СЕРИОЗНО РАЗМИСЛУВАМ ЗА ПОВЕДУВАЊЕ ПОСТАПКА ПРОТИВ ЛАТАС И ВЕЧЕР

На ваков начин се дезавуира спортот и тој се претвора во алатка за докажување на исправноста на делувањето на една политичка партија. 
1. Победата на македонскиот тим е прекрасна, а местото не е заслужено бидејки навистина заслужија бронза (што во текот на последните денови неколку пати го нагласив). Меѓутоа, победата нема ништо со Александар македонски, со ВМРО-ДПМНЕ или со Груевски, со играта за нацијата и народот ( а се разбира најмалку од се со Латас). Исто како и победата на нашите ракометарки претходно, и на борачите и на каратистите и на нашите претставници на специјалната олимпијада и …, и оваа победа е резултат на склоп на добар тренер, добро избран тим и поволни околности. Навивањето е секако важен, но не и клучен момент во целата приказна.

2. Поврзувањето на спортскиот успех со делувањето на владеачката партија во пропагирањето на спортот е манипулација од огромни размери. Имено, отварањето на игралишта и спортски сали е поврзано пред се со потребата од сечење ленти и изработката на пропагандни спотови, а не и со вистинската поддршка на масовниот спорт во Македонија. Во исто време во текот на изминатите години се запуштаат и руинираат стотици игралишта и спортски терени низ државата затоа што нема кој да ги одржува, а спортските клубови не ја добиваат соодветната поддршка од државата и згаснуваат или животарат на границата на постоењето.

3. Најстрашното е тоа што и еден спортски настан се употребува пред се за промоција на каузата на една политичка опција и се става во функција на градење на едноумието. Гебелсовата пропагандна машинерија не дозволува некој да има поинакво мислење, да поставува прашања и да се сомнева. Доколку не викаш на цел глас ура заедно со сите мора да бидеш столчен, казнет, изложен на малтретирање и прогласен за издајник. Ваков вид на едноумие НИКОГАШ немало во времето на Социјалистичка Република Македонија. Ова е насилство врз поединецот кое е незапамтено на овие простори од 1948-та па наваму. А медиуми како Вечер и тие што пишуваат во нив како Латас се маши на овој вид на пропаганда. Тие одат и чекор понатаму. Со насловите и содржините под тие наслови повикуваат на линч против мене и сите оние како мене кои имаат поинакво мислење за одреден настан. Резултатот на овој повик веќе се гледа во огромното количество на навреди и закани кои се испратени на мојот ФБ профил и на мојот блог. Ова е училишен пример на вознемирување како што е дефиниран во меѓународните документи и во нашите закони.

Заради ова, јас сериозно размислувам за поведување постапка за вознемируваење согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација против сите они кои со булинг се обидуваат да ме спречат да го кажам моето поинакво мислење и неовластено објавуваат мои фотографии и цитираат мои изјави извадени од контекст со цел дезинформирање на јавноста и мое лично навредување. 

Leave a comment

Your email address will not be published.