ПРЕПИШАНО ОД FACEBOOK – ЗА ПРОГОНОТ НА ВЕШТЕРКИ/ВЕШТЕРИ ВО МАКЕДОНСКОТО СОВРЕМИЕ

ДУРИ НИ ОЛКУ ШУТРАЧКИ НАРОД НЕ ЗАСЛУЖУВА ТОЛКУ ШУТРАЧКА ВЛАСТ

by Mirjana Najcevska on Saturday, July 23, 2011 at 4:13pm

Лустрацијата на македонски начин претставува потполно негирање на правото, рушење на системот на човековите права и слободи и орадие во рацете на група кецароши кои се обидуваат со заплашување, закани и негирање на елементарните принципи на демократијата да воспостават систем на апсолутистичко владеење.

Во повеќе наврати објаснував зошто сум против донесување на Закон за лустрација во формата, времето и со содржината на овој македонски изблив на неверојатна глупост и нелогичност. Последен напис на оваа тема поставив на: http://kvadraturanakrugot.crnaovca.mk/2011/01/18/lustracijata-treba-da-bide-progon-na-zloupotrebata-a-kaj-nas-se-pretvora-vo-zloupotreba-na-progonot/

До сега не зборував за составот на Комисијата за верификација на фактите. И покрај тоа што самата комисија може да биде предмет на посебна анализа (како од аспект на вкупното ниво на интелект собрано во неа, професионалните капацитети и секако способноста за вршење на една ваква функција), ни овој пат нема да се зафатам со неа.

Сега ќе пробам да го анализирам последниот резултат на малоуомниот закон кој е спротивен на Уставот, другите закони и целокупниот правен поредок (кој барем формално егзистира во оваа структура кои некои од милоште ја нарекуваат држава).

Станува збор за веста која не заобиколи ниту еден медиум: http://daily.mk/cluster/4dcfa584e6bc9c101fed60cb73f2b015/poraneshen-dekan-na-visokoobrazovna-institucija–kodosh

Според чл. 9 од Уставот: Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Изгледа, освен кога си прогласен за кодош.

Имено, според чл. 13 од истиот тој наш Устав:  Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Решението на Комисијата не е судска одлука, а уште помалку правосилна. Како тогаш никој од Комисијата не одговара за фактот дека многу експлицитно е идентификуван еден човек како виновен и медиумите се информирани за истотот?

Самиот малоумен закон е спротивен на Уставот во кој (во чл. 14 стои дека: Никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна).

Како тогаш се изрекува казна која може да ја изрече само суд и тоа во кривична постапка за сторено кривично дело?

Малоумниот закон за лустрација е спротивен на Законот Законот за високо образование и на Кривичниот законик.

Имено, според Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција (чл. 31):  Вискообразовните установи се должни да предвидат дополнителен услов, во смисла на овој закон, за одговорно лице во домашно правно лице и физичко лице кое основа високообразовна установа, лице избрано во научно-наставно,научно, наставно, соработничко и стручно звање во државна и високообразовна установа.

Што значи ова. Дека доколку некој не ја помине проверката на шутрачката комисија ќе му биде одземено професорксото звање, ќе биде отпуштен од работа, нема да може веќе да врши професија? Бидејки според Законот за високото образование чл. 133: Лицата избрани во наставно-научно, научно и наставно звање ЗАСНОВААТ РАБОТЕН ОДНОС и остваруваат права и обврски од работен однос во согласност со овој и друг закон и колективен договор склучен меѓу мнозинскиот синдикат организиран во високообразовните установи во Република Македонија и Владата на Република

Од друга страна, според Законот за високо образование чл. 134: Редовниот професор по повторниот избор, односно професор на висока стручна школа по вториот избор, заснова работен однос на неопределно време и го задржува звањето редовен професор, односно професор ДОЖИВОТНО.

Значи, на некој кој е избран во специфична постапка, врз основа на специфични критериуми ќе му биде одземено звањето од група која нема врска со изборот во ова звање, во постапка која нема врска со истото и наспроти тврдењето дека звањето е доживотоно?

Посебна приказна е отпуштањето од работа (кое во случајов значи и забрана за вршење на професија). Забраната за вршење на професија може да ја изрече само суд врз основа на Кривичниот законик и тоа како споредна казна и за одредено време.  Чл. 96-в: (1) Ако оцени дека изрекувањето на една или повеќе од споредните казни одговара на тежината на стореното дело и дека со тоа правното лице ќе се спречи во иднина да врши такви дела, судот може да ги изрече казните од членот 96-б точки од 1 до 5 на овој законик заедно со парична казна. (2) Судот го определува траењето на казните од ставот (1) на овој член кое не може да биде пократко од една, ниту подолго од пет години. (3) Ако од околностите на делото произлегува дека дадената дозвола, лиценца, концесија, овластување или друго право е злоупотребено за неговото извршување, судот ќе изрече одземање на дозвола, лиценца, концесија, овластување или друго право утврдено со посебен закон заедно со парична казна. (5) Ако е извршено дело за кое за физичко лице е пропишана казна затвор од најмалку три години, а од начинот на извршување на делото произлегува опасност од повторно вршење на такво или слично дело, судот ќе изрече трајна забрана за вршење одделна дејност од дејностите што ги врши правното лице заедно со парична казна. (6) Судот ќе ја изрече казната од ставот (5) на овој член и кога е извршено кривично дело по претходна правосилна пресуда со која на правното лице му е изречена привремена забрана за вршење дејност.

Според Законот за кривична постапка чл. 2:  (2) За постоењето или непостоењето на фактите што го чинат обележјето на кривичното дело или од кои зависи примената на некоја одредба од Кривичниот законик, судот ќе одлучи на начин поповолен за обвинетиот.

Во случајов, за фактите што го чинат обележјето на кривичното дело не одлучува суд тука група случајни намерници (новинари, дефектолог, професорка по математика и неколку долготрајни студенти на Правниот факултет:http://www.kvf.org.mk/mk/sostav-na-komisijata.html). И се разбира, осуденото лице ги нема основните права предвидени во Законот за кривична постапка чл. 4:  (1) Лицето обвинето за кривично дело има право на правично и јавно судење, во разумен рок , пред надлежен, независен и непристрасен суд, основан со закон.

 

(2) Секој обвинет ги има следните минимални права:

– да биде информиран веднаш, на јазик што го разбира и детално за делата за кои се товари и доказите против него;

– да има доволно време и можности за подготвување на својата одбрана и да комуницира со бранител по сопствен избор;

– да биде суден во негово присуство и да се брани лично или со помош на бранител по сопствен избор, а доколку нема средства да плати бранител истиот да го добие бесплатно кога тоа го бараат интересите на правдата;

– да не биде присилен да даде исказ против себе или своите блиски или да признае вина;

– да биде присутен при испитувањето на сведоците и да може да им поставува прашања.

ЗАРАДИ СЕТО ОВА ЈАС СУМ АПСОЛУТНО ПРОТИВ ЗАКОНОТ ЗА ЛУСТРАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИ НАЧИН, И ПРОТИВ ЛОВОТ НА ВЕШТЕРКИ КОЈ СЕ ОДВИВА, И ПРОТИВ КЕЦАРОШИТЕ ОД ВЛАСТА КОИ ПОСТЕПЕНО НЕ ВЛЕЧАТ ВО КАЛТА НА НЕЗНАЕЊЕТО И ЗАОСТАНАТОСТА.

Leave a comment

Your email address will not be published.