ЗА ИЗВЕШТАЈОТ, КЕЦАРОШИТЕ ОД НАШЕТО МААЛО И ВИРТУЕЛНОСТА

Она што може и треба да го побараме во ЕУ извештајот за Македонија (2010) е одговор на прашањата:

Дали во Македонија е направен напредок или не во однос на човековите права и владеењето на правото?

И во што се состои напредокот доколку го има?

Понатаму ние самите треба да утврдиме како се рефлектираат направените промени во животот на граѓаните, и колку животот на македонските граѓани станува поблизок на живеењето на луѓето во државите на ЕУ?

1.

Според наједноставна квантитативна анализа на целокупниот извештај може да се утврди дека е направен задоволителен напредок во 27% од прашањата. Во 23% е прикажана стагнација или назадување, а во 50% е добиена преодна оцена, или, доволен 2 (мал, ограничен, некаков, парцијален напредок).

Во однос на човековите права и владеењето на правото соодносот е уште повидливо на страната на назадувањето и стагнацијата (посебно кога станува збор за: реформата на судството, антикорупциската политика, гаранцијата на човековите права, слободата на изразување, поддршката на цивилното општетсво, условите во затворите, насилството врз децата, и се разбира борбата со дискриминацијата)

2.

Според натамошната анализа на тоа во што се состои напредокот, станува јасно дека постигнатиот напредок верифициран во извештајот, всушност е во голема мера виртуелен напредок. Имено, дури и тој напредок оценете со преодна 2, е поврзан пред се со менување на легислатива и создавање институции.

Наспроти на ова, во секоја од анализираните области се вели дека: не е направен напредок во обезбедувањето на имплементација на постоечките законски решенија, треба да се обезбеди во практика почитување на одредбите и на духот на законот, треба да се обезбеди имплементација на одредбите во практиката. Дури и многу директно се посочува дека, цитирам: “легалниот систем почнува да генерира проблеми кога се доаѓа до имплементацијата“.

Оваа ситуација се однесува апсолутно на сите области поврзани со човековите права и владеењето на правото. Или, таму каде што има закони (какви и да се) тие не се применуват.

3.

Ваквиот виртуелен напредок автоматски значи дека направените промени не го подобруваат животот на граѓаните и не овозможуваат поголемо остварување и заштита на нивните права и слободи. Во превод ова значи, промените што се случуваат не им користат на граѓаните.

Ќе го парафразирам мојот омилен писател Луканенко: мајмуните може да се научат да возат мотор, меѓутоа, тоа не значи дека ќе ги пуштиме во сообраќај, туку, во циркус.

Leave a comment

Your email address will not be published.