СУДСТВОТО – ДИРЕКТЕН УЧЕСНИК ВО ПРЕКРШУВАЊЕТО НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

Случајот на “млекарот“ од Битола недвосмислено покажа дека целото наше судство со сите судии станало соучесник на власта во кршењето на основните човекови права и слободи.

Во ситуација кога еден судија не го применува законот, кога ниту еден друг судија не регаира на тоа, кога Републичкиот судски совет молчи, не може да стане збор за ништо друго освен за целосно ставање на судството во функција на власта која што ги крши човековите права и слободи.

Во овој пост, нема да ја анализирам постапката на полицијата поврзана со обезбедувањето на докази, нема да зборувам за селективниот пристап, ниту за процедуралните грешки во изведувањето на полициската акција кои може да предизвикаат многу и различни сомневања во врска со наводните докази.

Нема да зборувам ниту за тоа кои тоа факти, показатели, докази го навеле судијата воопшто да се посомнева дека станува збор за постоење на кривично дело производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

Во случајов ќе се задржам само на одредбите од Законот за кривична постапка:

Член 185

(1) Мерките што можат да се преземат спрема обвинетиот за обезбедување за негово присуство и за успешно водење на кривичната постапка се покана, приведување, ветување на обвинетиот дека нема да го напушти престојувалиштето односно живеалиштето и други превентивни мерки со кои се обезбедува присуство на обвинетиот, гаранција, куќен притвор и притвор.

(2) При одлучувањето која од наведените мерки ќе ја примени, надлежниот орган ќе се придржува кон условите определени за примена на одделни мерки, водејќи сметка да не се применува потешка мерка ако може истата цел да се постигне со поблага мерка. Судот може спрема обвинетиот истовремено да определи повеќе мерки од ставот (1) на овој член, освен кога ќе ја определи мерката притвор.

(3) Овие мерки ќе се укинат и по службена должност кога ќе престанат причините што ги предизвикале односно ќе се заменат со друга поблага мерка кога ќе настапат услови за тоа.

ПРАШАЊЕ: ВРЗ ОСНОВА НА ШТО СУДИЈАТА РЕШИЛ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОСТИГНЕ ЦЕЛТА СО ПРИМЕНА НА ДРУГА МЕРКА ОСВЕН НА НАЈДРАСТИЧНАТА – ПРИТВОР?

Член 187

(1) Наредба да се приведе обвинетиот може да издаде судот ако постојат причини за притвор од членот 199 на овој закон, ако е веќе донесено решение за притвор или ако уредно повикан обвинетиот не дојде, а својот изостанок не го оправда или ако не можело да се изврши уредно доставување на поканата, а од околностите очигледно произлегува дека обвинетиот го одбегнува приемот на поканата.

(2) Наредбата за приведување ја извршува Министерството за внатрешни работи.

(3) Наредбата за приведување се издава писмено. Наредбата треба да содржи: име и презиме на обвинетиот што треба да се доведе, назив на кривичното дело што му се става на товар со наведување на одредбата од Кривичниот законик, причина поради која се наредува приведувањето, службен печат и потпис од судијата што го наредува приведувањето.

(4) Лицето на кое му е доверено извршувањето на наредбата му ја предава наредбата на обвинетиот и го повикува да појде со него. Ако обвинетиот го одбие тоа, ќе го приведе присилно.

ПРАШАЊЕ: КОЈА ПРИЧИНА ЗА ПРИТВОР ЈА УТВРДИЛ СУДИЈАТА? ДАЛИ ПОСТОЕЛА НАРЕДБА ЗА ПРИВЕДУВАЊЕ СО СИТЕ ЕЛЕМЕНТИ И ДАЛИ ТАА МУ БИЛА ВРАЧЕНА НА ИЛИЕВСКИ? ДАЛИ ПОЛИЦИЈАТА ГО ПОВИКАЛА ИЛИЕВСКИ ДА ПОЈДЕ СО НИВ, ПА МУ СТАВИЛА ЛИСИЦИ И ПРИСИЛНО ГО ПРИВЕЛА ЗАТОА ШТО ТОЈ СЕ СПРОТИСТАВИЛ?

Член 198

(1) Притвор може да се определи само под условите предвидени во овој закон.

(2) Траењето на притворот мора да биде сведено на најкратко нужно време. Должност е на сите органи што учествуваат во кривичната постапка и на органите што им укажуваат правна помош да постапуваат со особена итност ако обвинетиот се наоѓа во притвор.

ПРАШАЊЕ: КАКО ТОА СЕ СЛУЧУВА И ВО ОВОЈ КАКО И ВО СИТЕ ОСТАНАТИ СЛУЧАИ НА ПРИТВОР НАЈКРАТКИОТ МОЖЕН РОК НА ПРИТВОР ДА ИЗНЕСУВА 30 ДЕНА?

Член 199

(1) Ако постои основано сомневање дека определено лице сторило кривично дело, притвор против тоа лице може да се определи ако:

1) се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство; 2) постои основан страв дека ќе ги уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците, соучесниците или прикривачите и 3) особени околности го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, или ќе го доврши обиденото кривично дело или дека ќе стори кривично дело со кое се заканува.

(2) Притвор задолжително се определува кога постои основано сомнение дека лицето сторило кривично дело за кое може да се изрече казна доживотен затвор.

ПРАШАЊЕ: КОЈА ОД ГОРНИТЕ ПРИЧИНИ ЈА ИМАЛ СУДИЈАТА ДА УТВРДИ ПРИТВОР– ИЛИЕВСКИ СЕ КРИЕЛ, МОЖЕ ДА ГО ПОВТОРИ ДЕЛОТО (ПОВТОРНО ДА НАСАДИ НА ПРИМЕР КАНАБИС) ИЛИ МОЖЕ ДА ВЛИЈАЕ НА СВЕДОЦИТЕ? ИЛИ МОЖЕБИ СУДИЈАТА МИСЛИ ДЕКА СТАНУВА ЗБОР ЗА КРИВИЧНО ДЕЛО ЗА КОЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ИЗРЕЧЕНА КАЗНА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР?

По овие прашања веќе не станува збор за знаење на судијата, за интелегенција на снаоѓање во нова ситуација, за слободно уверување или некоја посебна вештина. Станува збор за едноставна (не)примена на јасните законски норми.

И во целото наше судство не се најде ниту еден судија да реагира на ваквата постапка? И не се најде ниту еден судија да постави прашање за примена на законот? И не се нејде ниту еден судија макар да отвори теориска расправа во врска со праксата која станува секојдневие?

Ако не се нашол ниту еден судија да има поинакво мислење, тогаш со право може да се генерализира дека целокупното судство не само што не е во состојба да ги заштити човековите права туку и самото станало соучесник во кршењето на човековите права.

Leave a comment

Your email address will not be published.