КРИМИНАЛОТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ИСПЛАТИ

Основна идеја на правото е дека треба да се изгради таков систем во кој прекршувањето на законите нема да се исплати. Ова посебно кога станува збор за прекршувања кои се класификувани како посебно големи од аспект на правата на луѓето и генералното разбирање на хуманоста во современото цивилизирано општетсво. Овој вид на прекршувања дури подлежат  на одредени облици на морално казнување тогаш кога не можат правно да бидат санкционирани затоа што се направени во минатотот (примерот на лустрацијата и забраната за вршење на високи државни функции).

Во Република Македонија власта изгради систем во кој секое прекршување на законите направено во дослух со актуелната власт не само што се исплати туку и повеќекратно се наградува. Од друга страна пак, се казнуваат луѓе кои одамна во минатотот вршеле/имале државни функции а за кои постои сомневање дека соработувале со органите на безбедноста на претходниот/социјалистички систем.

Последен и многу очигледен случај на промоција на неказнивоста на криминалот кога е тој прифатлив за власта е случајот со пратеникот Хајрула Мисини.

Толкувањето на Законот за амнестија со кое се овозможи ниту еден од случаите кои се вратија од Хаг да не се процесира пред домашните судови го оценив како погрешно и спротивно на меѓународното право и на правната логика.

Она што би сакал сега да го нагласам е дека сите оние кои бенефицираа од донесувањето на ова толкување, а требаа да бидат судени за дела против човечноста не смеат да бидат дел од ниту една владеачка структура или пак носители на високи државни функции. Според мое мислење, со самотот тоа што овие луѓе прифатија  да бидат амнестирани наместо да им се суди, премолчно потврдија дека постојат големи шанси во една контрадикторна судска постапка да бидат прогласени за виновни и осудени за извршување на тешки кривични дела.

Самата амнестија не значи  негирање на вината, туку напротив, прифаќање на ситуација во која оние кои се докажано виновни или се најверојатно виновни да не ги сносат последиците од прекршувањето на законите затоа што постои политичка потреба и политичка воља за такво нешто.

Тоа значи дека со тоа што овој човек ја прифатил амнестијата сосема малку посредно а многу фактички признал дека е виновен, односно, прифатил и голема веројатност дека е сторител на тешки кривични дела за кои не сака да одговара. Неговото поставување за пратеник во Собранието само по себе е проблематично, меѓутоа може да биде политички оправдано (под многу дискутабилни услови).

Ако веќе станува збор за некаков политички опортунизам во прифаќањето на овој човек за пратеник (да се стави под капата на имунитетот за да се отежни неговото судско гонење) веќе е  многу попроблематичен ангажманот на овој човек во рамките на одделни комисии и тела во Собранието:

  • Комисија за европски прашања, претседател
  • Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, член
  • Комисија за одбрана и безбедност, член
  • Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, заменик-член
  • Комисија за надворешна политика, заменик-член
  • Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и од Министерството за одбрана, заменик-член
  • Комисија за прашања на изборите и именувањата, заменик-член
  • Национален совет за евроинтеграции, член
  • Совет на Собранискиот канал, член
  • Делегација на Собрание на Република Македонија во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ), член
  • Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Исламската Република Иран, претседател
  • Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на САД, член

И за ова треба да се разговара и да се поставуваат прашања и да се проблематизира.

Меѓутоа, поставувањето на ваков човек за амбасадор во ООН во Женева, веќе нема никакво политичко оправдување.  Да поставиш човек кој требало да одговара за дела против човештвото баш во центарот на меѓународната заштита на човековите права и местото каде што се крои концептот на човековите права и слободи е отворено негирање и исмевање на овој концепт. Ваков потег би претставувал показател за тоа дека самовластието во Македонија достигнало такви размери во кои едноставно властодршците немаат потреба да го прикриваат криминалот. Тие најотворено го наградуваат.

Ова би била голема страмота за Македонија. Според мое мислење, никој, апсолутно никој, не би можел да ја прифати Македонија како демократска држава во која владее правото после вакво нешто. Може Грција слободно и да се откаже од спорот со името, може да ги исполниме сите услови кои се зададени, меѓутоа овој потез не вбројува во редот на банана држави во кои диктаторот ги крои правилата на игра и од тоа петно нема да можеме да се ослободиме со децении.

И, не, не се гордеам што сум Македонка во услови кога државата не е во состојба да го казни насилството и наместо тоа не само што го амнестира туку и го наградува. А пишувачите на писма до Филе можеби треба да се подзамислат за својот удел во оваа ситуација.

И се прашувам дали сега некој  ќе напише писмо до Премиерот или до Претседателот на државата или макар и до  Филе во врска со овој проблем.