ВИРТУЕЛНА РЕАЛНОСТ – бајка или неовластено дистрибуирање на марихуана од страна на власта

Мислам дека конечно разбрав како може во Македонија да опстојува власт која што е очигледно штетна за најголем број од граѓаните, која очигледно краде, лаже, мами и ја влече целата држава надоле.

Нашите граѓани живеат во бајка. Приказна која што им се раскажува наутро, на ручек и навечер. Приказна со која се будат и со која заспиваат. Убава приказна. Со многу среќни моменти, со позитивна мисла, со херои и цврсти пораки до слушачот.

Приказната го заменува реалниот свет, таа се посочува како реалност наместо секојдневието кое станува се пострашно и пострашно. Таа се развива паралелно со реалноста и има свој убав пандан на секој ужас кој им се случува на луѓето. Само треба да пуштиш телевизор на МРТ, Сител или Канал 5, а и на Наша ТВ богами, и влегуваш во прекрасниот свет на бајките, во кој Македонија напредува, се развива и постепено станува рај на земјата, во кој владее правото, власта е демократска и народна, а високите функционери работат 24 саати на ден седум дена во неделата се за доброто на своите граѓани.

Македонија добива предупредувања дека не ги спроведува потребните реформи и назадува во имплементацијата на стандардите на ЕУ, власта раскажува дека сме добиле позитивен извештај. Бајка.

Корупцијата цвета, убиствата и кражбите се множат, полицијата влегува кај ќе и текне без судски налог, а министерката за внатрешни работи ни раскажува за сигурноста на граѓаните и беспрекорната работа на институциите. Насмеана и ведра, со голема уверливост и ширум отворени очи од себевоодушевување, ни раскажува дека во оваа држава никој не е над законот, секој ќе биде казнет за направен прекршок и оваа власт нема да запре во борбата со секој прекршител. Реалноста олицетворена во директен прекршител на законот снимен и прикажан не може да ја поколеба во раскажувањето на нејзината приказна.

Водителката во емисијата “Од наш агол“ во која што се расправаше за загрижувачки проблем на нарушување на слободата на говорот и ограничување на работењето на еден медиум, на крајот на емисијата со ведар тон полн со оптимизам и ветување, дури ни порача и дека идниот пат ќе ја покани министерката за внатрешни работи да ни кажува за поубави нешта. Некоја уште поубава приказна, побајкаста бајка, која нема да ги вознемири гледачите.

Експертите блиски до власта (како Ванковска и Силјановска) ја поддржуваат раскажувачката атмосфера и се многу загрижени кога некој изнесува вознемирувачки податоци кои може да ги растревожат граѓаните.

Виртуелноста не се ни порекнува од страна на претставниците на власта. На пример, на прашањето кога ќе се имплементираат промените направени во Законот за воздухопловство, а кои предвидуваат субвенции од страна на државата за летови на дестинации кои се од јавен интерес, а не се профитабилни, од министерството со гордост изјавуваат дека:  Законската измена била обврска за прилагодување кон европското законодавство и засега не се размислува таа да се примени и во пракса.

Приказната добива и визуелна поткрепа во спотовите на владата кои се емитуваат на секој саат на МТВ3 и барем четири пати на ден (пред секој оброк) на останатите телевизии и во медиумските известувања на Сител, Канал5, МРТ, Вечер, каде што дознаваме дека дупките во кои пропаѓаме не се дупки, и сиромаштијата е богатство, инфантилните настапи на политичарите (како на пример оној на   Влатко Ѓорчев пред ЕУ) се херојска борба за македонската самобитност, а градењето споменици е инвестиција во иднината на нашите деца.

Овој народ или навистина сака приказни или е дебело надуван и изгубил контакт со реалноста.

Leave a comment

Your email address will not be published.