Уставниот суд – гробар на македонскиот унитаризам

Одлуката на Уставниот ни суд (У.бр.284/2009 и У.бр.70/2010 од 14.07.2010 г.) за укинување на Ñ‚. 2 од Решението на Министерот за образование околу изучувањето на македонскиот јазик во основните училишта ни (објавена во Сл.в. 98/2010) не е грешка, не е катастрофа туку е – КАТАКЛИЗМА.

Уште пред да одам на одмор ме удри јанза. По еден предмет пред Уставниот ни суд што го поведов иако знам дека добиваат алергиски напади кога се работи за индивидуални случаи (господата се бават со високи прашања на генералните прописи), побарав толкување од нив на еден конкретен член од сопствениот им Деловник – акт што го носи самиот Уставниот и никој друг. Елем, ми дојде одговор дека тие такви работи не прават!??? Безмалку како да сум побарал нешто безобразно од нив.

Се понадевав дека се работи за некој вид несмасност – не знаеле што да одговорат па – „набрале зелена“, но и се уплашив – доколку се подготвени да одбијат да го толкуваат сопствениот Деловник, до каде се подготвени да одат. Не ни помислив дека би си дозволиле да чепнат во унитаризмот на Македонија, она формално и тесно конче на кое се крепи целокупниот ни политички систем. Се враќам од одмор и – токму тоа го направиле. Од незнаење или од осветољубивост или од вешта манипулација – не знам. Но она што е за мене повеќе од сигурно е дека ја загрозиле не само иднината на нашите деца туку и нашата иднина, одн. дека многу бргу ќе ги видиме последиците на оваа катаклизма.

Најневеројатното е дека корифеите на правното толкување имале дрскост да ја напишат својата ’одмазда’ најотворено – се работи за вкупно два члена од еден те ист закон. Нема ништо сложено и нема ништо нејасно или „небулозно“ како што ќе напише самиот Уставен суд во една од одлуките објавени во истиот Службен весник. Првата одредба е ставот 3 од членот 9 (за да три пасуси подолу откријат дека се работи ставот 3 од членот 4 – веројатно техничка грешка, но сепак недопустлива во овој контекст), а која одредба е императивна: сите ученици задолжително го изучуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. И точка. Крај. Нема што да се дискутира или да се измислуваат теории за млака вода. Тие се веќе измислени.

Другата одредба е оперативна: дури во чл. 42 законодавецот ни помага да не се збуниме и ги применува прифатените педагошки теории – помалку возрасното дете многу полесно ја прифаќа наставната материја од одделенскиот наставник отколку од наставник за посебен предмет. Но, не можеме (барем не во моментов) да бараме сите одделенски наставници да знаат англиски – па затоа тоа мора да се издвои (ептен паметниот законодавец ќе оставел и тука избор, но очигледно претежнале категориите директива, унификација или страв од имплементацијата). Но, веќе во четврто одделение сакаме да го издигнеме изучувањето на македонскиот јазик и одиме со наставници што се специјализирани за настава (само) по македонски јазик.

Оваа логика ја потврдува и членот 80 од истиот закон со кој што се регулира засновањето на работен однос. Имено, според овој член: “(1) За наставник, стручен соработник и воспитувач може да се вработи лице коешто го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо (2) Лицата од ставот (1) на овој член во училиштата и паралелките во кои наставата се изведува на јазик и писмо различни од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, освен наставниците за предметот македонски јазик, треба да го познаваат и јазикот и писмото на кој се изведува наставата.“

Независно што и како била интенцијата на законодавецот – крајниот резултат е тоа: од прво до трето таа настава ја изведува одделенскиот наставник, а од четврто – специјализиран наставник. И не треба којзнае каква филозофија да се дојде до овој заклучок – само коректно да се применат методите на толкување што во (рудиментарна) форма се изучуваат и на Правниот факултет – Скопје од каде изникнуваат најголемиот дел од актуелните ни уставни судии. Толкување според карактерот на нормата: императивна против оперативна. Толкување според местоположбата: генерална (на почеток) наспроти разработка (во средина, па дури и кон крај, ама не завршна или преодна одредба). Граматичко толкување: категоричен јазик версус описна формулација. Сите овие толкувања одат во прилог на тоа дека без разлика на што и да е – сите дечиња мора да го изучуваат македонскиот јазик. Затоа, и заради ништо друго нивната одлука е – КАТАКЛИЗМА.

