МЕЃУ НЕЗНАЕЊЕТО И АРОГАНЦИЈАТА

Скопјанец застрелан пред Универзална сала, Алфите ги фатиле осомничените. Денес пред истражен судија. Црна хроника, секогаш интересна за медиумите. Зачудувачки брза и успешна акција. За пофалба. Многу слики од настанот. И ниту едно прашање: што прават двајцата лишени од слобода на земја?

Од сликите е очигледно дека луѓето кои се лишени од слобода подолго време лежат на плочникот. Околу нив се муваат алфи, си разговараат, ги гледаат, а тие си лежат. Колку долго? И зошто би лежеле на плочникот? Зошто веднаш не се однесени пред истражен судија или во полициска станица. Зошто се изложени на погледите на сите, па уште и снимани со камери? Како уловен трофеј? Очекувам во следна прилика некој полицаец да застане над уапсениот со нога на неговото тело и да се слика за спомен. Така се прави кога ќе се улови животно. А кога се лишува од слобода човек има правила и тие правила се пишани во Законот за внтарешни работи и во Законот за полиција и во Кодексот за полициско постапување.

Во нив пишува дека:  Полициските службеници го почитуваат личното достоинство, дека полицискиот службеник е должен да престане со употреба на средството за присилба, веднаш штом ќе престанат причините поради кои дошло до негова употреба и уште дека,  полициските службеници не смеат да предизвикуваат, поттикнуваат или толерираат никаков чин на тортура, мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

Ова е случај на тортура, мачење и нечовечко и понижувачко постапување. Што ќе направат сега:  јавниот обвинител, министерката за внатрешни работи, народниот правобранител? Што ќе направат новинарите кои веќе го посочија и кривецот и мотивот и очигледно го прифатија лежењето на плочникот како дел од казната.

12 total views, 1 views today