СОУЧЕСНИШТВО

Мое мислење е дека во моментот кога судството, политичарите, медиумите и невладините организации не изрегаираа соодветно на случајот со детето Росана,  тие станаа соучесници на сторителите на тој случај и на сторителите на денешните случаи кои можеа да бидат спречени со соодветно делување.

Сметам дека доколку и денес не изреагираме стануваме соучесници насторителите на идните слични насилства.

Заради тоа ја иницирав оваа претставка и ги повикувам сите што можат да имаат било какво влијание во менувањето на постоечката ситуација да го откријат сопствениот дел од одговорноста за она што ни се случува и ќе ни се случува.

П Р Е Т С Т А В К А

до Анкетната комисија на Собранието на Република Македонија за заштита на човековите права и слободи

Имајќи ги предвид актуелните настани со сексуалното искористување на деца, стравувајки дека е тоа само мал дел од вистинската ситуација и имајки ја предвид продолжителноста на проблемот и тешките последици од неговото нерешавање, подносителот на оваа Претставка предлага Анкетната комисија да ги испита, одржи јавна седница со расправа и заземе став по следниве аспекти:

1. Озаконет криминал. – Проблемот на големиот број случаи на сексуалното искористување на деца е поврзано со несоодветните решенија содржани во Кривичниот закони.

Со промените на Кривичниот закон (КЗ) објавени во службените весници бр. 7/15.01.2008 година и 114/14.09.2009 година беа направени такви промени чии последици дури сега се јасно видливи.

Имено, според дотогашното решение посебно на чл. 188 од КЗ номинално беа заштитени сите деца; насловот гласеше „Полов напад врз дете“ и со него беше казниво секоја обљуба или друго полово дејствие врз дете. Имајќи предвид дека со Законот за ратификација на Конвенцијата за правата на детето (02.12.1993 година) е децидно дефинирано (чл. 1) дека „… дете е човечко суштество кое нема навршено 18 години на животот…“ теориски е неспорно дека заштитата од обљуба и полово дејствија ги опфаќа сите човечки суштества до навршување 18 години. И, соодветно, со промените од 2008 г., во чл. 122 се додава нов став каде е содржана и следнава дефиниција: „Под дете како жртва на кривично дело се подразбира малолетно лице до 18 години“. Оваа промена би била во функција на имплементација на Конвенцијата за правата на детето доколку ја следи соодветно натамошно развивање во тексото на Кривичниот законик.

Меѓутоа, со истите промени се менува и категоријата заштитена од обљуба. Почнувајќи од насловот пред членот 188 кој сега гласи: „Полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години”, променет е и текстот на членот – во став (1) зборот „дете” се заменува со зборовите: „малолетник кој не наполнил 14 години”. Предложената измена се образложува со потребата да се устрожни режимот на заштита на најмладите, па затоа се менува и казнениот дијапазон: наместо „од една до десет години” се зголемува минимумот на „најмалку четири години”.

И тоа би било сосема прифатливо и разбирливо доколку на некој друг начин се опфати категоријата малолетници (читај “деца“) со навршени 14 години. ТОА НЕ Е СЛУЧАЈ. Овие деца никаде не се спомнуваат како посебно заштитена категорија (согласно со Конвенцијата) во однос на сексуалната злоупотреба. Со ваквата промена и теориски и практично станува НЕКАЗНИВА обљубата и половите дејствија спрема малолетник што наполнил 14 години. Или со други зборови е озаконето имање сексуални односи на возрасен граѓанин со малолетник кој има 14 години и, на пример, еден ден. Ова се прави под наводната закрила на изразот „секс со согласност“, односно, се истакнува дека децата дале согласност за секс и со тоа го амнестираат возрасниот, или пак, стануваат еднакво криви за акт на протситуција. Или, уште послободно речено, прашање на време и досетливост е штипските, тетовски или некои други бизнисмени да се обидат да привлечат странски инвеститор за нивни партнер рекламирајќи ја Македонија како единствена земја во Европа каде е дозволен секс со малолетници на возраст од 14 години и еден ден до возраст од 18 години минус еден ден (а можеби домаќините ќе се погрижат и за наводната „согласност“).

