ДАЛИ НЕКОЈ ГО ПРОЧИТАЛ ИЗМЕНЕТИОТ ЗАКОН ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ?

1. Продолжува централизацијата на нашиот образовен систем. Со чл. 15-а се предвидува создавање интегрирана база на податоци во Министерството за образование во која меѓу другото ќе влезат досиеја на учениците, оценки, отсуства од настава.

Никаде не се спомнува тајноста на овие податоци и начинот на ракување со нив. Би била благодарна да слушнам мислење за што треба да послужат овие податоци?

2. Со нов став во членот 25 “се определува задолжително користење на информатичко-комуникациските технологии за реализација на воспитно-образовната работа“. Казната за некористење е: 2500-3000 Евра (се разбира како официјално платежно средство во Македонија). Се прашувам што значи ова? Користење во секој предмет? Колку време? Во кој обем? Како ќе се казнува наставникот по музичко или ликовно, а посебно по физичко воспитување доколку не користи компјутер во воспитно-образовниот процес? Како ќе се справиме со негативните здравствени, социјални и психолошки последици од секојкдневната употреба на компјутери? (http://findarticles.com/p/articles/mi_m0826/is_5_17/ai_78785156/)

3. Во членот 86 се додава нов став во кој законски се обврзува секој наставник наставата да ја реализира интерактивно, а начинот на кој тоа ќе се прави ќе го пропише министерот. Живо ме интересира како тоа министерот ќе ја пропише интерактивноста. Исто така ме интересира што подразбира под интерактивност во контекст на употребата на новите технологии. Со кого треба учениците да бидат активни? Со наставникот? со другите ученици? со компјутерите? И како да се биде интерактивен во училница во која не може да се мрдне два сантима заради фиксираните клупи со компјутери?

4. Во истиот член се забранува психички и физички да се малтретираат наставниците, стручните соработници и воспитувачите. Не е јасно од кого? Од учениците? Од други наставници? од Директорот? од Родителите? Во секој случај, училиштето ќе се казни со 3500-4000 Евра. За ова е предвидена казна од 1000 Евра за родителите чии деца малтретираат наставници. Мене многу ме интересира што се подразбира под ова? Дали ќе има судска постапка во која ќе се утврдува? Ако да како да се справиме со фактот дека децата до 14 години не се кривично одговорни. Што ќе се прави со случаи на самоодбрана и крајна нужда? Дали тоа ќе се докажува во контрадикторна постапка? И дали ќе изградиме систем на најдобар интерес на наставниците паралелно со системот на најдобар интерес на детето? Дали е психичко малтретирање ако 6-годишно дете го нарече наставникот глуп? Дали ќе се утврдува вистинитоста на тврдењето на детето? Што ако е наставникот навистина глуп?

5. Членот 99 утврдува дека педагошката евиденција ќе се води на македонски јазик и на јазикот на изведување на наставата, меѓутоа дневникот ќе се води само на јазикот на кој се води наставата? Дали тоа значи дека инспекција може да има само од страна на оние кои го зборуваат јазикот на кој се води наставата? Како со истражувањата? Како со централниот регистер и оценките и отсуствата? Зошто дневникот би се водел само на јазикот на изведување на наставата?

6. Ако се направи некој прекршок, наставниците и вработените во училиштето ќе бидат испратени на дообразување кое ќе им го овозможат просветните инспектори. Тоа значи дека просветниот инспектор ќе им држи предавања за: дискриминација, организација на работата, меѓучовечки односи, администрација, мултикултура и сл. Мислам дека се претпоставува дека инспекторите се луѓе со енциклопедиско знаење и секако можат да одговорат и на оваа задача.

7. Со казна од 3500-4000 Евра ќе се казни училиште во кое се врши политичко и верско дејствување. Баш ме интересира дали под ова потпаѓаат и пропагандните активности на актуелната ни власт и религиозните содржини пласирани под плаштот на етики, компаративни религии и сл.

Морам да признаам нешто. Многу уживам во читање на службени весници.

Leave a comment

Your email address will not be published.