ВМРОversusМАКЕДОНИЈА

Етничкиот идентитет не е нешто што се гради по нарачка, нешто за показ и фалење.Етничкиот идентитет не е ниту нешто што некој може да го украде, да го одземе или да го прогласи за непостоечко. Етничкиот идентитет е суптилно ткаење кое ја спојува индивидуата со заедницата, денешнината со минатото. Тоа се мноштво од конци извлечени низ историјата и провлечени низ животните истории на милиони индивидуи. Етничкиот идентите има мирис и вкус и звук и допир. Тој затреперува во дамарите на плодот кој станува човек и се пренесува низ здивот на животите кои згаснуваат. Етничкиот идентитет си го носиш со себе, кај и да одиш. Тој те издвојува и спојува. Тој е невидлива врска со некоја точка на земјината топка со која си на иста бранова должина и во постојано двострано емитување.

Етничкиот идентитет на Македонците е неповторлива шара во која може да се препознаат почетоците на себепрепознавањето, влијанијата на поблиските и подалечни случувања, допирот со другите. Ако се заслушаш, ќе го слушнеш звукот на ветерот на некои многу далечни степи и мелодијата на словенскиот збор вткаена во јазикот кој поврзува над 300 милиони жители на Европа. Под нозете можеш да го почуствуваш цврстиот камен на Византот, под кој се редат слоеви на претходните култури кои го вообличиле и го издигнале. Ако замижиш може да го осетиш раскошот на ориентот кој ги разгалува твоите сетила. Внатре во тебе е за секогаш измешан звукот на црковните звона со гласот на имамот, и двете спакувани во магловита идеја за иднина во која сите ќе работат колку што можат, а ќе имаат толку колку што им треба. Се е тука, во секој од нас поединечно и во сите нас заедно.

И, одеднаш, од најмрачните катчиња на незнаењето, интелектуалната инфериорност, болната желба за моќ и бескрупулозноста на непрепознаени анонимуси, исползуваат некои ликови кои мислат дека треба да излезат сред село, да чукаат на тапани и да викаат на цел глас за да разберат сите наоколу колку се посебни и поинакви. Својата сопствена индивидуална непрепознаеност ја проицираат на цел еден народ и среде нежното ткаење од срма и богато извезените ленени покрови, забодуваат бесмислени столбови со кои ја маркираат освоената територија на најбестиален начин. Опиени од испарувањата на моќта на новопечени богаташи изнедрени од најлепливата малограѓанштина, го растргнуваат ткивото на етничкиот идентитет и го заменуваат со безлични градби на сопствената мегаломанија. Во својата неспорна инфантилност се обидуваат да облечат нечии туѓи алишта искрено уверени дека перјата кои ги налепиле по своето тело ги прават птици.

Секој кошмар има крај. Сигурна сум дека и на овој ќе му дојде неговиот. Порано или подоцна. Прашање е што ќе правиме со камените блокови расфрлени низ нашата етничка градина. Може да ги апсорбираме и постепено да ги прекриеме со единствената флора и фауна, а може и да ги зачуваме и така како што се, апсурдни струпови кои бесмислено штрчат од пределот, како спомен и предупредување да не дозволиме така лесно талогот на заедницата да се излее на површина.

14 total views, no views today