Во практика е видливо дека органите на прогонот крајно „доследно“ се ограничуваат на случаите на сексуално искористување на “малолетници со ненаполнети 14 години“, односно, тие ги дестимулираат децата и родителите во пријавување на случаи на сексуално искористување од страна на возрасни, а соодветните правосудни органи се амнестираат од сопствената одговорност во ваков вид случаи.

При сето ова сите тие (намерно или ненамерно) го превидуваат чл. 16 од важечкиот Закон за семејство. Според овој член нe може да склучи брак лице кое не наполнило 18 години од животот. Имено, надлежниот суд може (НО НЕ МОРА), во вонпроцесна постапка, да дозволи склучување на брак на лице кое наполнило 16 години од животот ако утврди дека тоа достигнало телесна и душевна зрелост потребна за вршење на правата и должностите што настануваат во бракот, а по претходно прибавено мислење од здравствена установа и укажана стручна помош во Центарот за социјална работа.

Од ова произлегува дека дете од 16-18 години се штити од склучувањето на брак меѓутоа не и од сексуално искористување. При тоа, категоријата дсеца од 14-16 години воопшто и не може да помисли на брак (бидејќи не достигнала телесна и душевна зрелост за тоа), меѓутоа е доволно телесно и душевно зрела да има сексуални ордноси со возрасни и “своеволно“ да даде согласност за ваков вид односи.

Сметајќи дека легализацијата на секс со помлади и постари малолетници, или малолетници со наполнети 14 години е недопустиво дури и за земји во почетен развој на демократијата, предлагаме Анкетната комисија:

1.1 Да побара писмено појаснување од Министерството за правда;

1.2 Едновремено да побара информација за практиката во земјите-договорни членки на Конвенцијата за правата на детето; и

1.3 Во светло на добиените одговори, но и независно од евентуалното недобивање одговори во разумен, однапред определен рок, НАЈИТНО да побара корекција на актуелната регулатива во Кривичниот законик, а со која ќе се востанови заштита на малолетниците со наполнети 14 години од обљуба и други полови дејствија.

2. Негативна солидарност. – Интригантна коинциденција во целиот настан е тоа што споменатите промени на КЗ се носат непосредно по случајот што си дозволуваме накратко да го насловиме како „случај Росана“.

Имено, за исклучително потресниот случај на Росана Цветковиќ од Штип, медиумите во Македонија исклучително широко известуваа во 2006-тата година, а Хелсиншкиот комитет го набљудуваше, даваше соопштенија и се инволвираше во постапката пред надлежните судски органи од тогаш наваму. Во услови кога дојде до судење во кое не беше заштитен нејзиниот идентитет – Росана се самоубива.

Притоа, основен проблем кој беше посочен во овој случај беше дека во штипските надлежни органи направиле или свесно изградиле замена на теза. Имено, во услови на отсуство на дефиниција на дете во Кривичниот законик во тоа време, законската дефиниција (која што произлегува од Конвенцијата за правата на детето) дека дете е секое човечко битие до 18 години возраст тие ја заменуваат со законската дефиниција за тоа кои деца имаат или можат да понесат кривична одговорност (дадена во Кривичниот законик).

Ова е неприменливо на случајот со Росана која не е сторител на кривично дело, туку е жртва на кривично дело подведување и обљуба од возрасни граѓани. Промените на чл. 122 од КЗ од 2008 г. тоа е јасно и правилно расчистено. Меѓутоа, со промените на чл. 188 практично проблемот не само што не е решен, туку е озаконет. Имено, со овој член е извршена генерална легализација на сексуални односи со малолетници што наполниле 14 години. Со тоа, на посреден начин се заштитени и групата корисници на „услуги“ од „случајот Росана“.