Корифеите на нашето правно толкување не успеале да се прашат себе си дури ни следново: ако е точно нивното „толкување“ дека наставата по македонски јази „започнува“ (термин што во посочените две одредби ама баш никаде не фигурира) за „тие дечиња“ во четврто одделение дали тоа значи дека за другиве дечиња ВООПШТО НЕ ЗАПОЧНУВА. Имено, во одредбата од чл. 42 никаде не се спомнува настава по македонски јазик за учениците што не се припадници на заедниците. Значи, тие, според Уставниот ни суд – воопшто не треба да учат македонски јазик!!!!!!

Истите тие корифеи не се запрашале што ќе правиме со природните науки и техничкото образование. Имено, ако е точно нивното толкување – тогаш ќе треба до четврто одделение да се исфрли се’ што е од природните и техничките науки. Според одредбата од чл. 42 наставата по овие предмети „ЗАПОЧНУВА“ од петто одделение. Се прашувам што останува, одн. што треба да учат основците ни до петто одделение? Ликовно и физичко, а бога ми и музичко…

Посебна приказна е Министерот за образование и наука. Тој, пак, нашол баш за ова прашање да не прати одговор по наводите на иницијативата за преиспитување на неговото Решение. Токму во овој случај нашол да тера инает со институцијата толку критикувана од актуелната ни власт? Зар не можел да најде некој друг случај или и покрај тоа што самиот го отвори ова прашање успеал да не сфати дека со ова се тестира македонската државност? Или, можеби дури и намерно го отворил сево ова, намерно не одговорил на барањето од Уставниот суд за да може Уставниот суд да ја направи оваа КАТАКЛИЗМА? И, сега, да не мора да му објаснува на својот колега од Владата, вицепремиерот Адеми, дека не зборувајќи македонски вицепремиерот го крши Уставот на Република Македонија. Барајќи, пак, македонските Македонци да зборуваат албански јазик, вицепремиерот отворено декларира ФЕДЕРАЛИЗАМ, а за што не само не е казнет или барем укорен туку продолжува дури и пред странските фактори да говори на албански јазик. Да, сега министерот Тодоров може да си молчи пред вицепремиерот Адеми јербо вториов има одлука на Уставниот ни суд зад себе.

Со тоа не се докажува ништо друго освен дека од кецароши и бубалици не биѓаваат експерти. Еден умен професор (еден од ретките на Правниот ни факултет) умееше да користи едно чудо римски поговорки и, нека му е лесна земјата, упорно да проповеда дека умереноста е највисок добродетел. И едните и другите се тнр. екстремни вредности. Но, во даденава ситуација, се последната линија на одбрана од напливот на удари по столбовите на правната држава. Е, тоа се вика Сцила и Харибда (оние првине би спомнале змија и магаре во ваква ситуација – Ти се молам). На пример, околу споменичиштава – откако прво не им тргна, после им притекна на ова корифеите ни и малку од малку ја забавија работата (иако требаше и мораа да ја запрат во корен). Што да се прави (освен…)?

Имам соломонско и великодушно решение: корифеите ни да го направат токму тоа што го нејќат – да седнат, да го истолкуваат својот сопствен Деловник и да најдат решение за она што оплескале, илити за КАТАКЛИЗМАТА. И тоа супер итно. Во спротивно – да си дадат колективнаја оставка. Двеве ’лубеници’ под една мишка не одат. Во спротивно, топло се надевам дека полека луѓево ќе почнат да се враќаат од одмор и да се збираат. Јербо ако сега некој одмолчи – нека го избрише зборот „патриот“ од својот речник. Впрочем, и без да го направи тоа, тој збор не како кафанска декларација или малициозна деградација, туку во својата вистинска смисла во неговиот вокабулар и не постои.

Претстои донесување на уште еден закон за македонскиот јазик. Почнуваат морници да ме лазат…

Маниту Велики

Leave a comment

Your email address will not be published.