ПРЕСУДАТА ОД ХАГ Е ОРАДИЕ КОЕ МОЖЕ И ТРЕБА ДА ГО ИСКОРИСТИМЕ

САШКО ТОДОРОВСКИ, СПЕЦИЈАЛИСТ ЗА МЕЃУНАРОДНИ ОДНОСИ И РАЗВОЈ

Македонија од Меѓународниот суд на правдата доби извонредна пресуда, категорчна, јасна и со јасни правни насоки. Прашање е дали можеме тие опции да ги искористиме до максимум. Една од опциите е да се побара автоматско реактивирање на поканата од самитот на НАТО во 2008 година во Букурешт, со тоа што пресудата ќе го замени условот од заклучоците на Самитот. Ако тие земји што се столбови на меѓународната заедница сакаат добронамерно да ги толкуваат работите и сакаат да им помогнат и на Македонија и на Грција, треба да и’ упатат покана на Македонија и таа да стане членка на самитот во Чикаго, смета Сашко Тодоровски, специјалист за меѓународни односи и развој.

0 Во  јавноста доминираа коментари дека со пресудата на МСП Македонја извојувала само морална победа. Како вие го цените значењето на пресудата и дали таа е клучот кој ќе ги отвори  вратите на НАТО и на ЕУ?

-Прашањето за примената на пресудата била дел и од самата постапка и по тоа прашање Судот зазел јасен и категоричен став. Тоа значи дека го оснажил својот став заземен уште во 1963 година во случајот „Камерун против Обединетото Кралство“, според кое тогаш кога една ситуација и понатаму е отворена, како што е тоа случајот со нашата апликација во НАТО (но и ЕУ), потребно е решавањето на таа правна ситуација да се базира на толкувањата и примената на пресудата на Судот. Не се работи за некаква морална победа, тука за чиста и јасна па и многу категорична правна победа, изразена со резултат 14 спрема 0 по прашањето за прекршувањето, ако ги исклучиме двајцата ад хок судии.

Сега прашањето е како да се примени пресудата во толкувањето на апликацијата на Македонија пред НАТО. Дотолку повеќе што и самиот Суд нагласува дека тој нема можност да ја промени одлуката на НАТО или да влијае на самата постапка. Меѓутоа, со она што значи заземање правен став нам ни овозможил да поднесеме едно специфично барање  – во НАТО да дојде до активирање на одлуката од Букурешт. Таа недвосмислено гласи дека на самитот членките се договориле да ` биде упатена покана на нашата земја, при што се користи референцата (не кратенката). Таквата одлука е надополнета со услов – да биде постигнато решението за името. Сега и ние и тие, значи и НАТО и членките на НАТО – знаеме дека таквиот услов е противправен и затоа автоматски треба да се примени правниот принцип – Impossibilium nulla obligation est –невоизможното не создава обврска. Противправниот услов е исто што и невозможен услов, што значи дека ние сега треба да и’ свртиме внимание и на самата Организација и на членките на НАТО дека оваа одлука на Судот недвосмислено укажува на противправноста и поради тоа условот за нашата покана сам по себе отпаѓа, како да не постоел и дека сега НАТО може слободно да ни ја упати покната. Да бидам искрен, тоа може да биде и без процедура на дискусија или гласање во која би учествувала Грција.

0 Дали е тоа возможно?

-Се разбира дека е ваквото толкување би требало да биде разгледано во рамките на НАТО и од тука се наметнува прашањето дали НАТО би имал некакви формално-правни пречки за да ја констатира противправноста,  да го третира како невозможен таквиот услов и да упати покана до Македонија. Од формално-правен аспект не би смеело да има таква пречка. Прво, затоа што сите членки на НАТО се и членки на Обединетите нации. Тие, независно што оваа пресуда има правна задолжителност само кон двете страни во спорот, таа како правен став треба да се почитува од сите членки на ОН. И нешто повеќе, ако Грција ја повтори постапката, го повтори делото, Македонија може да бара Советот за безбедност тоа да го констатира и да бара СБ да најде решение како Грција да ја примени пресудата. А кои се тие држави? Три од постојаните членки на СБ (САД, Франција и Велика Британија) се и членки на НАТО. Од аспект на самата Организација, не смее да се превиди дека таа е формирана со цел да ја штити Повелбата на ОН и самите ОН и тоа е кажано  уште во член 1 од Договорот од Вашингтон.  Понатаму уште се нагласува таа е во тесна корелација со членот 51 од Повелбата на ОН и не само што не е во колизија со тој член, туку е во функција на негово ефикасно спроведување.

