесе тужба:

1.      да се утврди дека тужениот го повредил правото на тужителот на еднаков третман, односно дејствието коешто го презел или пропуштил може непосредно да доведе до повреда на правата на еднаквост во постапувањето (тужба за утврдување на дискриминација);

2.      да се забрани преземање дејствија со кои се крши или може да се прекрши правото на тужителот на еднакво постапување, односно да се извршат дејствија со кои се отстранува дискриминацијата или нејзините последици (тужба за забрана или отстранување на дискриминација);

3.      да се надомести материјалната и нематеријалната штета причинета со повреда на правата заштитени со овој закон (тужба за надомест на штета);

(2)          За тужбените барања од став 1 од овој закон, одлучува надлежен суд со примена на одредбите од Законот за парнична постапка, ако со овој закон не е поинаку определено.

(3)           Барањата од став 1 од овој член, може да се истакнат заедно со барањата за заштита на други права за кои се одлучува во парнична постапка, ако сите барања се во меѓусебна врска и ако ист суд е стварно надлежен за нив, без оглед дали за тие барања е пропишано решавање во општа  или во посебна парнична постапка.

Јавно објавување на пресудата

Член 50

(1)          Судот на барање на тужителот може да одлучи објавување на пресудата со која е утврдена повреда на правата со акт на дискриминација во медиумите на трошок на сторителот на дискриминацијата.

(2)          Судот ќе го усвои барањето за објавување на пресудата, ако утврди дека:

1.      до повреда на правата на еднакво постапување дошло со посредство на медиумите, или

2.      дека информацијата за постапување кое го крши правото на еднакво постапување била објавена во медиумите, а објавувањето на пресудата е потребно поради  надомест за сторената штета или заштита од нееднакво постапување во идни случаи.

(3)           Ако го усвои барањето за објавување на пресудата, судот ќе наложи пресудата да се објави во целост или делумно заради заштита на лични податоци.

(4)           Пресудата со која се налага објавување во медиумите го обврзува издавачот на медиумот во кој треба да се објави пресудата, без оглед на тоа дали бил странка во постапката.

Мерки за обезбедување

Член 51

(1)           Пред започнувањето или во текот на постапката пред суд, судот може на предлог на странката да одреди мерки за обезбедување.

(2)           Со поднесувањето на предлогот за мерки за обезбедување потребно е:

1.  подносителот на барањето да направил веројатно дека е повредено неговото право на еднакво постапување; и

2.  одредувањето на мерката да е потребно заради отстранување на опасноста од ненадоместлива штета, особено тешки повреди на правата на еднакво постапување или спречување на насилство.

(3)           За мерките  од став 1 на овој член одлучува судот кој е надлежен за тужбените барања на начин и во постапка утврдена  со закон.

Товар на докажувањето

Член 52

(1)           Ако  лицето тврди дека согласно одредбите на овој закон му  е повредено  право на еднакво постапување должно е да ги изнесе сите факти и докази кои го оправдуваат нејзиното тврдење на спротивната страна е товарот на докажување дека немало дискриминација односно дека не се повредени одредбите на овој закон.

(2)           Одредбата на став 1 од овој член не се применува во  казнената постапка.

Во Предлогот на Министерството за труд, непримената на одредбите покрај со казнената е поврзана и со прекршочната постапка, со што многу се стеснува полето на делување на овој институт.

Учество на трети лица

Член 53

(1)           Во парница по повод барањето за постапка пред суд, може како замешувач на страна на лицето кое тврди дека е жртва на дискриминација да се придружи орган, организација, установа, здружение и фондација или друго лице, кое во рамките на својата дејност се занимава со заштита на правата на еднакво постапување за чијшто права се одлучува во постапката. За учеството на замешувачот одлучува судот со примена на одредбите на Законот за парнична постапка.

(2)           Судот ќе дозволи учество на замешувач од став 1 само со одобрение на лицето на чијашто страна замешувачот сака да се замеша.

(3)           Замешувачот од став 1 од овој член може да презема дејствија во постапка и во постапката ги има сите права што му припаѓаат на замешувачот.

(4)           Трошоците за учество на замешувачот ги надоместува странката која ќе го изгуби спорот.

Со бришењето на овој став се намалува бројот на организации кои можат да се вмешаат и да дадат експертска и друг вид поддршка во одделни случаи.

