КОЈ ЛАЖЕ ТОЈ И КРАДЕ И ЗАВРШУВА ВО ЗАТВОР, А ВО МАКЕДОНИЈА СТАНУВА ПРАТЕНИК

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ направија претстава (фарса) од донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Прво го одбија законот изработен од работното тело составено од претставници од министерствата, невладините, експерти и народниот правобранител. Потоа си изработија сопствена верзија (која нема врска со закон за спречување и заштита од дискриминација). Потоа ја пуштија таа верзија  во расправа во Собрание. Следно беше отворање на натпревар во борба со ветерници. Си поставија за цел да се справат со непостоечки намери со овој закон да се промовира инцест, полигамија и содомија. Изјавија дека немаат намера да ги прифатат европските стандарди и на крај открија ново заболување и промовираа лечење на истото.

Откако ги исшамараа во повеќе наврати, решија да се вратат на играта демократија. Во оваа фаза земаат делови од претходно направениот закон на невладините и експертите (или од лешот на убиениот закон) и се обидуваат да направат Франкештајн кој ќе го промовираат во манекен и во врвно достигнување на македонскиот интелект.

Си седат така на комисиите, и без мува да ги лази си предлагаат делови од “нашиот“ закон, па си се фалатмеѓу себе колку убаво ги смислиле амандманите и ги вклопуваат во монструозна комбинација која ќе продуцира мешанец составен од Мики Маус и Салвадор Дали. Во сета таа шарада (или како мали Ѓокица замишља Парламент) се плашам дека дечурланата почнува ептен да  губи врска со реалноста и дека ќе почнат дури и самите да ги јадат колачињата од кал што ги прават за своите кукли. После ќе ги боли меше.

Со оглед на тоа дека од овие кал=колачиња и сите нас може да не заболи ептен стомак, во прилог го ставам денешниот прес (кој што го дадов како претседател на Одборот за заштита на човековите права на ЛДП).

ИЗЈАВА ЗА ЈАВНОСТА – 18.03.2010

Алиби амандмани на предлогот на законот за спречување и заштита од дискриминација поднесен од Владата на Република Македонија

После острите реакции на невладините организации и на меѓународната заедница на предложениот текст за Закон за спречување и заштита од дискриминација поднесен од Владата на Република Македонија, владеачките структури се најдоа во стапица: да продолжат понатаму игнорирајки ги забелешките или да ја признаат грешката и да го прифатат за расправа текстот изработен во соработка со невладините организации (кој сега го предлага група пратеници).

Владеачката структура изнајде трето “соломонско” решение. Ќе поднесе алиби амандмани со кои ќе создаде двоен привид:

1. дека прифаќа критика

2. дека се донесува добар закон

Според амандманите кои имав можност да ги видам:

1. порано или подоцна сексуалната ориентација ќе мора да биде внесена во текстот на законот (после многу навреди, омаловажувања, етикетирања и лаги)

2. комисијата за еднаквост ќе си остане канцеларииче под капата на некое министерсво во кое ќе седат неколку Мирјани Димовски задолжени да ја штитат власта (која и да е) од граѓаните

3. остануваат бесмислено  дефинираните прекршочни санкции кои дискриминацијата ја изедначуваат со фрлање опушок на улица

4. цела група од членови неопходни законот да проработи и да ги штити сите граѓани од различните видови на дискриминација, се едноставно поттурнати под килим

5. сите Гиневци во Македонија ќе можат слободно да поттикнуваат на дискриминација

5. во текстот се промовираат одредби со кои одново се потенцира бинационалноста наспроти мултикултурноста во Македонија

Наместо расправата за овој закон да ја отвори вратата на еднаквоста, владеачката партија го употреби донесувањето на Законот за промоција на дискриминирачко однесување, за непречен говор на омраза и за поттикнување на дискриминација и се разбира, натамошна бинационализација на државата. Најголем губитник ќе бидат граѓаните. Разбирале тоа тие или не.

16 total views, 4 views today