Треба да се има предвид и дека самата одлука на примање на нови членки не е нужно поврзана со ратификација (член 10), што значи дека е доволно членките да се изјаснат за нешто такво. Исто така е важно дека нема колизија ниту со членот 5 од Договорот од Вашингтон, бидејќи во него е предвидено секоја од членките на НАТО индивидулано да носи одлука дали ќе учествува во определена акција на НАТО  или не.

0 Пресудата е обврзувачка, но нема временска рамка. Значи ли дека Македонја сега има шанса прва да повлече потези со кои ќе ја тестира Грција?

-Со оваа пресуда се дадени два јасни правни насоки од Судот. Под број еден е дека Грција сама се откажала од правото на гласање во овие ситуации и дека нема потреба од нешто друго, туку фактот дека постои тоа одземање на правото да се изјасни согласно челнот 11 од Времената спогодба, што е кажано во првата точка од пресудата – дали Судот е надлежен во овој спор. Второ е прашањето за преговорите за името што е сосема различна работа од она што значи интеграција на Македонија во меѓународните организации. Судот децидно вели дека тоа се две различни прашања и едно со друго не се преклопуваат, вклучувајќи ја и оваа Пресуда која не може да влијае врз она што значи процес на преговарање.

Врз овие основи и со внимателно објаснување на правните аргументи, Македонија може да побара од НАТО да се активира поканата од Букурешт. Според мене, доколку меѓународната заедница сака да и’ помогне и на Грција, која самата се доведе во еден ваков гордиев јазол, ова би била уникатна можност. Практично тоа би требало да биде одлука на членките на НАТО и без за тоа да ја прашаат Грција, поаѓајќи од тоа дека ниту во Букурешт ниту до Пресудата не можеле да знаат кој е во право – Македонија или Грција. Сега се должни да знаат и должни се да постапат согласно тоа.

0 Во ЕУ повторно сме прескокнати, пресудата ништо не донесе и овој жежок костен е префрлен за наредното претседателство. Механизмот на гласањее е покомпликуван, и оттука дали истата стратегија треба да се применува и во ЕУ?

– Што се однесува до НАТО мислам дека нема посериозни пречки за да се прифати едно вакво правно размнислување, додека кај ЕУ е нешто поинаку. Извесно е, сепак, дека оваа процедура што тече сега, па се’ до ефектуирањето на членството на Македоинја во ЕУ не е врзана со постапка за ратификација. Од тука сегментот на она што значи изјаснување на Грција по овие чекори не би смеело да биде ништо друго туку примена на членот 11 во работата на Европската комисија и ЕУ и да се претпостави дека Грција нема да приговара. Автоматски, другите челнки на ЕУ треба да ги носат одлуките и во име на Грција и на тој начин Македонија може да ги истурка сите фази на она што значи преговарање по поглавја. Единстевно нешто што ЕУ не би смеела на некој начин да навлегува е прашањето за ратификација на евентуалното зачленување на Македонија во ЕУ, а што би значело внатрешно-правни последици во Грција. Тоа прашаење за ЕУ би требало да биде нареден чекор кој би дошол откако ние ќе влеземе во еден сериозен процес на преговарање на поглавјата.

 

рамка:

Н: Во Чикаго ќе се пие шампањското

0 Се чини дека оваа работа може да се заврши пред самиотот на НАТО во Чикаго, каде само формално би се констатирало членството на Македонија?

-Лично верувам дека тоа треба да биде линијата на нашето дејствување. Да ја искористиме пресудата и со ваква правна опција НАТО да ни ја упати поканата и ние да станеме членка. Значи работата да се заврши и пред, а само номинално да биде прогласена во Чикаго.

 

Leave a comment

Your email address will not be published.