Што значи тоа за конкретниот случај? Постапката, во која е осуден Сашко Митев за кривичното дело „Посредување во вршење на проституција“ според член 191 ст. 4 од КЗ била водена само против подоцна осудениот, а не и против добрите граѓани (како што ги нарекува судијата во својата одлука) – бизнисмени од Штип а кои ги користеле услугите на Росана и една нејзина малку постара врсничка. На таквото решение се спротивставува таткото на Росана и со помош на Хелсиншкиот комитет поднесува кривична пријава против Јован Ѓурков, заменик јавен обвинител во Основно Јавно обвинителство – Штип, Јулијана Манчевска, судија во Основниот суд во Штип, Венцо Николов, судија поротник во Основниот суд во Штип, и Љубица Гоцевска, судија поротник во Основниот суд во Штип. Пријавата од причини на објективност (?) е проследена за изјаснување до Основното јавно обвинителство на Струмица кое, во Одлуката бр. 306/06 од 05.12.2006 г. потпишана од заменик-јавниот обвинител Љубица Георгиева ја одбива кривичната пријава.

Меѓутоа, определени формулации и посебно отсуство на формулации во таа Одлука се најдобар пример за НЕГАТИВНА СОЛИДАРНОСТ или обид на струмичкото обвинителство да ги „заштити“ своите колеги во Штип. Покрај другото, во таа Одлука се зазема став дека е исправна постапката на ОЈО и ОС Штип за непрогонување на корисниците на услугите заради тоа што двете девојчиња биле со наполнети 14 години, па оттука не спаѓаат во категоријата деца(?!!), при што е повторена (и е зацврстена) замената на теза направена од штипските колеги.

Најстрашно е што обвинителката Георгиева многу веројатно осознала дека нејзините колеги го прекршиле законот (дури и така замачкан и несоодветен), а сепак се одлучила да ги „заштити“. Имено, образложувајќи дека обете девојчиња биле со наполнети 14 години во периодот декември 2005 г. – јануари 2006 г. кога судски било констатирано извршеното подведување, во Одлуката прецизно се наведува дека постарото девојче имало 14 години и 10 месеци. Но, кај Росана, иако се наведува точниот датум на раѓање – се вели само дека „имала 14 години“. Но, ТОА ОЧИГЛЕДНО НЕ ТОЧНО! Ако веќе Росана била родена на 26 декември 1991 година, во периодот 01 – 25 декември 2005 година таа се’ уште немала наполнето 14 години. Значи, барем за дел од периодот кога таа била подведувана на секс со штипските бизнисмени – таа била малолетник што нема наполнето 14 години.

Поради ваквата одлука на ОЈО Струмица, Хелсиншкиот комитет и таткото на Росана поведуваат кривична постапка по основа на приватна, значи супсидијарна кривична тужба. Надлежните судови упорно носат негативни одлуки, а Врховниот суд дури се огласил за ненадлежен да даде толкување за категоријата дете што се употребува на различни начини.

Во секој случај, и теориски и практично паралелно со овие постапки – поведена е и реализирана постапката за измена на КЗ според која обљубата на малолетник со наполнети 14 години е озаконета.

Сметаме дека со тоа е дадено зелено светло на сите потенцијални корисници на сексуални услуги на деца и е создадена поволна почва за она што денес излегува на виделина.

Од тие причини предлагаме Анкетната комисија:

2.1 Да иницира пред Собранието на Република Македонија донесување Декларација против негативната солидарност во македонското судство со која најостро ќе се осудат сите случаи кога органите на прогонот во Македонија, значи полицијата – обвинителствата – јавните правобранителства – судовите, не само што не реагираат на констатирани противзаконски и/или противправни акти на свои колеги туку се впуштаат и самите во прекршување на правото со цел тие нивни колеги да не сносат последици за своите прекршувања на правото; и

2.2 Да иницира пред Собранието на Република Македонија формирање посебна комисија за специфично преиспитување на ефикасноста на работата на Републичкиот судски совет од аспект на претставките на граѓаните односно од аспект на случаи каде е индицирана НЕГАТИВНА СОЛИДАРНОСТ и за артикулација на независен механизам во македонското законодавство за надворешна контрола на работата на органите на прогонот.

Подносителот и’ стои на располагање на Анкетната комисија за евентуални појаснувања или документација поврзана со иницираните прашања.

Претставката е подготвена од Одборот за човекови права и правна држава на ЛДП, предводен од Мирјана Најчевска.

Leave a comment

Your email address will not be published.