ЧОМО – АСИСТЕНТ НЕ Е ЕКСПЕРТ

Драган Гоцевски не е експерт за јавна администрација и покрај тврдењето на Чомо и пречутното согласување на дотичниот. Тој е асистент. Тоа значи дека е чирак. По онаа занаетчиската: помлад асистент и асистент се чираци, доцент е калфа, а вонреден и редовен професор се мајстори. Чиракот е некој кој сега учи, кој треба да биде под контрола, да биде насочуван и кој треба уште многу, многу да чита, да практикува и да стекнува искуства за да стране мајстор.

Не е страшно што детето Драган Греши. Се подразбира дека секој чирак има право на многу грешки. Проблем е што луѓето се заведени и може да ги земат здраво за готово објаснувањата на чиракот како објаснувања на мајстор.

Драго мое дете Драган, покрај законот за државните службеници (кој сосема солидно го владееш) постои и Кривичен законик. Во тој кривичен законик има глава под наслов:Кривични дела против изборите и гласањето.  И таму има еден член 160 кој гласи:

(1) Тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили, да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку три години.

И има еден член 162 кој гласи:

(1) Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Никаква дисциплинска или морална или било каква друга одговорност. Станува збор за кривична одговорност. Бидејки ова се права од исклучителна општетсвена важност, не е спомнато дека се поднесува приватна тужба, што значи дека Јавниот обвинител е тој што треба да ја поведе постапката. Не Агенција за државни службеници, не Антикорупциска комисија, туку орган на државата задолжен за тоа. Јавното објавување на А1 може да се смета за поднесена пријава до Јавниот обвинител, или, сознание кое тој треба да го истражи.

Драго мое дете Драган не може жртвите да ги прогласиш за соучесници. Доколку го направиш тоа тогаш никој никогаш нема да пријави ниту едно кривично дело. Уделот на жртвата во кривичното дело е нешто сосема друго од соучесништво. Со време ќе дојдеш и до таа лекција. Верувам.

Драго мое дете Драган не може да бараш луѓето да реагираат пред институциите за кои знаат дека се корумпирани и дека ваквата реакција ќе значи нивна натамошна виктимизација. Токму заради ова е измислен Јавниот обвинител. За ова е измислен Народниот правобранител кој може и сам да поведе акција (се разбира ако има муда, или газ по македонски, за тоа).

И драго мое дете, немој да зборуваш за работи кои ептен не ги знаеш. Во социјализмот на СФРЈ не беа сите буџетари. Во социјализмот на СФРЈ имаше мешана сопственост имаше и приватна сопственост. Не беше доминантна, меѓутоа беше во доволна мера присутна да не може да се стави генерална оценка каква што ти ставаш. И имаше избори кои се раководеа од многу слични принципи како и денешните.
И, едно да биде јасно, едноумието на социјализмот (таков каков што го имавме во СФРЈ) не може ни да се спореди со едноумието на ретрокомунистичките кецароши кои се сега на власт. Тоа едноумие имаше многу повеќе плурализам во себе и многу повеќе слобода на избор.
И, Чомо, ум во глава. Кога бираш експерти. Може да ги поставиш и најубавите и најпровокативните прашања на светот, ама од чирак нема да добиеш одговор.

42 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.