КАТЕРИНОПЛАСТИКА

Што да се прави кога се’ е наопаку па дури и размислувањето. Не се размислува прво за тезата – туку ПРВО за тоа кој ја изнел. Така и нашето Катеринче во Форумот на Дневник од 14 август 2010 година се „размавнала“ по хименопластичарското лицемерие. Притоа, успеала да направи антологиски пример за тоа колку она НАОПАКУ е еднакво со парадокс – ја докажала токму тезата што ја негира.

Најпрво не’ просветлува со одличен пример од египетската фрустрација – ’голем срам’ за оној што ќе дозволи 30-доларска невиност или шамар за ’секој машки лицемер во арапската култура’ со очигледна симпатија кон оваа, вторава, ’ногу по женствена линија. Но, кога е во прашање Македонија – е тогаш е на страната на оние првите, машките промискуитети илити „патриотите“.

Тамам им тргна на кутриве да смислат нешто добро – Катеринчето во корен ја исече идејата за привремена експертска влада со задача да прифати компромисно решение за името. Притоа, разбира се, почнува, без трунка „зајадливост“, не од објективното туку од потенцијалното субјективноод сенилноста на потенцијалниот кандидат (кутриот бил две-три години пред пензија) и од неговата „групна“ припадност – член на онаа институција (елем МАНУ) чија ’најтесна специјалност’ да ти биде „размена на територии“. Веќе тука Катеринчето се подслизнува и на најеклатантен начин ни докажува дека не знае ниту елементарно од меѓународно право каде институтот „размена на територии и/или население“ е не само најнормален туку и сосема регулиран механизам. Веројатно мислела на онаа несреќна епизода кога беше предложена поделба на македонската територија под погрешен наслов? Сепак, тоа, според мене, не е доволно оправдување да се дезинформира јавноста за некаква си неисправност на овој меѓународноправен институт регулиран со ратификувана меѓународна конвенција – значи македонски закон.

По една добра проција епитети, од политички презерватив до лав од хартија, најпосле упорниот читател стига до првиот и единствениот аргумент – штит. Во дадена ситуација тоа да ти биде ’кадровски штит’. Веднаш узнаваме дека штит е нешто ептен лошо и дека само една итерпејовска Македонија би си дозволила таква глупост и, претпоставувам, никој друг. Интересно! Кутри Римјани, среќа што ова не го знаеле, инаку никогаш немало да направат формација базирана на штитови со која победувале и лево и десно. Камо среќа Жозе Мурињо да узнаеше за Итер Пејо и Катеринчето! Белким немаше да ја втемели својата стратегија на победи токму на штит по принципот што парафразиран би можел да гласи дека ’патот до победата е поплочен со добри штитови’. (А баш бев сигурен дека Катеринчето, како и огромниот број женски припаднички, паѓа на шармот на Жозе!) Илити, најдобриот аргумент во полза на техничка влада.

Влијанието на Катеринчето – не го негирам. Носителите на идејата веќе почнаа да се грчат, а „ТВ експертите“ побрзаа да ни укажат дека тоа и не е некој предлог (иако не разбрав зошто?). И токму тоа ме плаши. Дури и британската политичка сцена се соочи со феноменот кој гласи – влада во оставка. Оној момент кога таа политичка опција ќе изгуби – прави дар-мар посебно на кадровски план. Тоа се такви штети што наредната влада во принцип или не успева да ги поправи или ги користи под таа закрила да ја удвои штетата. Токму затоа, жално е ad personem негирањето на Катеринчето. Привремена или техничка или некој вид преодна, НЕПАРТИСКА влада е веќе еден вид неопходност. И тоа од моментот кога политичките партии не знаат што и како ќе се случи на изборите, па оттука, во услови на минимална разумност, ќе внимаваат да не разрушат нешто што ’утре ќе им треба’.

Елем, едно големо ДА за времена влада со задача да склучи што подобар договор за името. Сигурен сум дека персоналните стравови на Катеринчето се на место – по своја прилика ќе биде направен најпогрешниот избор. Но, апсолутно независно од тоа – институтот привремена влада како штит (супер-аргументот) е повеќе од добра идеја, а одбраната е неопходната половина од успехот. Имено, извесно е дека не се работи за апсолутна одбрана, но посебно во даденава ситуација аргументите се на таа страна. Доколку, на пример, се назначи техничка влада едновремено со распишување парламентарни избори, актуелната власт во принцип нема да прави такви кадровски потези кои се во функција на разрушување на административната структура, а се’ со цел да им „подменат“ на оние „другите“.

Понатаму е изборниот период. Нешто не ми се верува дека техничката влада би дозволила било која од партиите да ги користат државните автомобили и другите државни ресурси во својата изборна кампања. Јербо ако погрешат и оние другите дојдат на власт – црно им се пишува. Тоа исто толку важи и за обезбедување фер-избори и посебно неупотреба на полицијата во изборни заврзлами. Ништо од ова не е „непремостливо“, но извесно го намалува маневарскиот простор за злоупотреби.

Овие аргументи важат и за ад хок техничка влада чии членови ќе биде многу паметно да си го обезбедат „грбот“ со чесни постапки; во спротивно оние другите … Притоа, можеби она што кутрото ни Катеричне го намирисала (но не можела да го артикулира) е дека има нешто многу важно, а погрешно во актуелниот предлог: ако само едната преговарачка страна ја „осудите“ на императивно склучување конкретен вид спогодба – таа во старт е „мртва“. Оттука, мандатот на таквата влада треба и мора да биде многу поширок или барем да го омеѓи просторот на обете страни. Значи – да склучат спогодба или да констатираат дека тоа не е оправдано односно можно и да ги прекинат актуелните облици на преговарање. Ако тоа им стои како можност, а другата страна тоа го знае, тогаш и само тогаш почетните позиции од внатрешно-правен аспект како на преговарачки делегации – се изедначени.

Маниту Велики

Leave a comment

Your email address will not be published.