Рок за исполнување на обврската, извршување

Член 54

Во постапката пред суд, судот може да одлучи жалбата да не го задржува извршувањето или да одреди пократок рок за исполнување на обврските на тужениот.

Со бришењето на оваа одредба се оневозможува заштитата на посебно ранливи групи кои се жртви на дискриминација.

Вонредни правни лекови

Член 55

Во постапките пред суд, секогаш е допуштена ревизија.

Заедничка тужба за заштита од дискриминација

Член 56

(1)           Здруженија и фондации, установи или други организации од граѓанскотот општество, а имаат оправдан интерес за заштита на колективните интереси на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита на правата на еднакво постапување, можат да поднесат тужба и во постапката пред судот да настапат како сопарничари против лицето кое го повредило правото на еднакво постапување, ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот е повредено правото на еднакво постапување на поголем број лица.

(2)           Во тужбата од став 1 може да се истакне барање:

1.      да се утврди дека постапувањето на тужениот го повредило еднаквиот третман во однос на членовите на групата;

2.      да се забрани преземање дејствија со кои се крши или може да се прекрши еднаквиот третман, односно да се извршат дејствија со кои се отстранува дискриминацијата или нејзините последици во однос на членовите на групата;

3.      пресудата со која е утврдена повреда на правата на еднакво постапување да се објави во медиумите на трошок на тужениот.

(3)          Другите одредби од овој закон, кои се однесуваат на тужбите од член 53 став 1 од овој закон, на соодветен начин се применуваат на тужбата од став 1 од овој член.

(4)           Тужбата од став 1 на овој член е дозволена доколку постои согласност од лицето кое тврди дека е жртва на дискриминација.

VIII. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 57

(1)           Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на секој кој ќе го повреди достоинството на друг, со цел предизвикување страв или создавање на непријателско, понижувачко или навредливо опкружување врз која било дискриминаторска основа.

(2)           Глобата во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот од став (1) на овој член на одговорното лице во правното лице, во државен орган, во орган на единица на локалната самоуправа или орган со јавни овластувања или на поединец кој во вид на регистрирано занимање врши одредена дејност.

(3)           Глоба во износ од 800 до 1000 евра во денарска противвредност ќе се изрече на правно лице за прекршокот од став (1) на овој член.

Член 58

(1)           Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе се изрече на одговорното лице во државниот орган и органот на единицата на локалната самоуправа кој нема да го пријави кај Народниот правобранител постоењето на основано сомнение за дискриминација за која дознал при вршењето на својата должност.

Бришењето на овој член ја намалува проактивната улога која што треба да ја има државата во борбата со дискриминацијата и оневозможува широк фронт на сите државни структури во насока на постигнување еднаквост.

Член 59

(1)           Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе се изрече на одговорното лице во државен орган или орган на единица на локална самоуправа, доколку на барање на Народниот правобранител, во рок од 30 ден од приемот на барањето, не достави податоци поврзани со дискриминацијата или не дозволи увид во спис.

Член 60

(1)           Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе се изрече на оној кој ќе го доведе во неповолна положба лицето кое во добра вера пријавило дискриминација или на било кој начин учествувало во постапката заради дискриминација во согласност со одредбите на овој закон.

(2)           Глобата од став (1) на овој член ќе се изрече и на оној кој намерно во понеповолна положба ќе го доведе лицето кое било сведок на дискриминација или одбило налог за дискриминаторско однесување.

(3)           Глобата во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот од ставовите (1) и (2) на овој член на одговорното лице во правното лице, државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или лице со јавни овластувања или на поединец кој во вид на регистрирано занимање врши одредена дејност.

(4)           Глоба во износ од 800 до 1000 евра во противвредност ќе се изрече на правно лице за прекршокот од ставовите (1) и (2) на овој член.

IX. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Влегување во сила на овој закон

Член 61

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија,” а ќе се применува по истекот на три месеци од денот на неговото влегување во сила.

Формирање на Комисијата за еднаквост

Член 62

Комисијата за еднаквост ќе се формира во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон.

Бришењето на овој член укажува на намерата на власта да се формира набрзина некое квазитело кое што ќе го носи насловот Комисија за еднаквост, а всушност ќе биде само канцеларија во Министерството за труд и социјална политика.

Leave a comment

Your email address will not be published.